Седумте сликовнички чуда на „Памук“

(осврт кон книгата „Памук“ од Ника Гавровска и Ѓоко Гавровски; издавач „Гаврош“, 2025 г.)
Кога ќе се случи чудо, тоа треба да се прослави! Овој мој текст е славење на едно чудо од книга, која се појави при крајот на минатата година. Тоа е сликовницата „Памук“ од Ника Гавровска и Ѓоко Гавровски, која функционира како приказна и за деца и за возрасни. Онака како што функционираат навистина добрите приказни.
Интересно е што книгата се појави горе-долу во блиско време со документарниот филм „Приказната за Силјан“ на Тамара Котевска. Филмот го изгледав викендов и се запрепастив од тоа колку работи ги поврзуваат овие две дела. Прво, тука е приказната за Силјан Штркот како предлошка и штрковите како главни ликови, пустошењето и изумирањето на селата, ангажираноста и еколошкиот аспект, а за чудо, дури и локацијата е истата – во документарниот филм јасно е наведено селото Чешиново, а во сликовницата штрковите доаѓаат во нивниот дом во близина на оризовите полиња 😊.
Ангажираноста е особено важна и за двете дела. Во филмот таа е директна и во преден план преку прикажувањето на тешката и незавидна ситуација во која се наоѓаат македонските земјоделци, кои без грижа од државата за сигурен пласман по достоинствени цени на своите производи, лека-полека се откажуваат од работа на своите земјишта, децата им заминуваат во странство, а тие почнуваат да работат на подоходовни работни места, како што се депониите. Во сликовницата, пак, таа е изведена посуптилно, со сместувањето на приказната во иднина во која луѓето веќе ги нема и само градбите, предметите и депониите што ги оставиле зад себе сведочат за нивното постоење.
Иако би било интересно да се направи компаративна анализа на овие две дела, тоа ќе го оставам за некој друг. Јас ќе се задржам на книгата, на тоа како ја доживеав и кои се работите што ја прават – чудо! Или, кои се седумте сликовнички чуда на „Памук“.
- Визуелно чудо – изгледот на сликовницата е тоа што маѓепсува на прва. Ја гледаш сликата од корицата и се телепортираш во некое македонско село каде што последниот што заминал заборавил да го исклучи светлото. Сликите кои се редат внатре, пак, се нешто невидено во нашата книжевна продукција. Ноќни фотографии со темни контури, фотографии на минуциозно изработени детали, фотографија на десетина штркови и нивните одрази во водата што благо се бранува (врв!), фотографија од која го чувствувате ударот од струја, пеколно добри апокалиптични – и депониски, и пустински фотографии… Добиени се со фотографирање на штрковите и останатите ликови направени како скулптури со скелет од бакарни жици (препознатливиот стил на Ѓоко Гавровски) поставени во соодветни сетови, со одлично светло, агол, кадар, композиција… Просто, совршенство!
- Чудо од приказна – мајсторијата на Ника во раскажувањето уште еднаш се потврдува со оваа чудесна приказна за растењето и созревањето на штркчето Памук, поделена во три дела: (1) Пердушести денови, денови на невиност и неискуство, лесни како пердувите на детството, кои се подготвуваат за лет (2) Клештара, период кога семејството штркови тргнува на пат кон југ, челустите на оклештената депонија како клешти се отвораат и затвораат, ја зграпчуваат и мајката, а децата мора самите да продолжат напред – во потрага по (својот) пат и (3) Една – една чудна креатура со метален лет, една зрела одлука, една иднина, една надеж, една дома.
- СилјанПамуковско чудо – добрите нови употреби и интерпретации на старите приказни се секогаш чуда. Приказната за Силјан Штркот на Марко Цепенков раскажува за непослушниот син кој заминува од дома, по клетва на татко му доживува метаморфоза, т.е. се претвора во штрк и во таа животинска форма минува низ иницијација составена од долги и тешки искушувања и страдања, за на крај повторно да си го врати својот ист надворешен човечки облик, иако променет и созреан внатрешно, за да се врати дома. Во сликовницата на Ника штркот Памук е помекиот, покревкиот син на кој му недостасува храброст, послушниот син кој тргнува на патување со семејството следејќи ги советите на родителите дури и кога треба да ги остави зад себе и со себе да го понесе чувството на вина заради тоа („тој ден јас бев само еден мал штрк што ја послуша својата мајка и не успеа да ја спаси“), синот кој животот порано или подоцна ќе го натера сам да го бара патот, својот пат, своето најубаво, својот дом, односно своето место под сонцето. Ако Силјан Штркот во 19. век заминува за да се врати дома, Памук Штркот во 21. век заминува за да ја најде својата дома.
- Дистописко чудо – колку сликовници знаете што во себе имаат дистопија? Јас нула. Или барем досега не ми текна на ниту една. Ника во нејзината книга „Ветерната приказна“ веќе ни претстави еден дистописки свет без ветер, во кој царува маглата, но во оваа сликовница оди уште подалеку. Светот на „Памук“ е свет на села со празни куќи, зуежи од инсекти и птичји звуци, остатоци од бандери со струја и жици како стапици за птици, депонии со кои владеат мршојадци кои како ѓаволи повикуваат да им дадеш дел од твојата душа, пердув од твојот лет, да им се продадеш за ветено изобилство од храна-ѓубре што порано или подоцна би те отрула и една паметна метална справа направена од човекот, пред човекот да го снема, која како ѕвезда-водилка или ангел-чувар ќе му помогне на Памук во неговиот лет. Затоа што, „некој некогаш го измислил летот – не за да стигне побрзо, туку за да не исчезне целосно“.
- Памучно чудо – знаете каков е памукот: природен, мек, пријатен, нежен, топол… Такво е и раскажувањето на Ника, чиниш памучно те гали за добредојде и влез во приказната: „Ветерот е заспан и ноќта длабоко спие. Тенкиот срп на месечевата вражбина ги мрести пролетните ѕвезди. Никој не го слуша треперењето на жабите на површината од масната вода. Од страв го голтнале сопствениот крекот“; меко ги обвива заводливите лаги на Кљакачот на депонијата: „Јас можам да ви покажам пат што не боли. (…) Зошто да летате кога може да блескате? Небото е големо, но секогаш те враќа долу. Патувањето е бесмислено.“; нежно го доловува чувството на безизлез и поразеност: „Повеќе никој не вели ништо. Бојата на земјата под нас се смени. Кога дуваше ветер, и земјата беше во него. Тогаш одиме еден крај друг со главите надолу“.
- Чудото на пораката – чудо кое секој читател треба да се потруди да го открие сам за себе.
- Семејно чудо – застанувам на крајот на книгата и гледам во фотографиите на Ника и Ѓоко. Ќерка и татко. Некогашно Памукче што си го нашло својот пат и татко кој благодарение на тоа што го имал најдено својот ја пуштил и таа да го бара, верувајќи во неа. Мајката ја нема, па можеме само да претпоставуваме која и колкава е нејзината улога во позадината на целата приказна. Ги замислувам како на возраста на која се фотографирани заедно ја читале и ја обожавале приказната за Силјан Штркот. Се замислувам зошто уште не сум ѝ ја прочитала на ќерка ми… Па се мислам дали прво „Силјан“ или „Памук“. Веројатно сега на „Памук“ повеќе му е времето.
„Со чудата треба да се внимава“, вели Симона Јованоска во нејзиниот роман „Денот на црвот“. Се согласувам. Со чудо како оваа книга треба особено да се внимава – внимателно да се најде, внимателно да се гледа со децата, да се чита во себе, да се чита на глас, да се чита и да се лета!
Наташа Атанасова
...





