Домашни

Иван Шопов: Нејќам кола убава, сакам старо фиќо

Го дизајнирал италијанскиот дизајнер Данте Џакоза во 50-те години на минатиот век. На територијата на поранешна Југославија се возеле близу еден милион примероци, од кои кај нас и ден-денес некои можат да се видат по паркинзите и по улиците. Сите ние имаме по некоја „фиќовска“ приказна што ни буди носталгични чувства или што нè тера да го пцуеме ова легендарно автомобилче, па така, да се зборува за фиќото изгледа некако лесно.

Но, кога ќе седнете наспроти човек што комотно може до името да си стави „д-р по фиќологија“, фрапирани од количината на (културолошкиот) материјал што лебди околу овој југословенски феномен и од длабочината со која тој го проучувал и промислувал овој материјал за фиќото како дел од нашите животи, на тема „фиќо“ се чувствувате, па… мали како фиќо.

Нашиот соговорник, писателот Иван Шопов, заедно со уметникот Владимир Лукаш стојат зад новоформираниот „Културен центар 750“, кој последниве месец и половина* ги изненадува скопјани на различни локации низ градот со уметнички поставки и изложби, што и беше повод да го направиме ова интервју.

На 20 август во 20 часот го турнавте да киниса проектот наречен „Културен центар 750“. Дали опседнатоста со фиќото оттогаш ти спласна или уште повеќе ти се засилува?

Веројатно отсекогаш сум бил опседнат со фиќо, ама латентната фиќоманија сега ја има најжестоката манифестна фаза 🙂. Секако дека ентузијазмот за фиќото не ми спласна, иако прогнозата на околината беше дека ќе спласне откако ќе се судрам со неромантичните аспекти на користењето фиќо дури и во форма на културен центар :). Ама не, не спласна. Уште повеќе, сега размислуваме како да ја „прошириме и надградиме“ идејата, да го подобриме самото возило и да правиме што повеќе настани.

Како и каде се роди идејата за КЦ 750? Дали проектот успеавте да го замислите во целина и во детали – кој кога каде ќе изложува, односно сето ова што сега го гледаме како настани во рамки на „центарот“?

Со Лукаш практично истовремено ја добивме идејата. Тоа беше еден фејсбукашки бреинсторминг. Нормално, јас ја „спамирав“ околината со идеја дека треба нешто да се прави со фиќо. И можеби на полушега рековме нешто со Лукаш – ајде да правиме некаков проект, некаков уметнички концепт со тоа, зошто да не и… на шега нафрливме: „Културен центар 750“! И потоа, сфативме дека тоа е прилично симпатично и изводливо како идеја, па решивме сериозно да работиме на неа.

Се пријавивме на годишниот конкурс на Министерството за култура. Самата апликација бара концептот да биде сериозно подготвен во секој аспект, па тоа ни помогна да осмислиме каков тип настани ќе работиме, на кои локации, со кои уметници. Секако, имаше и некои мали промени, но генерално планот беше направен.

Од Министерството за култура побаравте 250.000 денари, а добивте 100.000. Кои работи отпаднаа, што не можевте да реализирате од проектот заради ова?

За почеток, мораа да отпаднат многу од зафатите врз самиот автомобил, онака како што ги замисливме првично. Сакавме да направиме реставрација или барем некаква полуреставрација и затоа дадовме предност на тоа – го средивме фиќото колку што можевме, а останатите работи решивме да ги тераме на мускули, со доста ентузијазам и волонтерска енергија. Никој нема материјална корист од сево ова што го правиме, меѓутоа и ова што успеавме да го реализираме досега е добар старт.

Како оди прибирањето средства од продажбата на книгичето „Осум наративни прошетки со фиќо или што научив за пишувањето од застава 750“? Капнува оттука по нешто?

Па има, колку да му смениме пумпа за вода на фиќото 😀, за повеќе тешко… На промотивниот настан во МКЦ се продадоа најмногу примероци. Книгата сега за сега се продава во две книжарници, во „Полица“ и во „Или-или“ и не е баш бестселер 🙂

Меѓутоа, ние не се обесхрабруваме! Уште на самиот почеток баравме да бидеме турнати за да кинисаме. И некако кинисавме. И засега не сме преамбициозни. Само сакаме да се тркаламе, да стигнеме некако од точка А до точка Б. Ако обезбедиме средства понатаму, за проектот да се одвива малку посериозно, ќе ни биде драго. Ако не, ќе го тераме партизански, додека ни дозволува времето, енергијата и, секако, здравствената состојба на фиќото :).

Планирате повторно годинава да аплицирате во Министерство за култура или ќе барате средства и од други места?

Ќе побараме помош и од Град Скопје, и од Министерството за култура, а ќе се обидеме да обезбедиме и донации од приватни компании. Планираме да покренеме и  „crowdfunding“-кампања за собирање средства преку интернет, на платформи како „Кикстартер“ и „Инди гоу гоу“. Во светот веќе има успешни примери од овој тип, па да се надеваме дека и КЦ 750 ќе се вброи во нив.

Велите дека КЦ 750 е децентрализирачки концепт за ширење на културата. Првично кога го замисливте, кога аплициравте во Министерството, имавте предвидено настани низ цела Македонија?

Наведовме дека првенствено тоа ќе бидат настани во Скопје. Нагласивме дека она што во првата година сакаме да го направиме е само некаков старт, некакво втемелување: треба да се набави возило, тоа возило елементарно да се упристои и да се направат со него настани, за почеток во Скопје, затоа што не сакавме непријатни изненадувања, кои реално, ги имаше вака или онака. Во апликацијата ставивме дека сакаме да правиме настани низ Македонија, па и во регионот, но во следните години, кога евентуално ќе направиме комплетна реставрација на возилото. Во Македонија, културата е прилично централизирана, најголем дел од настаните се одржуваат во главниот град, но и во самото Скопје речиси целата културна понуда е сконцентрирана во центарот на градот. Затоа, најголем дел од настаните ги предвидовме надвор од центарот. Сè уште има ентузијасти што прават чуда со фиќо, патуваат и по неколку илјади километри без никакви проблеми… Се надеваме дека еден ден и КЦ 750 ќе биде способен за таков потфат.

И во Скопје има добри фиќовци. Еднаш на семафор не можев да ги тргнам очите од едно целосно реставрирано црвено фиќо.

Мене ме сликаа на семафори, кога се враќав од една изложба. Тоа ми беше по малку чудно, затоа што јас го живеев моментот кога фиќото беше секојдневна глетка и кај мене постои носталгија, но тешко дека фиќото може да ми биде егзотика. Кај помладите генерации работите се поинакви – за нив, тоа е е автомобил од друга ера.

Кој светски познат лик би сакал да го видиш зад воланот на фиќото во евентуален перформанс?

Ох, не сум сигурен… Тешко ми е да го поврзам фиќото со суперѕвезди. Повеќе би сакал тоа да бидат локални, обични луѓе, луѓе од околината, зашто тоа што шармира кај фиќото е неговата секојдневност, питомост, неговото нечаламџиство, бидејќи, ако ништо друго, немаш ни технички можности за да бидеш силеџија, арогантен и агресивен со таа кола 🙂. И можеби ме асоцира на некаков изгубен мир и џентлменство во однесувањето.

Не би сакал да видам суперѕвезда во КЦ 750… Кога ќе размислам, би сакал да го видам Рамбо Амадеус, затоа што самиот тој, ако не се лажам, имаше едно прилично интересно уредено фиќо, а има снимено и една анимација каде што тој е водител, а фиќото е гостин во студио. Така што, во тоа име, нека биде Рамбо Амадеус 🙂

Од сите културно-автомеханичарски-шоферски доживувања периодов, има ли некоја фиќовска приказна што особено се истакнува?

Ооооо, ги има многу. Едно од првите вистински возења со фиќото ни беше враќањето од МКЦ, по промотивниот настан на КЦ 750. И, веднаш ме запре полиција. Во целата таа еуфорија и возбуда околу настанот, сум заборавил да пуштам светло. Никогаш во животов не ме запрела полиција А со фиќото – веднаш. И беа прилично лути како возам без светла среде булевар, иако светлата на фиќово реално не придонесуваат многу кога веќе има сериозно улично осветлување :). Не стигнав да му кажам на полицаецот дека е тоа културен центар, дека ќе казни цела институција, зашто пред тоа веројатно се сожали или падна на шармот на фиќото и не ме казни. Нема да го именувам човекот ниту каде точно се случи средбата со сообрајаќците, ама ете, би сакал да искажам благодарност и до Министерство за внатрешни работи, што ја поддржува културата во Македонија или барем што не ѝ поставува непотребни пречки.

Освен што се возите со КЦ 750 периодов – што друго правиш на културно-личен план?

Ја довршувам книгата „Изгубените чевли на градот“, мини-приказни за Скопје, каде што ќе има и еден мал дел за фиќовците во градот. Работам и на мојот прв роман, „Паника во музејот“. Засега сум на половина пат и, како што кажав во книгичето „Осум наративни прошетки со фиќо“: „Пишувањето е како возење со фиќо. Не знаеш како ќе изгледа патувањето, ама ќе стигнеш некако“.

Си помислил цепенковски да собираш стари фиќовски приказни?

Да, тоа го планирам за зимава, кога нема да можеме многу да се движиме надвор со фиќото. Па и да можеме, ќе го штедиме од снегот помешан со сол кој е немилосрден за лимот. Ќе работиме во класичен зимски „моуд“, од под јорган, ќе собираме приказни за фиќо, зашто нема човек што поседувал таков автомобил, а нема барем една невообичеана приказна. А приказните на сопствениците одат во крајност – едни го сакаат и носталгично се навраќаат на спомените, но има и такви кои не го поднесуваат, го нарекуваат „индустриски инцидент“ и сл. Рамнодушни – нема 🙂

Или го сакаш, или го мразиш, не можеш да бидеш неутрален – школска дефиниција за бренд 🙂

Во тој контекст – чепкав по интернет и видов дека фиќото е и опејувано возило. Сакам да ја истакнам една хрватска детска песничка од 70-те, каде што детето пее како собира шрафчиња и тркалца и сонува во некоја шупа сам да склопи фиќо. Многу е симпатично, фиќото се доживува како некакво чудо.

За разлика од таа песна, кога имав 7 години, а нашето фиќо, во тоа време семеен автомби, беше во полн сјај, како лична навреда ја доживував онаа песна: Сакам кола убава, нејќам старо фиќо И денес имам проблем со таа песна – на децата им поттураш материјалистички светоглед, велиш дека не е ОК да се има фиќо, југо, лада, шкода… што е 80% од тогашниот возен парк во Македонија, туку „кола бесна“. И тоа во време кога се случува општ распад и доаѓа до масовна безработица. Еве, сѐ уште се лутам и жестам кога ќе се сетам на таа песна, речиси како кога имав седум години.

За крај, нешто и за хејтерите на фиќото – едно „3 во 1“ нефиќовско прашање :). Беше член на жирито за наградата „Пегаз“ за необјавен роман, која минатата недела се додели за првпат. Имаше пријавено 77 романи, што е навистина голема бројка. Каков е твојот впечаток за конкурсот, пријавените ракописи и победничкиот роман?

77 романи е сериозна бројка. Неколку пати се состанавме со колегите од жирито. Одевме по принцип на елиминација, затоа што имаше ракописи со сериозни слабости. Како и на секој конкурс, на крајот се издвојуваат неколку ракописи и тука настануваат слатките маки, кога ќе треба да се пресуди кој да биде победнички ракопис. Често тоа е ужасно неблагодарна задача, затоа што тоа не е нешто што математички се пресметува. Па и термините и формулациите што ги користиме понекогаш ме вознемируваат, како зборот најдобар… Што е тоа најдобар во литературата… Често помислувам на Аристофан и неговата генијална комедија „Жаби“, кога трагедиографите си ги мерат стиховите на кантар, кој ќе каже „потежок“ стих. Но, кога членувате во жири, морате да најдете начин на кој некако ќе ги оцените ракописите и ќе ги споредите нивните квалитети. Во случајов, на конкурсот пристигнаа неколку квалитетни романи, што кога ќе се земе предвид во каква културна средина живееме, е сосема задоволително. А победничкиот роман, „Насон прочитана книга“ на Соња Манџук, како и останатите кои влегоа во потесниот избор, го заслужуваат вниманието на читателите и на културната јавност.

 

* Текстот беше објавен на magazin.antoris.mk во октомври 2019 година.

 

Фото 1: Наташа А.

Останатите фотографии: од Фб-страницата на КЦ 750

Наташа Атанасова

...

Што мислиш ти?