Европски

Катарина Винклер: Еманципацијата е решението за насилството врз жените

Катарина Винклер е австриска писателка, која живее и работи во Берлин. Ја запознав преку романот „Модар накит“, кој го прочитав во пресрет на фестивалот „Букстар“. За време на фестивалот, пак, во октомври минатата година, имав можност и да разговарам со неа. Од субјективно-објективни причини разговорот го обајвувам дури денес. Но, со оглед на тоа што најголем дел од времето разговаравме за романот, кој го тематизира прашањето за (не)рамноправноста и насилството врз жените, денов, 8 Март, се чини дека е идеален ден за тоа.

Претпоставувам дека првпат доаѓаш во Македонија. Дали си ја заврши ликултуролошката „домашна“, истражи ли нешто за нашата земја?

Да, тука сум за првпат. А „домашната“ секогаш ја правам откако ќе се вратам. Кога одам некаде, сакам да се фокусирам на првиот впечаток, за да ја почувствувам атмосферата и луѓето додека сум таму. Ќе почнам да читам и ќе се нурнам длабоко во културата дури кога ќе се вратам дома.

Кои се твоите очекувања од фестивалот „Букстар“?

Прво, многу бев среќна кога ја видов мојата книга на македонски. Ме чекаше во хотелот, и ми беше многу интересно да си ја видам на кирилица. Навистина е задоволство, чест и импресивно што книгата си има свој живот – ја пишуваш и потоа заминува во повеќе насоки, си има своја историја во секоја земја со читателите таму. И многу е интересно што во сите различни култури се восприема различно и добивам различни реакции од читателите.

Се имаш испробано како глумица и како музичарка, но на крај се вдоми во книжевноста. Што е тоа што уметноста ти го даде, а што не успеа да го најдеш во другите уметности?

Ми се допаѓа тоа што во книжевноста не зависам од други луѓе. Можам да бидам добра толку колку што сум. Сè е поврзано со моите граници кои можам и да ги проширувам, но сè зависи само од мене самата. Кога си глумец, зависиш од многу други луѓе, зависиш од костимографијата, сценографијата… а јас навистина сакам да бидам апсолутно слободна. Во книжевноста човек може да ги следи своите инстинкти, интереси, инспирацијата… можеш да си правиш распоред за работа како што ти одговара, бидејќи не е секогаш време за пишување, нели, треба да се фати „огнометот“. Но, творештвото во другите уметности ми беше многу важно за пишувањето; правејќи музика научив како да се изразувам низ ритамот, а глумејќи научив како да се ставам во кожата на моите ликови.

„Модар накит“ ти е дебитантски роман. Книгата ја добив како подарок и почнав да ја читам без никакви очекувања, дури и без да го исчитам текстот на задната корица. И кога увидов што значи насловот, како ја користиш метафората на „модриот накит“, се шокирав. Од каде идејата за оваа метафора – дали таа дојде од Филиз или е твоја?

Метафората е моја. Ми требаше симбол кој ќе асоцира на жената, но не само како кревка и жртва, туку и како силна и горда. Модриот накит ми беше вистинскиот симбол, од една страна, за модринките, а од друга, за силината и гордоста.

„Кога ќе пораснам, ќе бидам модра жена. Се надевам на некоја модра нијанса, светла како зимското небо“, вели како дете Филиз, хероината на романот. Колку девојчиња денес, во 21 век имаат вакви тажни надежи за иднината? Мислиш ли дека проблемот со семејното насилство врз жените е сè уште голем?

Да, сигурна сум дека е. Знам дека е така затоа што добивам многу писма од жени и сигурна сум дека ова е проблем што ги надминува сите граници, култури и нации и дека може да се случи секаде каде што мажот верува дека има право да владее со жената и каде што жената е зависна од мажот. Дури и во разни општества и општествени слоеви и класи, тоа се случува многу почесто отколку што го гледаме.

Мислам дека колку на повисоко ниво е цивилизацијата, луѓето стануваат сè повешти во прикривањето на насилството, да не биде толку видливо како „накит“.

Да, насилството може да има многу форми. Не мора секогаш да е тепање. Може да биде и психолошка тортура, брутално однесување.

Што би им кажала на оние што велат дека жените си се самите виновни за насилството врз нив од страна на мажите? Дека не се спротиставуваат, туку едноставно трпат и со тоа го поттикнуваат да продолжи.

Навистина го мразам зборот „вина“. Животот е многу комплициран, а вината е многу едноставен збор. Ние сме деца на нашето време, на општествата каде што сме родени, на нашите семејства, имаме културолошка позадина и во исто време сме и жртви на самите себеси, на нашиот внатрешен страв. Затоа, дури и оние кои тепаат жени, кои применуваат насилство над жените, во суштина и тие се жртви, затоа што и тие се обидуваат да се вклопат во средината, се обидуваат да го одржуваат семејството, да ја задржат жената, сакаат да имаат врски кои на крај излегуваат целосно лудило, ама тоа е единствениот начин на кој знаат да функционираат. Затоа велам дека е многу комплицирано.

Можен ли беше друг „среќен крај“ на романот без еманципацијата на Филиз?

Мислам дека не. Мислам дека еманципацијата е единствениот начин, единственото решение. Имаш право, можеше да има романот и друг среќен крај, ама тоа ќе беше крај за еден одреден случај. А јас не сакав да раскажам приказна за едно семејство и како може таа да заврши, сакав да зборувам за решението кое е можно и може да се примени на многу. И мислам дека единствено еманципацијата може да донесе соодветен напредок кој ќе значи решение за многу луѓе.

Со оглед на тоа што приказната од твојот роман се одигрува главно во муслиманска средина, има ли интерес од муслиманските земји за превод на романот?

Не. Но, да, беше преведен во Индија, во еден муслимански регион и тоа е нешто, но засега тоа е сè.

Читав низ интервјуа како кажуваш дека Филиз го исчитала романот. А што мислиш, дали го исчитал и Јунус? Некако повеќе верувам дека уметноста може да влијае врз жртвата да сфати дека е жртва и да се побуни отколку врз насилникот да сфати дека е насилник и да престане да биде.

Да бидам искрена, не знам дали Јунус го исчитал, затоа што Филиз со години веќе нема контакт со него. Тој живее во Турција и бидејќи има многу пријатели во Австрија, можно е, но навистина не знам. А за тоа дали може да се смени перспективата, мислам дека сè зависи од тоа дали читателот е отворен за тоа. Дали бара инспирација, дали сака да погледне други перспективи – тогаш можеби може малку да се смени и да му се отворат очите. Но не мислам дека туку-така се случуваат чуда.

Како да менуваме општества раководени од мажи, на кои им одговара да ги потчинуваат жените и кои не сакаат да се менуваат?

Не мислам дека луѓето кои ги тепаат своите жени би го читале мојот роман. Но жените, можеби мајките, кои се навистина моќни фигури во ваквите општества можат да го читаат и да почнат да ги едуцираат своите деца и внуци малку поинаку. Мислам дека тоа е добар почеток на промена. Голема улога во нашите општествено-политички проблеми има недостатокот на сочувство и мислам дека тоа е најмоќната и најважната задача на книжевноста.

Мислам дека за целото општество е многу важно да ја почувствуваме болката на другите и да го погледнеме светот низ нивните очи за момент. Исто така, и луѓето кои се во слична ситуација важно е да видат дека не се сами и дека има толку многу луѓе во слична положба, што мислам дека за нив е особено конструктивно. Сепак, не за сите, затоа што одреден дел ќе си речат дека нивната ситуација е целосно поинаква… но имам добиено писма од многу жени кои ми кажале „се чувствувам исто како што пишуваш“.

Ова е навистина одличен роман, кој постигна голем успех и засега ова е „приказната на твојот живот“. Ја познаваше Филиз, имаше снимки со разговори со неа, кои ти стоеја 10 години во фиока, го пишуваше одново и одново романот. Дали се плашиш дека никогаш пак нема да напишеш нешто толку добро?

Не, не се плашам. Книгата беше навистина успешна, многу повеќе отколку што помислував. Кога глумиш во театар, претставата завршува и кој ја видел – ја видел, тоа е тоа. Но, со книгата не е исто, ја имаш в раце и нема да исчезне.

Друга работа е што навистина многу работев на мојот јазик и сега имам израз, а тоа за мене е многу важно, тоа значи дека сега знам да пишувам. Затоа, можеби и не е толку важно која книга е подобра… едноставно, треба повторно да се ослободиш во главата и да почнеш да пишуваш. Последното нешто што го напишав беше театарска пиеса која е многу поразлична од „Модар накит“ и тоа беше навистина добро за мене, затоа што ги избегнав споредбите. Од друга страна, јазикот на театарската пиеса произлезе од јазикот од романот, нешто што многу ми се допаѓа.

На што работиш во моментов? Дали сè уште те интересира оваа тема или пробуваш нешто сосема ново?

Го пишувам мојот втор роман, ама не сакам да зборувам за тоа 😊.

Добро, тогаш имам едно бонус прашање. Прочитав дека во некој германски весник имало наслов: „Катарина Винклер – гневна на мажите“. Уште ли си гневна на мажите? :D

Луѓето се баш забегани! Го прочитав тоа и на глас се смеев. Ми падна в раце тој гоооолем весник, го отворив и кога ја видов мојата огромна слика внатре и тој наслов… откачен момент! Ама тоа е, супер е за смеење. Само за тоа.

 

Наташа Атанасова

...

Што мислиш ти?