Книги

Истражување на можната иднина на минатото

(за Засолниште во времето од Георги Господинов, Или-или, 2021)

 

Пишува: Калина Малеска

Сеќавањето има необично влијание врз нас. Истовремено нè теши и нè вознемирува, го поврзува нашето лично минато и општата историја од која сме дел со сегашноста и со можноста да ја контролираме иднината. Засолниште во времето од Георги Господинов е роман во кој се истражуваат овие карактеристики на сеќавањето. Засолниште во времето е и роман во кој се навлегува длабоко во процесот на бришење на сеќавањето, попознато под поимот заборавање. Засолниште во времето, меѓу другото, е и роман за можната иднина на минатото, за носталгијата, всушност, за самиот концепт на времето. И за личните приказни и општествените промени, кои истовремено се и фатени во бурите на времето и се обидуваат да најдат засолниште од и во времето.

Ова е необичен роман, чие дејство се случува во сегашноста, во иднината; реалистичен, утописки роман; во кој раскажувачот е и главен лик, но и само присуство во позадината низ кое пробива цел спектар од различни гласови; составен е од разнородни фрагменти кои ги содржат алките на нивно цврсто поврзување; содржи пет поглавја што се надоврзуваат во хронологијата, но се судираат во идеите.

Првиот дел, „Клиника за минатото“, го истражува стареењето. Во него, Гаустин, „кого најпрво го измислив, потоа го сретнав од крв и месо“, како што вели раскажувачот, „Гаустин од мојата фантазија да сум некој друг“ (стр. 20), кој има способност да патува низ времето, отвора клиника за луѓето кои почнале да забораваат било од старост или како последица на Алцхајмер или од некоја друга причина. Овде се истражува европската географија на времето, градовите кои се најсоодветни за живеење во одреден период на животот. Гаустин ја објаснува мотивацијата за создавање на клиниката за минатото: кога луѓето кои сè уште имаа способност за помнење влегуваат во минатото, тие потоа со леснотија се враќаат назад во сегашноста, но оние кои го загубиле помнењето не знаат како да се вратат – за нив, вратата од сегашноста останува засекогаш затворена. Она што може да се направи за да им се помогне е да се создаде простор што е синхронизиран со нивното внатрешно време. Така е создадена клиниката, со простории уредени во согласност со 1950-те, 60-те, 70-те, соодветни за периодот кога оние кои сега стареат биле млади. Токму овде се појавуваат тие мноштво гласови, богатство од лични приказни. Еден од ликовите, којшто бил следен за време на комунистичкиот режим, сега соочен со заборавање а со тоа и непрепознавање на себе, низ иронијата на животот, е принуден да го исконтактира својот најголем непријател, агентот кој го следел и го кодошел, и кој затоа најдобро го познава. Сега му е потребна неговата помош за да може да ги собере парчињата спомени пред засекогаш да замине. Во други случаи, минатото не секогаш е она што се случило, туку и она што некој го замислувал и посакувал. Следствено, сеќавањата се составени од желбите повеќе отколку од стварноста.

Иако романот е подeлен во пет поглавја и епилог, во однос на доминантните идеи мене ми се поделија два главни дела – овој, првиот, од една страна, и вториот, составен од другите четири поглавја, од друга страна. И сакам да споделам два цитата од романот – по еден од првиот и од вториот дел – што ги одразуваат овие доминантни идеи. Во првиот дел, стареењето и заборавањето, се прецизно опишани.

Во сите древни епови има еден силен непријател со кој се бориш – Небесниот бик и Гилгамеш, чудовиштето Грендел, мајка му и на крајот Змејот, кој смртоносно го ранил веќе остарениот Беовулф, сите чудовишта, бикови и слично во Метаморфозите на Овидиј, киклопот во Одисеја […] Во денешните романи овие чудовишта се исчезнати, си отишле сосе јунаците. Кога нема чудовишта, нема ни јунаци.

 

Но, чудовиште има, има едно чудовиште што го очекува секој. Смртта, ќе речете, да, да, смртта му е сестра, но староста е чудовиштето. Тоа е вистинска (и предопределена) битка, без сјај, без огномети, […] без волшебни оклопи и неочекувани помошници, без надежта дека ќе се пеат песни за тебе, без ритуали.

 

Епска битка без еп.

 

Засолниште во времето, стр. 61

Ова е опис не само на стареењето и заборавањето, ова е опис и на сите процеси и промени што се одвиваат невидливо, во нашиот мозок, под влијание на времето и на луѓето околу нас.

Длабоките заронувања во постоењето преку спомени, топлината и разбирањето со кои се раскажани различните судбини, иронијата на некои забелешки, како онаа за „физиолошките несогласувања“ со системот на еден од ликовите (Ми идат киселини од светлата иднина, вели тој) го прават овој дел впечатлив и суптилно трогателен.

Сепак, тоа не беше причина да не се навраќам, додека го читав, на едно прашање што си го поставував себеси, а сакав да му го поставам и на авторот. Генерално сум анти-носталгично ориентирана, и во првиот дел постојано ме мачеше прашањето: зошто на сите ликови најубавиот период им бил оној кога имале дваесет, дваесет и нешто години, зошто сите сакаат да се вратат во тоа време; зарем не постои некој кому друг период од животот му бил убав и сака да се врати во времето кога има четириесет, педесет, шеесет и нешто години?

Веројатно како последица на ова прашање, промената од првото во второто поглавје ми изгледаше најостра од сите преоди меѓу другите поглавја. Носталгијата, желбата за враќање во минатото, изолираното засолниште, прикажани со нежност во првиот дел, одеднаш, во второто поглавје, „Одлуката“, се видоизменуваат во некои други димензии, кои полека добиваат контури на национализам. Минатото постепено го освојува светот, како река што се излева од коритото, а ова е манифестирано преку воведување мода или пуштање музика од изминатите децении, преку промени во јазикот за да наликува на зборувањето од некои минати децении, преку градење споменици на историски личности, па дури и, повторно, низ препознатливата суптилна иронија, еден министер го врзува коњот со кој дојавал на работа до црните мерцедеси паркирани пред министерството. Се појавува и идеализирање на некои историски настани кои се одвивале поинаку, па дури и на такви кои никогаш не се случиле. Се појавува и идејата за спроведување референдум за минатото, кога граѓаните треба да се изјаснат во која деценија сакаат да се вратат. Секако, ова има свои алузии, а во романот некогаш и директни референци на Брегзит, на ситуацијата на Балканот и во Европа, но Господинов е многу повеќе од политички сатиричар, па во овој роман референдумот не е само алегорија или техника за исмевање, туку многу повеќе поттик за размислување, зашто сè она што се случува во романот, и покрај дистопискиот призвук на иднината, и покрај повремено фантастичните елементи, е реалност што секојдневно ја сведочиме.

Во една интересна сцена во едно од следните поглавја, илјадници статисти одигруваат перформанс на протести, за време на кои се одржуваат и политичките говори и се случуваат конфликти меѓу противничките табори. Овие страници ја истражуваат и природата на реалноста и изрежираните сцени зашто перформансот како да опфаќа поголем простор и поинтензивна динамика од просторот низ која се движи раскажувачот, а која навидум изгледа како реалност.

Се спроведуваат референдуми низ сите земји на Европа и овде можеме да ги видиме и познавањата и духовитоста и проникливоста на Господинов при описот на тоа зошто одредени земји се решаваат да се вратат во некоја деценија, а не во друга. Нациите не сакаат да се откажат од своето несреќно минато зашто несреќата, највредната е суровина со која располагаат. Политичките и општествените алузии се некогаш повеќе, некогаш помалку видливи, но неумоливо присутни.

Додека помниш, го држиш минатото настрана. Како да си запалил оган среде ноќна шума. Те опколиле демони и волци, ѕверовите на минатото го стеснуваат кругот, но сè уште не смеат да пречекорат. Алегоријата е проста. Додека огнот на сеќавањето гори, ти си господарот. Почне ли да гасне, виењето ќе станува посилно и ѕверовите ќе доаѓаат сè поблизу. Глутницата на минатото.

 

Колку помалку помнење, толку повеќе минато.

 

Засолниште на времето, стр. 306

А меѓу овие општествено-политички настани кои истовремено припаѓаат и на историјата и на иднината, се пробиваат смело и моќно и личните приказни, исполнети со хумор среде стравот и тагата, како онаа – која ми е една од најубавите – за мувата во авионот која ги поврзува раскажувачот, жената што седи до него и стјуардесата.

Во епилог се вели дека вистински смела книга би била онаа во која сите приказни, и тие што се случиле, и тие што не се случиле, „пливаат околу нас во хаос, викаат и шепотат, молат и се кикотат, се сретнуваат и се разминуваат во темницата“. Засолниште во времето е токму таква книга, смела, во која падот на когнитивните способности на ликовите се среќава и се разминува со истата оваа состојба кај раскажувачот; во која минатото ѝ вика и ѝ шепоти на иднината; во која апсурдноста се судира и коегзистира со реалноста; во која растот на национализмот е неколкупати пресретнат со стиховите од песната „1 септември 1939 година“ од Оден: „мора да се сакаме, или да умреме“.


Насловна фотографија: Pexels