Шкртки

Кога ќе те засени големата црна птица

(осврт кон романот „Големата црна птица“ од Штефани Хефлер; превод од германски: Ксенија Чочкова; издавач: „Чудна шума“, 2024 г.)

 

Кога по погребот на мајка ми за првпат на креветот најдов нејзино влакно, тоа толку длабоко ме погоди и како во тој момент вистински да сфатив дека ја нема, дека веќе нема да паѓаат нови и пополека од куќата ќе исчезнуваат нејзините работи.

Мајка ми почина пред помалку од две години. Како што минуваа деновите, неделите, месеците, така многу од чувствата, мислите и сеќавањата во врска со интензивно емоционалните денови по нејзината смрт се таложеа, a самата помисла да им се навраќам и да копам по нив ми беше тегобна и избегнував да го правам тоа.

Но, пред некое време, сосема неочекувано, како ако не преку една книга – читајќи ја, многу од сликите од тоа време наеднаш и наголемо ми се вратија.

Станува збор за романот за млади „Големата црна птица“ од Штефани Хефлер, кој се занимава со темата на загубата на блиска личност. Приказната ја раскажува Бен, четиринаесет и полгодишно момче, кое едно утро го будат звуците на медицинските лица кои се обидуваат да ја оживеат неговата мајка, која починала во сон откако ѝ откажало срцето.

Дента кога умре Ма беше сончев октомвриски ден. Кога ќе умре некој во некоја приказна, тогаш најчесто тоа е на дождлив ден. Или на маглив ден, кога ниеден сончев зрак не продира низ прекривката од облаци. Тоа повеќе одговара за смртта, ја нагласува мрачната атмосфера.

Но јас не сакам ова тука да звучи како мрачна приказна. Воопшто не ни знам дали мислам дека приказната е мрачна. Не знам дури ни дали ова ќе биде приказна. Но доколку биде, тогаш треба да раскаже како е кога некој одеднаш умира. Како поминуваат првите денови, како се справуваме со смртта. Или како не се справуваме.

„Големата црна птица“, стр. 14

Приказната за Бен и за справувањето со ненадејната смрт на мајка му, која по дома ја викаат Ма и која била толку жива, дури и прежива за негов вкус, како што вели иронично, е прекрасно раскажана.

Линеарната нарација, која почнува во моментот кога Бен ја гледа Ма мртва, а завршува точно една недела по нејзината смрт е испресечена со временски скокови – прво наназад во времето, од најраните сеќавања на Бен поврзани со мајка му, а потоа со нови спомени кои Бен и неговото семејство ги градат во периодот до годишнината од смртта, додека се обидуваат да живеат „нормално“.

Во тие седум денови по смртта на мајка му, ситуација по ситуација, го следиме животот на детето затекнато од ненадејната смрт на мајката, кое се обидува максимално искрено да го пренесе своето внатрешно доживување на сите надворешни ситуации и да сфати зошто нешто чувствува или не чувствува:

  • додека ги гледа медицинските лица како се обидуваат да ја оживеат мајка му со дефибрилаторот, тој се чувствува како да завршил во „еден од оние глупави филмови во кои некој се смалува и неговата целосно позната околина одеднаш му изгледа непознато и нереално“;
  • гледајќи го сонцето надвор, добива потреба да ја искоментира лажираната атмосфера во приказните во кои секогаш кога некој умира, тоа е на некој мрачен дождлив или маглив ден;
  • му застанува здивот во моментот кога полицаецот за мајка му вели „почината“ и зборува за неа во минато време;
  • оди да се „збогува“ со мртвото тело на мајка му, која и личи и не личи на себе;
  • кога тетката Герда ќе почне да му чита приказна пред заспивање на неговиот шестгодишен брат Трошка, а таа почнува со зборовите: „Си беше еднаш едно мало девојче, чии мајка и татко беа починати…“ – тетката занемува, а Бен почнува да размислува колку многу бајки се несоодветни за да се читаат на деца кои штотуку изгубиле родител;
  • гледајќи го својот татко силно погоден од смртта на мајката, Бен се наоѓа во ситуација во која почнува да се грижи за сите „технички“ работи, како испраќањето на докторите и полицијата кои ја утврдуваат смртта на мајка му, договарањето со вработените од погребалното претпријатие, да се грижи за неговиот помал брат, па и за татко му;
  • со љубопитство го следи збунетото однесување на неговите соученици кои гледаат некаде каде што нема ништо за гледање за да избегнат да го погледнат в очи, а и наставниците, кои се однесуваат како ништо да не се случило и заклучува дека луѓето не знаат како да се однесуваат затоа што за ваквите тешки ситуации никој не ни знае како да зборува;
  • добива нејасна потреба да шокира непознати луѓе со директна изјава дека мајка му е мртва;
  • во повеќе наврати ја гледа мајка си како да е жива;
  • не може да плаче и да се ослободи од тагата сè до погребот;
  • акумулира стрес, тага и гнев кои набабруваат и чекаат погоден момент за да експлодираат;
  • размислува за тоа дека е чудно што кога некој ќе почине, луѓето продолжуваат да јадат, да пијат, да вшмукуваат и си вели дека можеби токму тоа е она на што мислат луѓето кога велат „животот продолжува“ – не дека ќе бидеме повторно среќни или дека повторно ќе сакаме, туку дека повторно ќе вшмукуваме;
  • го дочекува првиот сон во кој му се појавува мајка му – сонот не е ништо посебно, но затоа кога ќе стане, за еден кус момент помислува дека сè е нормално, за потоа да се разбуди целосно и да се сети – бууум!

Тоа е непишан закон дека луѓето никогаш не ги прашуваат оние на кои им се случило нешто лошо, веднаш по настанот, туку секогаш некој трет, што не е директно засегнат. Тоа е и причината зошто никој вистински не знае како да се однесува спрема оној на кој му се случило нешто лошо. Бидејќи никој не зборува со засегнатиот. А ако зборува, тогаш само за времето, архитектурата, бруто-домашниот производ…

„Големата црна птица“, стр. 65

Додека Бен ни раскажува како се чувствува и како му поминуваат деновите по смртта на мајка му, гледаме како се чувствуваат и луѓето околу него:

  • неговиот помал брат Трошка, кој има 6 години, почнува да бега од дома и да оди на места кои го поврзуваат со мајка му, прави за неа мавзолеј, сака да ѝ го исцрта и обои целиот ковчег со бои за да ѝ одговара нејзе, која сакала околу неа сè да биде шарено;
  • неговиот татко, кого милно го викаат Та, најсилно го погодува смртта на Ма – тој станува безволен, за првпат децата го гледаат како неутешно плаче и целосно се повлекува во себе – не разговара, не прави ништо и оставајќи ги работите така како што ги оставила Ма, сака да го продолжи вештачки нејзиното присуство, како на тој начин да може уште малку да ја задржи;
  • тетката Герда иако е погодена, се чини дека е единствената што нормално се однесува со децата, нешто што особено им е потребно во тие мигови;
  • другарот Јанус, кој е тука за разговор, но и со кого му се случува првата вистинска караница;
  • Лина, девојката која е прилично нова во одделението и која почнува да се интересира за Бен откако ќе дознае дека мајка му починала; таа е единствената што знае како се чувствува и што му е потребно, затоа што и сама има слично искуство – нејзиниот брат е во кома година и пол откако доживеал сообраќајна несреќа со неговиот мопед, ситуација што Бен ја доживува како полоша од смртта на мајка му.

И додека ја гради целата оваа приказна со ликовите што се тука, кои остануваат да живеат, Штефани Хефлер преку вметнатите поглавја со сеќавањата маестрално ни го доловува и ликот на Ма. Ма е жена на 45 години со долга црвена коса, утрински намќор, обожавателка на џез, која работи како сценографка во театар, секогаш облечена во шарено и изнаредена со многу алки што ѕвечкаат. Ма не може да не отиде на работа кога се прави проба за претставата за која се донесени сите лисја од цел град како декор на сцената и покрај тоа што Бен има температура, па го носи со неа и нетрпеливо го кара. Ма крши чинии, лесно избувнува и ја истресува својата нервоза, за по кратко време да се насмее како ништо да не се случило.

Ова градење на ликот на мајката како реална жена од крв и месо, со свои доблести и маани, кулминира со филмската реакција на таткото за време на погребот на Ма, кога почнува бурно да се кара со попот, затоа што овој почнува да ја идеализира, претставувајќи ја како вечно насмеана жена.

Она што е особено интересно во врска со односот меѓу Ма, децата и животот, е што мајката им пренела многу знаења и им всадила неизмерна љубов кон природата, па сеќавањата на Бен се исполнети со заеднички мигови поминати во шума, со приказни за брезите, смреките, буките, камелиите, рододендроните, иглолисните и листопадните дрвја; со крцкавите звуци на изгазените лисја, гранчиња, костени и шишарки и зуењето на бумбарите; со мирисите на раскопана земја, мов, влага, смола, печурки; со боите на секој од листовите и со онаа најубавата – бојата на жалфијата, за која Бен сфаќа дека е бојата на очите на Ма, која и самиот ја чува во своите очи.

Од оваа прекрасна поврзаност на децата и мајката со мајката природа, во која животот и смртта се секојдневие, произлегува и необичниот наслов на овој роман. Имено, мајката им ја има објаснувано смртта на децата како „замавнување со крилја на голема црна птица, која прелетува а нејзината сенка паѓа кратко врз оној што случајно седи долу и малку подолго врз оние што можеби тукушто стигнале таму“.

И како што смртта е дел од животот и од природата и претставува неминовност за сите живи суштества, така и на човекот не му останува ништо друго освен да се помири дека еден ден ќе се најде под нејзината сенка и искрено да се соочи со неа. А тоа се прави единствено преку разговор на темата, преку кршење на непишаниот закон за неразговарање со човекот кој изгубил некој близок. Токму онака како што прави Бен (најмногу со помош на Лина), кој својата приказна ја гледа како приказна не за заминувањето туку за останувањето, кој низ интроспекција и дијалог созрева и си ја враќа самодовербата. И како што ги гледаме таткото и двете деца како на годишнината од смртта на Ма, го живеат животот прифаќајќи ја смртта како дел од него и дополнително, метафорично и буквално спојувајќи ги со садењето јаболкница на гробот на мајката.

Наташа Атанасова

...

Што мислиш ти?