Муабетења

Ана Пејчинова: Препевот е како фина резба во јазична скулптура

Пред некое време в раце ми падна новата книга „Избрана поезија“ од Радјард Киплинг во издание на „Полица“, која само што ја отворив сфатив дека е нешто сериозно. Ценам кога за приближување на авторот и делото, во книгата има добар предоговор или поговор, а и кога ќе видам дека тој што ја работел се вложил со дополнителни забелешки и појаснувања. Во оваа книга имаше сè – осврт кон препевот, опширен текст за животот и делата на Киплинг, јасен концепт при изборот на песните, одлично групирање во четири поглавја, кратки текстови за воведување во контекстот на создавањето на секоја од песните и нивни интерпретации, дополнувани со многу фусноти низ самите песни, чиј препев на македонски тече како спокојна река.

Човекот што стои потпишан зад целокупната оваа работа е Ана Пејчинова. Кога ја пребарав на Гугл и почнав да читам и за неа, колку што се воодушевив од нејзината работа, толку се воодушевив и од нејзиниот авантуристички дух и посветеноста со која се гледа дека се зафаќа за работите. А кога ја запознав и лично за ова интервју, наидов на една ем бурна ем сталожена душа, полна приказни и разбирање, мудрост и длабочина… – со други зборови, како да ѝ гледав в очи на поезијата на Киплинг.

Ана, имаш преведувано избор поезија од Руми, „Четирите Зои“ од Блејк и сега „Избрани песни“ од Киплинг. Од каде ти доаѓа желбата да работиш на препеви на поезија и како го правиш изборот на авторите што ги препејуваш?

Од љубов. Сакам длабока поезија, и препејувам единствено автори во чие дело се вљубувам. Сакам да ја споделам со други убавината што сум ја искусила при читањето на оригиналната поезија, главно на англиски јазик. Посебно ми се важни оние дела кои не се познати на македонската публика.

Процесот на преведување и препејување со љубов е прекрасен, награда сама по себе. Едно е да се прочита и осети поезијата, но далеку посилно доживување е кога поезијата се препејува: како да влегувам во сјајниот ум на авторот, како да го искусувам она што тој го искусил, како да станувам дел од авторот, и тој станува дел од мене.

Не сум професионален преведувач, во смисла дека не работам по нарачка. Сама го бирам она што го преведувам и препејувам, го објавувам на својата веб-страница во целост, без мисла за крајни рокови, издавачи, или финансиска надокнада. Тоа е дело на љубов.

Идејата да препеам песни на секој од овие големи автори има засебна приказна. Блејк ми беше тема на докторската дисертација на Карловиот Универзитет во Прага – го преведов бидејќи единствено процесот на преведување ми помогна подобро да го разберам овој мистички еп. Руми и Киплинг ми беа врзани за долгите години минати во Авганистан, а наклоноста кон нив произлегува од подолгата потопеност во источните култури: персиско-арапската, паштунската, индиската… Руми е роден во северозападен Авганистан, а Киплинг живеел среде културите на Истокот. Нивната мисла и осет ми се блиски. Нивните потраги и искуства ги разбирам од сопствените искуства.

Работејќи во Авганистан на проект од областа на меѓународната помош и развој, преку песната „Ако“ си се запознала со поезијата на Киплинг. Колку време во тебе се крчкаше желбата да го препееш и како одеше процесот од желба до реализација, и на препевите и на книгата?

Таа желба се придвижуваше со скокови низ времето. Кога прв пат ја сретнав „Ако,“ пред дваесетина години, со стравопочит и колебање се пробав на препевот – и ми појде од рака, на мое изненадување! Но, во тој период, веќе го читав и препејував Руми, пленета во неговите љубовно-духовни стихови. Тие години беа посветени на многу работа, патувања, и само повремено, кога не бев на терен, имав време и душа за книжевност. Во тој период ја составив збирката препеви на стихови од Руми и напишав студија за него, што ја публикував во облик на е-книга под име „Скапоцениот камен на водата“ (самоиздат). Подоцна, дел од неа се објави во збирката „Класична персиска поезија“ (2014) во едицијата Ѕвезди на светската книжевност. Попатно, „Класична персиска поезија“ веќе не може да се најде по книжарниците да се купи, но мојата е-книга останува достапна бесплатно онлајн на мојата веб-страница Blue Feather.

Всушност, доцна почнав вистински да го откривам Радјард Киплинг. Неговите песни се изненадувачки разнолични, и содржински и стилски. Денес е толку неправедно запоставен во книжевната историја, што кога почнав темелно да го читам, посакав сите негови стихови да ги препеам и да ги споделам со македонските читатели. Интензивно работев на препевот последниве три години, пред да излезе и печатеното издание на „Полица“.

Како изгледаше креативниот процес при препејувањето? Колку „еурека“ моменти имаше при ова „патување“, а колку пати запнуваше и креваше раце од песни?

Препевот е навистина изразено креативен процес. Едно јазичко патешествие, при кое под нозе се ткае нишката што ги врзува духовите на оригиналниот и преводниот јазик. Англискиот и македонскиот јазик не се сродни, и предизвик е да се препејува токму овој автор, од повеќе причини. Киплинг говори со мешавина на јазици: користи де архаизми, де груб уличен говор, де војнички жаргон, де урду и хинди позајмици. Најчесто пее во рима и ритам, но не секогаш, и не со секогаш совршена метрика. Мојот препев сигурно не е поправилен од оригиналот, но верно се држев до духот и до изразот на поетот.

Некои песни едноставно сами се излеаја. Од некои се откажав, иако добри, бидејќи никако не успевав да ги препеам доволно течно. Најмногу песни бараа долга работа, и бранови на последователни преправки. Имав повеќе моменти кога единствено инспирација (будење од сон со готово „еурека“ решение) решаваше дали песната ќе биде успешна или не.

На пример, таква инспирација бараа два стиха од „Баладата за Бо Да Тон“, чиј протагонист е капетанот Крук:

Till, in place of the ‘Kalends of Greece‘, men said,
When Crook and his darlings come back with the head.

Ова долго време не умеев елегантно да го препеам, додека не се склопи во следново:

Па станало пословица и на селска слава –
‘На Круково лето ќе му скинат глава‘.

Латинското kalendas graecas значи дека нешто никогаш не ќе се случи, бидејќи Грците не го сметале времето според римските календи. Овој израз ми се поврза со нашето „на куково лето,“ што потоа само скокна на “Круково лето“. Си се смеам на глас, сама, кога вака успешно ќе ми се преклопат зборовните игри.

Препевот е како фина резба во јазична скулптура. Понекогаш стихот се длаби во израз близок на македонската култура, понекогаш се гони рима која или сака или тврдоглаво одбива да се спои со смислата, а понекогаш просто се стружат одвишности. Се слуша како строфата тече, и се отстрануваат пречките во тој ток. Се мазни смислата како од мермер.

Квалитетот на еден препев се одредува при споредба, стих по стих, на оригиналот и на препевот. Додека работев на Киплинг, на ум ми дојде дека „ритамот е цар, римата е царица, а смислата е нивното царство“. Препејувачот мора да ја заслужи нивната царска дарежливост.

Поезијата што се движи во ритам и рима има посебна моќ. Киплинг звучи посебно моќно кога се чита на глас. Постои нешто архаично во секој од нас, што реагира на ритам и звук – волшебно е. Мора да се искусува волшебноста на поезијата, како и да се ужива во плетењето и делкањето на зборовите на препевот. Инаку како би можел и читателот да ги искуси и да ужива?!

Во предговорот кажуваш дека освен што ти било важно песните да ти „легнат“ за препев, си се држела и до критериумот релевантност. Ако ја тргнеме на страна релевантноста на секоја од песните и зборуваме за целината – зошто е денес релевантен Киплинг?

Историјата укажува дека многу малку нешта суштински се менуваат во светот со столетијата. Она што останува исто е човековата природа, желбите, стравовите, болките, вредностите – духот и душата на човештвото. Не се забележува дека „Ако“ (“If”) е напишана пред повеќе од еден век – оваа песна зборува за внатрешната сила наспроти сите порази и прелаги со кои човек мора да се соочи во текот на животот. Инспиративна е и денес за илјадници луѓе и за новите генерации подеднакво.

Во други песни на Киплинг, и патниците, и поетите, и војниците, и работниците, и мажите, и жените, ќе ги најдат истите случувања што и денес ги среќаваат: копнежите, фрустрациите, неправдите, несреќите и среќите ни се слични со оние што ги доживуваат ликовите во песните.

Една добра книга или песна го премостува јазот меѓу далечни предели и времиња и денешнината, преку протагонисти кои делуваат човечки блиску, и во љубовта и во насилството, и во животните избори и во судбините. Киплинг токму тоа го прави со својата поезија: ни го преведува човештвото на „туѓинците,“ дури и на „непријателите,“ блиску дома и во нас, без оглед колку се чинат далечни во време, простор, култура, и убедувања.

Пред секоја песна во книгата имаш напишано краток текст за контекстот, времето кога е напишана, како и нејзина интерпретација, што е вистинска реткост за едно издание со избор поезија кај нас. Во тој процес, колку се задлабочуваше во дополнителна литература при преводот, а колку се потпираше на твоето лично доживување на песните?

Ваквите воведи ги сметав за неопходни. И англиски говорител денес би ги нашол нечитливи повеќето песни на Киплинг, ако се дадени без контекст и појаснувања.

Друштвото на Киплинг (The Kipling Society) дава обилен историски и архивски материјал на својата веб-страница, со историски и културолошки контекст на секоја песна, нејасен стих и поим. Користев и многу други извори за историски настани, локални племиња, топографски референци, за изговорот на имињата, за стратегии и тактики, за легенди и обичаи, итн. Посебно интересно ми беше истражувањето на македонските архаизми и жаргони. На пример, пушка-кременарка се вика џезаил во Авганистан, како што е и препеано. Одредени цитати од Библијата и од Шекспир бараа стрпливо пребарување на македонските преводи на истите. Истражувањето беше дел од задоволството на препевот – попатно научив толку многу.

Се разбира дека беше неопходно да дадам и посовремен преглед на содржини кои денес се сметаат за контроверзни, како „Бремето на Белецот“, песна која говори за добрите намери и просветителските убедувања, како и за високата цена која колонијализаторите ја плаќале во колониите. Овие аспекти не се општопознати во постколонијалната критика. „Бремето на Белецот“ може да се разбере и како антиколонијализаторска песна, при внимателно читање.

Моите искуства на Истокот ми помогнаа да ги појаснам, на пример, арапските обичаи во „Адрамутин“: зошто е навреда да се крева глас, да се мавта со раце, да се влезе обуен во нечиј дом, да се оди гологлав или маж да прашува за жените под туѓ кров – и зошто е во ред да се убие гостин откако ќе излезе од домот. Истите обичаи сè уште важат во руралните области на Авганистан.

Инаку, се трудев да избегнам лични погледи, но ми се чини дека моето воодушевување од паштунските воини и пустините на Авганистан провејува во изборот на песните. Сепак, минав толку години меѓу нивните потомци во Кандахар, Лашкар Га, Газни, Гардез и Кабул – иако не беа сосем пријателски настроени кон странци (а и Талибанците се главно Паштуни). Човек може да почитува и да се воодушевува од храбриот противник, и кога не се согласува со сите негови ставови и дела – ова е карактеристично токму и за Киплинг. На пример, во „Рунто“ оддава  почит токму кон оние народи и племиња кои ја поразиле британската војска. Затоа, и не ме гризе совеста за одредена субјективност на мојот избор.

Ако треба да одбереш неколку најомилени песни од овој избор, кои би биле тие и зошто?

Драги ми се повеќе песни, секоја со различна убавина. Нежна е „Тажаленката на викиншките жени“, која мислам дека многу питко се сложи на македонски јазик. „Баладата за кралевата шега,“ една приказна во приказна, пленува со звуци, слики и мириси на пустинските народи. „Гунга Дин“ е трогателна, а духовита песна за еден индиски водоносец-јунак. „Бо Да Тон“ раскажува една грубо крвава приказна со толку хумор. „Верниот Тома“ е моќен спев за бардовите и кралевите. „Теди О‘Нил“ просто бара да се запее на некаква тажна мелодија. „Акбаров мост“ секогаш ме тера на смеа, со бабата караконџула која речито колне цели две строфи. „Последното сати“ содржи стихови од кои трпки ме минуваат. „Блудниот син“ е одличен, и комичен, алтернативен продолжеток на поучната библиска приказна. „Дарот на морето“ е потресна мајчинска трагедија, а „Моќта на еден пес“ би го расплакала секој кој што некогаш сакал куче. Покрај овие, верувам дека „Ако“ ќе ми остане животен манифест на издржливоста и на силната волја за создавање.

А ако треба да избереш најубави препеви на поезија на македонски, во кои неизмерно и одново и одново си се нурнувала и те инспирирале, кои се тие?  

Гарванот“ од Едгар Алан По, во препев на Гане Тодоровски. Ненадминлив е! Везен и резбан препев, верен на оригиналот, од кој трпки минат по душата и снагата. Покрај Гане, недостижно совршени препеви се оние на Драги Михајловски. Драги останува мајстор на македонскиот превод и препев, не само по обемот и значењето на преведените дела, туку и со неговата добрина, што ги подари сите свои преводи бесплатно во јавниот дигитален простор. Тој е вистински доброчинител на книжевноста.

И оваа збирка, како и сите други твои дела, е достапна на твојата веб-страница преку „Криејтив комонс“, што е, повторно, вистинска реткост кај нас. Зошто? И што претставуваат за тебе авторските права?

Верувам во и практикувам слободна споделба на убавината и знаењето. Одамна, кога бев сиромашна студентка во странство, гладна за книги, зависев од бесплатни електронски текстови, од кои повеќето беа достапни на интернет без дозвола на издавачите на печатените изданија. Користев пиратирани содржини бидејќи не можев да си дозволам да ги купам книгите. Тогаш се заветив дека сè што ќе создавам ќе го споделувам бесплатно онлајн. За возврат. Тој збор го одржувам и денес.

Право, а верувам и желба, на секој автор е да споделува со публиката. Со издавачите на печатените изданија склучуваме договори со кои ги задржувам правата на дигиталните публикации. Сите содржини на мојата веб-страница се заштитени или ослободени, под лиценца на Криејтив Комонс (Creative Commons), која дозволува слободно користење на содржините во непрофитни цели, со коректна атрибуција на делото. Не е пиратерија да се симнат, копираат и споделуваат моите авторски книги и текстови на мојата веб-страница. Добредојдени се сите љубители на книжевноста!

За крај, што читаш? Што те има најмногу изместено (во позитивна смисла, секако) во последно време?

Овие месеци читам малку чудна комбинација на дела: го препрочитувам поетот Роберт Фрост, размислувајќи дали да се нафатам за нов препев од љубов; ја читам „Четврта генерација на војување“ од Вилијам Линд (меѓународни односи) за бездржавни војни, паралелно со „Големата трансформација“ на Карл Поланји (социјална економија). Овие, откако завршив со повеќе книги од извонредниот психотерапевт со дар за човечки приказни, Ирвин Јалом. За заспивање, си читам научна фантастика со многу ќеиф: Френк Херберт, Маргарет Атвуд, Робин Хоб, Урсула Ле Гвин,.. Ретко се навраќам на драгите француски филозофи на дваесеттиот век, кои ме изместија и ме преместија додека студирав компаратистика во Прага: Мишел Фуко, Жил Делез и Морис Бланшо.

Би ми требале уште неколку животи за да прочитам сè што би сакала да истражам, но овие години поважно ми е да си ја градам внатрешната тишина. Од неа се спознава, а од неа и се пишува. Тишината, пак, бара да исчезнат зборовите и старите знаења, и да се остават книгите на страна. Можеби сега повеќе барам внатрешен молк и без-зборовно спознание, отколку мисли и нешто умно да се каже. Убавината е помоќна од умноста, бездруго.

Наташа Атанасова

...

Comments (1)

  • Радјард Киплинг: Избрани песни – Blue Feather

    […] Интервју за Блен.мк по повод препевот на Киплинг во изадние на „Полица“ (2024) […]

    Reply

Leave a comment