Книги

Како си? Остров сум!

(осврт кон романот „Остров“ од Меша Селимовиќ во издание на „Антолог“, 2020)

Подобро да се случува и нешто непријатно отколку ништо

Умртвена стишеност. Празнина и пустош. Здодевност и пакост. Мачнина, јад и осаменост. Сето тоа збиено во еден неименуван остров, каде што во сиромаштија и беда, во „грда куќа во која радоста замира“, живуркаат Иван и Катарина, маж и жена кои кобно чекорат кон својата старост поминувајќи ги деновите во осаменост, изолираност и неспокој. Во тие денови во кои им е „удобно во нивната несреќа“, монотонијата најчесто ја кршат отровните зборови упатени кон другиот, кои во себе го носат набојот на нереализираните соништа, неуспехот за создавање квалитетни релации со луѓето (дури ни со своите деца, па ни меѓу себе) и, во најголема мера, на обвинувањето на другиот за сопствената несреќа.

Сепак, тука се и оние другите зборови кои се подеднакво важни за секој човек, исто како што се и за романот: оние некажаните. Тие се дел од внатрешните монолози на ликовите и ги сликаат нивните сеќавања преку случките кои го обележале нивниот живот; ги одразуваат нивните желби да бидат забележани, да постигнат нешто значајно, да бидат сакани; ги опишуваат чувствата на среќа, занес, љубопитност, но и на тага, бес, омраза и злоба. Силните внатрешни монолози се тие што на портретираните ликови им даваат боја и длабочина, преку нив ја гледаме секоја лузна и старечка пега, сите брчки и набори и, најважно – трепетот при стравот во очите кои гледаат во староста и смртта.

Кога некој би ми рекол да му го раскажам романот, би му го кажала ова погоре. Како минува времето, сè помалку можам, сè помалку се сеќавам да раскажувам целосни дејства на книгите што ги читам. Една недела нема поминато откога го исчитав „Остров“ и ако се обидам да го направам тоа, вистински ќе се изнамачам. Ама, сепак, сега сакам да пробам да ги нанижам најважните дејствија во романот.

Островот на Иван и Катарина

Куќата е на крајот од ‘ртот, во ретката борова шума,
на островот. Сосем близу до гробиштата…

Катарина и Иван се доселиле на островот од големиот град, каде што биле дојдени од своите родни краишта и кој никогаш не успеале да го доживеат како свој. Како тече романот гледаме дека тоа нема да им успее ни со островот. Откако се земале затоа што Иван се решил за „брз реванш“ кон саканата која се омажила за друг и ја запросил Катарина на прв муабет, на улица, а таа не успеала да смисли соодветна реченица за да го одбие, почнуваат да се нижат нивните разочарувања. Имаат двајца синови, кои сега, на стари години, не ги ни погледнуваат и кои веќе им се толку далечни како да не им се деца. Додуша, сега имаат еден, затоа што другиот се самоубил откако помеѓу девојката од работа што ја засакал и сопругата со која имал ужасен брак, го направил несреќниот избор да остане со жена си и попрво успеал да собере храброст да се самоубие отколку да се разведе. Катарина не успеала да стане славна пијанистка, а Иван не успеал да стане виден политичар. Немале ниту талент за тоа, ниту особено се труделе да го постигнат. Им останале младешките желби да успеат во нешто да се истакнат и да бидат ценети од другите само како причина за меѓусебно обвинување зошто не го постигнале тоа. И сега живеат од премалата пензија на островот, одвај крпат крај со крај, штедат максимално скратувајќи си го секое можно и најмало задоволство, се хранат најоскудно што можат – од кокошките за кои е задолжена таа и од рибите што ги лови тој – и… се јадат еден со друг! Во нивните мисли постојано испливува на површина желбата другиот да го снема или смртта да го превтаса и измешаните чувства на разочарување и среќа што тоа не се случува.

Во секоја од 19-те глави, кои можат да функционираат и како самостојни раскази, присутна е таа. Дали како случување (самоубиството на синот, смртта на старата мајка, погибелот на делфините, пцовисувањето на старата кучка, убивањето на слободата на дивите коњи…) или во форма на стилски фигури (умртвена стишеност, да умре од страв, убиен од горештината…), кои ја вжештуваат неспокојната атмосфера и водат кон единствената кулминација на животот која никој не може да ја избегне: се разбира, таа, СМРТТА.

Островот Катарина. Островот Иван

– Потребни сме си еден на друг. Ние двајцата. Никого немаме.
– Ни себе се немаме.
– Ќе мислиме дека се имаме.
– Треба така да мислиме.

„Остров“ е егзистенцијална драма, полна со философски прашања кои се вртат во главите на главните ликови, двајца обични луѓе кои живеат на остров, но живеат и секој како свој сопствен остров во однос на другиот. Тие самуваат во пар и самуваат сам по сам. „Се плашат од осаменоста, ама исто толку се плашат и од туѓото друштво“, вели Селимовиќ, чие перо пред половина век (романот е издаден во 1974 г.) маестрално ја доловува растргнатоста на модерните луѓе, кои без разлика дали живеат во град или на село, „и таму и овде живеат секој за себе, или тие веќе не знаат да им се приближат на другите“.

Селимовиќ го напишал романот кога имал 64 години. Во својот живот тој редовно имал проблеми со луѓето околу себе, не успевал да се носи со поставеноста на нештата и со патријархалниот калап на однесување, па оттука овој цитат зборува многу:

„Како да живеат меѓу минатото и иднината, во време што се нема себе: помеѓу топлата патријархална безличност во која секој е присилно вклопен во целината и студената современа отуѓеност во која секој нужно живее сам за себе“.

Тој го објаснува грчот во кој живеат ликовите во романот, но и голем дел од „ликовите“ во реалниот живот на овие простори, за кои драмата не е романескна туку животна драма, а во неа на свои страни влечат старомодниот патријархат навидум полн со душа и модерната дистанцираност насила испразнета од чувства и завиена во превезот на површна љубезност. А конците над животот најчесто најмалку ги држи поединецот.

Така, во последните глави од романот, го гледаме Иван, кој веќе ја чувствува смртта како му дише во врат. Сè што е сторено во животот – е сторено. И сè што не е сторено – не е сторено. Останува само помирувањето со неизбежното како неминовна утеха кога веќе надеж нема за што да се има. И како привршува романот, така тагата испарува од него и ви влегува во порите, па во крвотокот и чувствувате како целото тело ви трепери пред таа интимна трагедија со која човек (болно) се соочува во длабоката старост.

Како си?

И, сега, да го оправдам тоа „Како си?“ од насловот 😊

Всушност, тоа е наслов на една од најубавите глави во романот. Иван оди во соседното село на откривање споменик на некој заслужен човек и, иронично, додека каска намерно држејќи растојание од останатите, вниманието му го уловуваат два збора на една чешма од незнаен градител, со кои тој добродушно му се обраќа на секој што ќе застане да ја угаси жедта: КАКО СИ?

Иван долго останува покрај чешмата, покрај тоа „човечко прашање и поздрав, замислувајќи ја прекрасната душа на тој човек што во вечноста се грижи за луѓето што ќе појдат по овој друм“. Двата збора го опседнуваат Иван, тој се труди да смисли подобри што еден ден би ги ставил над една иста ваква чешма што би ја изградил, но ни КАКО СТЕ?, ни КАКО ЗДРАВЈЕТО?, ни ЗДРАВО! не се доволно добри. Затоа што човештината доаѓа од срцето и од чистата мисла и се препознава само кога е искрена. Искрените зборови не доаѓаат со умисла, како што со умисла не се градат ни пријателства, не се создаваат добри брачни односи и не се доаѓа до среќа. Напротив, среќата може да дојде единствено однатре, од тоа што сме и од тоа што можеме (искрено) да им го дадеме на другите и на светот, па макар да се тоа едно прашање и одговор како: КАКО СИ? ОСТРОВ СУМ!

Наташа Атанасова

...

Што мислиш ти?