Театар

За „Таткото“ и за стравот од деменција

Кај нас, драмите не се преведуваат толку често колку романите и расказите. Следејќи ја долги години издавачката сцена, малку биле драмите од современи драмски писатели што ми паднале в раце на македонски.

Затоа, вистинска радост е кога ќе се случи тоа. Неодамна го запознав (преку книга, секако) Флоријан Зелер, авторот чие име во пофалбен и позитивен контекст го имав среќавано по странските медиуми а чии „Драми“ се појавија на македонски, во рамки на едицијата „Европски приказни“ на „Три“.

Флоријан Зелер е француски драмски писател и романсиер, роден во 1979 година. Студирал политички науки, но ја продолжил својата наобразба во насока на литературата. Почнал да пишува најпрво романи. Првиот роман „Вештачки снег“ го напишал кога имал само 22 години. За кратко следувал и втор, но дури третиот, Фасцинација од злото, од него направил писателско име во Франција. Романот, кој ја истражува врската на Западот со исламот, предизвикал многу контроверзии и влегол во тесен избор за наградата „Гонкур“.

Меѓутоа, по трите напишани романи, Зелер почнува да пишува драми и со нив постигнува навистина голем успех.

Самиот Зелер за своите драми вели дека се фарси кои не се потпираат врз банален хумор, па би можеле да се опишат повеќе како чеховска дефиниција за „комедија“. Зелер вложува напор да ја вознемири публиката со неповрзани временски случувања, повторувања и алтернативни приказни. Неговите драми се вртат околу типични семејни ситуации и проблеми, кои преку драмскиот конфликт, исполнет со парадокси и апсурд, се претвораат во замаглени мистерии, а неговите ликови се силни и моќни.

До денес, има напишано вкупно 12 драми, од кои најголем успех забележува трагичната фарса „Таткото“, која ја има и во книгата преведена на македонски.

„Таткото“ е драма во која централната улога ја има Андре, 80-годишен човек со деменција. Неговата сенилност како што се менуваат сцените станува сè поголема, а со тоа и неговата збунетост, осаменост, преплашеност и чувство на поразеност. Она што е уникатно за оваа драма е што Флоријан Зелер ги става читателите, односно публиката, во главата на Андре, при што постојано го менува мизансценот и ги менува ликовите, па и вие не сте сигурни кој е кој, исто како што и Андре збунето гледа во луѓето што се појавуваат пред него, а кои му се кажуваат како најблиски.

Универзалниот страв на човекот денес, стравот од болеста која кога ќе се дијагностицира значи дека нема повеќе држење узди над сопствениот живот, над спомените, над случувањата, ја прави оваа драма да се чувствува како болка, како грутка што стои тука, гуши и не може да се голтне бидејќи колку и да го гледаме некогаш силниот и авторитативен Андре како се бори и се бори и се бори – и против болеста и против сите, буквално до последен момент, знаеме дека сè е залудно и дека нема назад. А она напред е напред во празнотија.

Драмата е полна со елипси, со повторувања на реплики и дијалози, па дури и на сцени. Тишините исто така ги има многу и нивната моќ се состои во давање време на читателот/гледачот да сфати како се чувствува ликот и да сочувствува со него.

Веројатно токму тоа ја има направено драмата толку успешна – претстави направени според драмскиот текст се на репертоарот низ многу театарски куќи во Париз, во Лондон и во Њујорк. Според „Тајмс“, Флоријан Зелер, авторот кој досега неколку пати ја има добиено престижната француска награда за драмски текст „Молиер“, е „највозбудливиот драмски писател на нашето време“.

 

(Текстот беше објавен на magazin.antoris.mk во декември 2019 година)

Наташа Атанасова

...

Што мислиш ти?