CultureMatters

Наталија Лукомска: Илустрирањето ми е сонот што го живеам

Изминативе неколку години македонската книжевност за деца доживува вистински процут. Тоа се должи, во голема мера, на изнедрувањето на одлични домашни автори за деца – и писатели, и илустратори. Една од екипата илустратори со свој голем личен придонес во овој процут, кој временски се поклопува и со периодот на нејзиното илустрирање, е Наталија Лукомска, Полјачка која веќе подолго време живее тука.

Секоја од сликовниците што ги има илустрирано е посебна на свој начин, претставува свој засебен свет, со своја атмосфера, карактер и емоции… А, сепак, како и кај секој голем уметник – секоја е толку впечатливо и препознатливо нејзина.

Со Наталија Лукомска разговаравме за илустрацијата, а со тоа и за инспирацијата, интуицијата, интерпретацијата, емоцијата и многу други -ции 😊.

Наталија, ако не се лажам, првата сликовница што ја имаш илустрирано е во 2019 година. Што ти беше пресудно за да се охрабриш и да скокнеш во илустраторството за деца?

Од кога памтам сум цртала, но во еден момент прекинав, веројатно поради други интереси што ме привлекле во меѓувреме. Дури пред околу 10 години, кога имав веќе изградена кариера во образованието и науката, како и стабилна работа, почувствував дека сакам да му се навратам на цртањето, дека тоа е нешто во што уживам потполно. Веројатно тоа се совпаднало со некое чувство на истрошеност, со желбата да направам нешто ново, поинакво од тоа што сум го правела досега, нешто креативно и што ќе ми дава задоволство. Почнав повторно да цртам, па решив и да се надградам со неколку современи алатки и така, во еден момент, се појави и шанса да илустрирам книга. Пресреќна бев и до ден-денес таа книга, „Сонувалко“ од Сања Михајловиќ-Костадиновска, ми е една од омилените книги што сум ги нацртала и ми е како исполнет убав сон.

Како ти тече процесот на илустрација од идеја до реализација? И во тој процес, кој ти е поголема инспирација – детето во тебе или децата околу тебе?

Процесот е доста сложен, но веројатно тежок за објаснување бидејќи кај мене цртањето секогаш е прилично интуитивен и внатрешен процес. Тоа значи дека нема да нацртам ништо ако барем едно мало делче од текстот, некоја сцена или детаљ, понекогаш само еден збор, не се одрази во мене со некоја посилна емоција. Тој импулс предизвикува желба да го разработам мотивот, да му дадам боја, црта и димензија и обично во ваква идеална ситуација доста брзо ја имам сликата во мислите. Се трудам на маргините на текстот да си правам белешки, да ги зачувам идеите на хартија за да не ми избегаат. Но многу често е и така дека уште при првото читање, штом ќе го почувствувам тоа нешто, веднаш седнувам да цртам, иако сѐ уште не знам што ќе следува понатаму во текстот и како ќе заврши приказната. Најчесто си правам само брза скица колку да ги разместам мотивите на форматот – таа е грда и никаква и не би ја покажала никому. Секогаш со авторот ја споделувам конечната варијанта од реализираниот цртеж, со мал простор за преработка доколку авторот има интересни идеи. Во однос на инспирацијата – таа пред сѐ доаѓа од мојот сензибилитет и интензитетот со кој го перципирам светот. Мислам дека не наоѓам дете во мене – повеќе сакам да мислам дека тоа сум јас тука и сега, изградена како личност што постојано бара нови начини на изразување на длабоките и важни нешта, независно кој ќе биде примачот на тие идеи завиткани во црти и бои. Не цртам за никого. Медитирам.

Кога сме кај процесот, колкава „контрола“ сакаш да имаш врз настанувањето на книгите – дали ги изработуваш илустрациите, ги предаваш и тука завршува твојата работа или до крај го следиш во чекор подготвувањето и печатењето на книгата?

Секој творец веројатно сака да има контрола врз тоа што се случува со неговото дело понатаму, да го следи издавачкиот процес до крај, но тоа не е секогаш можно. Најчесто инсистирам да ја видам финалната подготовка пред книгата да оди во печат. Пред сѐ, да не се појават некои грешки што незабележани навреме ќе ги видиме во готовата книга. А грешките се случуваат и најмногу болат кога нема веќе шанса да се поправат.

Сликовници илустрирани од Наталија Лукомска

За овие неколку години списокот на книги што ги имаш целосно илустрирано е прилично долг. А широк е и списокот на автори и издавачки куќи со кои имаш соработувано. Колку оваа разновидност ти помогна да се изградиш како илустраторка?

Научив многу и постојано учам. Пред сѐ, благодарна сум што имав прилика да работам на одлични текстови од извонредни македонски автори. Многу ми значат нивната доверба и желбата да ми ги предадат своите мисли и зборови за да ги илустрирам и да ја дополнам нивната приказна со својата нишка. Всушност, за мене како илустратор тоа е голема награда. Затоа ретко одбивам понуди за соработка. Разновидноста на делата што сум ги илустрирала досега ме научи дека со секој нов предизвик се надградувам, учам, се барам себеси и го истражувам својот израз; дека тоа е мојата пасија, но и – морам да бидам искрена – тежок труд, интензивна работа што иако е сонот што го живеам, бара од мене дисциплина, часови поминати со пенкалото во рака, секојдневно внимание и трпение.

Иако се етаблираше како една од водечките илустратори на сликовници кај нас, имаш издизајнирано и многу корици на книги. Што ти е најважно во однос на дизајнот на една корица?

Се водам, всушност, по исти принципи како при илустрирањето книги, преминувам од емоција до мотив и го разгранувам, му давам своја интерпретација. Тука задачата е малку потешка бидејќи со само една илустрација или графичко решение морам да ја доловам суштината на делото. Тука треба да се земаат предвид и типографските решенија, како и целокупниот изглед на една едиција зададен од издавачот. Бидејќи сум илустратор, најчесто илустрацијата е водечки елемент во моите дизајни на корици, но забележувам дека сѐ повеќе ме влече кон минималистичкиот графички дизајн и некои едиции што се замислени како такви за мене претставуваат интересен предизвик.

Илустрации на Наталија Лукомска

Годиниве имаш добиено повеќе награди – од Македонската асоцијација на издавачи, од „Арс ламина“, од фестивалот „Литера“. А неодамна го доби и Крстот за заслуги, кој е државно признание на Република Полска за особен придонес во промоцијата на полската литература во Македонија. Што претставуваат за тебе признанијата и наградите?

Пред сѐ, тие претставуваат едно внимание од страна на јавноста и даваат добар фидбек дека тоа што го правам допира до другите. Сметам дека за еден уметник секаква реакција предизвикана од неговата уметност е особено важна, независно дали се работи за дискусија, критика или награда. Кога предизвикува емоција, поттикнува размислување и разговор, тогаш живее, станува медиум.

За мене лично наградите се секогаш признание за целиот труд што го вложувам во сите мои активности на секакви полиња. Секако не работам за тоа, но мило ми е што мојата посветеност не поминува незабележана. Но, исто така, не треба да заборавиме дека наградите често имаат и еден мерлив ефект, не помалку важен, т.е. со нив се зголемува нашата видливост во сферата во којашто работиме, а таа отвора шанси за повеќе ангажмани, понуди за соработка, што во сферата на илустрација е многу важно.

За крај, кои ти се омилени современи илустратор(к)и?

Тешко ми е да одберам, затоа што главно им се восхитувам на многу автори што ги следам и ги познавам преку нивните цртежи. Пред сѐ, поради тоа што уметноста убаво ни докажува колку е човекот неизмерно креативен и како сите различно го гледаме светот. Но, да не останам должна на крајот, ќе набројам неколку полски илустратори што ми оставиле голем впечаток и влијаат врз моето естетско чувство, предизвикуваат восхит и бесконечно ме инспирираат, а тоа се: Јоана Консехо, Гоша Херба, Емилија Ѓубак, Ана Рудак, Маќеј Шиманович и Гражина Ригал.

Наташа Атанасова

...

Што мислиш ти?