Книги

Георги Бaрдаров: Војната на Блискиот Исток е општо колективно лудило

„Војната секогаш се враќа, порано или подоцна, но секогаш!“ е мотото на романот „Absolvo te“ на бугарскиот писател Георги Бардаров. Бардаров е географ и историчар, а овој негов роман кој неодамна го издаде на македонски во издавачката куќа „Полица“ деновиве станува особено актуелен, поради тоа што се занимава со палестинско-израелскиот конфликт, најдолгиот конфликт во современата историја.

Приказната и зборовите од „Absolvo te“ одѕвонуваат тегобно по враќањето на безумието, ескалациите на конфликтот и првото објавување војна од страна на Израел од неговото започнување во 1948 година. Сликите од воениот хорор на сите ни отвораат нови и нови прашања. Дел од моите прашања решив да му ги поставам на Бардаров.

Како ги доживувате ескалациите во Палестина лично, како човек, а како како професор по Етно-религиски конфликти?

И како човек и како писател, ги доживувам многу болно, затоа што обични луѓе умираат и страдаат на двете страни од барикадите. Како специјалист за етно-религиски конфликти, вчудовиден сум што луѓето во Европа како денес да дознаваат за овој конфликт, иако има повеќе од 70 години секојдневно насилство и колку и да сум оптимист, мислам дека ова насилство ќе продолжи уште многу долго.

Помисли како сè се повторува во историјата на човечкиот род. Едно те исто, откако постои светот. Господари и робови. Газди и слуги. А, всушност, сосема се еднакви, со исти надежи, стравови и грешни мисли.
(Absolvo te, стр. 65)

Вие токму ова и го покажувате низ Вашиот роман, каде што ги спојувате судбините на Евреинот Макс, кој го преживеал холокаустот и се чуди гледајќи ги насилствата во Израелската држава и Палестинецот Набил, за кого Евреите се узурпатори кои го измислиле холокаустот за да им ја земат земјата. Ако помниме за да не ги повторуваме грешките, а војните се повторуваат одново и одново, која е смислата на историјата?
Апсолутно сите грешки што ги имаме направено како човештво низ историјата ги повторуваме одново и одново. Една брилијантна мисла вели дека само најмудрите и најглупавите никогаш не се менуваат, а хомо сапиенсот очигледно не спаѓа во ниту една од овие категории.

Во целата историја на човештвото имало само триста сосема мирни години. Секогаш некаде се водела војна.
(Absolvo te, стр. 70)

Овој факт изнесен во романот ме фрапираше. Колку поразително! Како да веруваме во цивилизациски напредок и мир откога ќе го прочитаме ова?
Честопати во врска со ова ме прашуваат каде е тогаш надежта. Мораме да престанеме да го величаме или да го смалуваме човекот – тој е тоа што е, со сите негови јаки и слаби страни. Мораме да научиме да се прифатиме такви какви што сме! Целата историја на човештвото е борба на доброто и злото и фактот дека злото сè уште нема целосно победено е таа надеж. Никогаш нема да има бескраен мир или среќа, секогаш ќе има борба на злото и доброто.

Веќе две години се војува и во Украина, на европскиот континент, кој гордо ја носи титулата на предводник на цивилизацискиот развој во светот. Сметате ли дека интелектуалците имаат морална одговорност да заземат страна?
Војната е неваријабилен дел од секое општество, без разлика колку и да е цивилизирано или развиено. Интелектуалецот мора да има став, тоа е неговата општествена улога и неопходно мора да биде против сите форми на насилство.

Миљенко Јерговиќ во еден негов есеј пишува за навивањето во војната на Блискиот Исток како колективна душевна болест. Како Ви се чини Вам тоа?
Миљенко Јерговиќ е писател на кој му се восхитувам. Апсолутно се согласувам со него, а дури би отишол и подалеку: војната на Блискиот Исток општо земено е колективно лудило! Две нации кои веруваат и знаат дека имаат заеднички предок Авраам/Ибрахим, чиста форма на братоубиствен конфликт.

Сите војни на крај завршуваат на маса, со дијалог и компромис. Мислите ли дека тоа може да се случи и со израелско-палестинскиот конфликт, каде што сè уште и двете страни ја отфрлаат можноста за преговори?
Да, ќе се случи сега, за месец, за пет месеци, за година, а по некое време војната пак ќе избувне. Тоа е маѓепсан круг.

„Страшно е да се сеќаваш, а уште пострашно е да не се сеќаваш“, стои во една од најмоќните книги против војната, „Војната нема женско лице“, на Светлана Алексиевич. За жал или за среќа, сите ние добро се сеќаваме на братоубиствените војни на Балканот, од памтивек до пред само некое време. И тие сеќавања се разгоруваат со секој и најмал билатерален или мултилатерален спор, а таквите ги има постојано. Постои ли начин да се заштитиме од нови војни?
Таа е одлична писателка. Единствениот начин да се држиме понастрана е да не потпаѓаме под манипулации. Но апсолутниот мир е невозможен, ако нешто е сигурно тогаш тоа е војната и ќе има војни сè дури има луѓе на планетава.

Верувам дека онака како што јас посакав да направам интервју со Вас по последните вести од Газа, дека и на други страни се зголемува интересот за Вашиот роман. Дали ова Ви доаѓа како горка радост или чувствувате горди што имате можност да дадете свој придонес во борбата против војните?
Чувствувам само тага, ништо друго. Можам да го направам ова, можам да зборувам, можам да пишувам, можам да ги учам студентите и ќе го правам тоа додека дишам затоа што силно верувам во моите каузи и работам за нив.

Јас би го препорачала „Absolvo te“ на сите што се заинтересирани за темата на војната, како одлично напишана приказна со силна и актуелна порака што треба да се шири и шири. Кои дела на оваа тема би ги препорачале Вие?
Ви благодарам многу. Виктор Франкл – „Човековата потрага по смисла“. Многу книги би препорачал, ама оваа секогаш ќе биде прва.

Наташа Атанасова

...

Што мислиш ти?