Муабетења

Ана Хоглунд: Со книгата сакав да направам нешто за сите девојчиња

„Ова е книга што би сакала да ја имав кога имав 14 години. Тогаш немав зборови за тоа што го чувствував и искусував. Ама имав многу силно чувство дека нешто беше многу неправедно. И тоа е тоа што ми е заедничко со девојката во книгата, а и со ќерка ми.“

Ова се зборови што Ана Хоглунд ми ги кажа веднаш штом го пуштив диктафонот за нашето интервју и кога ги преслушував, си реков дека целосно би можела да се потпишам под нив. И јас би сакала да можев да ја имам книгата „Да се биде јас“ (за која пишував осврт пред некое време) кога имав 14; и јас сум среќна што ќерка ми ќе ја има и што тоа е благодарение на Ана и на издавачката куќа „Чудна шума“, која ја издаде на македонски годинава.

Во саботата, Ана Хоглунд беше во Скопје како гостинка на „YES фестивалот“, во рамки на кој беше промовирана книгата. Ова интервју го направивме кратко пред почетокот на промоцијата.

Ана, дали за првпат сте во Скопје? Какви се Вашите впечатоци засега?

Стигнав вчера и, да, за првпат сум тука. Луѓето се многу пријатни и има многу, многу добри вина. Пред оваа промоција бевме во посета на некои книжарници, а и на една книжевна работилница, така што навистина беше убаво. А и Билјана Црвенковска баш добро се грижи за мене 😊.

Вие сте првично илустраторка, а потоа и писателка. Како дојдовте до идејата за книгата „Да се биде јас“, која е целосно Ваше авторско дело, и каков беше процесот на илустрирање и пишување?

Во суштина, тоа беше многу долг процес. Десет години посакував да ја направам и многу истражував. Сакав тоа да биде сликовница за девојчиња базирана на Вториот пол на Симон де Бовоар. Но, ќе беше многу здодевна и сè што остана од таа идеја е стрипот во средина.

Така што, прво беше текстот. Па пробував со неколку илустрации, па пробував пак… Пробував многу пати. Долго време ми беше во фиока, на година-две ја вадев и си велев дека можам да ја завршам, но не ми одеше, затоа што требаше да биде книга базирана на факти, а тоа е нешто што обично не го правам. Па, сфатив дека не можам да ја направам така, дека мора да биде на мојот начин – мора да дојде од чувствата. Како се чувствував на четиринаесет? Како беше да се трпи сексуално вознемирување? Како беше да се биде девојче кое е вознемирувано цело време?

Книгата излезе кратко пред движењето #MeToo во 2016 година. И бев многу среќна за тоа. Иако многу добри мажи велеа: сега малку се претерува, не е толку лошо, вистината е дека тие не разбираат, затоа што немале можност да гледаат како девојчињата постојано се вознемируваат.

Кога бев постара, ја добив и мојата прва и единствена ќерка. Па бев навистина среќна за #MeToo, а со книгата и јас сакав да направам нешто за неа и за нејзините „сестри“.

Претпоставувам дека таа е Исадора, на која ѝ е посветена книгата 😊. Колку години имаше тогаш?

Имаше 14 години. Таа навистина ми помогна со јазикот, како и со почетокот. Јас почнав со една друга слика и имав зацртано друг почеток, но таа рече: мораш да почнеш со оваа слика! Ме замисли и сфатив дека беше во право.

Во право била!

Да, и ти реагираш, што го потврдува тоа.

Првата слика во „Да се биде јас“

Силен впечаток остава чувството на гнев додека се чита „Да се биде јас“. И како девојчиња, тој гнев сме го имале цело време, ама со годините и искуството учиме да препознаваме точно од каде доаѓа. А чувството е тука затоа што ја чувствуваме нерамноправноста од најмали нозе.

Да, и мислам дека е добро да се имаат зборови за тоа. Мене ми требаше долго време за да ги најдам. Јас поим немав што е феминизмот. Но, сфатив дека сум била феминистка уште на десет години. И тоа голема. И многу, многу гневна. На многу работи. Не сакав да носам сукњи исто како девојчето во книгата и се чувствував ранливо, а тоа не ми се допаѓаше.

Од времето кога сте биле девојче до денес, колку се сменети работите во поглед на правата на жените?

За мене најважно е движењето #MeToo, тоа беше револуција, со која се сменија законите. Во Шведска го добивме Законот за согласност, кој вели дека без согласност од другата страна не смееш да имаш секс ниту да допреш некого. Тоа беше голема работа, која го смени односот на момчињата и бев многу среќна кога се случи. Се радував за девојчињата.

Голем впечаток во книгата ми остави хуморот. Како гледате на улогата на хуморот во рамки на сериозни теми?

Секогаш мислам дека тоа е добар микс. Особено ако приказната е многу мрачна. Ако се смееш цело време додека ја читаш, хуморот нема да ја направи помалку сериозна. Сакам зафрканции. И не го планирав тоа намерно – едноставно, секогаш така ми доаѓа.

Одлична е „приказната во приказната“ во книгата, во која во два дела е раскажана историјата за нееднаквоста меѓу половите. Зошто се одлучивте да биде токму во форма на стрип?

Па, јас првично сакав целата книга да биде таква. Знам дека Роза, раскажувачката, е прилично паметна за 14-годишно девојче, па јас само малку ѝ помогнав со зборовите и ѝ помогнав да ги нацрта тие цртежи, иако во суштина тоа е нејзиниот начин на разбирање на работите.

Сите факти се многу добро поедноставени за да може едно девојче да ја разбере суштината. Дали оваа книга или слични на неа се дел од образовниот систем во Шведска?

„Да се биде јас“, со некои свои поглавја, е влезена во училишната лектира во Шведска. И тоа, секако, многу ме радува.  

И јас би била среќна оваа или слична книга да влезе во нашиот образовен систем. Да биде дел од книгите што девојчињата и момчињата задолжително треба да ги прочитаат.

Да, и момчињата – тоа е многу важно! И ме радува тоа што е преведена во Србија, Украина, Словенија и тука.

Преведена е и во некои други земји?

Не, не е на запад.

Што мислите дека е причината за тоа? Дали сметате дека тие се отидени подалеку од нас во поглед на правата на жените и еднаквоста?

Не баш. Можеби вие тука сте похрабри. Или чувството за итна промена ви е посилно. Но, како и да е, поминаа десет години откако книгата беше објавена и уште се продава.


Насловна фотографија: Игор Тодоровски

Наташа Атанасова

...

Leave a comment