Гослук

Морето

Ми текнува на првиот пат кога го видов. Не го тргнав погледот со саати. Неговата широчина ме маѓепса, а мислите ми потонаа во длабочината. Немаше препреки, само недоглед. Немаше повеќе граници, само слобода. Не мислев повеќе на ништо друго. Не ни сакав, сакав само да го гледам. Сакав само да уживам во пријатноста што ми ја пружаше глетката. Не ни трепнував веќе. Очите ми стоеја отворени како да сакаат да голтнат што е можно повеќе плаво, за потешко да замине во заборав.

Заклучив дека морето може да се доживее и со другите сетила. Отпрво само го гледав и глетката ме задоволуваше, ми го полнеше душевниот албум со обоени мигови од неговото постоење. Но, почнав и да го слушам истовремено, да разменувам звучни мисли со него, да комуницираме преку бранови. Звукот на неговиот невидлив и неисправно наштиман инструмент беше шушкав и испрекинат како повеќе раце одеднаш да свиреа на него, но сепак хармоничен. Повикувачки. Ме канеше неуморно, заводливо и самоуверено. Испушташе мирис опивен, нему својствен – мирис кој отнува, прочистува, лечи и оздравува. Посакав да го допрам и тоа го сторив некако наивно без да помислам дека толку лесно и брзо може да влезе под кожа. Невозможно беше само да го допрам и да го оставам. Солта веќе ме нагриза. Чувствував должност да му дозволам и нему да ме допре. Влегов. Најпрвин до колена, да го залажам. Па постепено сè повеќе и повеќе. Го оставив да ми се насладува. Ме освои. Потоа влегов скроз во него, целосно му се препуштив. Го оставив да ме лула, да ме превртува, да владее со мене, да ми прави што сака, да ме почувствува и тоа. Сакав да ми го почувствува мирисот, да ми ја осети тагата, страста, болката, стравот, вината. Да го впијам со сите сетила тој плав лек, таа плава волја за живот, таа течна инспирација, тој неумор и показател на вечна борба. Сакав да ме поплави, за да се претопам во него и да успее да ми пренесе сè што поседува, да протече низ мене, да ме научи на живот.

Меѓутоа, кога го запознав одблиску, во него видов и нешто друго. И тоа носи маска. Плава. Навидум изгледа невино, безгрешно, мирно и те ослободува, прави да се опуштиш целосно, но штом се појави ветар, тоа како да потпаѓа под негово влијание, почнува да војува со него и избувнува, оплескува во најубавите моменти, како да му се смачило од одржувањето на неговата мирна и спокојна фасада, како да сака да покаже дека не може веќе да издржи. Константната потреба да задоволува го уморува. Не сака во него да гледаат Бог, зашто не се чувствува достојно за таа функција. И тешко му е. Во неговата утроба плива голема неправда, трагедија и смрт. Покрај тоа, морето претставува и небо и земја, и рај и пекол, сносува голема одговорност. За нас, земните суштества, е рај, зашто изгорени од пеколот влегуваме во него да нè изгаси, да ни даде сила да се вратиме на земјата, додека за живиот свет во него, на кој му овозможува услови за живот, сигурно претставува пекол, верувам, затоа што морето ужива во творењето, во создавањето, но уметничките дела што ги создава никогаш не се совршени, секогаш нешто ќе им фали. Уметничките дела сите свои недостатоци му ги препишуваат на создавачот.

Морето е огледало во кое се огледува небото, око на планетата Земја, Бог на сето она што живее во него. Вечен создавач и уништувач.

M.A.

Пливачка во плаво.

Што мислиш ти?