Интервјувца

„Барокна подморница“ е изложба за неотсонуваните сништа кои ги чекаат своите сонувачи

Утревечер (24.12.2024 г.) во 19 часот, во ликовниот салон на МАНУ ќе биде отворена изложбата со наслов „Барокна подморница“. Автори на изложбата се Влада Урошевиќ и Марко Трпески. Најстариот надреалист во Македонија и младиот графички дизајнер кој твори во духот на надреализмот, ги спојуваат своите сензибилитети во дигитални колажи, како своевиден омаж на стогодишнината од постоењето на сонувачкиот уметнички правец.

Како најава на изложбата, направивме „2 во 1“ интервјувце, со по две прашања за двајцата.

Професоре, годинава, кога светот слави сто години надреализам, ја почнавте со заедничката книга „Птици во аквариум“ со професорката Лидија Капушевска-Дракулевска, а ја заокружувате со заедничката изложба „Барокна подморница“ со Марко Трпески. Има ли за Вас нешто посебно во ова заедништво во славењето на јубилејот?

В.У.: Да, годинава се навршија сто години откако, на 17 октомври 1924 година, Андре Бретон го доби првиот отпечатен примерок на книгата „Манифест на надреализмот“, штотуку пристигнат од печатница. И од тој миг надреализмот не престанува да ја поттикнува имагинацијата на безброј творци од повеќе области на уметноста. Не станува збор, очигледно, само за едно уметничко движење, какви што имало, во тие години, многу. Не е во прашање само нов начин на пишување поезија или на сликање слики – надреализмот повикуваше на поинакви, многу подлабоки преобразби. Во каталогот на големата изложба која годинава е отворена во парискиот Бобур, и која има интенција да даде преглед на сите тие години на постоењето на надреализмот, авторите на изложбата го зеле како мото искажувањето на Бретон од 1935 година: „Да се трансформира светот, кажал Маркс. Да се промени животот, кажал Рембо. Овие две барања за нас претставуваат една иста заповед“. Таа решителност да се оди докрај, да се бара невозможното, да се изедначат реалноста и сонот, ја претставува суштината на магнетната привлечност која за многумина поети и сликари ширум светот го содржи зборот „надреализам“. Оттаму доаѓа и одушевувањето на оние кои ќе го прифатат овој повик, но, исто така, и бесот на оние кои во тој повик ќе ја насетат опасноста што ѝ се заканува на непроменливоста на светот што решиле да го бранат. И покрај тоа што веќе одамна влезе во музеи, надреализмот не се успокои во музејскиот мир, туку и натаму ги повикува немирните духови да ја продолжат неговата авантура. Доказ за неговата извонредно значајна улога што ја има одиграно во формирањето на повеќе генерации, дојдени по неговата прва објава од пред сто години, се одбележувањата на годишнината на движењето – многубројните изложби, студии, симпозиуми, предавања – што во текот на оваа година ги имаше ширум светот. Кај нас Лидија Капушевска Дракулевска и јас ја објавивме книгата „Птици во аквариум – сто години надреализам“, а еве, сега, Марко Трпески и јас ја поставуваме изложбата „Барокна подморница“ која, на извесен начин, му прави омаж на надреализмот. Заедништвото во работата врз некои дела беше една од одликите на надреалистичкиот настап, а за мене е, исто така, доказ дека ова движење не е само моја опсесија, туку дека сѐ уште ја поседува моќта да ги поттикнува слободните духови да ја изразат својата жед по бескрајот.

Во овие 100 надреалистички години, барем 70 од вашиот (творечки) живот се испреплетени со неговиот шарм. Зошто до ден-денес надреализмот Ви е инспирација, како што покажува и изложбата што ја подготвувате?

В.У.: Кога имав 16-17 години (станува збор за втората половина не четириесттите и првата половина од педесеттите години) бев најчесто незадоволен со она што ми паѓаше под рака како лектира. Особено во поезијата. Чувствував дека тоа не е тоа што јас би сакал да го изразам. Навистина, во тие години, она што можеше да се прочита – и како тековна продукција и како четиво што се нудеше во излозите на книжарниците – беше многу сиромашно. Сивотијата владееше не само во облеката што ја носевме, туку и во духовната храна до која можевме да дојдеме. И тогаш, во тие години на сиромаштија и на идеолошка стега, се појави однекаде тој таинствен збор – „надреализам“. За ова движење тогаш се зборуваше само во негатива смисла, како за одраз на „гнилиот капитализам“ и на „декадентната буржоаска култура“, но јас насетив, од неколкуте цитати кои се наведуваа како негативни примери, дека зад тој збор лежат тајни што ветуваат големи откритија. Со голем труд и многу напори дојдов до првите надреалистички текстови. И сфатив дека во тој забранет предел се крева едно „дрво на сознанието“ на кое има плодови за кои сонував. Постепено ги збогатував моите сознанија за ова движење и, колку што повеќе напредував во запознавањето со неговите остварувања, толку повеќе ме привлекуваше. Денес, кога ги гледам и ликовните и поетските дела на надреалистите, сфаќам дека тогаш, во тие мои младешки години, не сум се излажал – моите насетувања ме воделе кон вистинската цел.

Марко, надреалистичкиот поглед на светот е карактеристичен и за твоите дела, особено за колажите. Како дојдовте до идејата со проф. Урошевиќ за оваа заедничка изложба?

М.Т.: Покрај надреализмот како некаква заедничка припадност, неблагодарно би било да не го споменам Владимир Јанковски, оној кому исто така треба да му благодариме за оваа изложба, бидејќи тој е човекот кој нè поврза мене и акад. Урошевиќ. Идејата за изложбата природно се наметна во текот на процесот, кој започна со создавањето на делата за циклусот на акад. Урошевиќ. Јас како изненадување го создавав и циклусот кој му е посветен нему, една моја слободна асоцијација и илустрација на сите наши разговори, тоа што го собрав како информација за неговите доживувања, до илустрации за некои негови стихови или книги и срамежливо чекав момент да му ги покажам делата и да го чујам неговото мислење, во меѓувреме „Метафора – жито, какол и парчиња стакло“ веќе беше комплетирана и со оглед на заемното задоволство од создаденото, јубилеите а и материјалот со кој располагавме, акад. Урошевиќ предложи да направиме една заедничка изложба. И еве сме на ден пред отворањето на портите на нашата подморница.

Какво искуство беше за тебе целиот процес на подготовка на колажите и на изложбата – и во уметнички, и во технички поглед? А какво искуство би сакал да биде за посетителите?

Во секој поглед надреалистично, од моментот кога пред речиси две години со акад. Урошевиќ се договоривме да работиме „нешто“ заедно, низ фазите на грижливо прибирање на материјалите, на обмислување и отелотворување на колажите, па сè до моментот кога тоа „нешто“ се претвори во заедничка изложба која брои речиси 70 дела. Сомнабулноста која со себе ја носи надреализмот ми дозволи да им се препуштам на римите на создавањето ослободен и да го минувам процесот низ две призми, едната во прво лице, при што целосно со сиот свој капацитет бев посветен на создавањето, другата од трето лице, при што можев да го набљудувам целиот процес од страна, да уживам во сите мали, навидум, „случајности“ и да бидам горд што имам можност да бидам дел од вакво нешто и да го набљудувам и акад. Урошевиќ со колкав жар и ентузијазам му пристапува на целиот процес. Но, слободата сама по себе ни наметна и голема одговорност да исковаме клучеви за занданите во кои зачмаени и неми и неотсонувани стојат сништата и ги чекаат своите сонувачи… Тука е и мојата насока за посетителите: секој да си го најде својот клуч.

 

Наташа Атанасова

...

Leave a comment