Лиса Аисато: Најјака страна ми се фацијалните експресии и расположенијата

Пред околу една година пишував осврт за една прекрасна книга за млади, „За младоста“ од норвешката авторка Лин Скобер, илустрирана од норвешката илустраторка Лиса Аисато.
Илустрациите во книгата се вистински ремек-дела, кои воопшто не ме чудеше кога ги видов врамени во изложбената галерија на „Чудна шума“.
Тие и беа повод за ова интервју, во кое со Лиса разговаравме за тоа како станала илустраторка на книги, како успева да изрази толку јасни изрази на лицето на своите цртани ликови и како гледа на професијата илустратор.
Лиса, кои работи беа пресудни во твојот живот за да се занимаваш со илустрација?
Нешто што беше многу важно за мене е што мајка ми многу ми читаше кога бев дете. Ми имаше прочитано многу долги книги и додека таа читаше – јас цртав. Сите тие часови поминати во цртање мислам дека ми помогнаа, ми ја дадоа основата за денес да бидам илустраторка.
Што е прво во една твоја илустрација – дали приказната, експресијата или некој детаљ?
Понекогаш илустрирам текстови на други. Тогаш, секако, текстот е прв и се обидувам да дадам сè од себе за да ги илустрирам расположението и емоциите во него. А кога станува збор за моите книги, оние што ги пишувам сама, тогаш сè почнува од нешто визуелно. На пример, може да нацртам некој цртеж што ќе ми се види интересен и потоа да напишам приказна за него. И од приказната се појавува еден цел визуелен универзум.
На македонски минатата година излезе книгата „За младоста“, напишана од Лин Скобер, со твои илустрации. Како се случи соработката со Лин на оваа книга?
Работењето со Лин беше апсолутно прекрасно. Таа е толку топла, интелигентна и неверојатно забавна личност. Во суштина, немав време за да ја илустрирам оваа книга, па морав неколку пати да ја одбијам, но таа инсистираше и ми прати некои од текстовите. Кога ги прочитав, останав без зборови. Беа фантастични и решив дека ќе морам да си го жртвувам летото. Така, работев на книгата цело лето и беше навистина интересно, иако не си ги гледав баш децата. Понекогаш човек навистина мора да направи големи жртви. Сега ми е многу мило што реков „да“, затоа што секогаш ќе има нови лета.
Колку работата на книгата значеше навраќање кон твојата младост, кон твоите сеќавања и чувства од тој период? А колку средби со млади и доживување на нивните денешни предизвици, маки, проблеми…?
Работата на оваа книга целосно ме врати во моите тинејџерски години. Се сеќавав на емоциите, на мирисите, на атмосферите од тоа време. А тоа време за мене беше и забавен и тежок период полн со неизвесности. Лин интервјуирала многу млади луѓе и сите овие приказни се вистинити. Тоа се денешните тинејџери кои ги споделиле нивните приказни со неа, а таа ги преобликувала во монолози. И возбудливо е и прекрасно што нивните приказни денес ги имаме испечатени во оваа книга.
Илустрации на Лиса Аисато од книгата „За младоста“
Она што ми е особено впечатливо во илустрациите од книгата се експресиите на ликовите, кои одразуваат една цела палета на чувства. Која е тајната за толку живите експресии на твоите илустрации?
Тешко ми е да објаснам како, всушност, работам. Сè е инстинкт и чувство. Затоа и не ме бива да подучувам цртање, бидејќи, едноставно, одам во насоката што ми се чини правилна. Не знам секогаш зошто ми се чини дека е правилна; едноставно ми се чини. Мојата најјака страна како илустраторка е веројатно креирањето фацијални експресии и расположенија. Имам поминато многу време цртајќи лица и емоции на нив. Можам да седам и да си играм со веѓата, да ја мрдам милиметар погоре или подолу или крајчето на устата да го мрдам милиметар горе па долу. Што се случува со експресијата ако очите се големи или закосени, ако ноздрите се проширени? Како се црта вештачка насмевка? И така натаму. Тоа е тоа што најмногу го сакам. Така што, навистина не знам што е „тајната“. Но можам да кажам дека си играм за да стигнам до неа. Има многу работа, но и многу забава.

Од Инстаграм-профилот на Лиса Аисато
Во твоето портфолио имаш долга листа на книги од други автори што ги имаш илустрирано, но и неколку наслови книги кои се целосно твои. Која е разликата во креативниот процес во едниот и во другиот случај?
Има голема разлика во правењето мои книги и илустрирањето за други. Кога илустрирам за други, сакам да го визуализирам универзумот што тие го креирале во нивната глава. Ако креирам лик со кој писателот живеел долго време, морам да креирам лик што ќе го препознае. Така што, на некој начин, два ума создаваат визуелен универзум – иако јас сум таа што го црта. Исто така, сакам авторот да биде среќен и да почувствува дека текстот сум го интерпретирала правилно. Но, кога работам за себе, вклучен е само еден ум, па можам да си играм уште повеќе и да си дадам повеќе слобода. Тоа, исто така, ја прави белата страница уште пострашна, затоа што нема граници. А тоа е и застрашувачки и возбудливо. Кога работам сама долго време, ми прифалува да соработувам со некого. А кога работам со други подолго време, ми прифалува да креирам нешто целосно сама. Мислам дека и двете работи ми требаат. И имам научено премногу од работењето со други луѓе.
Што би им препорачала на уметниците кои имаат желба, но можеби сè уште немаат храброст да се впуштат во илустрирањето книги?
Да се стане илустратор е многу поразлично денес отколку што беше пред 20 години, кога јас почнував. Вештачката интелигенција е тука и ќе остане тука, а тоа очигледно е голема закана за полето на илустрацијата. На пример, јас 11 години работев во весник, каде што секоја недела се печатеа мои илустрации. Тоа за мене беше навистина добро училиште и многу научив од таа работа. Не верувам дека многу илустратори денес би можеле да работат таква работа. Веројатно вештачката интелигенција веќе ја има преземено. Така што, ако треба да му дадам совет на некого што сака да стане илустратор денес, тоа ќе биде да стигне до својот стил. Што е тоа што те прави поинаков? Не се плаши да се издвоиш – да се биде различен може да биде голема предност. И обидувај се и да пишуваш. Може ќе биде тешко, но и ти дава многу слобода. Ако можеш да пишуваш свои текстови, ќе ти биде малку полесно да заработуваш. Ќе бидеш платен(а) повеќе за книгите што ќе ги создадеш, ако можеш да ги илустрираш и да ги напишеш текстовите сам(а). Не велам дека е лесно, но вреди да се проба.
Насловна фотографија: Астрид Валер
Наташа Атанасова
...











