Ерата на толпата (Густав ле Бон)
Големите пресврти што доаѓаат пред промената на цивилизацијата, како за време на падот на Римското царство и осамнувањето на Арапското царство, на прв поглед се чинат како да се детерминирани со значајни политички промени: инвазија на народот или соборување на династија. Но, повнимателното проучување на овие случувања покажува дека зад нивните привидни причини, како реална причина најчесто се крие длабоката промена на мислењето на народот. Вистинските историски пресврти не се оние на кои им се восхитуваме поради нивната големина и жестокост. Навистина важните промени, имено оние од кои произлегува обновувањето на цивилизацијата, се случуваат во идеите, во сфаќањата и во верувањата. Големите историски настани се видлив ефект на невидливите промени во човековото мислење. Овие големи настани се очитуваат толку ретко затоа што секое племе е најпостојано во наследните основи на мислење.
Денешното раздобје го носи еден од оние критични моменти, кога човековото мислење е на пат да се промени.
Темел на оваа промена се два основни фактора. Првиот е деструкција на религиозните, политичките и социјалните верувања од кои произлегуваат сите почетоци на нашата цивилизација. Другиот е создавање на сосема нови животни услови и мислења покрај модерните откритија на науката и индустријата.
Со оглед на тоа што идеите на минатото, иако наполу разорани, сè уште се многу моќни, а идеите што дури во развојот би требало да ги надоместиме, ѝ го предочуваат на модерната доба раздобјето на премините и анархијата.
Меѓутоа, не е лесно да се каже што би можело еден ден да произлезе од тоа мало хаотично раздобје. Кои ќе бидат основните идеи врз кои се ѕидаат општествата што ќе следуваат по нашето? Засега тоа не го знаеме. Но, веќе и сега добро гледаме дека тие општества за својата организација мораат да сметаат на нова сила, која е последниот суверенитет на модерната доба: силата на толпата. Од рушевините на толку многу идеи што некогаш се сметале за вистински, а што денес се мртви и од толкуте власти, што револуционерно постепено се кршеле, оваа сила е воскресната самата од себе и се чини дека наскоро ќе ги апсорбира и сите останати. Во време кога се размрдани и исчезнати сите наши стари верувања, кога старите столбови на општеството по малку се рушат, моќта на толпата е единствената сила што ништо не ја загрозува и чиј углед може само да расте. Добата во која влегуваме, навистина ќе биде ера на толпата.
Одвај еден век нè дели од времето кога главните фактори на случувањата биле традиционалната политика на државата и соперништвото на владетелите. Мислењето на толпата не многу, а најчесто и воопшто не доаѓало предвид. Денес повеќе не вредат политичките традиции, индивидуалните стремежи на суверенитетот и нивните соперништва, туку напротив, гласот на толпата ја има целата значајност. Тој глас им наложува на кралевите како да се држат до него и да настојуваат да го сфатат. Денес веќе за судбината на народот не одлучуваат собранијата на владата, туку душата на толпата.
Пристапот на слоевите на толпата во политичкиот живот, т.е. во реалноста, е нивно постепено преобразување во водечка класа, една од најочигледните карактеристики на нашето раздобје на премин. Тој премин, всушност, не е означен со општото право на глас, што веќе одамна има слабо влијание, а со коешто многу лесно може да се управува. На постепеното раѓање на моќта на масата на почетокот му бегала пропагандата на одредени мисли, кои по малку се впиле во духовите, како и постепеното здружување на поединците со цел да се оживеат теориските замисли. Со здружувањето толпите конечно вообличиле идеи, иако не сосема исправни, но многу приспособени на нивните интереси и стекнале свест за својата сила. Тие основаат синдикати пред кои по малку капитулираат сите власти, берзи за работна сила, кои не грижејќи се за економските закони настојуваат да завладеат со условите за работа и наплата. Тие на меродавните места праќаат свои претставници, лишени од секаква иницијатива, од секаква независност и од поголема чест, упатени само да бидат толкувачи на задругите што ги избрале.
Барањата на толпата денес стануваат сè поодредени и се насочуваат кон тоа главечки да го превртат сегашното општество и да го прилепат кон оној примитивен комунизам што владеел кај сите човечки заедници пред осамнувањето на цивилизацијата. Ограничувањето на работните часови, одземањето на рудниците, железниците, фабриките и земјиштата, подеднаква поделба на сите производи, елиминација на сите повисоки класи во корист на масовните класи итн. Ете, ова се нивните барања.
Толпите не се способни многу да мудруваат, но многу се способни за акција. Со нивната сегашна организација нивната сила стана голема. Догмите што пред очи ни се раѓаат, наскоро ќе ја добијат моќта на старите догми, т.е. на тиранската и суверена сила, што ги штити од расклопување. Божественото право на толпата ќе го замени божественото право на кралевите.
Писателите, кои работат во прилог на нашата денешна буржоазија, тие што најдобро ги застапуваат нејзините по малку затапени идеи, нејзините краткогледи погледи, нејзиниот нагол скептицизам, нејзината малку претерана себичност, го губат својот мир пред новата сила што ја гледаат како расте и во тоа настојување да ја истераат несреденоста на духовите, управуваат очајните повици кон моралната сила на црквата, од која понекогаш толку зазирале. Ни говорат за банкротот на науката и се враќаат покајнички кон Рим, сакаат да нè поучат на откриените вистини. Но, овие нови преобратеници забораваат дека веќе е предоцна. Ако навистина ги зафатила милост, таа не би можела да ги има истите моќи над душите кои досега не се грижеле баш за она што ги обземало новите побожници. Толпите денес веќе не ги сакаат боговите што до вчера не ги сакале и кои помагале да се рушат. Ја нема таа божествена или човечка сила што би можела да ги присили реките да се вратат кон својот извор.
Науката не банкротирала и нема улога во денешната анархија на духови, како ни во новата сила што се издигнува од таа анархија. Таа ни вети вистина, односно барем познавање на релациите што нашиот ум може да ги сфати, таа никогаш не ни вети ни мир, ни среќа. Во својата суверена негрижа кон нашите чувства, таа не се грижи за нашите маки. Наша должност е да се стремиме да живееме со неа, со оглед на тоа што ништо не би можело да ни ги врати илузиите што таа ни ги отфрли.
Универзалните симптоми, што можат да се забележат кај сите народи, ни покажуваат пораст на моќта на толпата и не ни дозволуваат да претпоставиме дека таа сила во скоро време ќе престане да расте. И покрај тоа што таа ни го носи, мораме да го поништиме тоа. Секое спротиставување на неа се целосно празни зборови. И тоа како е можно таа улога на толпата да означува една од последните етапи на западните цивилизации, целосно враќање во раздобјето на конфузната анархија, што, како што се чини, мора секогаш да му претходи на настанувањето на секое ново општество. Како да го спречиме тоа?
Досега големите распространети цивилизации што се изнаживеале, најјасно ја одредиле улогата на толпата. И, навистина, таа улога на светот не се појавува дури денес. Историјата нè учи дека веднаш штом моралните сили на кои била потпрена некоја цивилизација ќе ја изгубат својата власт, извршуваат конечен распад на несвесните и брутални толпи, што досега оправдано се нарекувале варварски. Цивилизациите досега биле создавани и поместувани од малите интелектуални аристократии, но никогаш од толпите. Толпите немаат друга добра страна освен да разоруваат. Нивното господство секогаш ја предочува варварската фаза. Цивилизацијата во себе содржи одредени правила, закони, премин од инстинктивното кон рационалното, предвидување на иднината, како и повисок степен на култура, сите услови што толпите, препуштени сами на себе, никогаш не можеле да ги остварат. Тие со својата исклучиво разорна сила дејствуваат против микробите што придонесуваат за растворање на болните тела или лешеви. Кога градбите на некоја цивилизација им се препуштени на црвите, масите секогаш ги уриваат. Тогаш се јавува нивната главна улога и тогаш изгледа како философијата на бројот да е единствена философија на историјата.
Дали истото тоа ќе се случи и со нашата цивилизација? Од тоа можеме да се плашиме, но сè уште не можеме да го знаеме.
Како и да е, мораме да се подготвиме, да го поништиме владеењето на толпите, бидејќи кратковидни раце постепено ги рушат сите бариери што би можеле да ги задржат.
Овие толпи, за кои толку почнува да се зборува, многу слабо ги познаваме. Официјалните психолози, кои живееле далеку од нив, секогаш ги игнорирале, а кога во последно време почнаа да се занимаваат со нив, ги проучуваат само стојалиштата на злосторството, но има и чесни толпи, херојски толпи и разни други. Злосторствата на толпата предочуваат само еден посебен случај на нивната психологија и кој ги проучува само нивните злосторства не го познава менталниот склоп на толпата, како што не би го познавал ни менталниот склоп на поединецот, опишувајќи ги само неговите пороци.
Реално кажано, сите господари на светот, сите основачи на религии или царства, апостолите на сите верувања, најдобрите државници и – во неискусните сфери – едноставните раководители на помалите човекови склопови, секогаш биле несвесни психолози, кои ја познавале душата на толпата често многу веродостојно. И токму затоа, бидејќи добро ја познавале, лесно станувале господари. Наполеон одлично ја познавал психологијата на толпата на својата земја, каде што владеел, но не ја сфаќал целосно психологијата на толпите што им припаѓале на разни други племиња[1] и затоа, бидејќи не ги познавал, се впуштил во војување, особно во Шпанија и во Русија, каде што неговата моќ наишла на удари, што морале наскоро да ја срушат.
Познавањето на психологијата на толпата денес е последното прибежиште на државниците кои сакаат не да владеат со толпите – тоа веќе стана претешко – туку барем тие да завладаат со нив.
Ако само малку се задлабочиме во психологијата на толпата, ќе можеме да разбереме дека законите и уредбите имаат малку влијание на нив; дека толпите се несоодветни, дека имаат некакво друго мислење освен она што им е наметнато, дека не можат да се раководат од правилата што се утврдени на чиста теоретска правичност, туку само од она што може да ги импресионира и да ги заведе. Ако, на пример, законодавачот сака да воведе некаков нов данок, дали ќе го одбере оној што теоретски е најправеден? Никако! Она што е најнеправедно во пракса, може да биде најдобро за толпата. Ако тоа и најмалку се чувствува и привидно е најмалку тешко, лесно ќе може да се спроведе. Поради ова толпата мирно ќе прими каков и да е индиректен данок, макар и да е најнесоодветен, бидејќи предвидува плаќање огромни суми од предметите што се трошат, но тој не ги допира навиките на толпата и не ги раздразнува. Оние непознати и незабележливи сумички што секојдневно се плаќаат, сочинуваат релативно висока сума, што ќе изгледа голема и ќе предизвика незадоволство оној ден кога ќе мора да се плати. Таа не би била помала ни секојдневно денар по денар да се тргнува на страна, но ваквата економска постапка предочува одредено предвидување, за кое толпите се недоветни.
Наведениот пример е еден од наједноставните, а неговата исправност лесно се сфаќа. Ова не му побегнало на вниманието на психолог каков што бил Наполеон, но законодавците, кои не ја познаваат душата на толпата, нема да го забележат тоа. Ним искуството не им покажало доволно дека луѓето никогаш не се раководат од разумните прописи.
Би можело да се наведат и многу други примени на психологијата на толпата. Познавањето на таа психологија најживо осветлува голем број историски и економски појави што без неа се сосема неразбирливи. Ќе имам можност да покажам дека и нашиот најмодерен историчар, г. Таине, понекогаш непотполно ги сфаќа настаните на нашата голема револуција само затоа што никогаш не помислил да ја проучува душата на толпата. Тој за проучувањето на тоа заплетено раздобје се послужил со дескриптивниот метод на биологот, но меѓу појавите што ги испитуваат биолозите, моралните сили немаат улога. А токму тие сили се главни придвижувачи на историјата.
Значи, веќе и од практична гледна точка, потребно е да се обидеме да се позанимаваме со психологијата на толпата. Но, таа тоа би го занемарила и тогаш кога би станало збор само за интересот на чистата љубопитност. Подеднакво е интересно да се одгатнат придвижувачите на човековите дела, како и да се разгради некаква руда или билка.
Нашата студија за душата на толпата ќе биде само кратка синтеза, едноставен склоп на нашите истражувања. Нема да даде повеќе од неколку сугестивни гледишта. Други подобро ќе ја изораат браздата. Ние тука само ја обележуваме сè уште девствената земја[2].
[1] Неговите најдобри советници, исто така не ја познавале добро. Талеран му пишувал дека Шпанија ќе ги поздрави неговите војници како ослободители. Но, ги дочекала како диви ѕверови. Психологот кој ги познавал наследните нагони на тоа племе, лесно би го предвидел тој дочек.
[2] Ретките автори што се занимавале со психолошко испитување на толпата, како што веќе истакнав, тоа го правеле само од криминална гледна точка. Со оглед на тоа што јас на овој предмет не му посветив во овој дел повеќе од кратко поглавје и со оглед на ова прашање, читателот го упатувам на студијата на Тарде и на едно дело од Сигел: Криминални толпи (Les foules criminelles). Ова дело не содржи само лични мисли на авторот, туку опфаќа и компилација на факти што добро ќе им дојдат на психолозите. Всушност, моите заклучоци за криминалитетот и моралот на толпата се сосема спротивни од оние што ги имаат усвоено овие двајца писатели.
Превод од српски: Наташа Атанасова
Насловна фотографија: Pexels
Наташа Атанасова
...