Книги

Хроника за една запоставена уметност

Месецов* во издание на Стрип центар на Македонија – Велес излезе од печат книгата „1990-1999: Визуелна хроника на македонскиот стрип“ на авторот Александар Стеванов

Постојат ликовни уметници кои живеат од својата уметност, има писатели што заработуваат за живот од своето пишување и филмаџии, режисери, актери и низа други културни работници и уметници кои можат да егзистираат од својата уметност. Но кога станува збор за стрипот – во Македонија никој уште не успеал да живее само од него. Да се занимаваш со стрип кај нас значи да бидеш голем ентузијаст и, уште повеќе, да бидеш способен да изнаоѓаш начини тој свој ентузијазам континуирано да го храниш за да не ти згасне под напливот на сеопштата демотивација.

На социјалните мрежи минатата недела се појавија реакции за медиумското неинтересирање за едно новоиздадено дело од областа на историографијата на стрипот. И со право! Просторот што деветтата уметност го зазема во македонскиот печат отсекогаш бил мал, а како што минува времето, иако медиумскиот простор се шири (особено во дигиталната сфера), во него за стрипот може да се сретне одвај понешто.

Но, ова беше доволен предизвик за мене веднаш да се заинтересирам за посочената книга „1990-1999: Визуелна хроника на македонскиот стрип“ и да го контактирам авторот Александар Стеванов. Така, ви ја претставувам книгата, контекстот на нејзиното настанување, како и неодминливото ѕиркање во ставовите за нашата стрип-денешница.

Љубов на прв стрип

Александар Стеванов имал само седум години кога на телевизија видел реклама за списанието „Макстрип“ и на прв поглед се заљубил и во корицата на списанието и во девојката на неа. Кога набргу го купил списанието, бил восхитен од фактот дека Македонци можат да прават толку привлечни и квалитетни стрипови. Ги собирал сите стрип-ревии кои ги купувал во неговото детство како да знаел дека еден ден ќе го прави тоа што го направи денес. Имено, дека ќе срочи целосна хронологија на сè што е поврзано со стрипот, а што е објавено во периодот од 1990 до 1999 година.

Како вистински ентузијаст кој од стрипот нема никаква материјална корист, туку извлекува само уживање и пиетет кон големите мајстори, Стеванов од 2010 година наваму активно ја следи македонската стрип-сцена, испраќа дописи за домашните стрип-случувања до медиумите, пишува написи и прави интервјуа за портали и списанија (домашни и регионални) поврзани со стрипот. А и самиот е стрип-автор и пишува сценарија за стрип, за кои има освоено повеќе домашни и регионални награди.

Иако неговиот говор за стрипот е проткаен со нишка (авто)иронија, поврзана со вечното преживување на деветтата уметност на маргините кај нас, сепак страста, љубовта и љубопитноста за стрипот, кои очигледно никогаш не биле до крај нахранети со македонски стрип-изданија, се причината за создавањето на книгата „1990-1999: Визуелна хроника на македонскиот стрип“.

Потребата да се прибележи еден сегмент од македонската уметност и творештво кај Стеванов се родила затоа што, реално, освен Томислав Османли во книгата „Стрип, запис со човечки лик“, никој друг се нема занимавано со македонското стриповско минато.

Поради тоа што за стрип-уметноста во Македонија ретко се говори, постојат возрасни луѓе кои се предубедени дека македонски стрип воопшто и не постои, вели Стеванов на почетокот на својата книга, која решил да ја напише и самиот да ја издизајнира по урнекот на странски стрип-хроники, воден од пркосот да докаже дека „во Македонија има стрип“.

И би стрип-хроника

Со планска работа на истражување, прибележување информации, класифицирање и архивирање со цел нивно збирање во една книга, Стеванов почнал при крајот на 2014 година. Целиот труд го замислил како стрип-хроника на нашата понова историја (во периодот од 1990 година до денес), но планот паднал во вода кога сфатил дека нешто толку гигантско (над 300 страници во боја, во А4 формат) во светот на македонското стрип-издаваштво, се граничи со невозможното. Го сменил планот, па така сега в раце имаме една третина од тој труд, односно книгата што е хроника на стрип-периодот од 1990 до 1999 година.

Книгата почнува со топлиот вовед во кој Стеванов со восхит се навраќа на стрип-ревиите што со своите волшебни цртежи го вовлекле во светот на стрипот додека бил дете, истакнувајќи дека им ја посветува на „македонските стрип-автори од деведесеттите години кои, и покрај неповолните услови за стрип-творештво, посветиле дел од своите животи за одржувањето на оваа уметност на македонско тло, на тој начин задолжувајќи нè“.

Понатаму, следува хронолошко претставување, година по година, на сите изданија поврзани со стрипот излезени од печат во последната деценија од 20. век. Тука се детални информации за застапените македонски стрипови во стрип-ревиите „Макстрип“, „Стрип експрес“, „Клик!“, „Лифт“, „Илустриран забавник“, „Стрипотека“, К-15 авантури“, „Стрип арт“, и „Тотем“, за доајените на македонскиот стрип (Љупчо Филипов, Миле Топуз, Диме Иванов-Димано…), за преводните стрипови…

Книгата е исполнета и со коментари на авторот за движењата на македонската стрип-сцена и со директни изјави и мислења на чинителите на таа сцена по повод одредена ревија или одреден стрип (Давор Драмиќанин, Томислав Османли, Душко Кралевски, Игор Јовчевски, Ванчо Полазаревски, Ване Трајков, Ѕвездан Георгиевски, Александар Сотировски, Никола Гелевски, Александар Поповски, Петар Лазаревски, Горан Крстевски, Иван Пешев, Александар Станковски…).

Страниците се исполнети со цитати кои се преземени од написи (уредно наведени во фусноти на крајот од книгата), заради автентичност, меѓутоа и за да се испочитува туѓиот труд (на луѓето кои пишувале за стрип и го промовирале). Не сакав книгата да биде само мое видување на нештата, туку и да биде прошарана со погледи на други стрип-чинители, без оглед дали јас се согласувам со нив или не. Предуслов за изборот беше цитатот да е кажан во дадената година и/или да се однесува на одредено издание од таа година, вели Стеванов.

Особено интересни се и фактите поставени во долниот дел на секоја страница, кои се однесуваат на вистинскиот свет, во кои, на пример, ќе прочитаме дека во истиот период кога во Македонија за првпат излегува стрипот „Лабрис“ на Никола Гелевски (Пандалф Вулкански) и Александар Станковски, во Обединетото Кралство е испратена првата СМС во историјата на човештвото, со содржина „Среќен Божиќ“.

Патот до хрониката – поплочен со архиви на пријатели

За Александар Стеванов, колекционерството на стрипови е само странична дејност. Денес, стриповите генерално ги купува за да им даде поддршка на нивните автори, иако ги чува сите стрип-изданија што ги има купено до денес. Истакнува дека ги има поголем дел од изданијата објавени во периодот од 1990-1999 година, застапени во неговата книга, но дека му недостигаат броевите од „Стрипотека“ и од „Стрип експрес“. Сепак, потенцира Стеванов: Жалното не е дека јас ги немам сите, туку дека сите спомнати домашни стрип-ревии ги нема ни во македонските библиотеки.

За да може да ги прикаже во книгата, до изданијата од овој период успевал да дојде преку директна комуникација со стрип-чинителите од тој период, преку написите за стрип на Ване Трајков и книгата „Стрип, запис со човечки лик“ на Томислав Османли. Секако, тука се и честите посети на препродавачите на стари книги, архивите на Стрип центар на Македонија – Велес, како и приватните архиви, првенствено онаа на мојот пријател Дарко Богданов, вели Стеванов.

Трнлив бил и патот за пронаоѓање средства за објавување на книгата. Како што истакнува Стеванов, тропнал на многу врати и се обидел да најде различни начини на финансирање, но тоа не се случило. Сепак, Министерството за култура успеало годинава да види во нејзиното издавање национален интерес и одобрило средства за публикување. Иако скромни, средствата успеале да ѝ помогнат на книгата да види бел ден и Стеванов се надева дека на истиот начин ќе биде поддржано и објавувањето на следните два тома на хрониката (кои треба да го следат патот на стрипот од 2000 година до денес).

Три чекори напред, два назад

Ване Трајков, извршен директор на Стрип центар на Македонија – Велес, кој е издавач, уредник, преведувач, сценарист, цртач, едукатор и еден од најголемите афирматори на стрип-културата кај нас, а воедно и уредник на книгата на Стеванов, вели дека во малиот број наслови на книги од областа на деветтата уметност во Македонија, оваа книга е несекојдневна појава. Таа има уште поголемо значење за љубителите на стрипот, еден ендемски уметнички род кој се врати од мртвите во средината на деведесеттите години од минатиот век и, еве, продолжува да го живее својот нов почеток. Да издадеш таква книга со толку многу фактографски и визуелни податоци на денешниот комерцијален пазар, а притоа да знаеш дека немаш материјален повраток, мора да е дело на големи ентузијасти, почнувајќи од авторот и завршувајќи со луѓето во издавачката куќа, вели Трајков.

И Стеванов, навраќајќи се на настан кој се случил пред два месеци на стрип-колонијата во Велес, кога се запознал со словенечкиот стрип-автор и познавач на стрипот, Изток Ситар, при што за книгата добил коментар од него „Не знаев дека во деведесеттите години на минатиот век во Македонија имало толку многу стрип-изданија“, на иста линија со повеќето коментари што стигнале до него, вели: Тоа е доказ дека малку го знаеме домашното стриповско минато и ја потврдува потребата од една ваква книга.

Во врска со состојбата на македонскиот стрип денес и неговите изгледи за напредок, очигледно е дека моменталната ситуација не дава основи за оптимистички поглед кон иднината. Денес постојат две периодични списанија („Стрип Креатор“ и „Деветка“) и едно повремено („Лифт“), како и исто толку стрип-издавачи каде авторите можат да ги понудат своите авторски стрипови, да ги искажат своите погледи на светот, природата, општеството… Но, сето тоа е недоволно од точка на авторски хонорар и на куповна моќ на читателите за да може да се зборува за подолгорочен континуитет и продукција, дециден е Ване Трајков.

На прашањето има ли надеж за македонскиот стрип, Стеванов, во својот шегобиен стил, истакнува: Ако во текот на минатиот век е објавен само еден луксузен стрип-албум на македонски автор (спомнат е во книгата), денес (а и во последните 4-5 години) на секои два-три месеци се појавува по еден нов стрип-албум на домашен автор. Така што, идентично како и македонското оро – три чекори напред, два назад – македонскиот стрип назадува од еден аспект, за да напредне во друг, и обратно. А, тоа е интересно за следење. Дали има надеж за македонскиот стрип? Искрено, се надевам. Но и да нема надеж, доброто е што мал е бројот на оние кои во една таква ситуација би пролеале по некоја солза.

За сите што ги заинтригира ова несекојдневно издание во нашата културна средина, книгата „1990-1999: Визуелна хроника на македонскиот стрип“ е достапна во стрип-книжарницата „Бункер“ во Скопје, а авторот се надева дека наскоро ќе стане достапна и во неговиот роден град Штип. На сите на кои овие две опции за набавка им изгледаат комплицирани, можат директно да го контактираат авторот.

 

* Текстот беше објавен на magazin.antoris.mk во октомври 2019 година.

Наташа Атанасова

...

Што мислиш ти?