Иван Шопов: Големите наративи и мудрости, просто, молат за испревртување
Минатата недела во рамки на фестивалот „АртАреа“ беше промовирана новата книга, односно новата збирка кратки раскази „Зентруфуга“ на Иван Шопов.
Читањето на книгата е како да сте седнале во поза за медитација и наеднаш се пуштате по голем воден тобоган. Расказите почнуваат да ве вртат со скокотливи повици да им се препуштите на откачените приказни. Често ве тераат да си ги протриете очите и да се прашате дали светот е свртен наопаку или е до вас. Па некаде ќе доживеете ладен туш, некаде ќе се омекнете или саглам ќе се ишмирглате, а на крајот на секој расказ стрмоглаво ќе се струполите во базен на ново изненадување. И откако цело време со трпки низ стомакот задоволно си се смеете, сфаќате дека искуството било крајно адреналинско и ви создало зависност.
Во овој случај, и потреба за разговор.
Како си, Иван? Освен што гледаме дека и со новата книга продолжуваш да бидеш наострен да тераш правда за кратката проза. 😊
Секогаш е добро да се добие вакво прашање, макар и во интервју! Добро сум, благодарам на прашањето 😊 Ги средувам впечатоците по објавувањето на „Зентрифуга“ и промоцијата во рамки на фестивалот „АртАреа“, па полека се помирувам со тоа дека веќе не можам да влијаам врз судбината на приказните, кои веќе почнаа да живеат самостоен живот.
Слоганот што го смислив како шега и закачка за моите литературни пријатели кои книжевните читања што ги организираа главно ги посветуваа на поезијата, полека се претвори во некаква мисија. Останувам посветен на читање, пишување, па и преведување текстови во оваа книжевна форма.
Микрофикцијата не престанува да ме возбудува веќе со години. Сѐ уште ми е голем предизвик да создадам дело кое ќе биде набиено со енергија, една мала книжевна, јазична експлозивна направа, да си играм со текстот на мал простор, да кокетирам со огромната белина надвор од редовите и да создавам поле за бесконечни асоцијации… Кратката проза е секси, нуди вид задоволство кој не може да го овозможи ниту една друга книжевна форма, ниту еден друг жанр…
Понекогаш на шега велам дека мрзата е пресудна за определбата да пишувам минималиситчка проза. Ова го споменуваат и повеќе класици на формава (први на памет ми паѓаат Лидија Дејвис и Иштван Еркењ). Понекогаш толку често се шегувам со тоа, што почнувам да се плашам дека не е само шега, дека навистина има нешто вистинито во таквото тврдење…
Дел од мотивацијата се крие и во инаетот. Кратката прозна форма некако традиционално се наоѓа на маргините, уште од времето кога се појавуваат песните во проза па натаму. Првите автори на песни во проза не ни доживеале да ги видат своите дела објавени како книга! Иако постојат книжевни ѕвезди, етаблирани писатели познати по својот прозен минимализам, тие се повеќе исклучоци кои го потврдуваат правилото. Кога ќе се спомне Хулио Кортасар, никој прво не помислува на неговите кратки раскази. Тие не се прва асоцијација ни за Франц Кафка, исто како што прва асоцијација за Томас Бернхард не е книгата „Имитатор на гласови“, а за Елијас Канети „Прислушкувач“. Дури и во македонската книжевност, она што е канон на македонската литература – ајде да ги спомнеме Влада Урошевиќ и Славко Јаневски – никој прво не помислува на нив како на минималисти. Би сакал да замислам разговор со помлад читател кој би одел отприлика вака:
-Го знаеш ли Влада Урошевиќ? – Да, секако, тоа е авторот на „Седмата страна на коцката“. Или на прашањето „која ти е омилена книга од Славко Јаневски“ да добијам одговор дека тоа е книгата „Зад тајната врата“…
Малку го развлеков одговоров, па да заокружам: правда за кратката проза!
Кратките раскази, кои веќе станаа твој заштитен знак, овојпат ги објави под оксиморонскиот наслов „Зентригуфа“. Како и, уште поважно, кога дојде до насловот – при некоја медитативна состојба или додека мозокот ти беше на 1.200 вртежи?
Ох, веројатно тоа се случи при уште повеќе вртежи, но кога машината во главата веќе стивна и настапи еден миг на тишина. Можеби ќе звучам грубо, ама пародирањето на зен-приказните доаѓа од длабоката, исконска човечка потреба за заебанција. Некому можеби ќе му биде малку чудно, но решив да ги пародирам зен-приказните токму затоа што тоа се текстови што многу ги сакам, што ми се многу драги. Слично како што во личниот живот можеме да си дозволиме погрубо и послободно да се шегуваме само со оние кои ни се навистина блиски, така и во книжевноста си дозволувам да ги пародирам оние текстови кои ми се баш такви – блиски. Луцидноста, парадоксалноста на тие наративи, па честопати и хуморот кој го содржат, ги засакав уште како средношколец. Но, односот кон овие текстови ми е амбивалентен. Колку и да ми се симпатични како книжевни дела, алергичен сум на поуки и на мудрување, макар тие поуки биле пренесени на овој луциден начин. Затоа решив да ги пародирам драгите зен-приказни. Како основа, изворник за пародиите, ги користев зен-приказните објавени во издание на Магор 2013 година, во превод на Владимир Мартиновски и Владимир Јанковски. Практично, станува збор за своевиден редимејд – главно интервенирав врз краевите на текстовите, променувајќи ја, преосмислувајќи ја, па ајде да речам и уништувајќи ја нивната изворна поента. Отприлика така како што Марсел Дишан ѝ нацртал мустаќи на Мона Лиза, или како што децата со фломастер ги зацрнуваат забите на политичарите на предизборните плакати… Во мене сѐ уште има нешто од тој бељаџија.
Збирката е поделена на три дела: „антрополошки раскази“, како што ги нарече Калина Малеска на промоцијата; раскази за маргинални јунаци и ситуации; и, во срцето на книгата, пародиите на зен приказни. Ги спојуваат игривоста, хуморот, очудувањето. И не е ли секогаш така кога ќе се спојат малите луѓе и големите мудрости и наративи?
Не само како писател, туку и како човек, во она што популарно се нарекува реален живот, сакам да имам отворени очи, отворени сетила, отворен дух за она што е необично, за она што отстапува од здодевните норми. Секојдневнието, реалноста сама по себе не ме возбудува премногу, освен како основа за нешто повеќе од појавното, од видливото, од лесно достапното… Ги сакам маргиналните луѓе, маргиналните места, ситуации… Сето она што нема да се најде во вести, на разгледница или во учебник по историја. Понекогаш се задоволувам само со тоа да бидам хроничар на таквите луѓе, појави и феномени, како во книгата „Скопје: изгубените чевли на градот“, а понекогаш тие се основа за создавање приказни кои излегуваат надвор од правилата на стварноста, претставуваат некаква порта кон фантастичното, кон надреалното, кон еден свет во кој цврстите закони на кои сме навикнати се прекршени или целосно укинати. Многу често нештата што ме опкружуваат се само граѓа за конструирање загатки, за градење тајни одаи со заклучени врати зад кои и самиот не знам што има. И добро е што е така.
А големите наративи и мудрости… Просто молат за испревртување преку судирот со бизарните, маргинални светови и појави.
Моќта на зборот, приказната, книгата… како тема се појавува во повеќе раскази (Природонаучник, Благородна вештина, Скопје чита…) – сместена во истиот хумористичен и пародиски контекст. Живееме ли во време во кое поетот не сакајќи го победува боксерот?
И во „Приказни“! И во „Приказни“! 😊 Ако не верувам во моќта на приказната, веројатно треба да се зафатам со нешто друго, а не да се занимавам со пишување. Иако добриот литературен занаетчија веројатно не би требало да го направи тоа, ќе ви откријам една нешто: во „Зентрифуга“ се застапени и пет постари, веќе објавени раскази. Мотивот за тоа овојпат не е мрзата. При пишувањето и структурирањето на книгата, истовремено се одвиваше и процес на преиспитување и превреднување на она што веќе сум го напишал и објавил. Ми беше возбудливо тоа што забележав дека овие пет микропрози сѐ уште можат да го поминат мојот критички филтер, а истовремено органски да се вклопат во целината со новите раскази. Не е случајно тоа што еден од петте раскази што ја преживеаја самокритиката е токму расказ што инсистира на моќта на приказната.
Што се однесува на дуелот поет-боксер, не се осмелувам да извојам победник. Сум видел патосирани поети и боксери, како и луѓе што ги толкуваат и двете улоги. Понекогаш и поетот мора да удира тупаници по своето лирско „работно време“. А постојат и боксери што сакаат поезија. Ова повеќе е метафора, не алузија на Мате Парлов 😊
Исправена неправдата кон расказот „Приказни“ 🙂
На промоцијата кажа дека по анализата на расказите што си ја направил отпосле, по бројот на пресечени глави на учители во нив, си сфатил дека веројатно потсвесно имаш проблем со авторитети. Што друго научи за себе по завршувањето на книгава?
Веројатно е претерано да се каже дека правев анализа на расказите, но при обликувањето на книгата и препрочитувањето на текстовите, кога гледате што сѐ имате на куп како материјал и размислувате како да го организирате, просто бодеше очи моментот дека повеќе пародии на зен-приказните завршуваат така што просветлениот ученик му ја отсекува главата на учителот. Веројатно тоа има врска со отпорот кон авторитетите, што само по себе не мора да е добро, но ми се чини дека во одредена мера е неопходно за каков било напредок.
Пишувањето за мене во голема мера е интуитивен чин, па затоа и она што сум го „научил“ за себе не можам да го артикулирам едноставно, како некаква дефиниција, формула или теза. Спознанијата од творечкиот пат со „Зентрифуга“ се повеќе насетувања, па затоа и се артикулирани во книжевноуметнички облик. Она што ми е уште појасно по завршувањето на книгава не е некаква новост за мене: ги обожавам тајните, микромистериите, па ќе се впуштам во таков тип авантури и во иднина.
Како верен обожавател на краткиот расказ, може ли да споделиш еден долг список на автори на кратки раскази и еден краток на најомилените кратки раскази?
Правењето списоци не ми е баш омилено, затоа што секако ќе пропуштам некое важно име, па потоа со месеци ќе си ја чукам главата околу тоа. Но, ако одбијам ќе испаднам некултурен, па еве, ќе го направам тоа со мало уводно оградување дека списоков никако не е конечен, постојано се ажурира и надополнува, а во него се споменати имиња и наслови што први ми паднаа на памет од огромниот океан на микропрозата:
Омилени автори на кратки раскази/минималистичка проза/поезија во проза: Данил Хармс, Иштван Еркењ, Влада Урошевиќ, Ден Роудс, Емброуз Бирс, Лидија Дејвис, Горан Стефановски, Славко Јаневски, Џејмс Тејт, Томас Бернхард, Давид Албахари, Владислав Христов, Бојан Бабиќ, Франц Кафка, Елиас Канети, Хулио Кортасар, Анри Мишо, Жан Тардие, Даниел Драгоевиќ, Хуан Мануел де Прада, Звонко Карановиќ, Збигњев Херберт, Роман Кисјов, Ана Марија Шуа, Андре Бретон и француските надреалисти… Би можел да набројам уште триесетина минималисти само од македонската книжевна сцена, но сигурно ќе заборавам некого, па потоа ќе бидам изложен на непријатности… А можеби ќе ми затребаат и боксерските вештини. Би се поштедил од тоа.
Некои од од омилените минмалистички прози: „Еден спокоен човек“ од Анри Мишо, „Линчување“ од Данил Хармс, „Феномен“ од Иштван Еркењ, „Злоупотреба на довербата“ од Жан Тардие, „Пичката на месечарката“ од Хуан Мануел де Прада, „Разнесувач на писма“ од Славко Јаневски, „Наука“ од Влада Урошевиќ, „Градски живот“ од Лилјана Дирјан, „Машина“ од Давид Албахари, „Игра“ од Ѓорѓи Крстевски, „Здодевни пријатели“ од Лидија Дејвис, „Антропологија“ од Ден Роудс, „Лудата по чаршафи“ од Елиас Канети…
За крај, во духот на завршниците на кратките раскази, каква пресвртница би му напишал на ова интервју?
„А дали знаете дека алжирскиот бег под самиот нос има израсток?“
Наташа Атанасова
...