Детските народни песни се присутни и потребни и денес

Пишува: Нина Насеска, студентка на Катедрата за македонски јазик при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“
Мојот интерес за детските народни песни започна во 2022 година кога ја почувствував потребата за документирање и архивирање на песните од моето детство, поаѓајќи од помислата дека еден ден може да се заборават. Првите песни што ги запишав беа детските песни со кои пораснав, песните што ми ги пееле најблиските и броенките со кои се пребројувавме како деца. Тоа започна со единствена намера песните да се зачуваат од заборав. Потоа, низ консултации со мојата менторка, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, се утврди дека тие записи имаат вредност и дека може да се истражуваат и научно. Кога се создаде прилика преку конкурсот за студентски проекти на Универзитетското студентско собрание на УКИМ, ова мое истражување веќе прерасна во студентски научен проект.
За новото истражување на старите детски народни песни
Од јуни 2022 год. до април 2024 год. беше спроведено теренско истражување кое имаше за цел собирање на фолклорен материјал, детски народни песни, од различни географско оддалечени места низ македонскиот етнографски ареал. Предмет на истражување беа исклучиво детските народни песни во стихувана форма. За време на теренското истражување беше разговарано со 51 информатор кои живеат или имаат потекло од 21 различно место од македонското тло. Архивираниот материјал содржи 157 различни песни и вкупно 210 детски песни вклучувајќи ги и сите варијанти. Потоа, врз собраниот корпус на детски народни песни беше направена нивна класификација и систематизација на видови и подвидови, како и анализа на секој вид од фолклорен, книжевен, социолошки и културолошки аспект. Научниот труд содржи и преглед на досегашните (позначајни) собирачи на детски народни песни на нашите простори од 19, 20 и 21 век.
Многу ми е тешко да одберам само една детска песна, но дефинитивно песните што ми се запишани од мојата баба ми се посебно драги. Песните Цуцул паси говеда, Дедо седи на грутка, Патор, патор ноџиња или Зајко купил радио ми се научени од неа и и денес ги паметам наизуст. Во омилените песни ми беше и Тргнал Ешко да се жени и покрај тоа што секој пат ме растажуваше неговата судбина. Секако, не можам да ги занемарам и песните со кои се пребројувавме играјќи на улица или песните што беа дел од нашите детски игри. Сите тие ме врзуваат со друг дел од моето детство, со врсниците, со маалото, со еден убав безгрижен дел од животот.
Детските песни во современ контекст
Многу е важно да се согледа хронолошкиот аспект на македонските детски народни песни за да се објасни присуството и потребата од детските народни песни во современиот начин на живот. Кога се во прашање фолклорни творби, нивното датирање знае да биде многу тежок процес. Под датирање подразбираме проникнување во потеклото на песната или мотивот опишан во неа, а не на времето кога е запишана (бидејќи тоа најчесто се знае). Во собраниот корпус од теренското истражување има 20 песни што се веќе запишани од нашите деветнаесеттовековни собирачи – браќата Миладиновци, Кузман Шапкарев и Марко Цепенков, додека дел се документирани од други собирачи, а се издадени во софискиот зборник (СбНУ). Тие имаат најстаро потекло и се, на некој начин, варијанти на песните запишани во 19 век. Нивното активно присуство денес навистина фасцинира и покажува колку се застапени и актуелни и најстарите форми на детскиот фолклор во современ контекст.
Со двете светски војни настануваат промени во мотивите и содржината, па се појавуваат песни за војникот, за хајдуци, џандари и др.. Во тој период преку интеркултурните врски со народите што биле дел од СФРЈ, почнуваат да влегуваат голем број детски песни на српски јазик (Ринге-ринге јаја; Тики тики тачка; Еци, пеци, пец; Пајка плива преко Саве и др.). Тие и денес се доста често употребувани меѓу народот, што резултирало да настанат многу јазични промени на текстовите имајќи предвид дека се работи за средина со македонски мајчин јазик.
Современото општество и промените во начинот на живот влијаат и врз детските песни и детскиот фолклор. Со појавата на телевизијата и детската програма, децата почнуваат да ги опејуваат омилените ликови од цртаните филмови во своите песни. Така во стиховите се појавуваат Том и Џери, Пинк Пантер, Мики Маус, Паја Патак и Пикачу. Се пее дури и во автобус, се слуша радио и се употребува апарат за фотографирање. Под англиско влијание, се среќава и спелување на првите букви од абецедата. Детскиот фолклор е жива материја и не може да се каже дека неговиот развиток некогаш ќе стагнира или сосема ќе прекине. Во секој случај, може да дојде до видоизменување на формите, на мотивите и на јазикот што под влијание на дигитализацијата и брзиот технолошки развиток ќе подразбира интерференција од англискиот јазик.
Детските народни песни, особено залагалките (песни што се пеат за да се залаже детето, да се смири и да престане да плаче) се од исклучителна важност за децата од најрана возраст (1-2 години) и децата во ран детски развој (2-7 години). Кај децата од најрана возраст првичната намена на залагалките е да се залаже расплаканото дете фокусирајќи го неговото внимание кон играта и кон песната. Со развојот на говорот и когнитивниот развој, покрај првичната намена да се смири и да се залаже детето доаѓа и потребата да се развива правилна артикулација на гласовите и на говорот, да се збогатува речникот на детето, да се поттикнува неговата имагинација, но се јавува и едукативниот и воспитниот аспект кој е важен за детската перцепција на стварноста и осознавањето на средината. Собраните материјали од детските народни песни може да им послужат на родителите како прирачник во процесот на воспитување и подучување од кој може да црпат песнички со кои би ги занимавале и забавувале своите деца.
Бескрајно сум благодарна што низ целиот процес имав чест да соработувам со мојата менторка, проф. д-р Весна Мојсова-Чешишевска, која ми понуди непроценлива помош и поддршка, беше секогаш достапна за консултации, насоки и сугестии и овозможи научниот проект да доживее своја завршница. Меѓу другото, огромна благодарност и до Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ кој го овозможи електронското издание на овој проект што беше промовирано на патрониот празник на Факултетот, 19 декември. Изданието е достапно на страницата на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.