Игра за шестмина
Пишува: Марија Митева, поетеса и писателка
Наташа ме покани да напишам еден гоБЛЕН во рамки на нејзиниот блог БЛЕН.мк. Поканата ме израдува од две причини: прво, затоа што знам со колку љубов и внимание Наташа го везе својот гоблен и дека ако ми отстапи простор е поради тоа што верува дека со исто толку внимание и љубов ќе го продолжам везењето. Ова ми создаде и малку притисок, ама решив притисокот да го преименувам во предизвик и ете ме веднаш подготвена со планинарски ранец, да видам каде ќе нè однесат нејзините свилени конци. А втората причина е зошто ми ја погоди темата: Пишувањето и ентузијазмот – како да се задржи, како да се издржи при сите предизвици на нашава сцена да не се изгуби, од каде да се црпи – твое искуство.
Растргната помеѓу денската (8-часовниот работен ден, кој морам да бидам искрена колку и да ме изморува – ме исполнува) и ноќната работа (пишувањето и мечтаењето), решив да го отворам лап-топот, да кликнам на празниот лист и да почнам да одговарам на темата. Блеев во белината некое време. Мислите одлетаа. Погледнав на страна од лап-топот, кога еве ги, стигнале моите потстанари на работен состанок. Инспирација, Анксиозност, Техника и Љубопитност седнале на мојата маса и ме гледаат. Среќна бев што ги видов, конечно да се собереме.
Ме изненади Инспирација, таа обично доаѓа кога сака и си оди кога сака, ќе фрли некоја мисла и ќе фати магла. Ќе ми дошепне нешто и станува сѐ погласна и погласна, како бура ми ги превртува мислите, сите други замисли стануваат тивки од нејзиниот шепот. Хаотична е, одлучна е во својата идеја, но не сака баш да ја потпрашувам. Тогаш бледее, ветви, се склопчува. Нејсе, денес е дојдена на време на состанокот и седи на чело на масата. Облечена е во некоја беж сребреникава нијанса со својата густо црвена коса која ѝ паѓа на рамената. Секогаш ѝ е таква на почеток, а како одминува процесот, така ја менува својата коса. Низ некои разговори може да ги смени сите форми и нијанси, а еднаш дури ѝ падна целата коса. Инспирација има чисто лице, благо румени образи, долги прсти и мириса на ванила и шафран. Таа е одличен слушач. Има своја кутија, која гледам дека и денес ја понела со себе, со разно-разни фотографски мемории, безсмислени реченици, неупотребени емоции, заборавени сонови, звуци и мириси. Таа ги носи Ориентот и Западот во себе. Брза и непредвидлива е како ветер. Брзо знае да растргне, но и да донесе облаци. На неа не можам секогаш да се потпрам, но нејзиното влијание е секогаш клучно и неминовно. Секој пат ме возбудува нејзиното присуство до толку што немам доволно брзи прсти за да ја следам нејзината мисла, ми прави хаос низ и онака немирните сокаци на мојата глава, ме тера да ја следам, па голтам букви, мешам јазици, чкртам, бришам, од почеток почнувам – таа веќе си заминала. Ја нема. Затворам лап-топ. Чекам друг ден, за да се појави некој од моите други потстанари, зошто неа ја знам, нема да се појави уште некое време.
Лево од неа седнала Анксиозност, многу кул девојка, а некогаш е и момче, некогаш и нема човечки облик. Знае да биде и планина и камче во патика и гавран – зависи од расположение. Денес, ако добро сфаќам, е девојка, па така ќе продолжам и така да ѝ се обраќам. Анксиозност најчесто е во црно облечена, ама не ЕМО црно, туку кожно, моторџиски, со неуредни нокти и кратка црна коса. Носи часовник на раката кој го крие, зошто не сака да признае дека ги брои саатите поминати во она што во англискиот јазик се нарекува „overthinking“ или јас како што велам, предозираност од мисли. За неа имам и второ име – Лава, зашто не престанува да пуши па, насекаде околу неа остава облаци чад и не престанува да зборува откако ќе еруптира. Само зборува и зборува, црнее и црнее… Но, од друга страна, нејзиното присуство е многу здраво за мене, нели околу секој вулкан има плодна почва. Е па за мене плодна почва е нејзината смисла за хумор – секогаш иронична и секогаш црна, како и критички став кон светот. Живее за да ѝ мрчи на Инспирација и за да се конфронтира со неа. Не мора да сте никаков експерт за човечки врски, за на прва да сфатите дека меѓу нив искри летаат. Анксиозност е секогаш тука за да нѐ потсети сите нас дека „Светот не почнал од нас, а уште помалку дека се врти за нас“, дека концептот „оригиналност“ не постои, дека постојат многу попаметни и поучени луѓе од мене, дека се избрзува, дека треба повеќе и подобро да се обмисли, дека брза кучка слепи кучиња раѓа, дека патосот на Инспирација е премногу патетичен, дека најверојатно никој нема да биде заинтересиран за големите идеи на Инспирација. „А што ако никој не сфати што сакал писателот да каже?“, „А не мислите дека ова е премногу за читателот?“, „Е да, како не ми текна порано на вакво откровение?! – сите нас нѐ чекаа и сега кога ќе го прочитаат ова, ќе испопаднат во несвест и ќе одите на сите насловни дека: Писателката Марија Митева ја испоубила пола држава со невидено литературно дело! – Нит ќе ве прочитаат, нит ќе се замараат со вас.“… И така Анксиозност ја уништува победничката атмосфера мумлајќи меѓу бркови колку е сѐ ова безсмислено.
Инспирација исчезнува, Анксиозност продолжува да црнее и на маста треснува Техника. Неа ѝ е преку глава да ги слуша овие две како само зборуваат, а малку прават. Нема ниту нерви, ниту време да губи на празни муабети. Отвора некоја направа која никогаш ми нема кажано како ја вика и таму се сите записи научени низ текот на образованието, филозофии, техники, тези, антитези. Сите добро структурирани, за секој има Excel табела, сортирани по датуми и теми. Се повикува на некои големи и значајни лекции од учителите кои успеале да ги потхранат и скротат сите 4 потстанари, ги засукува ракавите и почнува систематски да ги склопува и реди симоблите, речениците. Создава системи од мисли, морфолошки, синтаксички, филозофски корпуси и ги зема идеите на Инспирација, но и сомнежите на Анксиозност ги испрашува и обликува за да создаде баланс. Техника е толку организирана и практична, што не ми дозволи ниту да ви ја опишам, веднаш се фрли на поедноставување и разложување на проблематиката. Техника е многу интересен карактер, затоа што има карактеристики на вино, иако таа нема потреба да консумира освен ако ептен не ја понесе атмосферата. Таа со годините сѐ подобро и поатрактивно изгледа. На почетокот беше несмасна со долги нозе со кои се сопнуваше, глас кој ѝ мутираше, коса која баш и не знаеше како да ја уреди, порано знаеше да претера со шминка. Но, денес практикува изглед кој е конфорен, слободен, без многу шминка, се храни само со вистините кои функционираат во нејзиното опкружување и возраста која ја има.
Но, Техника има една слабост – која јас лично ја сметам за многу симпатична и многу корисна, а тоа е Љубопитност. За Љубопитност знае и да ги прекрши правилата и да направи отстапка.
Љубопитност е галениче на сите потстанари. Самиот збор Љубопитност, во својот етимолошки корен ги содржи зборовите љубов и питам (прашува). Или пак англискиот quriosity, што води потекло од латинскиот curiositas, кој значи „желба за знаење“. Така мојата Љубопитност е бестрашна тинејџерка, која постојано прашува: А зошто, А што ако, а што мисите за… Сака да патува и физички мисловно. Не се скротува, не се задоволува. На секој врв, открива нов кој треба да се истражи. Тешко заспива, а кога заспива многу сонува. Сака да пробува, за вкусува, да мириса, сака да лета и да плива, сака да биде побрза од светлината и да види што има зад неа, сака да патува низ времето, да дознае како мирисале градовите во минатото, како изгледале нивните животи. Сака да знае и денес како живеат луѓето далеку од ова тело кое ни е дадено на користење. Се интересира за ѕвездите и на кого му текнало баш така да ги крсти. Па, што му се моткало низ глава на Томас Ман кога го пишувал Волшебниот рид и што на нашиот Петре М. Андреевски кога ја пишувал Дениција. А како би било, кога би имала талент за пеење? Уф, колку е добро фадото – можам цел живот ова да го слушам. И така разговорите со Љубопитност се бескрајни, летачки, секогаш те буткаат уште еден чекор понатаму – не поради победа, престиж или некакво себепризнание, туку поради игра, поради нештото што те скокотка, поради спознание, поради светот отаде. И не ја сакам поговорката „Quriosity kills the cat“ зашто да ја немав мојата Љубопитност, ќе бев како вистина во која никој не верува.
Ги гледам моите потстанари кои живеат во стаклена куќа, со огледала кон светот. Зрачат и реагираат она што го добиваат.
„Никого јас не претворив во свиња.
Некои луѓе се свињи; јас само им помагам
да си се покажат како такви.“
– вели стихот во песната Моќта на Кирка од Луиз Глик. Такви се и тие, со маана: икрени, гласни и бесрамно свои. Едноставно, се тоа што се.
Така, оваа вечер седевме на масата ние петорица, ги гледав во очи сите мои потстанари. Гледав со кого живеам, како сме стигнале до тука каде што сме, како сме се задржале и издржале. Вечерва можев јасно да го видам моево патување од надвор и внатре. Кога би требало да сублимирам, целиот овој развој на игра и преиспитување е толку голем, важен и искрен за мене, што е 99% од целиот процес на креативно пишување но и од моето јас. А доколку некој си најде соговорник во моите размислувања, тогаш е исполнет и тој 1% кој е многу важен за да биде целосен процесот. И оттаму се отвора новото одбројување. За мене, цикличноста на себегубење и одново наоѓање е сила појака од сите други. Тука е целиот универзум. Во играта.
Сакаш да ја играме?
Наташа Атанасова
...