Фестивалот на Токарчук (поместува) КНИЖЕВНИ ПЛАНИНИ

Додека го подготвувавме текстов, во Полска, во регионот каде што се одвиваше фестивалот „Книжевни планини“ и каде што живее Олга Токарчук со својот сопруг, беснеат поплави. Таа е отсечена од светот, без струја и патиштата се целосно непристапни, но засега е безбедна. Упатуваме поддршка од Македонија, со надеж за брзо надминување на ситуацијата!
Пишува: Лидија Танушевска, универзитетска професорка и преведувачка
Фестивалот „Книжевни планини“ е настанат по иницијатива на Олга Токарчук во 2015 година. Се одвива секоја година во еден регион од југозападна Полска, на времето рударски, а сега малку запоставен, Клоцката Долина, во која, впрочем, се одвиваат дејствата на многу нејзини романи, како, на пример, во „Терај си го плугот по коските на мртвите“ (преведен на македонски). Целта на фестивалот е културно и граѓанско активирање на жителите на овој регион, промоција на културата и читањето, распространување на еколошките вредности и правата на еднаквост, и промоција на регионот.
Оваа година беше десеттото, јубилејно, издание на фестивалот и веројатно рекордно по бројноста на публиката, бројот на настаните и локациите на одвивање на настаните. Се проценува дека фестивалот, кој се одржа од 4 до 14 јули, го посетиле околу 50.000 гледачи. Имаше над 150 настани, на 22 локации, со 230 гости-учесници.
Концептот на овогодишното издание беше во стилот на Олгиниот есеј „Краината на Метакси“ од збирката есеи „Сензибилниот раскажувач“ (што наскоро се очекува да излезе во превод и кај нас): Метакси е од старогрчкиот јазик и одговара на „помеѓу“, при што Олга Токарчук се обидува да ги означи и дефинира можните пространства помеѓу битовите. „Помеѓу“ е нешто што ги поврзува реалностите на спротивностите и, иако негова главна улога навидум е оживување на измисленото, знае да биде и многу реално, допирливо, конкретно.
Во рамките на фестивалот, освен средби со писатели, има изложби, филмски проекции, концерти, театарски претстави, читање на фрагменти од творештвото на Токарчук од страна на познати полски актери (оваа година фрагментите беа од „Јаковлевите книги“), работилници, семинари, програма за деца, чешката линија во програмата, како погранична земја, и др. И оваа година посебен акцент се стави на војната во Украина, која за Полјаците е горешта тема, бидејќи се многу блиску до неа, како и на бегалската криза на источната граница со Белорусија. Специјален гостин беше полската режисерка Агњешка Холанд и имаше проекција на нејзиниот филм „Зелената граница“.

Fot. Jerzy Wypych/Fundacja Olgi Tokarczuk
Фестивал во фестивал
За првпат оваа година, во рамките на овој голем фестивал, беше сместен и „Фестивалот на преведувачите на Олга Токарчук“ со посебна програма и учество на 34 преведувачи, од Велика Британија, Бразил, Јапонија, Кина, Чешка, Србија, Грузија, Македонија, Финска, Германија, Норвешка, Холандија, Франција, Шпанија, Португалија, Израел, Летонија, Литванија, Грција, Бугарија, Италија, Белорусија, Романија, Словенија и др. Дел од преведувачите учествуваа во програмата за деца: кулинарно-културолошка работилница и раскажување приказни од планините и шумите, а другиот дел во панели: „Јазични мостови“, „Преведувачките Окна“, „Канонот на преведувачот на полска книжевност“, „(Не)проѕирниот преведувач“. Овие настани се случуваа на различни места, во градовите Нова Руда, Клоцко, Једлинка-Здруј, Лудвиковице и Валбжих и имаа публика од 1.500 лица вкупно и гледаност онлајн од 15.000 лица. Јас учествував во последниот панел со колегите од Финска, Германија, Франција и Литванија. Во него стана збор за улогата на преведувачот во промоцијата на полската книжевност и за проблемите во преводот, издавањето, изборот во различни културни средини.

Fot. Jana Karpienko/Fundacja Olgi Tokarczuk
Како што наведува еден локален портал doba.pl kłodzkie, се покажа дека ѕвездите на овој фестивал не се Јоана Батор и Јацек Денел (познати полски писатели), туку токму преведувачите. Посебно за преведувачите беа организирани и неколку предавања, книжевни средби, како настапот (јазично-книжевен-културолошки стендап) на долгогодишниот секретар на Фондацијата на Вислава Шимборска, Михал Рушинек, како и неминовната средба со Олга Токарчук, попладне и вечер, кои таа ги посвети само на затворениот настан со преведувачите, со разговори, советувања, дружење. Нејзината порака до нас, преведувачите, беше: „Да живеат книгите од хартија!“.

Фото: Olga Bagińska-Shinzato
Јавни дискусии за родовата еднаквост
Во Полска е многу гласна дискусијата за родова еднаквост, и тоа, сега, не само во двобинарниот систем, туку сега и надвор од него. Така што, сега веќе се застарени и конзервативни обраќањата со, на пример: „Почитувани преведувачи“, туку секаде се нагласува – преведувачи и преведувачки, а на фестивалот дури се појави и формата „лица што преведуваат“ без нагласување на родот. Тоа беше застапено и во голем дел од програмата, исто како и дискусијата за феминативите.
И, навистина треба да се има голема храброст да се спротивставиш на овие тенденции. Има еден истакнат универзитетски професор, лингвист, кој беше и сѐ уште е многу популарен по своите јавни настапи и остар јазик, кој на ова издание беше гостин кој ја промовираше неговата книга. Се вика Јежи Бралчик и имавме среќа да настапуваме во истиот ден и на истото место, па, бев во можност да ја следам книжевната средба со него. Тој, пак, напротив, рече дека „професорка“ за него секогаш ќе биде професорката во средно, а жената која работи на универзитет секогаш ќе остане „професор“, бидејќи во спротивно се понижува степенот на образование. Тој на некој начин ги исмеваше феминативите, но има еден специфичен хумористичен начин на зборување, што веднаш ја освојува публиката. Една од неговите шеги што ги кажа на оваа сметка беше дека „жена може да стане претседател, но маж никогаш не може да стане претседателка“. Може да се каже дека тој води обратна борба против нееднаквоста.
Во секој случај, интересно е што овие дискусии во врска со јазикот и родовата еднаквост се одвиваат јавно и пред голема публика (околу 500 луѓе на овој настан).
Од она што имав прилика да го видам, бидејќи преведувачите беа само четири дена на фестивалот, беа нови женски гласови во полската книжевност, кои би вредело да се преведат, како Малгожата Лебда и Виолета Гжегожевска. Исто така, беа впечатливи средбите со Јоана Батор (кај нас се преведени две книги од неа) и со Ратка Денемаркова, веројатно најистакнатата чешка писателка на овие времиња, која зборуваше за односот на читателите и јавноста кон писателите кои не живеат во својата земја, а пишуваат за неа.
Олга и „семејството“ преведувачи
Олга Токарчук до скоро не знаеше за моето постоење како Лидија Танушевска. Првпат ѝ пријдов на Светскиот конгрес на преведувачи на полската книжевност во Краков, 2017 г. (иако не беше првпат да ја гледам во живо), ѝ се претставив и побарав да ја гушнам. Се разбира, ми дозволи.
Гушкањето за Олга е природен начин на поздравување. На првиот Конгрес на преведувачи на Олга Токарчук, што нејзината организација го организира во 2022 г. во Вроцлав, каде што учествуваа триесетина нејзини преведувачи, кога таа се појави пред сите, се гушкаше со сите по ред, и тие што ги знаела лично претходно и тие што првпат ги гледаше во животот. Олга шири љубов околу себе. Со нејзината смиреност, со нејзината блага насмевка, со нејзиниот кроток говор, со ненаметливоста и „нормалноста“. Така ја доживувам.
Нејзиното придавање значење на преведувачот, воопшто, и на нејзините преведувачи, секако, влијаеше на тоа да се создаде една поголема заедница на нејзини преведувачи, кои од пред пет-шест години се викаат „семејство“ меѓу себе. Блискоста што постои меѓу нас и не може некако поинаку да се дефинира – сите сме различни карактери, од различни земји, различни провиниенции, различни погледи на свет, но секој со секого наоѓа по нешто заедничко, настрана поврзаноста со творештвото на Олга.
Сето тоа започна со создавање на една затворена група на Фејсбук што се вика „Окна“ и која беше тема на една панел-дискусија во рамките на овогодишниот фестивал. Во неа членовите најчесто бараат помош кога ќе наидат со проблеми при преводот на Олга, но и споделуваат настани поврзани со неа, свои преводи, понекогаш и нешто од личниот и професионален живот, а честопати тие проблеми во преводот прераснуваат во сериозни книжевни дебати. Од скоро и Олга седи таму, под псевдоним и со непрепознатлива слика на профилот, и многу ретко се вклучува во муабетите. Но, сите знаеме дека е таму, некаде.
Понекогаш смешно помислувам дека сето ова звучи како некој култ. Мислам дека и Олга се храни од нас, како што и ние се храниме од неа. Сака да престојува меѓу нас, но понекогаш обврските на голем писател не ѝ дозволуваат на овие средби да биде цело време со нас и жал ѝ е поради тоа.
Три пати имав можност да бидам блиску до неа. Првиот конгрес на нејзини преведувачи во Вроцлав, кој веќе го споменав, книжевниот фестивал „Кирилица“ во Будва, 2023 г., кога ѝ беше доделена наградата „Книжевен пламен“ и овојпат на „Книжевни планини“. Многу често знаеше да излегува на цигара со ретките пушачи меѓу преведувачите. Може да кажам дека се знаеме толку добро што ми има испушено една кутија цигари – да, се гребе! Додуша, оваа година рече дека се откажала. Можам да кажам и дека нобеловката е „нормален“ човек бидејќи беше избркана од плажа навечер, заедно со уште десетина нејзини преведувачи, поради правење бука и пиење алкохол. И дека се фаќа на оро на балканска музика, иако не го знае, но се радува како и сите други странци.
Книжевноста е моќен медиум, но уште помоќни се преведувачите
Откако знам за фестивалот и го следам онлајн сум посакувала да присуствувам таму. А особено од минатата година, кога на него беа гости голем дел од претставниците на книжевната репортажа, која исклучително ја сакам и ја сметам за „бренд“ производ на полската книжевност и се обидувам да ја „протуркам“ на македонската книжевна сцена со моите преводи. Лани на фестивалот гостуваа Мариуш Шчигел, Миколај Гринберг, Војќех Јагелски, Дионисиос Стурис – сите ги имам преведувано. И, ете, ми се оствари! Со помош на магично-реалното стапче на Олга Токарчук.
Фасцинантно беше тоа што толку многу луѓе се интересираат за книжевноста, вриеше од народ. Тоа е регион со многу убава природа, ниски планини. Тоа е регион во кој е родена Олга и каде што живее цел живот, а голем дел од романите и расказите се случуваат токму таму. Фасцинантно беше да се види дека мали гратчиња, кои инаку можеби никогаш не би ги посетиле, заживуваат со овие настани, барем тие неколку дена работат рестораните, се издаваат преноќувалишта, се оди на планина. А многумина од тие што го посетиле фестивалот сигурно ќе се вратат таму за викенд, на одмор и сл. Ете, така се сака татковината, иако Олга Токарчук е напаѓана за своите либерални ставови од нејзините сонародници и некои нејзини хејтери сметаат дека треба да ѝ се одземе полското државјанство. Таа со овој фестивал му помага на регионот, вработува многу луѓе, иницира идеи за развивање еко-туризам и други бизниси.

Фото: Pavel Peč
Прекрасен беше излетот во Соколовско, првата воздушна бања за лекување туберкулоза, во австро-унгарското царство – Герберсдорф. Ова е местото во кое е сместено дејството на Олгиниот последен роман „Емпусион“, кој најверојатно ќе излезе на македонски следната година. Соколовско не беше во програмата, но меѓу нас, преведувачите, се создаде иницијатива на своја сметка да отидеме таму, иако самата Токарчук нè одвраќаше, велејќи дека таму нема ништо од она што е во книгата. Сепак, организаторите ни излегоа во пресрет и ни ја организираа оваа посета. Местото е навистина магично, секој што ја имаше преведувано „Емпузион“ доживеа нешто за време на тој краток престој таму. Беше допрен од некоја зграда, некоја соба, некоја тревка, некој дух во напуштениот замок, што со малку имагинација наликуваше на местото на дејството во „Емпусион“. Секој се претвори за миг во некој од ликовите на оваа книга. Воздухот таму е навистина поинаков, веднаш се забележува разлика. Спонтано, секој поединечно искова план како да останеме таму, заеднички да купиме куќа во која би престојувале сите заедно, следната средба со Олга да биде таму, да се пријавиме во сегашниот санаториум на лекување и сл. А освен тоа, таму извесен период од животот престојувал и Кшиштоф Кјешловски и има кино-сала која му е посветена нему и се одржуваат филмски фестивали. Исклучително мирно, благо, таинствено место, каде што многумина би можеле да седат и да преведуваат или пишуваат.
Она што го понесов од овој фестивал е дека книжевноста е моќен медиум, но уште помоќни се преведувачите. Преведувачот е важен, без него книжевноста останува само во рамките на еден јазик, не излегува во светот. Преведувачот го впива авторот и станува негов допелгенгер, некоја варијанта на авторот за која тој самиот можеби и не е свесен. Како што рече еден колега од Литванија: „понекогаш можеби е и подобро авторот да не го знае својот преведувач“.
Фотографии: Fot. Jerzy Wypych/Fundacja Olgi Tokarczuk