Шкртки

Едноставно како Симпл

(осврт кон романот „Париз, зајакот, двајцата браќа и нивните пријатели“ од Мари-Од Мирај; издавач „Сказнувалка“, 2025 г.; превод од француски: Маја Бојаџиева)

Додека бев дете во маалото имавме комшиче со ментална попреченост. Иако е постар од мене, и ден-денес кога ќе го сретнам, ја има детската насмевка и ведрина, секогаш е тука да поздрави, да каже некој милен збор, да повика на дружење, односно на играње.

Читајќи го романот „Париз, зајакот, двајцата браќа и нивните пријатели“, го препознав во ликот на Симпл. Иако можеби менталната возраст не им е иста, комплексното чувство на ведрина, грижа и блага зачуденост што го побудуваат кога човек им е во близина – е истото.

Оваа несекојдневна и впечатлива книга ја прочитав при крајот на минатата година, неизмерно уживав и вљубеноста во неа сè уште ми трае. Станува збор за роман за деца од над 13-14 години, кој е дело на француската писателка Мари-Од Мирај, која го има напишано и прекрасниот роман „Госпоѓицата Черити“, за кој пишував тука.

Симпл беше слаб млад човек, со неуредна коса и со очи што светкаа како магични фенери, каде што поминуваа принцови и пирати, еднорози и виленици.

„Париз, зајакот, двајцата браќа и нивните пријатели“, стр. 117

Едноставно: Симпл

Ликот на Симпл е лик каков што досега немам сретнато во книжевноста. Неговото вистинско име е Варнава, но прекарот Симпл сите околу него го прифаќаат како… едноставно – посоодветен!

На првите страници на романот, читателот се соочува со необичното однесување на Симпл кое постојано го држи на штрек:

  • кога брат му Клебер им кажува на другите дека Симпл е ментално заостанат, тој го поправа: „И-ди-от“;
  • кога Клебер или некој друг пцуе или кажува погрдни зборови, од Симпл веднаш излегува певливото: „Оф, оф, лош збор“;
  • Симпл брои на начин на кој знаат да бројат само децата што не знаат да бројат: 12, 3, 6, 1000, 100…;
  • неговото детско мозоче упорно ги бара „човекчињата“ што живеат во рачниот саат, домофонот, мобилниот телефон…;
  • редовно влегува во фазон на истурање река прашања со „зошто“.

Со навлегувањето во приказната, се открива дека Симпл е 3-годишно момче во тело на 21-годишен човек. Неговиот ментален развој е застанат на оваа возраст, што според брат му Клебер настанало како нуспојава од лековите што ги земала мајка му за време на бременоста за да спречи спонтан абортус.

Тоа значи дека Симпл нема можност за апстрактно размислување, си живее во свој свет, каде што владеат играта, невиноста и искреноста, односно живее во светот на вечното детство. Свет во кој малиот кадифен зајак Господин Кокорајко е неговиот најдобар другар и во кој не се размислува двапати пред да се извика: „Се извинувам госпоѓо. Ти си премногу дебела за оваа врата“ или „Тој има бастун. Набргу ќе умре“.

И овој лик кој држеше на штрек, продолжува да зачудува но на еден поинаков начин, како кога измислува свој јазик, во кој вели „банден“ за гладен, „златно бузиче“ за лепче што крцка, „лош бробробор“ за лош збор и заразно ги повлекува сите околу себе да му се придружат во играта – па и читателот заразно се навлекува на неговата шармантност и станува дел од пријателите од оваа страна на книгата чие срце почнува да чука во ритамот на згодите и незгодите што го следат Симпл.

Знаете, има такви институции каде што луѓето ги врзуваат за креветите. Не е подобро. Сепак, мислам дека Маликроа е, така да се рече, помалото зло.
– Јас сакам само добро за брат ми – одговори Клебер.

„Париз, зајакот, двајцата браќа и нивните пријатели“, стр. 201

Грижа или згрижување?

Наспроти ликот на Симпл, кој е дете во тело на млад маж, во ликот на неговиот брат Клебер гледаме созреан и одговорен човек во тело на 17-годишно момче, кое од љубов кон брат му, ја презема целосно на себе грижата за него. А мора да се признае дека тоа воопшто не е лесно!

Сепак, Клебер добро се сеќава на искуството на Симпл во болницата за душевно болни Маликроа, каде што татко им го сместил за да може повторно да се ожени, по смртта на нивната мајка. Преплашеноста на Симпл откако го извадиле оттаму речиси полуден е нешто на кое тој секојдневно (се) потсетува во своите игри: пластичните војничиња ги дели на таборот на добрите Храбри, кои се борат против таборот на лошите Маликроа.

Иако грижата за Симпл се олеснува кога ќе изникнат помошници, во какви што ќе се претворат нивните нови четворица цимери кога ќе се доселат во Париз, постариот сосед и соученичката на Клебер Захра, со нејзиното големо семејство кое ја вклучува и нејзината нема сестра – институционалната поддршка која претходно сериозно потфрлила, се појавува повторно во форма на социјалната работничка, госпоѓата Барду, која го убедува Клебер во моменти на исцепеност дека состојбата во Маликроа е променета и дека Симпл треба да се врати и повторно да се згрижи таму. А враќањето таму – му ги вади очите на Господин Кокорајко за да не мора да гледа што се случува околу него.

Пофалба на прифаќањето и пријателството

Мари-Од Мирај во своето пишување одлично ги балансира сериозното и смешното, тегобното и веселото. Атмосферата во целиот роман ја диктира расположението на ликот на Симпл, при што има две кулминации: едната урнебесно смешна, која настанува во средишниот дел, каде што како во старите комедии на забуни се случуваат серија недоразбирања кои водат кон сè позаплеткани и сè посмешни ситуации, а втората срцепарателно (но не и патетично!) тажна, кога Симпл ќе избега од Маликроа и ќе почне целосно беспомошно да лута низ Париз.

Овој роман, кој завршува во шекспировски манир на „сè е добро кога добро ќе заврши“, е топол роман-пофалба на пријателството, роман кој го поттикнува прифаќањето на поинаквите од нас, кои со својата поинаквост ни помагаат да го рашириме нашиот светоглед, да го вреднуваме секој живот како еднакво важен и вреден за живеење и да допреме до непознатите слоеви што лежат во нас – слоеви на љубов, пожртвуваност, сочувство и отвореност, кои можат да нè направат само подобри и поголеми луѓе. А ако се има отворено срце, тоа е толку едноставно – едноставно како Симпл!

Наташа Атанасова

...

Leave a comment