Книжевен гоБЛЕН

За читателско-писателските работи

Како од читатели до добри читатели и до (по)добри писатели?

Пишува: Стефан Алијевиќ, писател


Уште кога не знаев да читам, ги гледав поголемите деца од зградата каде што живееше братучетка ми како возбудено разговараат за книги. На скалите од влезот си правеа ранг листи кој колку книги прочитал за време на летниот распуст. Годината е можеби 1995 или 1996, и речиси сите деца во таа паметна зграда имаа прочитано барем дваесетина книги. И тоа настрана од задолжителната лектира.

Вака од временска дистанца делува дека ептен било кул да се чита, што не можам да кажам дека е случај и денес. Или можеби само сум имал среќа да бидам растен во таква средина каде читањето книги едноставно било важно. Братучетка ми имаше библиотека до плафон; ќе се качеше на столче и од високите полици ќе бираше наслови за кои сметаше дека е полезно и јас да ги прочитам, секако, соодветно за возраста. И јас си правев листи за тоа што сум прочитал за време на распустот, ама немав баш со кого да се „натпреварувам“.

За едно позајмување книга со поинаков завршеток

Омилениот филм во тинејџерските денови ми беше „Плажа“ со Леонардо ди Каприо во главна улога. Филмот го имав гледано барем десет пати, а открив дека е правен според роман откако го детектирав познатиот наслов на некој штанд при посета на Саемот на книгата во Скопје. Се разбира, го купив, и уште веднаш почнав да ги барам оние места каде приказната во филмот е недоследна со онаа во книгата. Потцртував со молив и допишував белешки по маргините како секој занесен младич кој наскоро треба да започне студии по книжевност. Не го правев тоа нужно со секоја книга, но „Плажа“ на Алекс Гарланд беше исклучок.

Како што братучетка ми ми позајмуваше книги мене, така јас решив да ѝ го позајмам мојот омилен роман на една другарка, која беше личност грижлива кон книгите. Но, таа никогаш не ми го врати, иако во повеќе наврати ја имав замолено да го направи тоа. Долго барав објаснување зошто никогаш не ми ја врати книгата. Последниот обид да си го добијам назад мојот примерок од „Плажа“ беше веќе кога бев трета година студент. Се сеќавам дека залудно чекав другарка ми да дојде на договореното место и час, на една од главните раскрсници во населбата Кисела Вода; ме извиси и не се појави на средбата, а заврна и дожд. Кратко потоа, од муабети по луѓе, стигнав до заклучокот дека таа можеби ја уништила книгата.

Во „Плажа“ Гарланд прави една паралела за тоа како рајот (островот каде среќно и самостојно живее комуната светски патувачи, изолирана од остатокот на светот) се претвора во пекол (по низа инциденти, вклучително и напад од ајкула). Во содржината имаше и други „грешни“ работи. Како на пример, плантажи со канабис, неверства во врските, менување сексуални партнери и така натаму. Кога ѝ ја позајмив оваа книга на мојата некогашна пријателка, не помислив дека таа доаѓа од ултрарелигиозна средина. Мојата тогашна омилена лектира третираше важни теми на начин за кој сега сум уверен дека значително се косел со нејзините лични верувања. Можеби родителите ѝ се налутиле дека земала во раце такво четиво, па добила казна и, на крај, заеднички одлучиле да ја фрлат „Плажа“ во корпата за отпадоци. Или уште полошо, ја џитнале во печката за дрва.

Читателската филозофија на паланката

Од денешна перспектива посакувам целата оваа (не)комуникација да изгледаше поинаку, да се претвореше и во конфликт по можност. Зарем немаше да биде подобро таа директно да го искажеше своето најверојатно лошо мислење за мојата омилена книга, макар мене тоа и да не ми се допаднело? Да каже дека не се согласува со она што е напишано и дека тоа оди контра нејзините животни убедувања? Можеби уште сме биле само млади, неискусни, недооформени читатели? Или можеби, сепак, тоа се должи на паланечката култура која владее околу нас и која, за жал, диктира поинакви кодови на комуникација? Прикаскава и натаму ми служи како потсетник дека нам, генерално, искажувањето на критички ставови за литературните дела ни е слаба страна (understatement of the year) и дека ние подобро би измолчале, би избегнале коментар, па и тет-а-тет-средба, отколку да ја признаеме негативната емоција или да се судриме со мислењата.

Молкот кон проблематичното во книжевните дела е видлив и низ критиките, рецензиите и разгледите, каде доминантно се претендира да се напишат само фалбени зборови, без на пример да се спомене каде авторот можеби влегол во стапица или пропуштил шанса за подобра изведба во текстот, нарацијата, ликовите и слично. Ама од пофалбите, како што знаеме, не се живее, а ниту се станува подобар писател/ка. Ова не им е од полза ниту на читателите. Како тие би го изостриле своето сетило за фикција ако до нив постојано допираат само добрите пофални слова за секоја една книга?

Онаму каде проблемот станува уште погорлив е кога искажувањето мислење сепак ќе се случи, ако не директно и во очи, тогаш зад грб. Во стилот: нема да ти кажам дека не ми се допаѓа твојата книга (независно дали е прашање на личен вкус или пак се работи за посериозно тврдење поврзано со текстот), ама ќе зборувам и негодувам пред другите луѓе во дадени прилики (слично како другарка ми од тинејџерските години). Ваквата малограѓанска атмосфера се разбира дека воопшто не е полезна или конструктивна за самите автори/ки. Не придонесува за поубава работна средина, ниту пак стимулира заедништво и добра соработка.

Дали добрите читатели создаваат (по)добри писатели?

Драгиот Петар Андоновски отсекогаш кажувал: најпрвин сум читател, а потоа писател. Да го парафразирам и понатаму: она што го пишуваш, треба најпрвин тебе лично да ти се допадне како читател. И потполно се согласувам со него. Она што ми фали како на помлад писател во мала средина како нашата е токму една поразвиена читателска култура каде поинтензивно ќе полемизираме за книгите што ги пишуваме и читаме.

Секако, постои потенцијал авторите/-ките и општо културните работници, пред сè оние од помладите генерации, да скокнат напред, и целосно да излезат од матриците на тесноградото однесување. Веќе се за поздрав одредени иницијативи кои првенствено доаѓаат од поновите генерации книжевници, кои ја чувствуваат потребата да се пушта свеж кислород и да се менува динамиката. Чисто за пример би ги споменал „Култура Бета“ и нивните разновидни ангажмани со фокус на младата генерација или, пак, кампањите како „Книга на месецот“ на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје, а слично нешто видов дека прави и Книжевниот клуб Куманово. Има уште доста вакви примери. Ваквите иницијативи, поради нивниот отворен карактер, имаат потенцијал да се претворат во места каде што може да се насочи енергија за градење поцврста читателско-критичка култура, настрана етаблираните книжевни фестивали. Затоа се надевам дека исчитувањата на книжевните дела во рамките на овие понови иницијативи нема рутински да се сведуваат на безлични разговори, туку дека ќе им понудат нешто повеќе и на читателите и на писателите. Ќе служат за излез од старите истрошени модели на однесување.

На крај, уште посилен сигнал за успешна читачка култура би било кога читањето фикција би се нормализирало и во јавниот простор, како што е случајот во многу други земји. Да се чита на клупа, во парк, во превозно средство, во кафиќ. Без помислата дека можеби изгледаш чудно пред останатите. За воопшто се надеваме на такво нешто, потребно е да поместиме и по некоја планина, а прво и основно љубовта кон читањето да ја вкорениме кај најмладите.

Фикција со фикција се избива

Помислата дека денешните деца би правеле ранг листи за тоа кој колку прочитал, во 2024-та, веќе личи на фикција. Но, децата само ги имитираат возрасните, а најголемиот дел од нив одамна расчистиле со феноменот книжевност. Во оваа доцна фаза на деградирана култура на читање, единствената идеја која ми паѓа на памет е да се пуштат огласи:

Се бара ПРОФЕСИОНАЛЕН ЧИТАЧ НА КНИГИ, егзибиционист кој би се појавувал на места каде што има деца и други помлади лица. Во паркови со играчки, во делот од кафаната каде стојат детски реквизити, во дворовите на училиштата и гимназиите, на плоштад, па ако треба и во диско.

Професионалниот читач си ја врши својата работа секој ден. Одбира пригодна клупа и чита таму со саати, бидувајќи гледан од другите. Некое љубопитно дете евентуално ќе дојде до него и ќе праша што прави, зошто чита, што чита, да не е луд, да не има температура? А можеби, пак, и ќе се придружи во читањето на клупа, ќе побара да му се прочита приказна на глас. Еден ден може ќе бидне писател од тоа дете, ама доволно ќе биде и да (о)стане само читател.

Знам, уште фикција. Ама кога во реалноста ни недостасуваат задоволувачки одговори на прашањето како да градиме читателска култура и со тоа да калиме повеќе будни истрајни читатели и можни писатели, можеби одговорите треба да ги бараме токму во: фикцијата!

 

Leave a comment