Едвард ван де Вендел: Пишувањето за деца не е самотнички чин

Едвард ван де Вендел е холандски автор, кој пишува за деца од сите возрасти – од најмалите, до оние младите. Неговото име како автор стои на повеќе од двесте наслови, a неговите книги можат да се најдат во повеќе од 25 земји.
Од Ван де Вендел на македонски се преведени пет книги, од три издавачки куќи. Месецов, тој беше гостин во рамки на „YES фестивалот“ во организација на „Чудна шума“, така што ја искористив пригодата за да поразговарам со него – за неговиот однос кон книжевноста за деца, за изборот на темите на кои пишува, за тоа како книгите да го држат вниманието на децата денес, за коавторството, за моќта на книжевноста за деца и млади…
Кога и како влеговте во светот на пишувањето книжевност за деца и млади?
Тоа се случи многу природно. Додека бев тинејџер сонував да учам деца, а во исто време и пишував поезија. Како наставник работев 15 години и во момент на амбициозност пратив поезија во една издавачка куќа. И тие веднаш посакаа да направат книга од неа, што беше фантастично! Потоа рекоа: добро, ама не сакаме само една книга, треба да пишуваш повеќе и тоа не само поезија, туку и приказни. И, така, одненадеж, станав писател.
Мислам дека книжевноста за деца ја сакам толку многу затоа што во неа секогаш го има елементот на надеж, на оптимизам, на радост. Најмногу пишувам современи дела, за секојдневни проблеми, кои знаат да бидат мачни и тешки, но бидејќи станува збор за книги за деца, секогаш има топлина и надеж, не е само очај. Сакам и да работам заедно со илустраторите, а тесно соработувам и со издавачката куќа, за која издавам цел живот.
Книги пишувате околу 30 години. Колку да се биде млад помага во пишувањето за млади, а колку одмага? А кои се плусовите и минусите на зрелоста во оваа работа?
Тоа е многу добро и многу тешко прашање. Имав 32 години кога излезе од печат мојата прва книга, така што не бев премлад. И не знам… не мислам дека тоа е многу поврзано со возраста.
Сепак, како што стареам, полесно ми е да пишувам, брзо сфаќам што правам, дали е добро или лошо. Од друга страна, потешко е затоа што размислувам за тоа што ќе пишувам многу повеќе отколку порано. На почетокот само пишував. Бев толку ентузијастичен.
И отсекогаш многу сум читал. Ја обожавам европската книжевност за деца. Отсекогаш ме инспирирале добрите книги за деца и мислам дека често тие ме учеле како може да се пишува за деца. Повеќе отколку да се биде со деца. Не дека тоа што сум зборувал или сум поминувал повеќе време со децата додека сум бил наставник, правело да пишувам подобро. Всушност, за моите книги никогаш не зборувам со деца и мислам дека инспирацијата ми е само од книги и од други писатели.
Кои се книгите што најмногу Ве имаат инспирирано?
Има многу холандски и шведски писатели. Тука е Астрид Лиднгрен, секако, таа е најдобрата на сите времиња, но и шведскиот писател Улф Старк, кој почина пред десет години и кој е веќе класика. Неговите книги ми се многу блиски и навистина им се восхитувам. Во последните години од неговиот живот дури и преведов неколку негови книги. Така што, навистина се зближив со нив. Има навистина многу книги кои низ годините ми значеле… Еве, неодамна читав една книга од американскиот писател Дејв Егерс, кој е автор за возрасни но понекогаш пишува и за деца и пишува сосема поинаку, па ми беше откровение – си реков, види, еве уште еден начин на кој може да се пишуваат книги за деца. Целосно потонав во книгата додека ја читав и не сакав да престанам.
Имате пишувано и фикција и нефикциска литература, и поезија и проза – за сите возрасти на деца и млади. Како одлучувате што ќе пишувате следно?
Секоја одлука што ќе ја донесам се базира на некоја првична идеја што не ја контролирам. Мислам дека ако ги прочитате сите мои книги, ќе добиете слика за тоа кој сум јас. Никогаш не пишувам за нешто по нарачка. Пишувам за работите што ми значат во животот или за луѓето кои сум ги запознал и кои ми раскажале приказни што мислам дека можам да ги искористам или за прашањата што ги имам.
На пример, пред неколку години ме изнервираа холандските политичари кои кажуваа глупости за бегалците. И си помислив дека не познавам многу бегалци, дека би сакал да позборувам со некој од нив и да дознаам како е да се биде роден на друго место и потоа да треба да се избега. Па си реков, ако почнам да пишувам книга за бегалците, тогаш можеби ќе запознаам луѓе кои се бегалци и го направив тоа. Или, на пример, сум бил неколкупати во Украина, пред инвазијата, и ја обожавам таа земја, каде што сум се почувствувал како дома. Така што, сега пишувам нова книга во којашто ќе има бегалци од Украина кои живеат во Холандија.
Првата книга за којашто зборувавте е „Мишка“?
Всушност, тоа е книга која ја напишав со истиот човек, Ануш Елман, со кого ја напишав и „Мишка“, но зборував за првата, која не е преведена на македонски.
И за двете овие книги, како изгледаше тој процес на коавторство, на заедничко пишување на книгата?
Тоа почна во 2007 година, кога десничарите на телевизија зборуваа дека кога луѓето доаѓаат во Холандија, 95% од нив сакаат само повеќе пари. И тогаш си реков, ова не е вистина, така што морам да напишам книга за тоа. Гуглав „животни приказни на млади бегалци“ и најдов едно 17-годишно момче кое направило театарска претстава на училиште за неговата лична приказна за бегството од Авганистан. И му пишав, се запознавме и веднаш кликнавме. Го интервјуирав околу 50 пати, со саати седевме и зборувавме за неговиот живот во Авганистан, за бегањето оттаму со семејството, за живеењето по патишта околу половина година, па за животот во привремените живеалишта во Холандија седум години додека владата да им даде дозвола да останат.
Ги слушав нивните секојдневни случки, ми раскажуваше за неговиот најдобар другар, за шегите што ги правеле неговите браќа. Бев кај него дома повеќе пати. Разговарав со неговите наставници, со неговите браќа. Така што, навистина се навлеков на неговото семејство и на приказната. А тој е многу добар раскажувач. Така што, по сите тие интервјуа, почнав да ја пишувам книгата врз основа на тоа што ми го имаше кажано. А кога пишувате, секако, мора да смените некои работи, затоа што тој имаше на пример, четворица браќа, а во книгата ставив два, бидејќи инаку ќе имаше многу имиња. Откако ја напишав книгата му ја покажав и го прашав дали е во ред.
Хм… интересно. Сепак, Вие сте ја напишале книгата искористувајќи ги неговите приказни, а притоа и тој фигурира како коавтор. Тоа ретко може да се види…
Сметав дека тоа е фер, затоа што тоа не е моја приказна и оти би се преправал дека знам толку многу за бегалците. Исто така, сакав авганистанските, па и другите деца бегалци да се препознаат себеси и на корицата на книгата. Ако таму стоеше само моето име, тоа ќе беше уште една книга од холандски автор.
Во тоа време заедно со Ануш бевме и во многу училишта, каде ш то јас воопшто и не требаше да зборувам. Децата се фокусираа на него бидејќи беше помлад, но бидејќи и тие често беа дојдени од други земји и делумно се препознаваа во неговата приказна. Мислам дека навистина е важно да се покаже дека книжевноста не е само за луѓето од Западот. Не е само за Холанѓаните. Не е само за белите. Не е само за мажите или за постарите. Живата литература треба да биде за сите на сите возрасти.
Исто така, како коавтори ги делевме и парите од книгата, што исто така мислам дека е многу важно. Плус, ова беше почеток на цел серијал. Поканив 15 други писатели да го направат истото – да најдат млад човек кој не мора да биде бегалец, кој едноставно има интересна приказна и да ја напишат на истиот начин.
Колку добра идеја! Дали беше Ваша или на издавачот?
Не, не, тоа беше моја идеја. А издавачот единствено кажа дека се согласува 😊.
Колку обично истражувате за книгите?
Пишувањето на првата книга со Ануш ми ги прошири хоризонтите. На почетокот си велев, добро, ова нема да го правам пак. Но, потоа запознавав и други многу инспиративни млади луѓе, така што уште двапати имам напишано книги врз основа на интервју. И нивните имиња исто така се наоѓаат на тие книги.
Инаку, општо земено, мислам дека истражувањето е многу важно. Да, обично многу истражувам, но само кога е поврзано со нешто што веќе ми е на патот, не трагам по непознати работи. Не размислувам: која тема ја немаме во книжевноста? Добро, ајде тогаш ќе пишувам за тоа. Мора да е нешто за коешто се прашувам самиот себеси.
Од гостувањето на Едвард ван де Вендел во рамки на „YES фестивал“ и промоцијата на „Денови на блуграс-љубов“
Какви се шансите на книгите за освојување на вниманието на децата денес, кога како конкуренција ги имаат екраните и целата мултимедијална забава на нив?
Ох, тоа е толку важна тема. Мислам дека книгата треба да го одразува и авторот и детето. Под тоа подразбирам дека тоа треба да биде книга што само јас би можел да ја напишам, нешто лично. На детето треба да му ги дадам сите мои интереси, мојот порив за пишување, моето уживање во пишувањето. Но, мора да ги има и работите што детето сака да ги најде во книга. А тоа е многу едноставно, затоа што децата во суштина сакаат две работи: книгата да биде возбудлива или интересна. Исто така, има и трет критериум кои децата го споменуваат понекогаш, а тоа е дека мора да биде потресна. Така што, мислам дека светлината не смее да се тргне од книгите за деца, не можете да ги тргнете возбудливите работи, така што ако почнете книга за деца пишувајќи осум-девет страници за работи кои не се возбудливи, нема да функционира. Од првата страница, всушност, од првите редови мора да добијат чувство дека некој им зборува и дека нешто се случува за да продолжат да читаат. Мислам дека станува збор за техника, но не е лесно да се пишува така.
Во едно интервју велите дека најтешко е да се пишуваат подолги книги, за деца кои веќе сами читаат (+8). Дали сте успеале со некоја книга да им го привлечете вниманието на овие деца?
Да, тоа е многу тешко. Мислам дека во тоа интервју зборував за друг серијал книги што тогаш го почнував, наменет за деца кои не знаат да читаат или не сакаат да читаат. И тука овие два елементи, возбудливо и интересно, се уште поважни. Исто и насловот – и тој треба да биде интересен или возбудлив. На пример, со еден илустратор направивме книга со шеги за „срамни“ работи. Иако во книгата не се спомнуваат „срамните“ зборови, тоа ги привлекува децата да ја земат книгата и веќе сте направиле нешто. А потоа, внатре, секако, мора да најдат навистина добри шеги. Книгата се вика „Многу многу многу срамна книга“, а на холандски насловот е составен само од едносложни зборови „Heel heel heel vies boek“.
И друга работа, имам напишано книга за еднорози. Тие се многу, многу популарни, но не сакав да напишам уште една од илјадниците книги кои се предвидливи. Така што, пишував за избор на мис еднорог, при што книгата беше за тоа што значи да се биде исклучен. Едно мало коњче сака да се натпреварува за мис еднорог, но е исклучено бидејќи е зебра. Па, се поставува прашањето дали сите треба да можат да се придружуваат секаде? И дали некој може да биде исклучен само поради бојата на кожата? Книгата е за подлабоки прашања, но приказната е многу розова и забавна.
Во поговорот за македонскиот превод на „Денови на блуграс-љубов“, роман кој се занимава со првата љубов меѓу две момчиња, кажувате дека до ден-денес не престануваат да Ви стигнуваат писма од читатели за него. Што Ви носат овие реакции на младите луѓе?
Премногу ми значат. Тие ме обликуваа како писател. Тоа е една од моите први книги. Беше објавена во 1999 година, а почнав да објавувам во 1996-та и ми беше првата книга за млади. Веднаш почнав да добивам срцепарателни реакции, како на пример: „Со оваа книга му покажав на другарот што чувствувам за него“ или „Со оваа книга можам да им кажам на родителите дека сум заљубен во момче“ или не геј-реакции, како „леле, толку убаво ја имате опишано љубовта што сценава ја читам одново и одново“, затоа што оваа книга е токму за тоа, како е да се биде вљубен за првпат во животот. Добивав и многу прашања, како на пример што ќе се случи потоа со двете момчиња, со Оливер и Тихо. Така што, напишав и втора, а по седум години и трета книга. И мислам дека токму поради впечатоците на читателите тие ликови останаа живи во мене толку долго време.
И сето ова ми покажа дека пишувањето не е самотнички чин. Од овие реакции сфатив дека книгата е добра колку што има читатели кои не само што ја држат в раце, туку и ја гушкаат, затоа што тоа е нивната книга. И токму затоа е фантастично да се пишува за млади луѓе, затоа што младите немаат илјадници книги што ги прочитале. Јас сè уште се сеќавам на некои од книгите што ги читав кога бев млад и кои ми беа многу важни. Така што, нашите книги имаат шанси да станат таа важна книга за некого. И токму тоа ми даде „дозвола“ да бидам писател откако бев наставник.
Сепак, има допирни точки на професиите наставник и писател за деца 😊
Да, едуцирате и имате можност да влијаете врз младите луѓе. Ги учите како да бидат внимателни, како да гледаат на другите, како да се направат среќни самите себеси, а и другите.
Која е најголемата моќ на книжевноста за деца и млади?
Кога децата ќе пораснат, во одреден момент почнуваат да сфаќаат дека светот не е безбеден, дека не е само забава и дека работите можат да тргнат на лошо. И, секако, ги имаат родителите, семејството или наставниците да им помагаат. Но книгата може да покаже дека ќе има тешки ситуации, но дека можат да се надминат, дека може да се биде среќен или дека може да се има и поинаков живот. Книгите ни даваат втор, трет, четврти живот без многу да се трудиме – само да седиме во фотелја и да читаме. Ама ако се многу добри, ни покажуваат каков може да биде животот и како можете да се снајдете во таквиот живот. На пример, иако Џ.К. Роулинг сега отиде во друга насока со нејзините ставови за транс-луѓето, во „Хари Потер“ покажа дека има многу зло на светот, но дека се опстанува благодарение на пријателството. Во книгата сите возрасни се менуваат – од добри стануваат лоши или обратно, но трите деца остануваат исти. Тие остануваат заедно. Тие се најдобри пријатели. И мислам дека добрите книги го прават токму тоа, ви даваат да го „пробате“ животот, да „пробате“ поинаков живот, во поинакви околности, на поинаква локација.
Фотографии: Игор Тодоровски
Наташа Атанасова
...