Штефани Хефлер: Сакам читателите да добијат чувство на враќање дома во романот

Ова е едно необично направено интервју, кое не се случи во живо, ниту по целосно пишан пат. Како што вели Штефани, интервјуто се одвива меѓу две земји и по два канали – по испратени напишани прашања од моја страна, таа ги испрати своите одговори во видео формат.
Германската писателка Штефани Хефлер ја запознав минатата година, преку нејзината книга „Големата црна птица“, за која веќе пишував тука. Овој нејзин роман за млади, кој се занимава со тешката тема на загубата на родител и процесот за закрепнување, беше повод за овој разговор, а кога веќе ја имав можноста, си поставив и ред други прашања.
Штефани, работиш наставничка во средно училиште, што значи дека секојдневно си меѓу деца. Како тоа влијае на тебе и на твоето пишување за деца?
Можам да кажам дека има силно влијание. Како наставничка секоја година можам да се поврзувам со нови млади луѓе, да бидам тука во нивните животи и на нивниот пат кон зрелоста, што е вистинска привилегија. Тоа што сум со нив, влијае и на мојот живот, а очигледно има влијание и врз моето пишување. Би рекла дека годините меѓу 13 и 25, всушност, се најинтересните години од нашите животи и дека токму затоа сакам да пишувам за оваа возраст.
Имаш пишувано на повеќе теми, како што се: семејното насилство, сиромаштијата, булингот меѓу младите, смрт на близок… Верувам дека зад секоја од твоите книги и изборот на темата има посебна приказна, меѓутоа општо земено, ме интересира зошто се зафаќаш со вакви „тешки“ теми?
Многу често ме прашуваат зошто пишувам на толку тешки теми. И, да, темите како смрт, булинг, насилство или сиромаштија се тешки теми. Ама јас нив, едноставно, ги нарекувам автентични или реални теми, затоа што сите овие работи се дел од различни периоди од животите на повеќето луѓе – сите во животот порано или подоцна ќе се соочат со болест, загуба, загуба на најблизок.
Така што, има две причини зошто се занимавам со нив. Првата е затоа што лично ме интересираат и бидејќи мислам дека не само што е важно, туку е многу интересно да се занимава човек со нив. А втората е, секако, „малата“ литерарна причина: многу поинтересно е да се занимаваш со суштинските моменти во животот на една личност, отколку да го опфаќаш секојдневниот живот.
Секако, можете да прашате и: зошто реалност, а не фантастика, кога повеќето млади читатели денес читаат фантастика? Сепак, мене повеќе ме интересира како се одвива реалниот живот, ме интересираат односите меѓу реалните луѓе. Како се создава љубовта? Како се создава пријателство? И како личните односи можат да ги решат проблемите кои ги имаме во нашите лични животи? Затоа зборувам за реалноста во моите романи.
Единствената твоја книга што ја имаме на македонски, „Големата црна птица“ се занимава со темата на ненадејната загуба на мајката и процесот на носење со новата реалност за децата. Можеш ли да ни раскажеш од каде ти дојде инспирацијата за овој роман и како реши да се занимаваш токму со оваа тема?
„Големата црна птица“ е мојот најличен роман, затоа што и самата доживеав загуба на мојот прв партнер, таткото на мојата ќерка, кој почина кога имав 32 години – толку рано и толку ненадејно, а јас останав сама со моето прво дете. Секако, ова имаше силно влијание врз мојот живот, но, пред сè, сакав да раскажам за тоа како луѓето не знаат како да се однесуваат со некого кој имал ненадејна загуба. Сакав да го запишам тоа искуство и за ќерка ми подоцна, а и за мене, за да не заборавам како ми беше во првите недели, првите месеци потоа. И сакав да истакнам дека иако има многу тажни моменти и тажни чувства кога не знаете како да продолжите во деновите по загубата, има и многу смешни моменти. Токму тоа се обидов да го доловам во „Големата црна птица“ – дека сепак тука се и моментите кога одеднаш мора да се изнасмеете на некоја апсурдна ситуација.
Во романот, додека тетката брзо време откако мајка им ќе почине, му чита бајка на неговиот помал брат која почнува со „Си беше еднаш едно мало девојче, чии мајка и татко беа починати…“, Бен почнува да размислува колку многу бајки се несоодветни за да се читаат на деца кои штотуку изгубиле родител. Каков е твојот став во поглед на третманот на оваа тема во старите бајки?
Никој досега ми го нема поставено ова прашање 😊. Секако, Бен го воочува тоа, дека овие приказни можеби не се за деца кои штотуку загубиле татко или мајка. А, во суштина, јас мислам дека е обратно. Веројатно ова ми е размислување уште од тие денови кога се прашував: дали воопшто треба да ѝ читам приказни на ќерка ми Јохана, која само што го загуби татко ѝ? И имав чувство дека бајките можеби ја третираат таа тема на поавтентичен или поприроден начин отколку што го правиме тоа ние денес, а тоа е нешто што го посакувам – луѓето да бидат во можност да се справуваат со смртта, загубата и болеста, бидејќи тие се дел од животот. Секако, во бајките понекогаш е тешко справувањето со загубата или смртта, но можеби тоа треба да биде почетокот на справувањето со оваа тема.
Вистина е дека е многу тешко да се зборува со деца кои загубиле родител и Бен се соочува со тоа. Ни наставниците, ни соучениците не знаат што да му кажат, освен една другарка која имала слично животно искуство. Како гледаш на улогата на книжевноста во овие ситуации? Во смисла на тоа дали и кога дете што изгубило родител треба да чита книга со таква содржина, во која ќе се препознае?
Генерално гледано, мислам дека книжевноста треба да понуди опции за излез од секојдневниот живот, да го појасни животот или да овозможи поистоветување. По едно читање во Берлин, каде што и јас читав од „Црната птица“, ми пријде едно девојче, кое ми рече: „И јас неодамна ја загубив баба ми и кога го читав овој роман, одеднаш почувствував дека не сум сама и имав чувство како да сум се вратила дома.“ И мислам дека ова го кажува токму она што би сакала да го кажам, дека книжевноста нуди можност човек да се почувствува како да се враќа дома, на некој начин. И се надевам дека барем еден на сто или на милион читатели, кога ќе чита некоја од моите книги, тој или таа, ќе го добие тоа чувство на враќање дома во романот – тоа би ми било навистина драго.
Улогата на природата е многу значајна во романот „Големата црна птица“. Ја има дури и во насловот! Како што читав и за другите твои дела на интернет, таа секаде има значајно место. Зошто?
Мислам дека ова е поради моето лично искуство. Јас сум многу активна личност, која е често неуморна и имам илјада работи на ум цело време, илјада работи за правење, илјада идеи… И, во суштина, природата е единственото место каде што можам да се смирам. И мислам дека затоа и се појавува во моите романи, како едно место каде што луѓето можат да дишат и да бидат свои на некој начин – без разлика дали се сами или со некој друг, како што се Бен и неговиот брат Трошка. Тие двајцата го имаат каменот каде што често одат за да мислат на нивната мајка и да се сеќаваат на ситуациите и да се чувствуваат како да си доаѓаат на себе. И мислам дека ова е токму тоа што и јас го наоѓам многу често кога ќе излезам надвор во природа.
Дали македонските читатели би можеле да очекуваат средба во живо со тебе набргу, на која и јас многу би ѝ се радувала?😊
Навистина се надевам дека тоа ќе се случи. Има некои неодредени планови за да дојдам во Скопје, со оглед на тоа што не можев сега во ноември затоа што имам многу обврски. Но, можеби ќе се случи следната година, на пролет. Многу, многу сум љубопитна да ја видам вашата земја за која речиси и не слушав ништо порано, а сега стапив во контакт со прекрасните луѓе од мојата македонска издавачка куќа, така што, можеби и ние ќе се видиме.
Насловна фотографија: C. Neidenbach
Наташа Атанасова
...
