Ризница

Од „Моби Дик“ на Херман Мелвил во превод на Огнен Чемерски (КСЦ, Микена, Макавеј, 2014)

Блен

Пријатна замисленост, мечтателност (том 1, стр. 30). Во дигиталниот речник зборот е објаснет како македонски пандан на англискиот „daydreaming“.

сета, сетно

Меланхолија, меланхолично (том 1, стр. 37)

прелест

Убавина (том 1, стр. 39)

филдиш

Слонова коска, белокоска (том 1, стр. 40). Се спомнува и во „Одисеја“ во превод на М. Петрушевски, на стр. 130.

паларија

Капа со козирка, односно со обод или штит од сонце и вода (том 1, стр. 65)

наврзалка

Приказна (од врзалка) која е, главно, чудна. (том 1, стр. 69)

скрипец

Вид макара. (том 1, стр. 70)

сажен

Стара мерка за должина од охридско, еднаква на 1,83 метри. (том 1, стр. 75)

попивка

Хартија за впивање мастило и отстранување дамки од списи. (том 1, стр. 89)

пират vs. гусар

Пират – ограбува за личен интерес.
Гусар – морски башибозук од паравоен цивилен брод кој ограбува во служба на некоја држава. (том 1, стр. 90)

абрашеста

Бенкичава. (том 1, стр. 92)

купа

Конус (том 1, стр. 97)

ират, иратлија

Рента, човек што живее од рента, рентиер. (том 1, стр. 100)

дубла

Голем дукат. (том 1, стр. 105)

пришествие

Доаѓање. (том 1, стр. 115)

таласам

Злодух, од турски. (том 1, стр. 116)

пагур

Шише за ракија. (том 1, стр. 128)

станиште

Мал залив во кој бродовите се кријат од ветер. (том 1, стр. 132)

прангија

Мал церемнијален топ за одбележување настани (том 1, стр. 133)

драгоман

Преведувач (том 1, стр. 133)

клед

Подрум (том 1, стр. 149); Соба, одаја (во „Одисеја“, стр. 46)

јуродиви

Во црковната терминологија се „блажени будали“, со пречиста и богумила душа, речиси светци, олицетворение на сиромаштијата и страдањата што ги истрпел Христос (том 1, стр. 168)

скинија

Номадски храм од ткаенини, во вид на шатор (том 1, стр. 175)

пламенец

Триаголно знаме чиј врв е исечен во вид на ластовичкина опашка (том 1, стр. 189)

белолесец

Човек со бели леси (плетенки, коси). (том 1, стр. 233)

бивак

Привремен војнички камп на отворено во импровизирани услови (том 1, стр. 243)

чакле

Многу долг стап (сарак или драг) со шило и кукачка на врвот кој служи за бодење, кинење и дофаќање (том 1, стр. 265)

мрија

Предодреден начин на смрт (том 1, стр. 270)

драг

Долг стап, копје за барјак (том 1, стр. 282). Зборот се среќава и во „Одисеја“ во превод на М. Петрушевски на стр. 147.

чкунка

Остаток од отсечена рака или нога (том 1, стр. 284).

пен (пенушка)

Остаток од исечено дрво (том 1, стр. 284).

корчиште

Исечена шума (том 1, стр. 284).

ѓем

Железното шипче од уздите што му се става на коњот попречно во уста (том 1, стр. 286).

вигла

Високо место со голема прегледност (том 1, стр. 289). Се среќава и во „Одисеја“ (стр. 76)

дурија

Слично со лопата, но потенко и поостро (том 2, стр. 18).

угич

Овен предводник (том 2, стр. 25).

калач

Арапска и турска сабја кривошија, слична на анџар (том 2, стр. 48).

провлак

Тесен копнен појас меѓу две води, кој спојува две големи копна  (том 2, стр. 51).

ости

Рибарски трозабец (том 2, стр. 68).

шиник

Стара мерка за жито или друг сув материјал, околу 10 литри (том 2, стр. 70).

најамчи

Од јамка или бесило, значи преплаши, избезуми од страв (том 2, стр. 93).

ложница

Брачна одаја (том 2, стр. 98).

ухлебие

Синекура, односно лесна, а доходовна служба (том 2, стр. 107).

луга

Пепелница, силен раствор од пепел, односно вода варена со пепел како средство за чистење (том 2, стр. 133).

прематар

Покуќар, човек што натоварен колку што може да носи, оди од куќа до куќа и продава дреболии (том 2, стр. 171).

жег

Белег што се става на животни со горење, но и болка (том 2, стр. 186).

бурило

Долгнавест и тесен дрвен сад со два газера (том 2, стр. 219).

Од „Љубена“ на Тони Морисон во превод на Драги Михајловски и Зоран Анчевски (Полица, 2016)

ергеле

Сточарско стопанство за одгледување коњи; коњи кога се во група (стр. 169)

лишка

Ѕвер, животно, но и поган човек (стр. 179)

ганѕа

Се ниша при одење (стр. 209)

шпалири

Бетонски столбови забодени во земја поврзани меѓу себе жица, на кои се одгледува овошје, винова лоза (стр. 237)

облегалка

Дел од мебел што служи за потпирање при седење (стр. 255)

паства

Верниците, христијаните наспема својот духовен пастир (стр. 255)

калаф

Футрола, навлака (стр. 291)

назадгазум

Враќање наназад, назачки (стр. 314)

Од „Вагон-ресторан“ на Лилјана Дирјан (Полица, 2020)

Беванда

Бела мараштина + вода дождовница

Емиш

Овошје.

Кијамет

Лошо време, невреме

Кермес

Забава на отворено, во природа

Ќерпич

Непечена тула

Од „Одисеја“ на Хомер во превод на Михаил Д. Петрушевски (Магор, 2015)

едностојно

Постојано (стр. 25)

ризика

Среќа (стр. 26)

крондир

Сад за вино (стр. 27)

икономка

Најстарата (главната) слугинка што ги држи клучевите и пази на куќата и имањето (стр. 28)

бљуда

Чинија (стр. 28)

потир

Чаша (стр. 28)

рефене

На туѓа сметка (стр. 30)

прилеган

Пристоен, личен (стр. 32)

огоравен

Горостасен (стр. 32)

личи

Објавува, разгласува (стр. 39)

понаш

Гордост (стр. 42)

поплен

Грабеж, пљачка (стр. 53)

блуди

Талка (стр. 58)

кнока

Тенка (стр. 61)

електрон

Килибар (стр. 66)

алајка

Слугинка (стр. 68)

куф

Шуплив, длапчест (стр. 71)

лиот

Ѕвер, чудовиште (стр. 74)

лаот

Суштество (стр. 73)

лиот

Ѕвер, чудовиште (стр. 74)

уполти

Смири, утеши (стр. 77)

алај

Парада, свеченост (стр. 78)

дарпна

Крпа, шамија (стр. 78)

изгарен

Израмнет со газење (стр. 78)

другош

Другпат, повторно (стр. 79)

слач

Матнеж, заматеност (стр. 88)

леси

Плетенки, коси (стр. 88)

сновалка

Дел од разбој (стр. 88)

метајќи

Целејќи (стр. 89)

сахнат

Секнат (стр. 90)

тагар

Сад во вид на барабан, отворен од едната страна (стр. 92)

подмол

Подводна карпа, спила. Може да значи и дупка во карпа (или во дрво) (стр. 95)

прибежник

Бегалец (од својата татковина) кој бара заштита (стр. 96)

дипла

Височинка, ритче (стр. 97)

ѕуници

Носии, појаси (стр. 102)

обружи

Подготви, стокми (стр. 102)

тулец

Торба за стрели (стр. 106)

лаг

Отворено и светло место во шумата (стр. 107)

се дошика

Се сети, се досети (стр. 112)

јагурина

Јагурида, зелено (незрело) грозје (стр. 114)

најдосор

Најпосле (стр. 114)

ѓердек

Брачна постела (стр. 127)

прид

Приќе, мираз (стр. 128)

фортома

Ортома, јаже (стр. 140)

одлачи

Оддели (стр. 141)

насе

Одделно (стр. 141)

претил

Дебел, згоен (стр. 142)

олжичка

Ципа (стр. 143)

усумни

Посомнева (стр. 144)

карта

Сад за течност (стр. 144)

ќосем

Угич, овенот што оди прв пред стадото (стр. 146)

Од „Пожар“ на Живко Чинго (Македонска книга, 1970)

зори

Се пече на тивок оган (стр. 14)

грнета

Народен дувачки инструмент, сличен на кларинет (стр. 21)

чинчим

Веројатно е слично со сетики (стр. 38)

цуцак

Значењето уште не ми е откриено. Примерот е: „Тука, значи, нема никаков цуцак. Работата е сосема јасна“ (стр. 40)

поскура

Обредно лепче од квасено пресно тесто, симбол на Телото Христово, што служи за причестување во православната црква (стр. 43)

сожулени

Излупени, без лушпа (зборот во книгата се однесува на пиперки) (стр. 44)

балкан

„Орсе, човеку, си се померил, балкане, господ да те чува“ (стр. 118)

Од „Македонски визуелен идентитет“ на Гордана Вренцоска („Арс ламина“, 2020)

Минтан

Дел од невестинска мијачка носија. Долна облека од клашна, украсен на предниците и ракавите со кадифе, срмено букме и гајтани. Се закопчува со сребрени филигрански петлици.

тнока (кошула)

Дел од невестинска мијачка носија, од домашно дебело платно на кое ракавите се цели извезени. Го добила името по главниот орнамент застапен на ракавите и кошулата.

клашеник гувеалски

Дел од невестинска мијачка носија. Горна облека од домашна бела клашна.