Домашни Макендо Муабетења Музика
Анастасиос Иоану: Го бараме коренот за што подоследна чалгиска изведба

За народната македонска музика почнал да се интересира уште како дете, кога се лепел до музичарите што во неговото родно село Ракита во Егејска Македонија свиреле по свадби што траеле по цел ден, со сите адети, исто како на времето. Почнал да удира прво на тапани, па засвирел на гајда и кавал, за еден ден в раце да му падне ганц нов кларинет и целосно да го освои.
Низ годините членувал во повеќе состави, учествувал во различни музички проекти и постепено го надградувал своето музичко знаење и познавање, сè до пред три години, кога коцките вистински му се наредиле: на Музичката академија во Штип се отворила насока Чалгија и тој станал студент во првата генерација и истовремено се споил со уште четворица музичари, формирајќи го единствениот комплетен чалгиски состав кај нас, „Чалгии мерак“.
Желбата да разговарам со Тасо, односно Анастасиос Иоану веќе некое време си тлееше, за да се разгори пред околу еден месец, при проекцијата на документарниот филм „Ќеиф“ на „Синедејс“*. И, така, и тука некои коцки се наредија, па падна еден убав муабет и од него произлезе ова интервју.
Која љубов ти беше прва во животот, Тасо – онаа кон народната музика, кон чалгијата или кон кларинетот?
Уште како дете цело време одев покрај музичарите што свиреа за свадбите и веселбите во моето село Ракита, Каљарско. Бев вчудовиден од музиката и така се роди мојата љубов, првично кон македонската народна музика. Прво почнав да удирам на тапани, што беше и најлесно. По некое време, татко ми и мајка ми при една посета на Прилеп начекале гајда на пазарот и ми ја купиле. И од тогаш почнав не само да тропам, туку и да свирам, како самоук, зашто немаше кој да ми покаже. Во тој период, па и сè уште, таму нема жив гајдаџија. Потоа земав и кавал и по некое време еден печалбар враќајќи се од Германија имал купено нов кларинет на границата со Чехословачка, кога се подели државата. На некои од вработените во фирмата за музички инструменти „Aмати“ наместо плата како компензација им дале инструменти и тие на граница ги продавале за ич пари. Тоа беше многу квалитетен инструмент, нов, неотпакуван… Го купив и почнав да свирам по слух.
Тогаш, како мали деца, на некои 13-14 години, свиревме многу. Имам еден братучед кој одел на некое музичко училиште за клавијатури, па почнавме заедно да свириме. Друг братучед купил труба, почна да учи од нула, па ни се приклучи. Трет братучед зеде тапани, четврт гитара и така се групиравме. Свиревме за играорни, па нè викаа за по невеста, па на прослави…
Како дојде до тоа да дојдеш во Македонија?
Со братучедите свиревме до кај 17 години. Откако завршив средно, одма заминав во војска, доброволно, за да расчистам со таа обврска, која во Грција, барем тогаш, траеше 18 месеци. Во војска запознав многу музичари и со нив се здружив, па и потоа се гледавме и свиревме. Потоа дојдов во Скопје. Тука се запишав на факултет, на психологија, и случајно се запознав со еден кларинетист во операта и тој почна да работи со мене еднаш-двапати неделно. Се приклучив и кон оркестарот за изворна музика „Пеце Атанасовски“, каде што свирев кавал. По извесно време се роди групата „Калдрма“ и така продолжи зголемувањето на искуствата и мојата трансформација во чалгаџија. Пред три години во Штип на Музичката академија се отвори група за чалгиска музика. На моја голема чест бев повикан да учествувам на приемниот испит. Бев примен и сега веќе трета година студирам кларинет на чалгиска музика.
Како студиите по чалгија влијаеја на твоето музицирање и на твоето поимање на чалгијата?
Чалгија се слушаше кај нас дома. Татко ми, живеејќи доста години во Германија, на поминување низ Југославија застанувал и купувал плочи. Во тоа време, најмногу се слушале Сариевски, Васка Илиева, Пеце Атанасовски и Тале Огненовски и чалгиите. Но, кога бев помал, чалгијата ми беше тешка за слушање. Таа воопшто не е музика за мали деца, има една друга тежина и сака малку повисоко ниво на зрелост за да може некој да ја слуша и да ужива во неа. Кога бев дете, повеќе сакав да слушам изворни, општоприфатени народни инструменти. Растејќи, почнав сè повеќе да слушам чалгија.
Доста проучував, читав, слушав, прашував, гледав, меѓутоа има многу работи што ми станаа појасни со студирањето чалгија. И како дошло до таквите состави, и како се појавиле, и зошто се повлекле – и историски гледано, и од аспект на инструментите, и од аспект на музиката што се изведува. И веќе ја гледаш целата работа од една друга гледна точка. Ако не си многу едуциран, чалгијата ја гледаш само од аспект на свирач, како изведување, но кога знаеш што точно претставува таа, она што го правиш добива друга тежина. Имам уште две години на факултет, ќе видиме уште колку ќе ми ја смени перцепцијата, но општо гледано, тоа ми е многу позитивно искуство и да имаше можност порано да студирам чалгија ќе беше уште подобро.
Има ли разлика меѓу чалгиската музика создавана на територијата на денешна Македонија и онаа што се слушала во твојот роден крај?
До ден-денес има малку трудови за чалгијата во Македонија. Во нив се спомнува дека поради политичките услови, особено за време на Југославија и меѓу двете светски војни, било физички невозможно да се истражуваат краиштата во кои живеев јас. Единствените информации се добиени од бегалците од Граѓанската војна во Грција. Чалгиите не биле само тука – Велес, Охрид, Скопје, Битола; точно се знае дека и во Солун имало многу развиена чалгија, како и во Лерин, а најверојатно и во Воден.
Историски гледано, со поделбата на Македонија, регионот на Егејска Македонија почнал да следи други текови, а Република Македонија си тргна по својот пат во склоп на Југославија. Така, има малку разидување во вкусовите на музиката – таму немало формирање на официјални ансамбли, немало такво музичко образование, немало културни друштва, се забрани песната и затоа луѓето почнале постепено да преферираат позвучни инструменти. Чалгијата, сама по себе не е толку звучна, повеќе е музика за затворени простории, а таму почнаа да се прават манифестации на отворено, па почнаа да се користат, на пример, трубите. Меѓутоа, самите мелодии се од истиот тип и во голем дел се слични или идентични со песните и ората оттука.
„Татковината се брани со убавини“ беше познат стих од нашите читанки. Сметаш ли дека со музичките убавини што ги правиш, ја „браниш“ татковината?
Од една страна, јас сум етнички Македонец, а од друга, роден и граѓанин на друга држава и сум човек со две татковини – пола живот сум тука, пола живот таму. Така што, не би рекол дека ја бранам татковината, туку убавината на македонскиот народ, гледајќи општо, прекугранично и вонгранично. Независно од денешните политички состојби, ама и од поставувањето на границите во овој регион, македонскиот народ е поширок поим. Честопати и тука се случува тоа – некои појави од полето на културата да се ограничуваат во границите на денешната држава Македонија, а тоа не е така. Јас се чувствувам дека ја негувам, ја бранам и ја продолжувам убавината и традицијата на нашиот народ, независно од името на државата.
Каде ти е поинтересно и поголем предизвик да свириш – пред Македонци, на кои чалгијата им е нешто во генот или пред странци кои за првпат имаат можност да слушнат нешто далечно, поинакво а убаво?
Не спомнав дека покрај свирењето уште од мал бев и играорец и до подоцна продолжив активно да играм оро. Во мојот крај има многу тесна поврзаност меѓу изведбата, музиката и играњето ора. Затоа, мене ми е најинтересно да свирам пред таква публика. Никогаш не бев заинтересиран стриктно за концертна дејност, туку сакав на тоа што го свирам да има луѓе што ќе играат или, ако се работи за песни, да пеат и да учествуваат. Секако, тоа не ме ограничува да свирам насекаде, и пред странци, само за слушање, само за уживање, ама лично, поубаво ми е кога има интеракција и кога тоа што се свири допира до слушателот.
Дел си од „Чалгии мерак“, кој е комплетен чалгаџиски состав од петмина музичари на автентични чалгиски инструменти. Каква екипа сте, како функционирате – како музичари и уметници, но и како луѓе?
„Чалгии мерак“ во моментот е единствена чалгиска група во целосен состав: кларинет, виолина, ут, канон и тарабука. Тоа, на некој начин, е стандардниот чалгиски состав што се практикувал и порано. На времето имало таков состав во Македонската радио телевизија, но тоа одамна е згаснато.
Толку е мал бројот на таков вид свирачи, се бројат на прсти и се знаеме сите. Кога се занимаваш со една дејност, порано-подоцна ќе дојде момент кога ќе ти се спојат патиштата. Со некои од членовите се знаевме од порано, сме свиреле заедно во некои други прилики, во некои други состави. Формирањето на овој состав се совпадна со моето запишување на Музичката академија и тоа беше многу добро, заради тоа што сè што учам таму, во пракса се изведува со составот.
А и другите членови на оркестарот се исто така музички образовани: Оливер студирал на Музичката академија во Штип и го изучувал утот како изборен предмет; Шериф, израснат во околината на Битпазар, мешалката на народностите, културите и јазиците, тропа на тарабука и на дајре и е многу добро упатен во чалгиската музика; Филип, еден од најретките што свират на канон во Македонија, заврши средно музичко во насоката за народни игри и инструменти, а Иван на виолина ни е мултиинструменталист – наскоро ќе дипломира хорна на Музичката академија во Скопје и нема што не знае да свири. И така, нас нè спои заедничката љубов кон овој вид музика.
Има ли интерес за тоа што го правите?
За да опстане тука еден ваков оркестар не е така едноставно, оти не спаѓа во видот на популарната музика. Изненадувачки, има многу луѓе што ја сакаат чалгијата. Од постарите, нормално, има доста луѓе што ја познаваат од прва рака, оти во нивното време таа била актуелна. Меѓутоа, има и помлади, поупатени што ја сакаат многу, а има и голем дел на кои им е или чудна или не толку прифатлива.
Но, овој состав не е случаен. Изборот на инструментите, начинот на изведбата, уште од времето, не само што ги покривале вкусовите на целокупното население на овие простори, независно од верата и националноста, туку и до ден-денес ги покриваат сите можни настани. Тоа е позитивното и затоа опстануваме и гледаме иднина. Чалгијата може да служи и за играње оро, и за каква било приватна прослава – крштевка, мекици, роденден, свадба… и за секакви други забави, фестивали, концерти, културни настани, а многу често нè викаат и играорни културни друштва. Речиси сите на репертоарот имаат градски игри, а нема кој да ги изведува во оригинална форма. И тоа нè одржува.
Од каде го црпите музичкиот материјал што го свирите?
За среќа, има многу снимки од чалгии. Јас имам голема архива. Отсекогаш сум собирал, сум копирал, сум преснимувал секакви емисии на радио, имам плочи еден куп, касети со вреќи… денес и на интернет се доста работи ставени, има архиви и на страници за музика, не само на „Јутуб“, а имаат испливано на површина и доста теренски снимки. Оттаму црпиме повеќе околу начинот на изведбата, оти песните и ората се тие што и денес ги знаеме, тие карактеристично македонски. Низ времињата се воведуваат нови инструменти, се менува звукот и комплетно се губи начинот на изведбата. Е, ние цело време бараме да го најдеме коренот за подоследна чалгиска изведба.
Едно време бевте поприсутни во кафеаните. Зошто се повлековте од кафеанските настапи?
Кафеаната никогаш не ни била некој предизвик, ниту цел. Одевме и претпоставувам дека пак ќе одиме кога ќе има соодветни услови и тоа е убаво. Сакаме да бидеме присутни, да нè слушаат луѓето дека постоиме како „Чалгии мерак“. Впрочем, на чалгијата местото ѝ е и во кафаната, меѓутоа денес не е лесно. Ние сме петмина и нема во секоја кафеана простор за голем број свирачи, а и канонот е голем и свирачот мора да седне на столче и останува таму, не може да шета од маса на маса. Во кафеаните денес ја имаме праксата на „весељето“, увезена од северните соседи – да се седи, да се јаде и тука, на маса, да се весели со „свирење на уво“, што се вика, што не е воопшто практично со состав како нашиот. А тука се и нашите специфични инструменти и специфичниот звук, што не е за сите. Плус, повеќето кафеани не можат да си дозволат да платат петмина музичари, па одат на нешто што јас го викам „економски пакет“: еден синтисајзер што има внатре и мелодија, и акорди, и текстот пред очи – цел оркестар! Меѓутоа, има места каде што може да се свири – сме свиреле и пак ќе свириме. Сепак, уште од старт како состав имаме малку повисоки цели.
Кои ви се целите, што сакате да постигнете?
Присуство преку проекти во кои треба вложување повеќе труд. Свирењето во кафеана, покрај позитивните, има и една многу негативна карактеристика – ги учи свирачите да се прилагодуваат на еден начин на свирење „од нога“. Во кафеана не можеш сè да знаеш, ти бараат различни песни, од различни жанрови и како музичар се учиш да приучиш нешто, па и да прескокнеш строфа не е толку страшно… ама, лошото е дека сите така се навикнуваат и тоа им останува како маана од која не можат да се одвикнат цел живот. Меѓутоа, ако свириш со сериозен пристап треба да вежбаш и да посветиш внимание до детаљ. Оваа музика мислам дека не треба да поминува туку-така, треба да се обработува до крај, до најситниот детаљ што ја прави разликата. Така, нас повеќе нè интересира учество и соработка со културни друштва, оти тоа е соодветно место за наше присуство и, секако, наши самостојни проекти.
Може ли човек да живее занимавајќи се само со чалгија?
Може, секако дека може. Таа е една музика со голем број квалитети. Не зборувам само како музичар, туку и како слушател. Ако некој не е запознаен му е малку чудна, меѓутоа ако се заслуша и ако му се навикне увото, по извесно време му станува многу милозвучна. И бидејќи, како што реков на почеток, не е музика за мали деца, може да покрие еден голем дел од музичкиот живот на возрасните луѓе во средината. Има многу луѓе што сакаат да слушаат чалгија – не млади, не стари, не странци, не домашни…
Сепак, малкумина се занимавате со чалгија. Ти се случува ли да се почувствуваш како „последниот мохиканец“, како ендемски вид во исчезнување?
Гледам дека сум еден од ретките, но тоа воопшто не ме разочарува. Еве, ние сме петмина и сите други се млади, по дваесетина години, а кога почнувавме пред три години беа уште помлади. Така што, не сум ни последен, ниту пак останат од некое минато време. Еве, со чалгијата на факултетот во Штип, имаме поедуцирани свирачи, а и играорните групи си ја знаат и си ја сакаат таквата музика. Нас нè викаат да свириме на матурски, крштевки и мекици, а тоа подразбира релативно млади луѓе. Сме свиреле во Кичево, Велес, Богданци, Скопје, Тетово… така што има, има почитувачи на чалгијата низ цела Македонија. Дури и некои од младите, научени на балкански турбо фолк, кога ќе видат дека и со ова можеш да се забавуваш, дека не е само за слушање, туку дека можеш да играш и да пееш, и тие се задоволни со нас, а и ние уште повеќе.
Што е чалгијата за тебе лично?
Покрај македонската народна музика, јас од мал слушав рок и хеви метал. Дури и многу рано открив дека чалгијата има и многу слични елементи со џезот и блузот. Ги има истите карактеристики: потребна е одредена виртуозност за изведба на соло деловите, треба да си добар инструменталист, доаѓаат до израз сите способности на еден инструменталист, сите негови квалитети… Да, чалгијата е македонски старовремски џез. И со своите специфични инструменти сè уште може да биде модерна.
За мене чалгијата е веројатно највозвишениот начин на интерпретација на македонската народна музика. Од сите аспекти. Јас уживам во звуците и на гајдата, меѓутоа свесен сум дека нејзините можности се крајно ограничени – едвај една октава достигнува и толку е, не може да развие мелодија, не може да го постигне тоа што можат да го постигнат инструментите вклучени во чалгиските состави. И од аспект на инструменти, и од аспект на доловување на сите можни мелизми и тонови во македонската песна и македонските ора, мислам дека чалгискиот состав е најпогоден за интерпретација на нашата стара градска традиција.
Дали се согласуваш со тезата од филмот „Кеиф“ дека македонската чалгија не е наметнат турски или ориентален феномен, туку „една спонтана музика, со оригинален израз, настаната во македонските градови како дел од Отоманската Империја, од градски музичари, творци, и како таква ја отсликува долгата музичка историја на Цариград и тековите на таа музика во 19-ти и почетокот на 20 век“?
Тезата е, главно, точна. Сакам да дополнам дека околу ова прашање, околу оваа тематика допрва треба убаво да се истражува, да се земат предвид сите елементи, сите фактори, сите настани од историски, географски, политички и од социјален аспект. Оваа теза ја сфаќам како одговор на особено антитурското расположение по Втората светска војна, кога постепено се отфрлаат сите ориентални елементи, од облека, музика, архитектура… и свесно или потсвесно, систематски или полусистематски, регионот почнува да се европеизира. И тоа е во ред, дошло време тој дел да биде на врвот на културата.
Но, некогаш не било така. Чалгијата како вид на музика настанувала во време кога источната цивилизација била многу понапред од овие предели, па и од Европа. Така што, таа теза дека сè што е ориентално е донесено од Турците и сега не нè интересира е погрешна. Случувањата на полето на културата биле природни процеси и не се нужно поврзани ниту со Турците, ниту со Отоманската Империја. Во селото Лесново во црквата Св. Архангел Михаил, од 14 век на фреските има ангели што свират на канон и на ут. Значи, тие веројатно биле тука и пред доаѓањето на Турците, така што тоа не е нужно поврзано со Отоманската Империја и со сè што се случувало во склоп на неа. Тоа се природни влијанија и такви ги има низ целиот свет.
* Текстот беше објавен на magazin.antoris.mk во декември 2019 година.
Фото 1: Наташа А.
Фото 2: кадар од видеозаписот Јени јол оро на „Чалгии мерак“
Наташа Атанасова
...