Домашни

Јулијана Величковска: Поезијата живурка барајќи го својот читател

Месецов во Скопје има дузина фестивали, од кои барем пет се книжевни. Од нив – еден поетски. Иако повеќе од 60 години ги имаме Струшките вечери на поезијата, нашиот најголем поетски фестивал, до пред три години немавме поетски фестивал во главниот град. Оваа година, во Скопје по третпат се одржува Скопскиот поетски фестивал, кој барем за кратко, барем на неколку дена (24-28 септември), ја става поезијата во центарот на вниманието на книжевната и културната јавност. Доживувајќи ја поезијата како загрозен книжевен род, добив порив токму за фестивалот и за поезијата да поразговарам со Јулијана Величковска, поетеса, писателка и негова организаторка.

Скопскиот поетски фестивал оваа година ќе се одржи по трет пат. Концепциски, како се менуваше и се развиваше програмата на фестивалот и што добро старо и свежо ново ќе има можност да се види/искуси годинава?

Официјален постер за третото издание на „Скопски поетски фестивал“. Дизајн: Андреј Павлов.

Заради постојаната неизвесност околу финансирањето и микробуџетите со кои располагавме, не бевме во можност да оствариме ниту 30% од тоа што планиравме, но и покрај тоа имавме солидни и убави изданија. Треба да се има предвид дека и поканетите гости од странство беа спречени да дојдат заради ситуацијата со ковидот и разно-разните протоколи што околу тоа се поставуваа како услов. Сепак, среќни сме што и во такви услови, досега успеавме да претставиме над седумдесет поети, музичари, ликовни уметници, филмаџии итн.

Годинава фестивалот има голем програмски скок и малку подобар буџет, но сѐ уште во рамката „микро“, така што, ќе настапат околу шеесетина учесници и можеме да се пофалиме дека на листата поети од странство имаме неколку исклучителни имиња: Имануел Мифсуд од Малта, Марам ал-Масри од Франција, Мартин Глаз Серуп од Данска, Драгослав Дедовиќ од Србија, како и Ален Брлек и Лана Деркач од Хрватска. Покрај веќе познатите настани ‒ официјалното отворање со тематско поетско читање во придружба на музика, овој пат со дувачки инструменти, бидејќи темата е „Ветер. Воздух. Дишење“, интернационалното поетско читање и преднастанот за млади „Отскочна даска“, годинава ќе промовираме и две изданија. На 27 септември од 18 часот во МКЦ ќе се одржи читачка промоција на „Ново раѓање на зборот: антологија на младата македонска поезија“, приредена од Весна Мојсова-Чепишевска и Иван Антоновски, издание на ПНВ Публикации, на кое ќе настапат дури триесетина од застапените 42 автори. Второто издание што ќе го промовираме е „Избор од современата македонска поезија“, што го приреди и преведе Валентина Бакти (Србија), а промоцијата на ова издание ќе се состои од поетски перформанс, поетско читање, разговор со приредувачката, како и со Ѓорѓе Живадиновиќ Гргур, режисер на поетскиот филм „Кршливоста е дар, смртта е нестабилна, а светот е жеден за збор“, и со фотографката Радмила Ванкоска, чиишто фотографии (портрети од застапените поети во изданието) ќе бидат и изложени. Во програмата и овој пат ќе бидат прикажани поетски филмови, овој пат станува збор за омнибус четири анимирани филмови под наслов „Небидинина“, инспирирани од поезијата на Ацо Шопов, режирани од Иван Ивановски, Владимир Лукаш, Жарко Иванов и Крсте Господиновски. Им се радуваме и на малиот музички концерт на Александар Бошков, на работилницата за креативно пишување што ќе ја одржи Имануел Мифсуд, на панел-дискусијата за зголемување на видливоста на македонската книжевност надвор од границите на земјата, како и на јога часовите со поетска медитација што ќе се одржуваат во градскиот парк, а ќе ги води Марија Георгиева.

Ќе имаме навистина богата фестивалска програма и среќни сме што третото издание на фестивалот, благодарение на поддршката од Министерството за култура, „Традуки“ и другите помагатели и поддржувачи, конечно го добива обликот кон кој се стремевме од самите почетоци.

Имате проширување во организацискиот тим – двајца основачи и седум членови во организација. Како ви се распределени обврските и дали функционирате повеќе како оркестар со диригент или како џез екипа?

Попрецизно е да се каже дека има двајца идејни основачи, а во управниот одбор има пет члена, сега СПФ е здружение на граѓани со свој статут и структура што сѐ уште се гради во од. Годинава организацискиот тим го зајакнавме со уште четворица членови од најмладата генерација скопски автори што веднаш донесоа свежина. Функционираме со балансирање на обврските бидејќи на повеќето од тимот ова им е уште една обврска плус, покрај работата од која треба да живеат. Јас имам петнаесетгодишно искуство во менаџирање мали и големи тимови така што успевам да ги „диригирам“ работите некогаш во класичен стил, некогаш џезерски.

Од аспект на Фејсбук-спектатор и нередовен посетител на фестивалот, настанот „Отскочна даска“ ми е особено интересно конципиран. Колку пријави имате добиено годинава и какво е твоето мислење за поезијата на младите (неоткриени, можеби) поети кај нас?

Годинава добивме 54 пријави што нѐ прави особено среќни, имавме интерно осумчлено жири што избра 15 млади поети за читањето на 24 септември во „Буква“, иако, и во тие што отпааднаа, имаше исклучителни таленти и добри поети.

Моето мислење е дека имаме одлична млада сцена, моќна генерација млади поети каква што немало одамна во земјава, а по конкурсов (и ланскиот) ете, видовме дека и во „неоткриените“ се кријат силни поетски гласови.

Периодов има најмалку пет книжевни фестивали во градов, од кои СПФ ми беше најпривлечен за интервју со организаторот. Главната причината – тоа што е поетски. Поезијата ми се чини како најзагрозен книжевен род на денешницава. Тебе? 

Да, поезијата во повеќе културни рангирања во повеќе контексти се води како загрозен книжевен род, тоа не е во смисла дека ја нема или дека ја снемува, напротив, таа е тука, а и значително застапена и во поп-културата. Проблемот е што, за разлика од прозата, поезијата е некомерцијална и тешко е да се живее од тоа. Дури и во Ирска моите пријатели поети ми кажуваат дека тиражите се под 1.000 копии, а тие пишуваат главно на англиски јазик, што е глобално разбирлив. Накратко, прозата е бизнис, сериозен бизнис, а поезијата е тука некаде и живурка барајќи го својот читател.

Има ли регионални, светски поетски текови или движења што се карактеристични за времево во кое живееме и кои ти влеваат верба во моќта на поезијата?

Секако дека има сврзни ткива помеѓу поетиките на актуелните поети, а дали теориски некои од нив се ставени во некакви рамки не знам. Можам да кажам дека кај нас е видливо некое навраќање кон традицијата и кон поетиката на нашите поетски класици. На север (Скандинавија) многу се пишува и многу е актуелна еколошката поезија, односно поезија што поставува незгодни прашања за улогата на човекот во природата, а истовремено пее и за врската (можеби веќе изгубена) на човекот со природата. Европската поезија исто така ги бележи и човечките трагедии во мигрантската криза и воените ужаси во Украина и доминира наративен израз.

Влада Урошевиќ во неговата прекрасна Viola arsenica кажува како во Јапонија во 7. век имало Министерство за поезија. Можеш ли да го замислиш тоа денес, во нашава држава?

Поезијата и танцот се веројатно првите допири на прачовекот со уметноста преку изведувањето и на најпримитивните ритуали. Во некоја точка од историјата поезијата била многу моќен медиум, преку неа се пренесувале и пееле цели истории (Хомер). Денес поезијата има силна конкуренција во добивањето внимание, за жал денешниот хомо сапиенс главно избира инстант наспроти трајно, а вистинската поезија не е инстант, и не е само забава, таа може и да ви ја фрли вистината в лице, што не е баш пријатно.

Можеби можам да замислам некоја идна дистопија каде што големиот владетел со поезија ќе ги измачува непослушните, но министерство за поезија ‒ никако!

Што ти носи тебе лично секое ново издание на фестивалот – и од аспект на организација, и од аспект на книжевник/писател/поет?

Организациски, ми носи справување со предизвици, некои познати и повторливи, некои нови и за првпат. Ми носи личен увид во тоа до каде се моите лимити во тој момент, оти секогаш сакам да најдам начин да направам што повеќе од тоа со што располагам. Од аспект на автор, ѝ се радувам на дружбата со другите автори тие денови, на споделените стихови и искуства. На можноста да им го претставам мојот град и нашата културна сцена на странските поети и позитивната енергија што тие денови ја донесуваат сите посетители на настаните во МКЦ и во „Буква“, а годинава и во градската библиотека „Браќа Миладиновци“. Фестивалите што ги организирам, лично, ги доживувам како празник, и секоја година се надевам дека со што поголема бројка присутни ќе ја славиме поезијата и уметноста воопшто.


Насловна фотографија: Фросина Насковиќ

Наташа Атанасова

...

Што мислиш ти?