Џим Морисон: Луѓето се плашат од слободата

Лизи Џејмс: Мислам дека обожавателите на „Дорс“ те гледаат како спасител, како водач што сите ќе ги ослободи. Како се чувствуваш во врска со тоа? Не мислиш дека тоа е тежок товар?

Џим Морисон: Апсурдно е. Како можам да ослободам некоj што не е способен да застане сам и да ја прогласи својата сопствена слобода? Мислам дека е лага – луѓето тврдат дека сакаат да бидат слободни – сите инсистираат на тоа дека слободата е она што најмногу го сакаат, најсветото и најскапоценото нешто што човекот може да го поседува. Но, тоа е срање во боја. Луѓето се преплашени да бидат ослободени – тие се држат за своите синџири. Се борат против секого што сака да ги скрши тие синџири. Тие се нивна сигурност… Како можат да очекуваат јас или кој и да е друг да ги ослободам ако тие не сакаат навистина да бидат слободни?

Што мислиш, зошто луѓето се плашат од слободата?

Мислам дека луѓето ѝ се спротиставуваат на слободата бидејќи се плашат од непознатото. Но, иронично е… Тоа непознато некогаш било добро познато. Таму припаѓаат нашите души. Изложи се себеси на себеси, на своите најдлабоки стравови. Потоа, стравот нема моќ и стравот од слобода се намалува и исчезнува. Слободен си.

Што подразбираш под „слобода“?

Постојат разни видови слобода – има многу недоразбирања… Најважниот вид слобода е да бидеш она што навистина си. Во реалноста се менуваш за улога. Во чувствата се менуваш за дејство. Се откажуваш од способноста да чувствуваш и во замена, ставаш маска. Не може да има некоја поголема револуција сè додека нема лична револуција на индивидуално ниво. Револуцијата прво мора да се случи внатре во човекот.

На човека можеш да му ја земеш политичката слобода и да не го повредиш – освен ако не му ја одземеш слободата да чувствува. Тоа може да го уништи.

Како може некој да има моќ да ти ја земе слободата да чувствуваш?

Некои луѓе ја предаваат својата слобода доброволно, но други се присилени да ја предадат. Затворот почнува со раѓањето. Општеството, родителите; тие одбиваат да ти дозволат да ја задржиш слободата со којашто си роден. Има суптилни начини да се казни една личност затоа што се осмелила да чувствува. Гледаш дека сите околу тебе ја имаат уништено својата вистинска природа на чувствување. А ти го имитираш тоа што го гледаш.

Дали велиш дека под влијание сме доведени во ситуација да браниме и одржуваме општество што им ја скратува на луѓето слободата да чувствуваат?

Се разбира… учителите, религиозните водачи, дури и пријателите или т.н. пријатели, преземаат онаму каде што оставаат родителите. Тие бараат од нас да ги чувствуваме оние чувства што сакаат или што ги очекуваат од нас. Тие бараат од нас цело време да глумиме чувства за нив. Ние сме како глумци – ја претвораме загубата во овој свет во потрага по фантоми… бескрајно барајќи ја полузаборавената сенка на нашата изгубена реалност. Кога другите бараат од нас да станеме луѓето што тие сакаат да бидеме, тие нè присилуваат да ја уништиме личноста што навистина сме. Тоа е суптилен начин на убиство… најсаканите родители и роднини го прават ова убиство со насмевки на нивните лица.

Мислиш ли дека е можно за еден човек сам да се ослободи од репресивните сили – целосно сам?

Таквиот вид слобода не може да ти биде доделена. Никој не може да ја освои за тебе. Тоа треба да го направиш сам. Ако бараш од некој друг тоа да го направи за тебе, некој надвор од тебе, уште зависиш од другите. Исто така, уште си ранлив на тие репресивни, зли надворешни сили.

Но, зарем не е возможно луѓето да сакаат да ја обединат таа слобода – да ги спојат нивните сили, можеби само за да станат посилни? Мора да е можно.

Пријателите можат да си помогнат едни на други. Вистинскиот пријател е оној кој ти допушта целосна слобода да бидеш тоа што си и најмногу, да чувствуваш. Или да не чувствуваш. Што и да чувствуваш во моментот, нему му е во ред. Од тоа зависи вистинската љубов – да му се дозволи на човека да биде тоа што е… Повеќето луѓе те сакаат поради тоа што се преправаш дека си некој… За да ја зачуваш нивната љубов, продолжуваш да се преправаш – да глумиш. Почнуваш да си ја сакаш својата глума… Вистина е, заробени сме во слика, во дело – и тажната работа е во тоа што луѓето толку многу се навикнуваат на нивните слики – растат закачени на нивните маски. Ги сакаат своите синџири. Забораваат на сè што тие навистина се. И ако се обидеш да ги потсетиш, те мразат поради тоа – се чувствуваат како да се обидуваш да им го украдеш најскапоценото што го имаат.

Тоа е иронично – тажно е. Можат ли луѓето да увидат дека се обидуваш да им го покажеш патот кон слободата?

Повеќето луѓе немаат поим што им недостасува. Или општеството им наметнува поважни вредности – да се крие што се чувствува. Нашата култура ги исмејува „примитивните култури“ и се гордее со потиснувањето на природните инстинкти и импулси.

На некои места во твојата поезија, отворено им се восхитуваш и ги величаш примитивните луѓе – Индијанците, на пример. Сметаш ли дека она што е фалично и деструктивно не се луѓето општо земено, туку нашето општество?

Погледнете како другите култури живеат – мирно, во хармонија со земјата, шумите, животните. Не конструираат воени машини и не инвестираат милиони долари за напаѓање други земји чии политички идеи не се совпаѓаат со нивните.

Живееме во болно општество.

Тоа е точно… и дел од болеста е да не се биде свесен дека си болен… Нашето општество има толку многу на што да се потпре, а вредноста слобода лежи на дното на таа листа.

Има ли нешто што уметникот може да направи тука? Ако ти како уметник не чувствуваш дека можеш да постигнеш нешто, како можеш да продолжиш понатаму?

Нудам слики – доловувам спомени на слобода што сè уште можат да се досегнат – како „Дорс“, нели? Но, ние можеме само да ги отвориме вратите – не можеме да ги повлечеме луѓето низ нив. Не можам да ги ослободам ако не сакаат да бидат слободни повеќе од што и да е друго… Можеби примитивните луѓе имаат помалку глупости од кои треба да се откажат. Човек треба да има волја да се откаже од сè, не само од богатството. Сите глупости на кои е научен – сите општествени перења на мозокот. Мора да се ослободиш од сето тоа за да преминеш на другата страна. Повеќето луѓе немаат волја за тоа.


Извр: http://www.cinetropic.com/morrison/james.html 

Наташа А.

https://blen.mk/jas/

Што мислиш ти?