Шкртки

Откривање на скриеното богатство на светот

(осврт кон книгата „Картопевци: Бизарен атлас на необични места и приказни“ од Ву Минг; превод од италијански: Ирина Талевска; издавач „Сказнувалка“, 2025 г.)

Се сеќавате на „Приказни по телефон“? На „35 мај“? А на „Бескрајна приказна“? Иако не можам да се присетам на детали од приказните во овие книги, чувството на престој во световите на фантазијата каде што со секоја нова приказна доаѓа ново мавнување со стапчето за одржување на целокупната магија ми се врати читајќи ја „Картопевци“.

Отворајќи ја оваа книга, која ѝ припаѓа на низата книги за деца во илјадаиеднаноќовска атмосфера, читателот ги распнува нејзините едра и тргнува во пловидба низ времиња и простори. Островцата на кои ќе наиде се полнежи од необичност, глетки што ја подотвораат устата и парченца од мозаикот што го претставува скриеното богатство на светот.

Се нарекуваат „Картопевци“, зашто, небаре улични певци, раскажуваат за своите патувања и за бројните места што ги имаат посетено. Места што ги има на картата или, пак, ги нема, или, пак, се наоѓаат на некакви чудни карти што ги познаваат само тие и уште малкумина. 
„Картопевци“, стр. 7

Големата книга на патувањата

Необичното име на овој роман доаѓа од презимето налик име (или прекар?) на Аделе и Гвидо, пар светски патници, во потрага по најнеобичните приказни расфрлани низ светот, а кои најчесто се скриени од очите на туристите и можат да ги откријат само патниците. Овој кул пар во хипи облека, со автомобил во форма (и изглед!) на риба и со милениче капибара, кога се враќа дома, тоа е на еден рекурзивен остров – остров на езерце среде остров. Тие се стари, но кога раскажуваат се чини како да немаат години.

Патувањата ги чуваат во Големата книга на патувањата, каде што се складирани нивните сеќавања преку фотографии, разгледници и други ситнурии што ги зачувале од своето постојано движење по светот. Картопевци не се трагачи по авантури, ниту „освојувачи“ на најпознатите дестинации – тие се душкачи кои ги намирисуваат местата што треба да ги посетат по откачените приказни што ќе ги слушнат за нив, како што се:

  • за мистериозниот црв на смртта во монголската пустина, кого ќе го сретнат и Аделе ќе го смилостиви послужувајќи го со своите равиоли, заклучувајќи дека ако се однесуваш со почит кон чудовиштата, тие нема да те повредат оти си го сакаат спокојот како сите нас;
  • за карпата во Исланд за која легендата вели дека настанала кога тролот Хвитсеркур сакал да се ослободи од сонокршачкиот звук на камбанаријата на луѓето, ама го разденило и се скаменил, а сега го има на исландските поштенски марки (притоа и за убавината на испраќањето разгледници сами на себеси, за да може кога ќе се вратат да го продолжат патувањето читајќи го текстот што си го напишале);
  • за микронациите, односно „земјите што не постојат“, од кои Картопевци посетиле дури 28, меѓу кои „земји“ создадени од игра, но и како начин да се протестира или да се привлече вниманието врз одреден проблем;
  • за киното во африканската пустина што веќе не постои, па за да дознае како изгледало, човек треба да си ги замисли и киното и гледачите, а и филмот, оти и онака, понекогаш најдоброто кино е нашата имагинација;
  • за потрагата по центарот на светот, која завршува со заклучокот дека секој поединец или група има свој центар на светот, свое место околу кое се вртат неговите или нивните чувства.

Трепетот на Долчино е еден вид треска што предизвикува голема желба кај човекот да се бори против тиранијата. Според мене, тоа е фантастична болест и ќе беше убаво сите да ја имаме, но за тираните тоа е најопасната болест, зашто, ако сите ја добиеме, кај ќе им биде крајот?“
„Картопевци“, стр. 36

Не се сите приказни убави…

Меѓу 15-те приказни од оваа книга има и такви кои не се убави, но кои, како што велат Картопевци, треба да се раскажат, за да не се заборават. Низ приказните кои цело време успешно жонглираат со фантастичното и реалното, на феноменален начин се провлекуваат ликовите на Црните прокоби, Крстатите силеџии и Виличестиот вожд. Нишката на институционализираното зло се влече од Црквата и Инквизицијата во 13 век, кога живееле италијанските робинхудовци и средновековни комунисти Долчино и Маргарита, до Мусолини и фашистите во 20-от век, од кои директно страдале африканските народи, а индиректно и цело едно гратче во Италија, чии 2.000 жители загинале за време на поплава од рушење на брана што никогаш не требало да биде изградена.

Подеднакво страшни се и современите приказни за островите од пластика што пловат по океаните и за кашапопарата што настанува кога се менуваат границите на земјите, а народите се раселуваат и(ли) меѓусебно се убиваат и покрај тоа што се во истата каша – а Картопевци отишле да видат како им е, затоа што „не е исто грдото нешто да го видиш со свои очи и за него некој друг да ти раскаже“.

Читањето како потрага по богатство

Додека ја читав оваа книга во повеќе наврати ме потсетуваше зошто ја сакам (добрата) книжевност за деца. Ова се приказни кои забавуваат и возбудуваат откривајќи нови светови, истовремено едуцираат и освестуваат и ги поттикнуваат љубопитноста и фантазијата на децата. На децата е иднината и од нив зависи дали ќе бидат во состојба прво да замислат подобар свет, а потоа и да го изградат.

Дали во тоа ќе им помогне приказната за островот на богатството каде што луѓето не плаќале со пари, туку со време? Таму имало Банка за време, која определувала колку вредат нештата изразени во време, а оној што ќе направел прекршок се казнувал со часови работа наместо затвор. Така, луѓето не се грижеле за тоа како да насоберат пари, туку како добро да го искористат времето!

Или во глава ќе им остане огледалната приказна за Велигденскиот Остров каде што, поради манијата да изградат што поголеми дела, жителите до таа мера го уништиле местото каде што живееле, што веќе станало невозможно за живеење, па ќе станат посветени борци за спас на нашата планета што оди во провалија?

Или, пак, најголема инспирација ќе најдат во нераскажаната приказна скриена на самата корица, во името „Ву Минг“? Таа приказна можете да им ја раскажете и вие, откако ќе ви ја раскажам јас, откако ја слушнав од Искра од „Сказнувалка“, која ѝ ја раскажа на ќерка ми на Саемот на книгата, кога на Каја ѝ се виде чудно името. Е, па, станува збор за група од 5 италијански автори кои решиле заеднички да пишуваат под овој псевдоним, кој на кинески има две значења, во зависност од изговорот: „анонимни“ или „петмина“. Со тоа оваа група, која со текот на времето и се ширела, им оддава почит на борците за демократија и слобода на говор во Кина (кои таму се нарекувале баш така, „ву минг“), а и одбива да влезе во книжевната машинерија која од писателите прави ѕвезди.

Наташа Атанасова

...

Leave a comment