Ами, здраво 🙂 Јас сум Наташа.
Блен.мк е мојот веб-дом.
Ако куќа не направив
со високи шимшир порти,
куќа цел свет братски ми е
братски срце што отвора,
срце – порта наjвисока,
срце – куќа наjширока.
Вака пееше мојот сограѓанин пред помалку од еден век. Куќа и јас немам направено, не живеам повеќе во родниот град, но затоа мојот дом е мојот свет во кој имаш можност да ѕирнеш шарајќи низ Блен.
Гледам дека почнувам да претерувам со веселава азбука од почетните букви, па си велам да ја разбушавам 🙂
Зошто Блен.мк?
- Затоа што сметав дека треба некаде да бидат достапни и денес сите текстови што сум ги пишувала или преведувала низ годините, а кои во најголема мера беа објавувани на веб-места кои веќе ги нема (kuckamen.com и magazine.antoris.mk);
- За да ги прашам луѓето што ја сакаат и создаваат книжевноста (и малку подалеку од неа) за работите што ме интересираат и што мислам дека би ги интересирале и други луѓе со слични интереси;
- За да научиме повеќе за нашата македонска книжевност, култура и традиција, за нашето МАКЕдонско макоНДО;
- За да можеме да видиме до каде сме во споредба со регионот, со светот;
- И последно, и можеби најважно, за да ја одржувам во живот поговорката: „Џабе работи, џабе не седи!“;