Годинава добро, догодина уште подобро!

Веројатно сите што ме знаат знаат и дека минатата недела ја поминав на Саемот на книгата во Франкфурт. А сите што ме знаат подобро, знаат дека многу се вложував во тоа цело лето и ненормално премногу трите недели пред почетокот на саемот. Толку многу што кога стигнав во Франкфурт, на денот пред отворањето на Саемот, се разболев и снемав глас. За среќа симптомите не водеа кон кароши и со помош на силната волја и адреналинот за еден ден си го вратив гласот, па на 16 октомври застанав гордо на нашиот штанд.
Текстов го пишувам зашто сакам да ги споделам моите впечатоци. Верувам дека со многу луѓе на кои би сакала да им раскажам повеќе, нема да се видиме за брзо време, а впечатоците знаат и да избледат, деталите да се заборават. Од друга страна, можеби има и луѓе со кои не се знам (добро) а ги интересира или некогаш би ги интересирало ова, па еве можност да го пренесам моето искуство.
За подготовките
Најобемната работа при подготовките за Саемот на книгата во Франкфурт беше селекцијата на автори што треба да влезат во националниот каталог и дела што ќе се преведат на англиски и целата организација за да тоа да се реализира, која ја водеше работната група на МАИ (Бојан Саздов, Бранка Бугариска, Филип Баткоски, Билјана Црвенковска и Искра Димковска). По избор на стручната комисија (Владимир Мартиновски, Оливера Ќорвезироска и Виолета Танчева-Златева), во каталогот влегоа педесет автори, а се преведеоа целосно или делумно 11 дела. Но, за тоа што сè направивме пред да дојдеме, не би сакала да се повторувам, бидејќи веќе одговорив на прашањата на Весна Ивановска-Илиевска од Умно.мк, единствената која подлабоко се заинтересира за тоа што го правиме и напиша статија за нашето претставување во Франкфурт.
Што е, всушност, Саемот на книгата во Франкфурт?
И покрај кажувањата на издавачи и писатели кои претходни години оделе на Саемот во Франкфурт, а на некои од нив ова им беше и 14-ти пат, мојата претстава за тоа што ме очекува беше матна. Неговата големина и сериозност можев делумно да ја насетам преку сложеноста и содржајноста на веб-платформата што ја имаат изградено. Таа во себе ги содржи сите можни информации во врска со саемот (што и да ги прашав лицата за контакт – одговорот секогаш доаѓаше во форма на линк, што од една страна е супер, но од друга, во период кога си во цајтнот одговорот ти треба на тацна, а не да го бараш сам како игла во сено од дваесетина страници). Понатаму, има социјална мрежа во која секој учесник со својот профил може да се поврзува со други учесници, да им пишува директни пораки и да закажува состаноци на половина час кои се гледаат во прецизен календар. Програмата за саемот се правеше уште од март, а се состои од засебна програма на секоја хала (ги има шест, од кои сите се на по неколку ката) и една заедничка што се одржуваше во средишниот павилјон во центарот на Саемот. И бројките беа вртоглави – 4.000 изложувачи од 93 земји, 7.000 пријавени новинари и до пред отворањето издадени 105.000 влезници за деловни посетители. Општата публика, односно читателите, можеа да влезат почнувајќи од петокот во 14 часот до крајот на саемот, во неделата, и бројката тука сигурно е уште неколку стотици илјади посетители.
Првите три дена саемот е бизнис-ориентиран. На секој од националните штандови и штандовите на издавачите од 9 до 18:30 часот се одржуваа однапред закажани состаноци, додека уредници (претежно помладите), помали издавачи и скаути ги посетуваат штандовите со цел да откријат нешто ново, а и да го понудат тоа што го имаат. На овој начин се воспоставуваат контакти меѓу луѓе од цел свет, кои понатаму секој има можност да ги продлабочува.
Впечатоци, разговори, луѓе…
Пред да отидам на саемот замислував дека ќе правам „пренос во живо“, односно дека на моите профили ќе ги објавувам најинтересните работи што се случуваат на саемот и ќе им овозможам на сите да ѕирнат во него, ама набргу сфатив дека со домашен есап на пазар не се оди. Со мерак останував што повеќе на нашиот штанд, затоа што за мене сите луѓе што застанаа таму, сите со кои имав можност да поразговарам, претставуваат едно непроценливо богатство, кое не може да се купи со пари (за разлика од посетата на саемот).
Иако толку многу се подготвувавме за саемот, цело време се плашев дали ова што го правиме, дали целиот овој труд ќе биде залуден. Овој страв ми го подгреаја неколкумина што претходно работеле на нашиот штанд, кои ми кажуваа дека, општо земено, интересот е мал и речиси нема интерес за македонската уметничка литература. Меѓутоа, овогодишното искуство беше поинакво. Не велам дека цел свет падна во несвест за македонската книжевност, но оние што покажаа интерес (а нивниот број беше солиден – секој ден барем по десетина) – за нив вредеше да се биде тука. Како на пример:
- Издавачката од Шпанија, која издава само авторки, меѓу кои ми ги истакна Дубравка Угрешиќ и Ани Ерно, а на нејзиниот список на авторки за кои е заинтересирана да ги издаде има и две од Македонија, Румена Бужаровска и Лидија Димковска, и прашува дали може да добие нешто на англиски од нив;
- Двајцата уредници од Италија кои се во потрага по нови и интересни писатели од помали јазици – тој собира материјали за наградувани книги во изминатите неколку години, а таа се распрашува за автори на научна фантастика;
- Пресниот издавач од Лондон кој по долги години работа како уредник сега си отворил своја издавачка куќа и дошол на Саемот за да направи издавачки план. Доаѓа еден ден и кажува дека би сакал да го добие само каталогот. Ама сум го фатила на фотографија како седнат на маса го разгледува каталогот и си запишува нешто и го препознавам кога ќе се врати следниот ден, што нему му е просто неверојатно – дека некој го запомнил во целата таа маса од лица. Ми остава контакт за да му испратиме извадоци на англиски од делта на Живко Грозданоски и Стефан Алијевиќ, затоа што го интересира автофикција и му се допаднало тоа што го прочитал за нив во каталогот;
- Португалскиот издавач кој беше заинтересиран само за квир литература и кој беше среќен кога го откри Петар Андоновски како наш добитник на Европската награда за литература, па и неговиот роман „Не кажувам“ преведен на англиски;
- Холандската уредничка која ми кажа дека три години се обидува да ги убеди во нејзината издавачка куќа да ја издадат Румена Бужаровска, која ја читала преку препорака од пријателка Македонка, но никако не ѝ успеавало;
- Колегата на Румена Бужаровска, писател од Грузија кој бил со неа на некоја програма во Америка, и кој се израдува кога ја виде „Господ, па Америка“ преведена на англиски и беше пресреќен кога му ја подаривме „Мојот маж“ на англиски – книгата за којашто толку многу слушал, сега можеше и да ја чита и ми кажа дека веднаш оди да направи стори и да ѝ се пофали и на Румена.
Вакви разговори имаше многу, но општиот впечаток од нив е дека:
- Од нашите современи автори најголеми брендови во моментов ни се Румена Бужаровска и Лидија Димковска;
- Нашата литература за деца привлекува многу внимание, се бараа многу контакти од издавачки куќи што издаваат литература за деца;
- Главните прашања се дали имаме автори со Европска награда за литература, која ни е најголемата книжевна награда во државата, дали имаме дела за деца на листите на „The White Ravens“;
- Кои издавачки куќи би биле заинтересирани за нови партнери за конкурирање за заеднички проекти за програмата на Креативна Европа;
- Жалосно, но немаше апсолутно никаков интерес за поезија;
- Нашите издавачи беа неуморни во одржување состаноци и немаа време ни да здивнат првите три дена – како при периодите за одржувањето на состаноците, така и за време на коктел-забавите по штандовите на крајот на работните денови, максимално искористувајќи ги можностите што ги нуди саемот;
- Во споредба со земјите од регионот, кои беа во нашата хала, можам да кажам дека нашето претставување – и во поглед на изгледот на штандот, и во поглед на подготвеноста со промотивни материјали и информации – беше сосема солидно и на слично ниво;
- Преводите на англиски на најдоброто од нашата книжевност од изминатите три години беа полн погодок, затоа што на сите што се заинтересираа за одреден автор или дело преку приказната спакувана во 1-2-3 минути (и тоа открив колку природно ми доаѓа во вакви ситуации и како од мал мозок ја вадам содржината на книги што сум ги читала пред 2-3 години), следното прашање им беше: има ли достапен превод на јазик што би можел да го разберам? Затоа што приказната е само почетокот во „продавањето“, кој е важен, но остатокот од работата треба да го направи самото дело.
Од луѓето со кои се запознавме, разговаравме и дружевме овие денови, сакам да ги истакнам:
- Комуникативниот Никица од хрватскиот штанд, Македонец кој работи во здружението што ги претставува хрватските издавачи на штандот, кој е толку отворен и желен да ни помогне несебично споделувајќи го целото свое знаење и искуство;
- Ведрата Барбара од штандот на словенечката издавачка куќа „Младинска книга“ секој ден облечена во виолетово, која ни беше прва сосетка и која исто така за првпат беше во Франкфурт, и која несебично ги сподели сите детали за нивната организација и пренесувањето на искуството што го имаат претставувајќи се во Франкфурт 25 години по ред;
- Лингвистот од Источна Германија кој го привлекол нашиот штанд, кому му дојде убаво муабетот со мене и се израдува кога не ги примив со зачудување муабетите дека и во Германија има висока корупција и дека не треба да нè обеспокојуваат муабетите дека таа постои само на Балканот;
- Кинезот кој не знаеше каде е Македонија и кој слатко се изнасмеа кога на неговото прашање му одговорив да, иако сме два милиони, имаме и војска и полиција и сè што има една држава;
- Нашиот писател Дејан Трајковски, кој беше гостин на панел-дискусија на штандот на ОАЕ и Ксенија Чочкова, нашата истакната преведувачка од германски на македонски која дојде да нè посети;
- Прекрасните посетители Македонци кои живеат во Германија и кои во голем број дојдоа на штандот последните два дена. Тие доаѓаат на Саемот да си купат книги и секоја година шетаат низ меѓународните хали со надеж дека ќе наидат и на македонски штанд. Сите беа воодушевени од тоа како изгледа штандот, како сме претставени и оние што доаѓале и претходно кажуваа дека конечно се чувствуваат горди на тоа што го гледаат. Срдечните понуди да помогнат со сè што би можеле догодина и оставањето контакти, доаѓаа речиси од сите.
Специјална благодарност сакам да упатам до:
- Сите автори кои навреме ги испратија материјалите што беа потребни за составувањето на каталогот и кои со своите објави на социјалните мрежи ја зголемија видливоста на тоа што го правевме во Франкфурт;
- Сите преведувачи на делата од македонски на англиски, кои се потрудија да преведат што е можно повеќе страници до 30 септември, за да можеме да испечатиме репрезентативни примероци;
- Зорица Теофилова, за целата помош со лекторирање текстови на англиски;
- Внимателните дизајнери Анета и Јордан, кои во рекордно време и со висока презизност ги изработија потребните дизајни за промотивните материјали;
- Дечките од печатницата кои од денес за утре испечатија сè откако рокот за транспортот на материјалите ни се скрати за три дена;
- Дафинка Срезоска, која живее во Дармштат и која ни ги пречека книгите од наши автори преведени на други јазици што ги нарачувавме од Амазон и со сопругот и ќерката ни ги донесе во Франкфурт пред почетокот на Саемот;
- Винаријата „Лазар“ за тоа што ни донираше прекрасно македонско вино за нашата коктел-забава, што ја организиравме на првиот ден од Саемот;
- На членовите од нашата делегација за дружењето во „Literaturhaus“;
- Сите блиски луѓе кои го толерираа моето отсуство и ги трпеа моите нервозни испади изминатиов период сфаќајќи дека тоа е за општо добро 😊.
- Сите кои дадоа морална или каква било друга поддршка во целиот овој процес.
Ако досега не сте го виделе нашето претставување и низ фотки – можете ТУКА.
Што можеме подобро следната година?
Уште од пред некое време, почнав да правам список за тоа што можеме да направиме подобро следната година. Што би можеле плус да закупиме на саемот а каде да заштедиме, што да испланираме да направиме порано, кого плус да вклучиме во процесот на организација. Овој список уште го полнам и во него можат да се најдат и ситници од типот да си земеме отворач за вино до стратешки работи како изработка на посебен каталог за литература за деца, регистратор на сите издавачки куќи членки на МАИ и/или на сите издавачки куќи во земјава…
Овој текст го пишувам и како своевидна база на податоци што ќе ги користам и за во наративниот извештај за Министерството за култура и туризам, но и како репортажа за сите што некогаш биле на Саемот во Франкфурт и сакаат да знаат како е сега; за сите што од страна сакаат да ѕирнат во оваа работа; за оние што еден ден би се нашле на мое место да ја работат оваа работа. Затоа што јасно ми е дека националното претставувањето не почнува и не завршува тука. Ова е еден сериозен процес на надградување, кој сите што некогаш сме биле дел од него треба да го сфатиме како таков и да си помагаме едни со други.
Затоа што, ваквите претставувања се стратешка работа. Ова мора да биде дел од долгорочна стратегија за позиционирање на македонската книжевност на светската мапа и секое ново претставување да биде надградба на претходните искуства, учење од другите изложувачи и од своите недостатоци и грешки со единствена цел, која за мене е еднаква на олимпиското мото „Побрзо, повисоко, посилно“, а во овој случај гласи, едноставно, ПОДОБРО!
Наташа Атанасова
...

Годинава добро, догодина уште подобро! - УМНО.МК
#
[…] Прочитајте го целиот текст на БЛЕН.МК […]
Reply