Капка по капка шир

(осврт кон книгата „Ур: Книга за дождот“ од Хуан Крус Игерабиде, со илустрации на Елена Одриосола; издавач „Сказнувалка“, 2025 г.; превод од шпански: Сања Михајловиќ Костадиновска)
Кога ќе заврнеше, додека бев дете, знаев долго да стојам со лицето залепено на стаклото на прозорците (дома, во автобус, во автомобил) и да гледам во капките кои удираат по него, се лизгаат надолу во неправилни линии, се спојуваат без правила и течат како мали рекички, па исчезнуваат таму некаде долу, а одгоре доаѓаат нови.
Оваа глетка за мене беше толку маѓепсувачко медитативна, што и ден-денес кога ќе се најдам од сувата страна на стаклото по кое врне знам да се занесам и со истата препуштеност да потонам – во неа и во себе.
И, обично, дождот ми ги враќа овие сеќавања. Но, овојпат, тоа го направи една книга што може да се чита и кога врне и кога не врне.
Оваа приказна пристигна на облак, еден ден додека истураше дожд и беснееше ветар, а капките дожд паѓаа на сите страни, те ваму те таму, на која како ќе ѝ текне, некои главечки, некои помешечки, некои право како стрели, други лизгајќи се како тобоган, трети нишајќи се лево-десно. Невиден хаос.
„Ур: Книга за дождот“, стр. 11
Ура за Ур
Книгата се вика „Ур: Книга за дождот“. Во неа, главната јунакиња е една мала капка по име Ур. Како што се кажува на почетокот, тоа е прастар назив за водата.
Но, Ур не е обична капка. Ур не паѓа како другите капки. Ур е капка која цврсто се има фатено за облакот што ја носи и не го пушта, не се пушта. Таа има уплав од целиот хаос во којшто паѓаат капките и е решена да истрае во својата одлука, во својот бунт.
Како дете-бунтовниче, Ур со својата тврдоглава решеност да тера по свое ги дочекува четирите ветрови и истрајува во налетот на сите нивни сили да ја натераат да го фати патот што е предодреден за секоја капка – падот.
„Однесувањето на Ур беше непоимливо, никогаш се немаше случено вакво нешто откако се знае за дождот“
„Ур: Книга за дождот“, стр. 14
Борбата со ветровите
Во налетите на ветровите кон тврдоглавата капка со желба да ја вразумат, гледаме добро познати ситуации во чии карактери се препознаваме и како сегашни родители во нашите борби со нашите деца, но и како некогашни деца во отпорот кон нашите родители.
Ветровите, сите различни, се однесуваат како четири различни типови на родители кои се обидуваат „да го скротат“ своето дете, „да го изведат на прав пат“. Тие типови личат на оние што ги опишува Станислав Петковски – Сашо во неговата книга „Оружјата на критичкиот и лекот на негувачкиот родител“:
- Источниот ветар: благ и пријатен, кој приоѓа на нежен и учтив начин, па се обидува да ја придобие со муабети како: „навистина добро танцуваш“ или „дојди ми в прегратки“, на што Ур игриво му одвраќа како во бајката Црвенкапа на волкот;
- Јужниот ветер: вознемирен, со зовриена глава, без трпение и со нареднички строг тон, тој се заканува, но сè што успева е да ја направи Ур уште потврдоглава, затоа што таа некако интуитивно сфаќа дека тој само лае но не каса;
- Западниот ветер: бесен и полн гнев, смуртен и подготвен за напад, искри со закани и удари, но го маѓепсува песната на Ур, па како хипнотизиран си заминува;
- Северниот ветер: строг, но правичен и трпелив; тој сака да ја придобие Ур со логично објаснување, но пред сè да ја разбере; љубопитен е по нејзиниот одговор дека не паѓа затоа што не сака хаос и, повторно како во бајките, ѝ дава шанса на Ур во рок од три дена да создаде хармонија.
Сиромавиот дожд
Дождот е многу сиромав:
чисти прозорци,
мие улици,
гаси пожари…
а за тоа не зема ни денар.
Дождот е многу сиромав:
спие по канализации
јаде на земја
шета гол и бос…
некогаш и се скиселува.
но, умее да гали, секогаш.„Ур: Книга за дождот“, стр. 38
Капка по капка шир
Меѓутоа, она што ја прави оваа книга посебна, освен прекрасната приказна за Ур, ветровите и нејзиниот обид во хаосот да најде хармонија, е и нејзината структура.
„Ур: книга за дождот“ е една немирна, палава и непослушна книга. Книга која не личи на ниту една друга книга, книга која се спротиставува на ветровите кои ги носат книгите по веќе преодредредени патеки, а со тоа и читателите во очекуван тек на страниците.
Оваа книга е книга-вир, книга-шир која ја прават многу капки – онаа на главната приказна, оние на мнооогуте песнички за дождот, на еден расказ, на многу шашави илустрации кои на моменти се прашував како се спојуваат со приказната („па, имаат чадор – ете така!“ и „имаат наврнати животни – ете така!“, ми велеше гласот на детето во мене кое полесно од мене ја наоѓа смислата) но и на посебни делови во кои авторот на тацна нуди драматизација на приказната за нејзино поставување во училиштата и библиотеките – како куклена претстава, театар со сенки или театарска претстава.
Оваа книга која навидум личи на обичен предмет со корици, штом ја земеме во раце, сфаќаме дека ни се преобразува во вистинско помагало за негување на (активната) бунтовност кај децата и поттикнување да ја бараат (својата) смисла во хаосот на светот преку насочено разигрување на нивната фантазија и креативност.
Наташа Атанасова
...
