Европски

Ирене Сола: Во преданијата, митовите и легендите е запишана нашата ДНК

Ирене Сола е млада каталонска писателка, родена во 1990 година. Нејзиниот книжевен свет, сместен во книгата „Пејам јас и планината танцува“, е толку игрив и исполнет со живот – со случувања во пазувите на Пиринејските Планини во текот на неколку генерации, со судбините на луѓето и на животните и со гласовите на сите – и на оние што можат да зборуваат, и на оние што не можат, и на оние што смеат да зборуваат и на оние што немаат или во минатото немале право на збор. Ирене беше во Скопје на 26 март и токму тоа гостување беше повод за овој разговор.

За романот „Пеам јас и планината танцува“ ја доби Европската награда за литература пред две години. Како ти влијаеше наградата како писателка?

Не би рекла дека наградата имаше некакво влијание врз мене како писателка, но можам да кажам дека се појавија многу можности за превод на книгата. Книгата е преведена или наскоро ќе биде преведена на 25 јазици и сигурна сум дека во најголем дел за тоа е заслужна наградата на ЕУ.

Колку за тебе пишувањето е процес кој е темелно осмислен и сериозен, а колку е забава и игра? До кој момент е макотрпен, а од кој уживање?

Мислам дека ова е многу различно за секој писател. Но според мене, напорната работа и вложувањето голем труд не ги исклучуваат уживањето и задоволството во работата. Мислам дека задоволството и забавата можат да бидат исклучително сериозни. За мене процесот е исто толку важен колку и резултатот. Истражувањето, учењето, поставувањето прашања и уживањето во процесот, во моментите кога длабоко размислуваш, истражуваш, создаваш цел нов свет и живееш во него се дел од процесот на творење.

Долги векови западниот човек се доживуваше себеси како центарот на светот, а со постмодернистичката деконструкција на поимот центар, тоа се смени. Дали и твојот роман, каде што гледаме постојано менување на перспективата, при што раскажуваат облаците, мечките, луѓето, елените, печурките, па дури и ликови кои постојат само во имагинацијата, е еден таков обид за деконструирање на центарот на човековата перцепција?

Додека ја пишував книгата сакав да се обидам да го надминам човековиот поглед на светот, да го срушам концептот на антропоцентризмот, односно идејата дека луѓето се центарот, значењето и причината на светот. Имав таква замисла уште на самиот почеток, додека размислував да ја напишам книгата. Сакав да раскажам приказна за семејство кое живее во планината и на кое му се случуваат два немили настана, но од перспектива на сите оние кои живеат на планината и минуваат низ неа. А кога велам живеат и минуваат низ неа мислам на луѓето кои сега живеат таму, на луѓето кои живееле таму во минатото, на животните, печурките, облаците, на митолошките суштества кои би требало да живеат таму, дури и од перспектива на самата планина.

Уште една постмодернистичка постапка е давањето глас на оние што немаат или немале можност да ја раскажат својата страна на приказните – во твојот случај, тоа се изгорените вештерки, за кои знаеме единствено преку машката историја. Што ти беше клучно за да можеш да кажеш – да, успеав да ги реконструирам нивните приказни, ова што го напишав дефинитивно би го кажале и тие?

Кога почнав да ја пишувам приказната почнав да измислувам различни гласови. Почнав да се прашувам кој сè можел да ја раскаже својата приказна, а кому тоа право му било скратено, кои приказни преживеале, а кои изумреле, чии ставови и идеи сме ги наследиле, а чии сме ги занемариле. Ми беше мошне важно да ги истражам сите овие работи и како што рече, има една глава напишана од перспектива на жените кои биле запалени на клада затоа што биле обвинети дека се вештерки пред повеќе од 300 години. Ми беше многу интересно додека ја пишував главата за нив затоа што додека истражував за судењата, ги читав записите од судењата рачно напишани од мажите кои ги мачеле и убиле овие жени. Во записите од судењата се зачувани ставовите на мажите за овие жени, кои сакале да ни ги пренесат нам денес. Ми беше интересно да си замислам дека духовите на овие четири жени сè уште талкаат по шумите на планината и им се смеат на мажите кои ги убиле. Но не би можела да кажам дека она што го напишав е нешто кое тие несомнено би го кажале. Нивниот став е изгубен засекогаш затоа што се убиени. Но јас можам да си замислам и да се обидам да се ставам на нивно место користејќи ја имагинацијата. Затоа тие се духови. Но овие ликови ми овозможија да се задлабочам во размислување и да ги поттикнам и да ги повикам моите читатели да поставуваат прашања за тоа кој сè успеал да ја раскаже својата приказна, а кому тоа право му било одземено.

Еднаквата важност што им ја даваш на судбината на луѓето, животните, растенијата и природните појави дејствува и како шлаканица за освестување на човекот, во време на борба за забавување на климатските промени што самите ги предизвикавме. Како порака дека ќе го осетиме гневот на природата и дека кога-тогаш таа ќе го возврати ударот…

Сметам дека тоа не е пораката што се обидувам да ја пренесам со книгата. Всушност, се обидувам да доловам дека сите оние кои се сведоци на одреден настан ќе го запаметат различно, ќе го доживеат различно, ќе го опишат различно, ќе почувствуваат различни работи. Ако покрај луѓето ги вклучиме и другите живи суштества и елементи, ќе имаме уште поразлични перспективи и чувства. Се обидувам да го објаснам светот што нè опкружува од најразлични перспективи и гледишта со цел да истакнам дека не постои еден единствен начин за разбирање на нештата, за чувствување и размислување, туку многу различни начини.

Поезијата како книжевен род е многу поблиска до природата од прозата. Како поетеса, интересни се твоите обиди низ ликот на Хилари, од чија поезија и произлегува насловот на романот, да изнедриш една, би рекла, рудиментарна поезија, поезија на планинскиот човек кој е речиси едно со планината и со природата. Но сепак, таа поезија ја врамуваш во проза. Зошто проза, зошто приказна, а не чиста лирика за човекот и природата?

Не би се согласила дека поезијата е поблиска до природата од прозата. Исто така, морам да нагласам дека ми беше многу интересно, возбудливо, дури и забавно да пишувам од перспектива на Хилари и да ги напишам неговите песни. Имам чувство дека тоа воопшто не се мои песни, туку негови. Јас никогаш не би ги напишала тие песни. Неговата замисла за поезијата воопшто не е моја. Преку него јас повторно се обидувам да раскажам гледиште кое не е мое гледиште на светот, исто како што правам и со сите други ликови. Додека ја пишував книгата размислував многу за јазикот, за различните начини на кои се искажуваат работите и затоа мошне природно ми дојде идејата во книгата да има и поезија и цртежи и цела глава напишана на друг јазик (во оригиналот на каталонски, една цела глава е напишана на шпански). Сите овие работи се разни начини на кои се кажува истата работа. Поезијата е уште еден начин на кој се обидуваме да го објасниме светот, чувствата, пејзажите или идеите. Истото важи и за цртежите, затоа што секоја размена на мислења и комуникација не мора да се одвива преку говорот, многу информации може да се споделат преку визуелни средства. А слично е и со разните јазици, кои имаат различни граматички структури, различен изговор, различни зборови, звуци кои ни служат да ги објасниме истите работи, истиот свет. Книгата е напишана во проза затоа што тоа го бараше самата содржина. Не одлучуваме самите дали ќе напишеме роман или стихозбирка, туку нашите намери, нашите замисли на крајот сосем природно си добиваат свој облик, а за оваа книга тоа беше прозата.

Едно од нештата кои најмногу воодушевуваат е вткајувањето на светот на фолклорот и верувањата во реалниот свет. Можеби би претерала ако би рекла како кај Маркез, затоа што неговата проза има (и) сосема други димензии, меѓутоа атмосферата на моменти е таа. Човек, природа, судбини, ситни радости, крупна деструкција и натприродното како нешто најприродно. Каков е твојот однос кон народните верувања, митовите, легендите?

Многу ме интересираат народните приказни, митовите и легендите. Уште од мала ме интересираат приказните. Од една страна, многу ги сакам приказните и сакам да ми раскажуваат приказни, особено приказни од разни краеви. Од друга страна, сметам дека фолклорот, усните преданија, митовите, легендите, песните носат во себе ДНК во која е запишано кои сме и кои сме биле како група, како општество, во која е запишан начинот на кој нашите предци го гледале светот, начинот на кој си го замислувале и се обидувале да си го објаснат. Преку митовите и легендите оваа ДНК преживеала и ние сме ја наследиле како вреќа со камења во која се наоѓаат нашите мани и доблести. Сметам дека е мошне интересно да се разгледуваат митовите и легендите, особено кога човек се занимава со раскажување и пишување како мене, затоа што на тој начин можеме да се обидеме да откриеме кои сме и да се обидеме да си ја објасниме сегашноста, бидејќи сметам дека се нераскинливо поврзани.

Се сметаш ли себеси за човек тесно поврзан со природата? И од каде повеќе црпеше инспирација додека го пишуваше романот – од природата или од приказните на луѓето?

Не сметам дека сум поповрзана со природата од обичниот човек. Јас сум мошне љубопитна личност, сакам да размислувам, да поставувам прашања, да читам, да патувам низ светот, да патувам на далечни места, но и во мојата близина, да откријам што сè ме опкружува. Не би рекла дека во мојата книга природата има поголема важност или значење од луѓето. Тоа е приказна што обрнува еднакво внимание на сите што учествуваат во неа. Исто така, би сакала да додадам дека книгата ја пишував додека престојував во Лондон, а не од некое романтично место. Далеку од тоа. Додека ја пишував се наоѓав среде Лондон. Сметам дека тоа е модерна приказна во која се проткаени многу критички и феминистички размисли. Ми беше мошне интересно да размислувам за концептот природа, па дури и да го разнишам неговото значење. Чудно е како ние луѓето понекогаш идеализираме нешто што го сметаме за природа, си создаваме своја слика за него, која не е реална.

Во еден разговор на Јутуб слушнав дека се подготвувало театарска претстава според „Пеам јас и планината танцува“. Се заокружи ли тој проект? Каде, во кој театар? Како изгледаше? Како ја доживеа ти претставата и дали си задоволна од тоа што го виде?

Да, минатата година беше поставена театарска претстава во прекрасниот театар „Ла библиотека де Каталуња“ во Барселона. „Ла перла“ е театарската компанија што ја реализираше оваа идеја. По два месеца прикажување на претставата во театарот во Барселона, екипата отиде на турнеја низ цела Каталонија. Бидејќи наиде на одличен прием, постигна голем успех и освои многу награди, ќе се прикажува уште два месеца во Барселона. Мислам дека претставата е одлично сработена и дека се чувствува дека на сите вклучени им се допаднала книгата и уживале во неа.

Наташа Атанасова

...

Што мислиш ти?