Да се биде јас, да се има глас

(осврт кон книгата „Да се биде јас“ од Ана Хоглунд; издавач „Чудна шума“, 2025 г.; превод од шведски: Родна Русковска)
Понекогаш многу ми се смачува од тоа да бидам јас.
Деновиве, одново, по којзнае кој пат, се осеќав како отепана. Убиството на Росица, последниот фемицид во земјава, ме здроби, затоа што опасностите кои ги демнат жените во ова општество почнуваат да ме плашат на еден поинаков начин. Можеби себичен. Ќерка ми наскоро ќе влезе во пубертет и ќе треба да го живее преминот од светот на децата во светот на возрасните во ужасни години, во ужасна држава, во свет што е ужасен!
А јас сакам да ѝ дадам некаква основа за тоа да го прави самоуверено и самостојно, со добро чувство за себе, со желба за собирање знаење за светот, но и со верба дека работите можат да се менуваат на подобро и со храброст и истрајност за водење тешки борби.
И додека реалноста ме мачеше, се сетив на една книга што ја читав пред некое време, а која зборува токму за женските маки, проблеми и борби за време на пубертетот. Силна книга која би сакала да ја прочитаат сите девојчиња и сите момчиња, и нивните мајки, и нивните татковци.
Книгата се вика „Да се биде јас“, а ја има напишано и илустрирано шведската авторка Ана Хоглунд.
Зошто некои мислат дека можат да се однесуваат така? Како женските да се некакво животно што може слободно да се лови! Му доаѓа на човек да се запраша, кога завршува ловната сезона?
Менталитет во пубертет
Раскажувачка во овој мини-роман е 13-годишната Роса, која колку и да сака да се вклопи во средината, тоа не ѝ оди. Роса е остроумна и прониклива, лесно ги воочува проблемите околу неа и ги препознава чувствата што не дозволуваат да „престојува“ комотно во своето тело и во својот живот. Роса е премногу свесна за тоа што се случува околу неа, а како што забележува, на училиште никој не смее да биде во ништо „премногу“.
Стожерната тема на книгата е токму тој девојчински менталитет во пубертет, односно начинот на кој младите девојки на праг да станат жени се чувствуваат во врска со своето тело и начинот на кој размислуваат за својот живот. А тоа, во случајот на Роса, изгледа вака:
- Чувствувањето на телото: си ја гледа вагината на огледало и ја доживува како нешто згужвано и грдо; градите едвај ѝ се забележуваат па носи неудобен пуш-ап градник за да го скрие тоа; кога ќе се дотера онака како што си се допаѓа, задолжително ги привлекува погледите и дофрлањата на чичковците, што ја прави да се чувствува луто, тажно и уплашено и со чувство дека е постојано набљудувана („Се чувствувам како да се гледам однадвор, низ туѓи очи“ и „Своето тело не го чувствувам како свое“); се прашува дали работите ќе бидат подобри ако биде машко…
- Чувствувањето на животот: Роса го уловува односот меѓу врсниците кој е прилично нездрав (никој не кажува што мисли) и има чувство како да треба да се пази од сите; како да е најбезбедно да биде невидлива – а од друга страна кога се чувствува така ѝ е тешко; го увидува односот на момчињата кон девојчињата кои имаат облини како да се помалку интелигентни, иако тоа не е така во случајот на другарка ѝ Фатима, која ете, и покрај тоа што е и паметна и згодна, чувствува потреба да се смешка и да препаѓа пред машките за да биде прифатена…
Преку исповедта на Роса се отвораат и многу други теми важни за девојчињата во пубертет, како што се: невиноста – тој „збор кој звучи како чесност“ и кој ѝ го отвора на Роса прашањето „дали ако имаш секс си нечесна?“; менструацијата – нешто што повлекува срам само по себе – срамота е да ја немаш добиено, срамота е да ја имаш добиено; и најболната тема од сите, чувството на срам, главното чувство што ја потиштува Роса и што го чувствуваат девојчињата на таа возраст речиси во врска со сè во својот живот.
Разбирање преку СТРИПување
Како што кажав, Роса е прилично осторумна, па оди подалеку од воочувањето на проблемите и препознавањето на чувствата. Фактичката состојба е катастрофа и тоа ѝ е јасно, но исто така јасно ѝ е дека за да успее да смени нешто во своето чувствување на себеси (тоа „да се биде јас“ да стане покомотно, поудобно, попријатно, „понормално“) и во околината (макар тоа да значи и другите да се чувствуваат подобро со себеси) треба да отиде подалеку. Треба да копа наназад во минатото и да открие:
- Зошто работите се такви какви што се и зошто луѓето се однесуваат така како што се однесуваат?
- Зошто девојчињата постојано живеат со чувство на срам, а машките се преполни со самодоверба?
- Зошто мајка ѝ мисли на сè во домот, а татко ѝ не може да си ги најде гаќите во плакарот?
Така, во потрага по корените на срамот што го чувствува во врска со сè за себе, Роса почнува да истражува, да се едуцира, и да се соочува со своите фрустрации во формирање преку – креативност! Почнува да црта прекрасен стрип, кој во книгата се појавува во два дела и кој е една прекрасна лекција по (женската) историја!
Ако илустрациите на Ана Хоглунд, кои зборуваат дури и повеќе од текстот, стегнувајќи ја приказната со постојаното провлекување на нишките на мрачноста и хуморот, се од-лич-ни, стрипот на Роса, кој е приказна за жените во приказната за жените е: бри-ли-јан-тен! Во црно-бела техника, со миниум потези и зборови, преку една од најпопуларните книжевни форми меѓу тинејџерите, Хоглунд низ хумор ја раскажува историјата на одржувањето на женската потчинетост и машката доминација која трае со милениуми. Во два дела, сместени во второто и четвртото поглавје од книгата, стрипот ги осветлува корените на женската несигурност, опседнатоста со изгледот и постојаното чувство на срам.
Да се биде јас, да се има глас
Раскажувајќи ја приказната за тоа како се чувствува едно девојче во пубертет, Хоглунд ја раскажува приказната на сите жени. И онака како што ми вриеше додека ја читав книгата, ми вриеше и кога слушав за убиството на Росица и кога размислувам за иднината на сите девојки.
Затоа што, сè додека жените се плашат да шетаат навечер сами, сè додека една жена има уплав да се најде во група мажи, сè додека (сосема оправдано!) ги воспитуваме девојчињата да се пазат од момчињата – рамноправност не е постигната и борбата за неа мора да продолжи. А девојчињата мораме да продолжиме да ги едуцираме и поддржуваме и да ги учиме да го креваат својот глас и со тоа да го негуваат своето јас.
Наташа Атанасова
...