CultureMatters

Бенјамин Лангер: Да преведуваш од македонски на германски значи да бидеш и агент

Бенјамин Лангер е преведувач од македонски на германски, кој изминатите години со своите преводи изгради мало прозорче низ кое читателите на германски можат да погледнат во македонската книжевност. Тој има преведувано дела на Влада Урошевиќ, Румена Бужаровска, Гоце Смилевски, Бранко Цветкоски, Дејан Трајкоски…, а неговиот превод на класичниот роман „Пиреј“ од Петре М. Андреевски предизвикал голем интерес меѓу германската читателска и критичка јавност. За овој превод тој ја доби Меѓународната награда за превод „Драги“, којашто годинава му беше доделена во рамки на фестивалот „Букстар“.

Кога и како Ви се роди љубовта кон македонскиот јазик?

По моите студии по Германистика и Историја на уметност во Бамберг (и една година во Будимпешта) аплицирав за место како лектор на Фондацијата Роберт Бош. Таа „Лекторска програма за Средна и Источна Европа“ нудеше можност да се предава една до две години на универзитет во тој регион и да се организираат културни проекти со студентите. Мојот план беше да заминам во Романија, во граничниот регион со Унгарија каде што се зборува романски и унгарски. Но на интервјуто ме прашаа дали би отишол и на друго место, и тоа место беше Скопје. За мене Македонија и македонскиот јазик беа сосема нови, но еве, земјата веднаш многу ми се допадна и почнав да го учам јазикот. Многу ми помогна што луѓето беа толку отворени и љубезни, сите „ми правеа муабет“, и мислам дека токму преку луѓето се роди мојата љубов кон македонскиот јазик. Останав четири години во Скопје. По една година станав лектор на ДААД што ми овозможи да работам подолго на факултетот „Блаже Конески“. А по три години, кога бев способен да читам и книги на македонски јазик – првата беше „Скопски раскази“ од Влада Урошевиќ –, таа љубов несомнено се вдлабочи.

Што беше најважно за да се препуштите на предизвиците на книжевниот превод од македонски на германски?

Кога живеев во Македонија, сè уште немаше речиси ништо од македонската книжевност што можеше да се најде на германски. Ми беше жал и почнав да преведувам раскази за барем дел од литературата да споделам со пријатели и моето семејство. Еден поттик беше и една работилница со моите студенти каде што преведувавме германски книжевни текстови за Скопје на македонски. Тоа беше многу убаво искуство и сакав да продолжам. Сериозно почнав да преведувам дури кога се вратив во Германија и кога овде во Берлин се запознав со луѓе од преведувачката сфера, како на пример од мрежата ТРАДУКИ. Преку нив не само што почнав да преведувам за книжевниот саем во Лајпциг туку и ги открив можностите коишто ги нудат работилниците и семинарите на Германскиот фонд на преведувачи. Од тие семинари научив многу и ја стекнав самодовербата што беше потребна за да стапам во контакт со можни издавачи. Мислам дека имав среќа на мојот пат како преведувач.

При преведувањето на делата, дали Ви е поважно преводот да е што поблизок и поточен до оригиналниот текст или да е што поблизок и поразбирлив за современиот читател?

Сметам дека мора да биде нешто измеѓу. Најважно ми е ритамот и дикцијата, но и особеностите на оригиналниот текст да бидат сочувани во преводот. Секогаш се трудам да останам што е можно поблиску до оригиналот, но честопати треба да се оддалечувам за да звучи и на германски како да е оригинал, односно за да одговараат регистарот и бојата на јазикот на оригиналниот текст. Буквалниот превод не е секогаш правиот превод. Но секако зависи и од делото. „Пиреј“, на пример, има многу зборови и изрази кои и на современиот македонски читател не му се лесно разбирливи, а и начинот на зборување на главните ликови односно раскажувачи не е современ и делува дури малку егзотично. Значи, во тој случај требаше и преводот да биде таков, не секогаш лесно разбирлив, посебен, дури и егзотичен. Сакав да го сочувам карактерот на текстот и да не го поедноставам. Но кога преведувам дела кои на современиот македонски читател воопшто не му делуваат „туѓо“ или „егзотично“, секако дека не сакам да им делуваат така и на германските читатели. Не сакам непотребно да отуѓувам преведувајќи буквално – што лесно се случува на пример во случај на пцовки. И не сакам да се препознава дека е превод бидејќи читателот се „сопнува“ при читањето кога се соочува со зборови, синтактични структури и изрази кои не се соодветни за германски текст.

Книги од македонски автори во превод на германски на Бенјамин Лангер

Кои се најголемите предизвици за еден преведувач од македонски на германски јазик? И кое од делата што ги имате преведено од македонски Ви има предизвикано најмногу „преведувачки маки“?

Најголемиот предизвик, всушност, е да се најде издавач. И не само да се најде издавач, туку и да се најде издавач којшто нема да ја објави книгата можеби само затоа што добива финансиска поддршка на пример од ТРАДУКИ или од Европската Унија, туку кој ќе се ангажира и понатаму за книгата со промоции, со рекламирање, со контактирање на критичари коишто би можеле да бидат заинтересирани. Да бидеш преведувач од македонски на германски истовремено значи да бидеш и агент, не само преведувач. А таа работа е многу мачна и бара многу време.

Што се однесува до „преведувачките маки“, мислам дека најмногу ми ги предизвика „Пиреј“ од Петре М. Андреевски. Но, истовремено, тие маки ми донесоа и големи радости. Зошто? Затоа што добив толку многу помош од драги луѓе. Не можев да го прашам авторот за зборови коишто ги нема во ниеден речник, но ги прашував син му Сергеј Андреевски со сопругата Ирена и внукот Меглен кој дури живее во Германија. Кога и тие не знаеја или не беа сигурни, одеа со моите списоци во Слоештица за да ги прашат старите луѓе таму и се враќаа со објаснувања и честопати и фотографии на предмети, алати итн. И мојата другарка Бранка Ѓорговска отиде за мене во Музејот на Македонија и разговарала со стручњаците за плугови и за различни видови на волнени ткаенини, а и за разбои за да можев да разберам кој дел од традиционален разбој за што служи и да најдам германски еквиваленти. Тоа, всушност, беше групна работа и беше прекрасно искуство.

Годинава ја добивте меѓународната награда „Драги“ за преводот на романот „Пиреј“ од Петре М. Андреевски. Колку Ви значи ова признание како професионален книжевен преведувач?

Секако дека многу ми значи ова признание за мојата работа како преведувач, исто како и меѓународното признание „Блаже Конески“ на Македонската академија на науките и уметностите, коешто го добив пред неколку години на предлог од Влада Урошевиќ. Овојпат посебно ми беше драго што ми ја доделија наградата токму во зградата на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, на истото место во влезната хала, каде што на времето настапив со мојата театарска група од студенти на Германистика и ученици од Гимназијата „Јосип Броз Тито“. Имав чувство како да се затвори еден круг.

Во образложението за наградата стоеше дека германскиот превод на „Пиреј“ доживеал одличен прием кај германската публика. Според Вас, освен на квалитетот на делото и квалитетот на преводот, кои други фактори влијаат за еден ваков пробив на дело од, условно речено, мал јазик, на пазар на голем јазик како што е германскиот?

Секако и квалитетот и активностите на издавачката куќа. Во случајот на „Пиреј“ се работи за Издавачката куќа „Гуголц“, на германски „Guggolz Verlag“. Издавачката куќа е мала, но неверојатно успешна и позната. Издавачот Себастиан Гуголц е голем ентузијаст и се ангажира многу за своите книги. Критичарите го знаат и го ценат, и кога тој предложува некоја нова книга може да бидат сигурни дека е квалитетна и дека вреди да се занимаваат со неа. Без таков ангажман би било многу, многу потешко да се пробие една книга преведена од не многу познат јазик на суровиот книжевен пазар во Германија.

Кое дело или автор е Вашиот следен предизвик да го пренесете на јазикот на читателите на германски?

Моментално сум во фаза на исчекување. Има еден проект што би сакал да го реализирам, има дури и издавачка куќа, но книгата би се објавила во пакет со други книги од други јазици и сè уште не е јасно дали ќе се финансира. Затоа сè уште не би сакал да откријам повеќе. Инаку, имам повеќе книги што сакам да ги преведам, но морам првин да најдам издавач. За тоа треба многу време, а треба и сила. А со моето полно работно време на одделот за меѓународна соработка на Слободниот Универзитет Берлин, во комбинација со две сè уште мали деца, некако ми недостасуваат и време и сила, барем засега. Но сигурен сум дека ќе дојдат и други времиња! Во никој случај нема да се откажам од преведувањето на македонска книжевност.


Насловна фотографија: Ефи Лонгину

 

Наташа Атанасова

...

Што мислиш ти?