Муабетења

Биљана Стојановска: Секогаш поезија!

Повремено ми влегува во сонот
додека летам,
ми мавнува шлаканица и ме буди

Овие стихови ве пречекуваат на влезот во поетската збирка „Додека спиеш“ на Биљана Стојановска и на прва, без многу заобиколување, ги покажуваат клучните зборови врз кои се базира концептот на збирката – сонот, летањето, шлаканиците на животот. Нежна и силна, исполнета со прекрасни поетски слики, со нозете и очите цврсто на земја, а со главата и рацете високо во облаците посегнувајќи кон уште повисоки височини, поезијата од оваа збирка е една меланхолична ода на животот во кој смртта понекогаш ѕирка, понекогаш зјапа, a понекогаш наголемо коси.

Сосема живо сонуваме, 
Не бива умрен да умреш

Биљана, како си? Ти годеше ли Охрид и промоцијата во Охрид? 😊

Некогаш имам чувство дека цела година го чекам летото за да можам да се преселам во Охрид. Единствената добра работа што ни ја откри пандемијата е работата од дома. А тоа значи флексибилност во просторот, работата можеш да си ја однесеш и покрај езеро. Во Охрид можам да дишам. Moја мала оаза.

Промоцијата беше прекрасна. Спонтана, како што си бара и самото место. Ќе излажам ако речам дека не уживав.

Збирката „Додека спиеш“ излезе годинава, за време на Саемот на книгата и е твоја трета збирка поезија. Во колкав период ти се пишувани песните?

Песните се пишувани неколку години. Иако, авторот ја има слободата и правото да си игра со „приказната“ што ја крои. Не значи дека песните подлежат на хронологија. Многу напишани песни не влегоа во збиркава. Многу и никогаш нема да влезат во ниедна збирка. И тоа е добро. Мозокот мора да размислува уреднички, да прави концепт и да селектира.

Збирката е поделена на два циклуса: „Залет“ и „Лет со едно крило“, кои и само вака прочитани даваат едно слатко-горко чувство, чувство што провејува низ целата збирка. Дали е тоа директен одраз на твојата емотивна состојба во периодот на пишување на збирката?

Суров реалист и сонувач сум по природа. Иако звучи контрадикторно да си и едното и другото, ете, двете сум. Оттука и сонот за лет, оттука и неможноста за лет за каков што сонуваш. Меѓутоа, што е важно? Важно е да не се стои во место, да се стремиме да доаѓаме до нови знаења, до важни сознанија. А патот за да се дојде до нив не е туку-така сервиран на чинија. Одговорите се или во најдлабокото или во највисокото. Со длабокото некако сме на чисто, знаеме како изгледа, знаеме што да очекуваме, високото е она што создава илузии. Летаме нагоре со мисла дека ќе нѐ облее светлината. Ама до која висина е светло? Потоа повторно доаѓа мракот. И угоре и удолу е длабоко и темно. А од темно најдобро се гледа светлината. И најдобро се цени. Тоа е еден од патиштата за да стигнеме до одредени сознанија и себеспознанија. Ќе го споменам овде митот за Дедал и Икар. Ако сакаш да научиш умешно да леташ, мораш првин да се удавиш или да изгориш.

Мотивите на сонот и на птицата исто така се нешто што се повторува и појавува во повеќе песни. Зошто сон и зошто птица?

На ова прашање ќе одговорам со стих на Никола Маџиров: Сонот беше близу. / Далечно беше она што го сонувавме.

Во скопскиот болнички комплекс
клиниките за гинекологија и онкологија
веројатно намерно се ставени една спроти друга
Животот и смртта да си ги мерат силите,
кој е поголем

Темата на смртта, таа вечна тема на уметниците и философите е тема со која се фаќаш во костец во оваа збирка, на еден специфичен фраерско-нежен и соновно-надежен начин (Што ли ќе ѝ правам на смртта ако ме фати неподготвена). Имаа(т) ли овие песни терапевтско дејство за тебе?

Соодветен стих имаш одбрано, целосно ме опишува. Сакам ред, сакам сѐ да ми e испланирано однапред, логистичар сум. Како и повеќето жени, впрочем. Меѓутоа, наивно е да мислиме дека ние сме оние што сѐ држат во свои раце. Се случуваат непредвидливи работи во животот. Што можеме да сториме кога ќе се случат? Да не ги прифаќаме и да живееме во константен немир или да ги прифатиме и да продолжиме да ја гледаме убавината и раскошот на животот?! Како би пораснале ако не почувствуваме вистинска болка? Како се бруси дијамантот? Како гасеницата се претвора во пеперутка? Трансформацијата е болен процес. А смртта е тука за да нѐ потсетува на тоа. Секогаш сѐ е онака како што треба да биде. Наше е да ја гледаме убавината на чудото-живот.

Силвија Плат велеше дека како минувале годините, сè повеќе ја привлекувала прозата, затоа што во поезијата не можела да внесе тривијалности како што е четкичката за заби. А ти, како минуваат годините, упорно остануваш на поезијата 😊. Зошто поезија и до кога поезија?

Секогаш поезија. Дури и кога се занимавам со проза. Едното не го исклучува другото. И не е вистина дека не можеш да внесеш тривијалности во поезија, ние живееме во тривијалност. Пишувањето за тривијалноста ни доаѓа спонтано, како воздухот што го дишеме. Е сега, она што е важно е како таа тривијалност ќе ја вметнеш во стиховите и со каква форма и суштина ќе ја обоиш.

Не пишувам само поезија. Имам напишано и тон раскази. Ќе дојде еден ден и тие ќе го видат светлото на денот. Важно ја сакам кратката форма. Таму се пронаоѓам. Следно на ред е книга за деца. Треба да биде објавена годинава.

Се научив да пливам во река
Длабока, матна и брза
Децата имаат неоснована храброст
Влегов во длабокото и се изнаголтав вода
Ме извлекоа и како исплашен глушец
склопчено молчев на брегот

Оттогаш пливам само во бистра вода

Ми се смее небото и на овој план

За крај, дали поудобно се чувствуваш во поезијата или во заедницата на поет(ес)и? 😊

Секаде удобно се чувствувам. Дури и на места каде што сум се нашла и знам дека не припаѓам. Свесноста за неприпаѓањето е многу важна зашто токму тоа создава чувство на комотност, затоа што знаеш каде си и кој си. Неудобно се чувствува оној кому не му е комотно во себе. (Сум била и на такви места во себе.)

Поезијата е дел од мене, тоа е нешто што нема да се промени. А заедницата, тоа е нешто што се создава по пат на природна селекција. Како што споменав погоре, најважна е комотноста со себе. А уште поубаво е кога таа комотност можеш да ја делиш и со други. Луѓето со кои се дружам се многу повеќе од само поети и поетеси. Тие се мајки, татковци, хигеничар(к)и, доктор(к)и, учител(к)и, психолози, педагози, менаџери со времето, носачи на душевен раскош, академици во справување со шлаканиците на животот, борци, и она што ми е мене најважно – носачи на светлината. Благодарна сум што постојат.


Сите стихови во портокалова боја се од збирката „Додека спиеш“ (Скопје: „Чудна шума“, 2023)


Фотографии: Наташа Атанасова

Наташа Атанасова

...

Што мислиш ти?