Муабетења

Даница Вукиќевиќ: Позицијата на аутсајдерството стана мода

Откако романот„Внатрешно море“ во јануари годинава ја доби НИН-овата награда за најдобар роман за 2022 година, името на Даница Вукиќевиќ со месеци се провлекуваше низ културните рубрики во регионов. Впечатокот дека е искрена, луцидна, длабинска, книжевно самоуверена и хумористично-игрива, поетеса во душа и писателка во крв го имате и додека ја слушате како со жар во очите зборува на ТВ-гостувањата и додека ја читате. На македонски дотогаш имаше преведено само неколку нејзини песни, но затоа пред еден месец го добивме во превод и наградениот роман „Внатрешно море“. Впечатокот за романот ми беше сличен како и за неговата авторка и веднаш откако се појави веста дека Даница доаѓа на фестивалот „Про-за Балкан“ во Скопје, си реков – коцките се наредија, еве можност да ги поставам прашањата што си ги запишував по маргините на книгата!

Фестивалот почнува во недела и трае до вторник. А дотогаш, да нурнеме во светот на Даница Вукиќевиќ и „Внатрешно море“.

НИН-овата награда секогаш привлекува внимание и победничкиот роман брзо ги минува границите – и просторните, и јазичните. Ние пред месец и нешто го добивме преводот на „Внатрешно море“ на македонски, само неколку месеци по доделувањето на наградата, што е за пофалба и гордост. Ве промени ли некако наградата?

Многу сум горда што романот беше толку брзо преведен на македонски и не сум помалку горда и благодарна што тоа е апсолутна заслуга на пријателката Оливера Ќорвезироска, писателка и уредничка во „Арс ламина“, која е мој издавач. Преведувач е угледниот Александар Прокопиев.

Не може награда да го промени човекот, можат новите искуства, ако сме отворени за нив. Ако нешто се има променето, а се однесува на наградата, тоа се движењето, патувањата, запознав нови луѓе, нови градови и средини и тоа ме усреќи. Ме воздигна.

Колку и да читав за романот пред да почнам да го читам, сепак ме изненади неговата структура, фрагментарноста, плетењето мозаик од цртички и кратки есеи. На моменти имав чувство и како да скролам по Твитер или Фејсбук профил на кој се исклучени коментарите и постојано си велев: колку храбро! Ве изненадуваа(т) ли Вас коментарите дека ова не е роман?

Во врска со тоа дека формата на „Внатрешно море“ потсетува на таа на Инстанграм и на Фб, интересно е следното: не сум на ниту една мрежа, ниту сум била, не пишувам ни објавувам „таму“, значи, во суштина сум како Индијанка наспроти фотоапаратот на оној што дошол да истребува и колонизира. Можеби сум се приближила на духот на времето. Никој не забележа дека тоа личи на античките бележници, на хераклитовските стрели, на мноштво книжевни играрии, зарем да потсетувам на разни примери од светската книжевност. Не им се правдаме книгата и јас на оние кои и онака би ја оспорувале, дури и да сум угодела и растегнела, да сум имала вовед, разработка и заклучок. Не е романописецот службеник кој им ја објаснува на читателите севкупноста на (административното) мислење.

Романот е полн со поетски слики, лиричност, исповедност, чувства… Роман-поезија. Дали пишувајќи го „го искористувавте“ романескниот жанр барајќи правда за денешната занемареност на поезијата?

Навистина не седнав „да напишам роман“. И кога пишувам што било, немам предумисла ни внатрешна поза што би можело тоа да биде во очите/умот на оние до кои ќе дојде напишаното. Пишувам затоа што барам одговори. Компонирам и пеам. Играм.

Јас го читав романот целосно во автобиографиски клуч. Грешев ли? И каков е вашиот однос кон автиобиографичноста и кон сè поголемиот замав на автофикцијата како прозен жанр?

Ќе кажам само дека „Внатрешно море“ е полно и со туѓи искуства, не само мои. Ги застапував немите, оние кои никогаш нема на светот да му ја раскажат „својата“ приказна.

Измамничко е тоа јас, кое јас е ЈАС? По безумното мрчење на историската метафикција, дојде на ред автофикцијата. Што е исто така неточно, затоа што историјата на книжевноста изобилува со автофикција и пред Карл Уве К, тоа е само симпатично ново именување (новите чоколада тежат 80 грама, а старите 100 грама). И приемчиво е тоа што во прашање е сага, серија; нашиот живот е серија, само чекаме „Нетфликс“ да нè постави, прикаже, објасни.

Отвореноста кон употребата на личното, немаскирањето на личното искуство (кое секогаш е посредувано и не-лично) не ми се чини револуционерна. Честопати се зачудуваме пред фактот дека некого не познаваме, т.е. дека тој/таа се покажале како некој друг, дека ве лажеле.

Дури и кога не лаже, писателот секогаш лаже, преведува, изневерува, заведува. Во приватната сфера тоа се нарекува поинаку и има сосема друг ефект. Најсилниот патент на книжевноста е токму тоа, во неа сè е можно. Дали во јазикот е можно сè? Да.

„Феминистка и верничка – ниту луѓето на феминизмот, ниту луѓето на верата не ги сакаат ваквите“ – стои во една цртичка во „Внатрешно море“. Која е главната задача на феминизмот денес, а која на религиите?

Една личност што ми е блиска ме замоли да не зборувам повеќе за феминизмот. На пауза сум. Ги познавам оние кои се декларираат како феминистки, ги познавам оние кои се претставуваат за верници и што нè прави феминистки (теоретичарки/активистки/навивачки), што не прави верници. За двата идентитета би требало да важи солидарноста, толеранцијата, самосвеста, упатеноста во постулатите, загледаноста во иднината, емпатијата… па, како стоиме со тоа? Идентитетите се празни… Сладострасно ќе го цитирам Б. Буден, „идентитетската заедница е полна празнина“

Да се биде или не – аутсајдер? Имаат ли избор луѓето од нашиве простори што не успеваат да се вклопат во системите во кои најважната вредност е да знаеш да се снајдеш, освен да продолжат да егзистираат аутсајдерски?

Позицијата на аутсајдерството е во мода и е многу проблематична, преземена е, украдена. Како дел од хибридното контрадикторно подмолно посттранзициско позиционирање (опозиција која е покрај власта, бизарен постсоцијалистички животен оксиморон). Со желба да ме снижи еден критичар ме нарече аутсајдерка. Несвесно ме воздигна. Лудилото на лукративноста и саморекламерството честопати бесрамно се облекуваат во костумот на аутсајдерството.

Во општествено-политичкиот контекст во Србија денес, што значи да се биде писател(ка)?

Љубовта кон наградите, хипертрофијата на книжевните награди, се дел од копнежот за старата моќ што книжевноста ја имаше во социјализмот. Наивно уверување дека нижењето награди некому нешто ќе значи. Власта сериозно ги сфаќала писателите, ги врбувала и ги наградувала со станови, позиции, огромни тиражи; одредени навистина беа сериозни писатели и уредници. Жалта за тоа не стивнува (дури и кај оние кои не се сеќаваат на тие времиња), па постојат замени за тој дил на државата и оној/оние кои ѝ се препорачуваат. Вклучена е и ЕУ со своите фондови и конкурси. Слатки се парите! Сепак, ја почитувам мојата нација, единствената нација, поетската/писателската нација на која ѝ припаѓам.

Во свеченото обраќање на доделувањето на НИН-овата награда истакнавте дека сте уверена оти Вашиот роман е една нова парадигма. Во главата ми одѕвонуваа зборовите на Џојс кој самоуверено велел дека со „Улис“ им отворил работа на проучувачите за следните сто години, што сведочиме дека се оствари. Толку ли е голема и Вашата увереност? 😊 И на што се базира таа?

Укажав (и) на фактот дека некој имал храброст (жирито на НИН) да ја издвои мојата книга како нешто што би поминало под радар во ваквата распределба на книжевната и општествената моќ. Ја истакнав и заедницата на пчели која ми даде поддршка, поддршка за самата книга (пријателите, блиските луѓе). Мислев и на употребата на јазикот, на она што е клучно за секоја национална книжевност. Матијас Руст слета незабележан на Црвениот плоштад со неговата цесна. Мојата самодоверба почива на преданоста и љубовта кон книжевноста, на вербата во книжевноста, не на нарцизам. Тоа е прашање на достоинство.

Доаѓате во Скопје на фестивалот „Про-за Балкан“. Што сакате, а што најмногу Ви пречи на книжевните фестивали?

Ме немаат кането многу по фестивали. Ни како поетеса, а уште помалку како раскажувачка, т.е. нималку, со исклучок во Скопје, 2018. Главно сум одела како нечија замена или на нечија препорака. Бев во Скопје на „Друга приказна“ и беше фантастично! И оние малку пати кога сум одела беше прекрасно и види, секојпат таму беа истите луѓе/писатели. Истите аутсајдери?

 

Наташа Атанасова

...

КОМЕНТАРИ

  • Не може награда да го промени човекот, можат новите искуства, ако сме отворени за нив - УМНО.МК

    […] Читајте го целото интервју на Блен.мк […]

    Одговори

Што мислиш ти?