Муабетења

Филип Грујиќ: Искреноста не е најдобрата работа на светот

Филип Грујиќ е млад автор од Србија, кој деновиве доаѓа на Меѓународниот фестивал на прозата во Куманово. За мене, прекрасно изненадување и повод да направам интервју со него, откако минатата година се изназборував по пријатели колку ми се допадна неговиот последен роман „И потоа пак, од почеток“.

Ако на нашата книжевна сцена го имаме Иван Шопов со неговата љубов кон фиќото, тогаш Филип Грујиќ е негов пандан на српската сцена, со тоа што главната автомобилска улога во неговата приказна ја има – југото. Минатата година тој ја возеше Америка со југо за потребите на неговиот документарен филм, за што ќе прочитате на крајот на интервјуто. А пред тоа, некои други муабети.

Филип, здраво. Како си? Се подготвуваш ли за гостувањето во Куманово?

Здраво Наташа, ти благодарам за поканата за разговор. На прашањето „како си“ никогаш не знам што да одговорам – не знам ни што е прифатливо да се каже. Претпоставувам дека ни ти не би знаела баш да ми кажеш коа јас тебе би т прашал како си – има тука многу фактори кои го одредуваат тоа, но мислам деак кога би морал сето тоа да го сведам на едно чувство – мислам дека во главата сум на некаде другаде – не сум тука каде што сум. Во главата, не сум во Белград; што е штета. Секогаш сум сакал да бидам во Белград во текот на мај. Сега го немам тоа чувство. Ама да, се ближи гостувањето во Куманово. Драго ми е што доаѓам, досега само го проаѓав, на пат за Скопје.

На македонски се преведени четири твои драми и романот „Потстанар“, за чија промоција имаше гостувано во Скопје. Каков е твојот однос со македонската книжевна сцена?

Македонија ме посвои пред сите, веднаш штом завршив со студиите, кога класата за глума и режија за дипломска претстава ја работеше мојата драма „Таму каде што пеат“. Изнајмија куќа, се фрлаа во базен, нема што не правеа, а потоа кога дипломираа – дојдоа трубачи. Таа ноќ пајак ми ја дигна колата, ама со помош на прекрасните луѓе ми беше вратена – без да платам казна. Потоа ја поставија мојата драма „Вилицата на Ебен Бајерс“ во режија на Борис Василески, а во продукција на „Штрих“. Сјајно ја поставија претставата, со толку срце и паметно читање на текстот што тоа засекогаш ме купи. Многу сакам да доаѓам кај вас – секогаш нешто неочекувано се случува. А што се однесува на македонска сцена, за жал, мислам дека е недоволно преведена кај нас. Се надевам дека тоа ќе се промени.

А како стоиш со книжевната сцена во Србија? И може ли уживањето во настапите и настаните како писател да се спореди со уживањето во самиот процес на пишување?

Мислам дека во пракса ништо од тоа не е уживање – уживањето е пред и потоа, уживањето е во идејата за пишување и во идејата за промовирање, уживањето е во замислувањето како изгледа тоа, а не во самата точка на пишување или зборување за својата работа. Не знам некој што го сака својот живот во моментот на пишување – тоа е неподносливо. Блокади, наизглед непремостиви пречки, точки на пукање. Но возбудата кога ќе се пронајде решение за некоја сцена, за некоја реченица, кога ќе проработи – тоа е навистина непроценливо. А самото промовирање… Ги сакам пијачките по промоцијата и дружењето и запознавањето нови луѓе. Поради тоа сме тука – да споделуваме искуства, да споделуваме приказни.

Твојот последен роман „И потоа пак, од почеток“ се занимава со периодот „на работ на триесеттите“. Дали сметаш дека тој парадоксален спој од потребата за искреност и неможноста за комуникација, кој го има главниот лик, е нешто што е карактеристично за целата генерација миленијалци?

Баш неодамна размислував за тоа – како генерација направивме фетиш од запознавањето на себеси, заборавајќи целосно да ги запознаваме другите луѓе. И таа мантра „сакај се себеси, за да ги сакаш другите“, мислам дека е целосно погрешна. Љубовта секогаш е насочена кон некој друг, па дури тогаш кон себеси, за воопшто да биде љубов. Кога, наместо само да се запознаваме и да се сакаме себеси, ќе почнеме тоа да го правиме и со другите, ќе исчезне и проблемот со неможноста за комуникација – затоа што, освен што ќе зборуваме само за нашите животи, ќе имаме желба да го слушнеме и другиот, затоа што сакаме. Кој не ги сака другите, тој нема желба ни да слуша. А што се однесува до искреноста – со неа само полека и внимателно. Искреноста не е баш најдобрата работа на светот.

Во едно интервју велиш дека не веруваш во оригиналност и автентичност, туку во искуство, во живеење на нештата. Зошто?

Не знам што сум мислел со тоа, со оглед на тоа што неодамна почнав еден текст со реченицата дека многу повеќе работи дознав за Америка во процесот на монтажа и во книгите отколку во текот на самото патување по Америка. Ако некогаш и сум мислел дека стекнувањето искуство е услов за пишување, сега го сметам спротивното – искуството може да се измисли единствено ако постои знаење. Или бескраен талент, ама и тоа е на кратки патеки.

Неодамна, на твојот триесетти роденден, почна со објавување прозни минијатури (цртички, дневни записи…) на стори и објави дека планираш тоа да го правиш следните 365 дена. На крајот на објавата велиш: „сешто се случува, но дали сè е вредно за запишување?“ Од каде потребата за овој проект и што е тоа што ти е вредно за запишување?

Еве ме во моментот на 80-от ден и полека и овој ден завршува, а јас и понатаму немам ни цртичка, ни приказна за денеска. Никогаш не сум водел дневник, веројатно оттука и таа желба сега – да ја запаметам оваа година. Но, тоа има и друг аспект, а тој се однесува на непосредниот контакт со читателите кои можат да следат ден по ден кратки приказни бесплатно, без грижа на совест дека некоја пропуштиле. Ако нешто правиш доволно долго, од него правиш ритуал. А јас ги сакам ритуалите, даваат барем насетување на смислата.

И понатаму немам одговор на прашањето што е вредно за запишување. Некогаш мислам дека е сè, некогаш толку малку нешта. На светот нема баш толку многу теми, само варијации и детали. Па сега, некој ден се фаќаш за детаљ, друг ден не. Така е како што е.

Дали уште знае да ти се случи да седнеш во југо и да се повозиш? 😊

Неодамна возев кога имавме некои доснимувања, но за мене југото секогаш ќе биде поврзано со авантура – никогаш со возење низ град. Југото, по овој филм кој и понатаму е во постпродукција, за мене стана симбол на живот кој не е реален, кој постои само на филм, иако искуствено го проживеав. Ама сега го посматрам повеќе како фикција, отколку како опиплива стварност, што не е лошо. Фикцијата честопати е постварна од стварноста.


Насловна фотографија: Алекса Борковиќ

Наташа Атанасова

...

Leave a comment