Шкртки

Кога смислата е скриена во борбата

(осврт кон книгата „Адна“ од Самира Кентриќ; превод од словенечки: Дарко Спасов; издавач „Чудна шума“, 2024 г.)

Во времево во коешто живееме, се чини дека злосторствата против човештвото никогаш нема да прекинат. Секое примирје на некој воен конфликт изгледа само како чаша вода за човештвото да може да продолжи да оди понатаму по трнливиот пат поплочен со нечовечност.

Периодов светот го обиколуваат слики од прегладнетите деца во Газа. Од октомври 2023 година, кога почна најновата воена криза таму, речиси два милиони луѓе се внатрешно раселени, бидејќи остануваат во рамките на заробената територија (тие не ни можат да побегнат надвор) и се соочуваат со екстремни услови, без безбедно засолниште и со ограничен пристап до храна, вода и медицинска помош.

Читајќи ја книгата „Адна“ од Самира Кентриќ, едноставно, не можев да не мислам на ова и на индиферентноста на светот комфорен во привидот на индивидуалната безбедност, кој редовно им го врти грбот на угнетените и обесправените.

Адна, која (не) е Една

Овој епистоларен графички роман се состои од писма кои ги пишува Адна, со датуми од 11 април до 17 октомври. Ним им претходи единственото писмо до Адна, она од Хасима, жената што се грижела за неа и за брат ѝ кога Адна била дете. Од ова писмо сфаќаме дека Хасима е убиена исто како и брат ѝ Аднан, откако по неговата смрт таа ја продолжува неговата борба за човековите права и слободи.

Од писмата на Адна дознаваме дека онаму каде што е, живее веќе 11 години и 4 месеци, исто колку што имала кога дошла. За целото ова време таа тука е Една – онака како што нејзината старателка Анеке го прочитала нејзиното име при првата средба. Така, таа го прифаќа туѓиот изговор на нејзиното име, го учи беспрекорно јазикот на народот што ја прифатил и привидно се претопува во новата средина.

Адна е свесна за привилегијата што ја имала да расте со професорка во гимназија во чии очи живее тага поради загуба за која никогаш не зборува, која израснала свој заштитен оклоп и која ја воспитува Анеке во духот на политичката свесност, феминистичката освестеност и бунтот против неправдите.

Во грчот на болните внатрешни и надворешни слики

Така, низ писмата од сегашноста ние го гледаме светот низ очите на Адна, која пак сфаќаме дека почнала да го гледа со очите на Аднан и Хасима. Се редат зборовите и сликите низ кои ги гледаме лицата на институционализираното зло, особено кога е во прашање односот кон бегалците. Адна:

  • ја забележува леснотијата со која луѓето се иставаат од патот на чистките што ги прават политичарите;
  • ја воочува испразнетоста од емпатија на луѓето преокупирани со себе, кои фокусирани на тоа да направат што подобро селфи додека се на море, не ни помислуваат дека во истите тие води секојдневно потонуваат во ништотност телата на бегалците при нивните очајни обиди за спас;
  • зборува критично за земјите кои ги прифаќаат бегалците (или барем децата-бегалци без придружници, каква што станала таа кога нејзиниот сосед Мехмед ја оставил сама на границата) и ги „складираат“ на маргините, онаму каде што се собира нечистотијата, која потоа „ја чистат“.

Адна живее во постојаната грчевита прегратка на трауматските сеќавања од минатото, а единственото уживање го наоѓа во „секогаш новите тела“. Сексот со постојано нови партнери за неа е телесно искуство кое ја ослободува од свесноста дека телата можат да бидат насилни и последица на нејзината емоционална попреченост да се поврзе со луѓето.

ХОХО

Самира Кентриќ, која е целокупна авторка на оваа мачна сликовница за возрасни, пред сè илустраторка. Како дете на бегалци, таа лично ја владее оваа тема и тоа се чувствува низ содржината и симболиката што излегуваат од нејзините илустрации, кои се главен носител на ефектот што кај нас го предизвикува приказната.

Ова е само дел од навистина моќните илустрации во книгата:

  • раката што го вади моливот при одлуката да почне да пишува за она што го мисли и чувствува – од опасниот змијарник што ја демне;
  • ударот со стека во форма на змија на билјард-масата на која топчињата се всушност јаболка, што е јасна алузија на првобитниот грев;
  • ликови на познати политичари (оти институционалното зло не е апстракција!) испреплетени со бодликави жици за чистење оџаци и со кренати прсти како повик за чистки;
  • Адна подвиткана од товарот на големото рането срце што го носи на својот грб;
  • муралот на Хитлер на еден ѕид украсен со разиграни фигурички на Мики Маус;
  • серијата феминистички илустрации, како оние на Адна со бидермаер направен од гладни змии, боздоганот начичкан со брадавици од женски гради, менструалната крв како потсетување за пролеаната крв;
  • часовникот чии стрелки се всушност полжав кој лепливо прави да изгледа како сè да стои во место, како времето да не тече.

На крајот се наоѓа и последна илустрација која ја носи пораката ХОХО (kisses and huggeis) испратена до читателите, при што двете О (прегратките) се направени од бодликава жица, но затоа двете Х (бакнежите) се ножици со кои таа може да се пресече.

Ова е симболичка претстава за трансформацијата што ја доживува Адна, која од летаргична и изгубена млада девојка, по сознанието дека нејзиниот сосед Мехмед е гонет затоа што правел нешто забрането – носел деца-бегалци до границата и ги оставал за да бидат згрижени како деца без придружник (со други зборови ги спасувал и нив како и неа) – наеднаш созрева во политички ангажирана жена подготвена да се бори за колективното добро, вооружена со челичните ножици на својата волја да го сосече институционалното зло во име на сите обесправени.

Кога смислата ќе се најде во борбата

И така оваа приказна на и за Адна, спакувана во корици кои личат на писмо залепено со фластерот што е тука да ги зацели раните, испратено до адреса што не постои и со службен печат дека треба „да се врати“, сепак стигнува до вистинската адреса, до читателите.

Тегобната и болна приказна на Адна е силно општествено ангажирана, но на тој начин што успева да ѝ се мушне на памфлетноста и излитените флоскули и да чепне во нас нешто што можеби е заспано. Исто како што беше заспано и во Адна, сè додека таа во борбата не ја виде надежта и не сфати дека нејзиниот живот оптоварен со трауматски сеќавања и болни спомени на тој начин ги наоѓа – и слободата, и смислата.

Наташа Атанасова

...

Leave a comment