Книги

Од Цепенков до Лавкрафт и По или со што ме нахрани јануари

Помина една година откако почнав да ја реализирам идејата да го направам Блен. Во таа една година, 2021-ва, читав сè и сешто. Меѓутоа, на крајот на годината, особено со последната книга од еден македонски автор ми остана горчливиот вкус што може да им биде познат само на тие што се освестиле дека многу од малкуто слободно време што го имале го поминале во читање небитни работи. Баш така! И затоа, годинава си ветив дека сакам умами – сакам совршен вкус на оваа читачка година, кој ќе го сочинуваат (по- или нај-)внимателно избрани дела.

И, годинава ja почнав со:

1. Автобиографија – Марко Цепенков

Сакав првата книга што ќе ја исчитам да биде нешто наше. На Цепенков му се спремам одамна, уште откога на врата ми дојдоа неговите собрани дела во кожен повез, па си ги влечев со мене со секое ново преселување и еве веќе 10 години кротко лежат на врвот на библиотеката. И, додека тие над 1.500 страници чекаат во моето време да се отвори доволно голема дупка за да го собере нивното време – ѕирна Автобиографијата да украде саат-два.

А таа е таква, питома, кротка, онаква каков што си го замислувам дека бил и Цепенков. Човек од народот, човек за народот. Со голем порив да го прави тоа што го прави, макар и за беспари. Како што им вели на неговите домашни кои често го обвинуваат дека безделнички само пишувал и запишувал наместо да фати салам работа и нешто да заработи:

Оти и во мене го има овој мерак, што сè што ќе чујам да го напишам. Не оти ќе заработам нешто од тоа, ама мерак имам, што да правам?

Оваа автиобиографија е една од ретките вакви оставштини на големите луѓе од нашата книжевна историја, заедно со таа на Григор Прличев. Цепенков вешто раскажува за својот живот, зачинувајќи ја приказната со најинтересните случки (како што е таа за дедо му кој еден ден излегол од дома со долги бели гаќи расцепени до газот, па го завикале Цепенко и така семејно им останало да си го носат неговиот прекар како презиме), но цело време држејќи ја главната нишка – неговото собирачко творештво.

ШТО (ВЕРОЈАТНО) ЌЕ ПАМТАМ ОД КНИГАВА
Ќефот. Тој мерак за кој зборува Цепенков, тој повик однатре што нè тера да правиме нешто што сакаме и покрај сè и покрај сите, затоа што нема ништо појако од личното задоволство од тоа да правиш нешто само затоа што го сакаш и затоа што те исполнува.
ШТО НЕ МЕ БЕНДИСА
Корицата. Супер е што оваа книга, ова ново издание, е поделено на поглавја, што е преработено на литературен јазик за да можат децата да ја читаат автобиографијата без поголеми тешкотии (оти станува збор за лектирно издание), ама корицата… можело мнооогу подобро!

2. „Замалек“ – Дејан Тиаго Станковиќ

Египет на дланка. Приказната на романов, за една жена која живее дваесет години во Каиро и сè што ѝ се случува во таа речиси третина од животот – нејзе како и на луѓето што ја опкружуваат, и не е којзнае што. Ама затоа книгата е пребогата со приказни и податоци за Египет, земјата која седум милениуми постои на истото место, каде што историјата се напластува и напластува како навеите прашина од пустината во секое едно крајче од неа.

Плус, тука е и една од темите на кои природно се жестам, а тоа се правата на жените, кои во Египет, очигледно – ги нема! Една другарка која имаше дечко Египќанец ми има кажувано за нивната забеганост во тој поглед и со книгава само ми се потврдија.

ШТО (ВЕРОЈАТНО) ЌЕ ПАМТАМ ОД КНИГАВА
Веројатно успешно доловената двојност на Египет – и убав и грд, и привлечен и одбивен, и да сакаш да го посетиш и да не сакаш очите да му ги видиш, да се восхитуваш на богатата историја и да ја презираш сегашноста во која човековите права, а особено правата на жените најгнасно се газат.
ШТО МОЖЕЛО ДА БИДЕ ПОДОБРО
Приказната не ми делуваше најубедливо, туку по малку извештачено креирана за да се вклопи во целиот концепт на една „книга за Египет“.

3. „Книга за гробиштата“ – Нил Гејман

Прва книга што ја прочитав од Нил Гејман и… ремек-дело! Со толку богата фантазија ја раскажал својата морбидна верзија на „Книга за џунгата“, каде што животот на детето што се спасува од налетот на убиец кој му го суредува семејството се одвива на местото што најмногу нè потсеќа на смрт – гробиштата. Таква естетика на морбидно-морничавото, која лесно може да те наведе да се вљубиш во смртта која грациозно јава на коњ во пајажинесто-свиленкавиот фустан…

Книгава е жив доказ дека добрите т.н. книги за деца се уствари книги за сите. Пораките што сака да ги испрати до децата се толку суптилно вткаени во раскажувањето и во репликите на ликовите што во ниеден момент не делуваат како попување и солење памет, нешто што многу книги за деца го прават и во старт си пресудуваат.

Одвај чекам да ми падне в рака друга книга од него.

ШТО (ВЕРОЈАТНО) ЌЕ ПАМТАМ ВО ВРСКА СО КНИГАВА
Да ѝ ја дадам на Каја да ја чита кога ќе наполни 10-11-12 години.
ШТО МОЖЕЛО ДА БИДЕ ПОДОБРО
Не знам, сè ми беше топ. Сосе илустрациите, да не ги заборавам.

4. „Планини на лудилото“ – Хауард Филипс Лавкрафт

Лавкрафт. Од одамна осеќам некоја чудна поврзаност со човеков, иако низ годиниве никако не успевав да најдам погоден момент да почнам да го читам. И, оп, на Инста ми се појавува некоја новогодишна акција на книги и гледам дека имало превод на македонски на негов роман. What?! Морав да го нарачам и кога го зедов, нормално, морав да фатам одма, ама одма да го читам. Плус, по Нил Гејман, кој го знам како автор што ја продолжува таа нишка на фантастичниот ужас во книжевноста што на колче ја има прицврстено Лавкрафт откако ја создал Едгар Алан По – ми дојде како кец на десетка.

Го исчитав романот и некако бев… океј, не е лош, ама… па, очекував повеќе. Романов на Лавкрафт му e напишан во 1931 година, откако напишал голем дел од расказите и дотогаш стилот сигурно му бил поизвештен и усовршен и би требало да ги надмине… И си велам, има тука нешто…

ШТО (ВЕРОЈАТНО) ЌЕ ПАМТАМ ВО ВРСКА СО КНИГАВА
Дека е првото нешто од Лавкрафт што го прочитав во животов и радоста кога ја видов дека постои.
ШТО МОЖЕЛО ДА БИДЕ ПОДОБРО
Преводот. Тоа е. Тоа е тоа што не е баш како што треба. Не сум експерт за да навлегувам во детали, да споредувам со англискиот оригинал и слично, ама кога ја земав следната книга – сфатив дека тоа е Лавкрафт, ја доживеав моќта на неговата имагинација преку одлично доловениот стил кој тече и лесно формира слики во глава за разлика од книгава.

5. „Некрономикон“ – Хауард Филипс Лавкрафт

Ова е тоа. Ова е Лавкрафт во сиот свој кошмарски раскош. Дечкото што ја има приредувано книгата (Дејан Огњановиќ) е скроз хорор-фрик и му се има посветено на Лавкрафт буквално фанатички. Книгата е, всушност, збирка на 20 најрепрезентативни раскази од Лавкрафт скоцкана УПМ на 600 страници – со сè што би ти притребало за почетничко (море и за понапредно) читање на авторот. Има убав предговор, има податливи белешки пред секој од расказите кои ги ставаат во контекст и на творештвото на Лавкрафт, и на целокупната книжевност/култура, па на крај има и кратки текстови за важни историски ликови и личности што се споменуваат низ расказите, за пантеонот на „митологијата“ што ја гради Лафкрафт, негова биографија, па поговор за поетиката… сè на сè – книга на којашто би сакал да наиде секој жеден читател како мене, спремен стрвно да се напои со Лавкрафт. А, да, и со налудничаво добрите илустрации од српскиот уметник Никола Витковиќ

И, што да кажам за Лавкрафт? Генијален! Еден од оние автори чија генијалност се огледува во нивната уникатност. Неговата оригиналност се состои во способноста да ги спои колективните мрачни архетипови на целото човештво со својата лична стравотно-ужасувачка имагинација. Преку неговата естетика на ужасното Лавкрафт како да се обидува да нè нурне во длабочините на непознатото во нас, да нè симне во визбите на длабоко закопаното зло што не сакаме ни да помислиме како изгледа, да нè турне во провалијата на нашите најдлабоки не(свесни) стравови за да можеме, ако можеме, да се соочиме со нив и и како поединци, и како човештво постојано да бараме начин како да се избориме со нив.

Ова е тоа. Тоа е тоа. Лавкрафт, во кој знаев дека ќе се заљубам кога ќе го читам и кој ми се качи на пиедесталот каде што имам уште дваесетина омилени автори. А јас… по книгава се осеќам к’о учениче, кое по неоправдано отсуство од часови со уживање си ја пополнило дупката во знаењето и сега може конечно мирно да спие и да сонува дека ќе смогнува сили да ги сече пипците на секое зло што ќе го среќава во минување. И кое со кисела насмевка во глава си го осветлува значењето на едни дамнешни „темни светилници на Р’лаех“.


6. „Подземна палата“ – Влада Урошевиќ

Не, не ја исчитав целата книга. Го исчитав само текстот „Слегување во подземјето на стравот – за животот и делото на Хауард Филипс Лавкрафт“. Пребарувајќи на Cobiss видов дека има две референци, две книги во кои некој пишувал за Лавкрафт – оваа што ја имам по дома од Урошевиќ и докторската на Марија Гиревска што допрва ќе треба да ја ѕирнам.

Урошевиќ пишувал за Лавкрафт во 1987 година, кога сум се родила. Се осеќав како 35 години овој текст да чекал на мене 🙂 И како да сум го дочекала во вистинскиот момент за да ми каже:

Лавкрафтовата проза „Планините на лудилото“ можеме да ја сметаме и како своевидно продолжување на Поовите „Авантури на Артур Гордон Пим“, дело на кое писателот од Провиданс му се восхитувал.

И веќе се знаеше што ќе читам следно ↓


7. „Авантурите на Артур Гордон Пим“ – Едгар Алан По

Некој некогаш рекол дека подобро е да не се сеќаваш на нешто, отколку да се сеќаваш погрешно. Да, подобро е да знаеш дека ништо не знаеш за романов, отколку со години да си мислиш дека е детективски, а тој да ти бил морепловско-авантуристички роман, со кој По се обидел да ги скрши конвенциите на во тоа време популарниот жанр на морски роман.

По му бил идол на Лавкрафт. Овој дури во некои пригоди и се потпишувал како Хауард По Лавкрафт. Сè што сум читала од него ми е одамна читано, ама ми е останато чувството на „тивка морничавост“ од неговите раскази. И тука ја има морничавоста, само што воопшто не е тивка и прикриена, туку е целата на виделина. Артур патувајќи низ морињата како да оди по јаже оптегнато над недогледното пространство на лудилото и секоја нова страотна ситуација во која се наоѓа одновно и одново го згрчува срцето и го усвитува мозокот. Ама каков мајстор е По, со каква умешност во последниот дел од романот успева да ја изгради црнотијата на островот Цацал да ѝ ја сопостави неодредената сеобземачка белотија на Јужниот Пол. По исчитувањето на романот остануваш целосно апсорбиран од ужасотиите на непознатото по кое човекот има толку голем порив во себе да трага и да ги (раз)открива што ако си Лавкрафт, нормално е да посакаш да напишеш своја верзија на тоа патување и да стигнеш до „Планини на лудилото“.

ШТО (ВЕРОЈАТНО) ЌЕ ПАМТАМ ВО ВРСКА СО КНИГАВА
Парчето месо што птицата го испушта пред Артур и пријателите, отколвано од дробовите на „окованиот Прометеј“ од бродот со цел мртов екипаж што им се приближува.

Наташа Атанасова

...

Што мислиш ти?