Книжевен гоБЛЕН

Битови или домати – прашање е сега!

Исповед на еден писател вечно заглавен меѓу рајот на природата и пеколот на технологијата

Пишува: Бранко Прља, писател, графички дизајнер, активист и ВИ-ентузијаст

Јас сум писател во постојана војна со себеси, мојот мозок е бојно поле каде се судираат дуалистички сили како во некоја верзија на „Боречки клуб“ – технологија против природа, рационалност против емоционалност, виртуелно против реално, автоматизација против уметност. Едната страна ме влече кон иднината, кон вештачката интелигенција и технолошките чуда, а другата ме тегне назад, кон природата и грижата за неа. Дали создавањето виртуелни градини е подобро од негувањето вистински? Како да ги помирам овие две страни?

Оваа борба меѓу „битовите и доматите“ ме дефинира како уметник, активист и човечко суштество. Тоа е повеќе од обично прашање на кариерен избор; тоа е фундаментално преиспитување на вредностите и целта на животот во модерната доба. Ова е мојата приказна – за еден расеан ум кој се обидува да најде смисла помеѓу кодови и компост, барајќи рамнотежа во хаосот. Но, да тргнеме од почетокот.

ЛИТЕРАТУРЕН FAST FOOD: инстант-просветление за само 199 денари!

Што е „светот на писателот“? Тоа е како Бургер Кинг на хамбургерите. Писателот ти продава некаква измислица за органско телешко од Пелистер што дишелo воздух произведен од ендемската Молика. А писателот? Тој кретен се замислува како шаман, вадејќи „колективни вистини“ од воздух. Акција, трагедија, романса – сѐ тоа спакувано во една одвратна книжевна плескавица. И за што? За некој турист на Халкидики да ја голта додека се пече на плажа, натопен со „Митос“ пиво и сопствена пот. Тоа е „македонскиот сон“ – да продаваш лаги на толпата!

Вистината? Романот на овој фантом е гнило парче месо, се распаѓа побрзо од окси-разградлива пластична кеса на Дрисла. Дише загаден воздух од фабриките, давејќи се во издувни гасови од камиони од југословенско производство и бетонски мешалки што бескрајно вртат и вртат и вртат… Околу него, никнуваат згради како некоја перверзна урбана џунгла на стероиди, додека шумите горат, горат, горат. Писателот? Тој кутар идиот крвави одвнатре, утробата му е минско поле од анксиозност. Не може да ужива во ниту еден миг од својот беден живот – зашто живеењето му е непознат концепт. Единственото што го знае е да троши мастило и хартија (добро де, тастатура и Ворд). Каква трагедија!

Што, по ѓаволите, може овој шарлатан да им каже на читателите за животот? Ништо! Тоа е проклетата вистина, горчлива и сурова како скопскиот смог. Но, гледај го само како ја пакува таа гадотија во сјајна хартија, ѝ лепи привлечно име, ја завиткува во дизајнерска корица и ја продава како некое органско чудо на литературата. А културните туристи? Тие ја голтаат таа измислица како да е последниот оброк пред апокалипса!

Како почна целава оваа фарса? Со некаква манијачка опсесија со зборови, ете како. Уште како клинец, бев хипнотизиран од моќта на буквите да создаваат светови од ништо. Пишував, како да брзам на состанок со судбината, издавав лудачки, инспирирав други кутри души, дури станав и „квази-познат“ – колку што може човек да биде познат во оваа проклета дупка.

Но знаеш што? Наскоро сфатив дека сите тие измислени светови се само илузија, празна како главите на политичарите.

ПИКСЕЛИ И ПРОТЕСТИ: Исповед на еден графички герилец

Почнав да барам нешто „повеќе“ – како да може некој генијален идиот со тастатура да го промени овој луд свет. Неисполнетоста ме гризеше како бесно куче, терајќи ме да ја преиспитам мојата божемна „улога“ во општеството. Уметност за уметноста? Ха! Тоа е како да си ја бркаш сопствената опашка. Станав мегаломан на некаква „повисока цел“ и така, од измислувач на приказни станав активист. Борец за чиста околина, квалитетно образование, праведно општество, дај ми „крива дрина“, ќе се обидам да ја исправам! Дон Кихот на модерната доба, во битка со ветерници од корупција и алчност.

Така од писател станав дизајнер – како да можам да го спасам светот со фонтови и бои. Секое графичко решение стана „оружје“ во мојата имагинарна војна за подобар свет. А потоа, замисли, се нурнав во пеколот на рекламирањето. Слоган: „Ѓаволски добри алатки за општествено добро“. На тоа патешествие кон седмиот круг на пеколот сретнав креативни генијалци, некои од најбрилијантните умови како го трошат талентот за продавање глупости кои реално никому не му требаат и ја загадуваат планетата. Што ако, по некое чудо, овие креативни манијаци ја насочат својата енергија кон решавање на вистинските проблеми? Светот би бил подобро место. Наместо тоа, вистинските проблеми се прескокнуваат како згазена мачка на автопат.

Станав водач на неколку „успешни“ групи. Фејсбук воини – каква смешка! Координиравме акции како некоја партизанска војска на еко-герилци. Чистевме улици, како ѓубреџии без плата. Протестиравме до бесвест, викајќи до засипнатост. И за што? За да ни се закануваат и да не нè затрујат уште повеќе – како да може да се спречи неизбежното! Силите на злото, тие гнасни, алчни копилиња, се посилни од сите наши бедни иницијативи на доброто. Се боревме против цунами со лажичка – ние, генијалните идиоти на новото време.

МИКЕЛАНЏЕЛО ВО МАТРИЦАТА: Одисеја низ ВИ-генерираното лудило

Во каква лудница се впуштив сега!? Вештачка интелигенција во културата и уметноста – како да можеш да научиш машина да пее македонски народни песни! Но ете ме, заглавен во оваа дигитална дупка, мислејќи дека сум пронашол некаков чудесен спој на технологија и култура. Си велам – Македонија, оваа заборавена дупка на Балканот, со повеќе историја отколку среќа и пари, може да се спаси со некакви си алгоритми. Ги хранев моделите на ВИ со ликови од нашата историја, се обидував да натерам машини да пишуваат хаику и поговорки на македонски. Го научив крокодилот да свири на хармоника!

Сета оваа активност, сиот овој „напредок“ и што добив? Исцрпеност. Технологијата е чудовиште со бескраен апетит што ти ветува богатство, а те остава само со дупка во душата. Секој проект што го завршувам е како да отворам врата кон пеколот – десет нови ѓаволчиња излегуваат од бездната, секој со своја перверзна идеја. Нови хоризонти? Повеќе личи на бескраен лавиринт на огледала каде што се губам себеси. Интелектуално стимулативно? Можеби, ако си мазохист кој ужива во ментално самоизмачување. Тоа ли сум? Знам дека на крајот на таа одисеја останав празен како расипан пиксел на екран, сè околу мене функционираше, освен јас самиот.

Ете ме, заглавен во овој дигитален пекол, прашувајќи се дали воопшто правам нешто корисно или само си ги потопувам нозете во базен од технолошко ѓубре. Дали моите виртуелни креации значат нешто или се само уште еден слој на ментална тиња во вештачкото езеро информации? Овие проклети прашања ми го гризеа мозокот како незаситни паразити. И токму кога мислев дека ќе пукнам, се најдов во… градина. Да, добро слушна! Урбаното дете одгледано на асфалт се најде опкружено со земја и растенија. Од програмер на битови до одгледувач на домати.

ЕПИЛОГ: писател вечно заглавен меѓу рајот на природата и пеколот на технологијата

Кој би рекол дека копањето земја ќе ме спаси од лудилото на технологијата? Градинарството, таа примитивна работа, ми даде нешто што ниеден проклет компјутер не можеше – нешто реално, нешто што можеш да го допреш. Од мало семе до плод – нема бескрајни можности тука, само едноставен циклус: посади, полеј, негувај, набери. Повтори. Наместо да трчам по дигитални фантоми, сега ги валкам рацете со вистинска земја. Ги гледам растенијата како растат, се грижам за нив како да се мои деца. И знаеш што? Конечно имам некаков мир во главата.

И сега се прашувам – дали целиот мој живот бил една голема заблуда? Наместо да градам светови пред компјутер, можеби требаше да одгледувам градини? Градината ми дава чувство на исполнетост што ниеден проклет алгоритам не може. Да јадеш нешто што си го одгледал сам – тоа е како да му покажеш среден прст на целиот индустриски комплекс!

Се сеќавате на онаа приказна за дуализмот на почетокот? Е па, ете ме, расцепен на две како некоја шизофрена банана-сплит! Ако ме прашате сега – битови или домати – без размислување би викнал „домати“! Тоа е мојот дипломатски одговор – мојата органска плескавица за вашето тело оптегнато на плажа.

Но, знаете што е најлудото? Ако навистина ме притиснете и ме прашате повторно: „битови или домати!?“, мојот искрен одговор, длабоко во најмрачните катчиња на мојата извитоперена душа, секогаш и без исклучок ќе биде – битови! Како некој проклет техно-наркоман. Можеби едноставно не знам да бидам среќен. Можеби среќата е само измислица на оние што продаваат антидепресиви и книги за самопомош. Вечно заглавен меѓу рајот на природата и пеколот на технологијата. Виртуелен господе, дај ми сила… или барем интернет конекција!

Што мислиш ти?