Мишел Фуко: Да се биде добар не е доволно

Постои нешто што ми задава многу маки и до што многу држам, а тоа е: она што го пишувам да биде јасно. Би сакал, дури и кога се во прашање најсериозните теми, она што го пишувам да биде сосема јасно, бидејќи верувам дека нејасноста е облека на власта. Во секоја нејасност постои одредена уцена, како да сака да се каже: „Бидејќи не разбираш, признај си самиот себеси дека си глупак“

Истакнатиот француски философ Мишел Фуко, автор на низа дела од областа на социјалната философија прифати разговор, иако е зафатен, бидејќи на Колеж де Франс го почнува својот годинашен циклус предавања: темата е — либерализам. Во својот мал кабинет опкружен со пријатели и соработници (тука е и неговиот преведувач на италијански), Фуко за кратко стана сосема опуштен.

Најпрвин е малку изненаден од тоа што неговата Историја на сексуалноста се појавила на нашиот јазик. „Зарем тоа за вас, кои не спаѓате во капиталистичкиот свет, е интересно? Би вредело да се утврди дали тој проблем на вршење власт во однос на сексуалноста има значење само во развиените западни општества во кои многу крупни проблеми се надминати, па останал проблемот на вишок власт“. Му одговараме дека веќе се подготвува второто издание што, за книга од тој вид, е исклучителен успех и го прашуваме за продолженијата:

Одреден однос на вистина

Најавивте шест тома од „Историја на сексуалноста“. До каде стигнавте? Дали во продолжението имате намера да го продлабочите она што е кажано во „Волја за знаење“ или да претставите некои нови аспекти на односот власт-сексуалност?

– Тоа е шега — се смее Фуко — не реков дека ќе напишам шест томови. Точно е дека така пишува на кориците на првата книга, ама тоа не е договор! Јас тогаш се надевав дека некој ќе ми рече: „Вие очигледно не сте способен да напишете четврти том, јас ќе го направам тоа наместо вас!“; или: „Имам идеја за шестиот тома и желба сам да го напишам“. И така, ја напишав првата книга, надевајќи се дека останатите ќе ги напише некој друг. Но, никој не предложи ништо, сите тие книги ќе останат ненапишани — што секако е полесно за преведувачите… Јас можеби ќе напишам уште една или две, но никако за да го продлабочам она што го имам кажано во „Волја за знаење“ — бидејќи тоа е веќе предлабоко, а во исто време сосема површно; затоа малку ќе се тргнам настрана, со други зборови — ќе работам нешто што прилично ќе се разликува. Тука, пред сè, мислам на историјата на признанието.

Значи, ќе се позанимавам со признанието, бидејќи тоа ми изгледа многу значајно. Имено, признанието е единствената практика која на Грците и на Римјаните не им била позната. Во одредени философски школи на античка Грција, на Римското царство, на хеленистичката доба, тоа само се наѕира — во вид на испитување на совеста, насочување на совеста, учител на кој му се кажуваат одредени работи — но, тоа во суштина бил патот на некој начин да се владее со себе. Идејата дека некому му се должи вистината, дека некој друг има право да ја изнуди од нас, до крај, без остаток — тоа е идеја, која верувам дека е релативно скорашна во западната цивилизација. Таа дури не датира ни од почетокот на христијанството, туку од средината на средниот век.

Практиката на признавањето има огромно значење, не само затоа што овозможила да се дојде до одредено знаење кое се однесува на сексуалноста, туку и затоа што, во некоја рака, овозможила образование на нашата субјективност. Ние со самите себе имаме одреден однос кој мора да помине низ вистината. Не е доволно само да се биде морално добар, не е доволно само да се почитуваат законите, не е доволно само да се има законски, соодветен и однос кон другите достоен за почит, туку и кон себе треба да се има одреден однос на вистина.

Не сакав филантропска книга

Ете, засега ме интересира пред сè тоа, сега ме привлекува да напишам една Историја на вистината. Тоа е нешто со што историчарите не се занимаваат бидејќи тоа, строго земено, не е историја, а не е ни само философија.

Вашата книга „Историја на сексуалноста“ во Југославија предизвика голем интерес. Како беше примена во Франција?

– За никаде! — извикува речиси весело авторот на таа „за никаде“ дочекана книга. — За никаде! Што се однесува на читателите, не толку: добив добар број интересни писма од непознати луѓе, повеќе отколку по повод многу од моите книги. Но, што се однесува на критичарите и луѓето кои пишуваат за весниците, книгата е за никаде примена. Една од главните причини е што се сметаше дека Историја на секусалноста, како и повеќето мои претходни книги, е некој вид учество во големата благородна борба за ментално болните, затворениците, обесправените… Меѓутоа, книгата којашто ја напишав има и такви дејства, можно е, но мојата задача не беше да напишам една филантропска книга. Од друга страна, сите знаеме дека во Европа постои движење за ослободување на сексуалноста кое се движеше од принципите дека сексуалноста била загушувана, како и дека требало да ѝ се овозможи да се претставува таква каква што е, наспроти сите забрани, лицемерие, обврзаност на молчење. Мојата книга се обиде да покаже не дека сексуалноста не е гушена — секако дека била загушувана — туку дека на Западот, во однос на сексуалноста, постоел еден став многу посложен отколку што е чистото и просто гушење, став на сè поголемата љубопитност во однос на сексуалноста. Колку што се оди понатаму, сè повеќе се увидува дека таа сексуалност станува тема на љубопитност, загриженост, обземеност, говор, анализа, тема на сè попроширено знаење. Тоа, од една страна, доведува до она што би можело да се нарече ослободување, а од друга страна, контрола. Ништо, на пример, не докажува дека развратниците на седумнаесеттиот и осумнаесеттиот век биле повеќе или помалку гушени од луѓето на нашето време кои одат кај психоаналитичари за овие, во крајна линија, да им ја доведат сексуалноста во ред.

Но, да се вратиме сега на тоа признавање на сексуалноста, на изнесувањето на сексуалноста на виделина, да се вратиме на проблемот во неговата двосмисленост и сложеност. Бидејќи, се покажа дека книгата во Франција се појави во моментот кога борбите за сексуално ослободување сè уште беа во првата и, во одредена смисла, помалку наивна фаза.

– Мојата книга ги раздразнуаше луѓето, како овие да не се бореа против гушењето на сексуалноста, како да не се бореа за да имаат право да говорат, да ја покажуваат, да ја изнесуваат на виделина својата сексуалност. Но, ме изненади тоа што таа книга, која многу бргу беше преведена на англиски, во САД беше многу подобро примена отколку во Франција и многу подобро од другите мои книги. Очигледно е дека движењето за сексуално ослободување, настанато во САД, почна малку да размислува за самото себе, да оди во длабочина. Почна да се јавува сфаќањето дека сосема е во ред да се потврдува, да се покажува својата сексуалност, но истовремено почна да се поставува и прашањето што е, всушност, сексуалноста, и зарем таа желба да се потврди природната, првобитната вистинска сексуалност, правата кои не застаруваат – не нè фати во својата замка.

Вашата книга Историја на лудилото во добата на класицизмот, можеби Вашето најпознато дело, ќе се појави наскоро и на нашиот јазик. Фрагментарно и според толкувањата тоа дело кај нас е познато до некаде. Но, по неа некои Ве сместуваат меѓу „антипсихијатрите“?

Кога ја напишав Историја на лудилото, антипсихијатријата не постоеше, ниту настана затоа што јас ја напишав таа книга. Антипсихијатријата, во суштина, ја измислија, формулираа и ја основаа Ленг и Купер во Англија, а јас мојата книга ја напишав сосема независно од нив, не знаејќи дури ни дека постојат. Мојата задача беше да спроведам едно историско истражување во збирот на практичните постапки со кои, на крајот, и се засновала менталната болест како предмет. Не само како предмет на знаење за лекарите туку, исто така, и како вид на однесување, начин на реагирање на поединецот сам на себе. Ме интересираше не само како е конституирана психијатријата, туку и како луѓето во општество како што е нашето можеле да станат, во сопствените очи, душевно болни. Тука станува збор за статусот на лудилото.

Психијатрите се препознаваат

И така ја напишав таа книга. Оваа запира некаде околу 1815 г. Е, сега, она што е интересно е тоа е што француските психијатри, по одредено време, ја прогласија книгата за напад против нив. Тоа значи дека тие самите се препознале во она што јас го говорев за раздобјето на седумнаесеттиот и осумнаесеттиот век, бидејќи јас никогаш не реков дека тоа се однесува на нив. Тоа значи дека тие ја конституираа таа книга како „антипсихијатриско“ дело , и тоа секако затоа што сопствената практика почнале да ја доживуваат со одредена анксиозност и неудобност. Тоа беше начин самите себе да се доведат во прашање. Самите психијатри, значи, воспоставија врска меѓу она што го говорев и она што самите го прават!

А кога би пишувале историја на лудилото во модерната доба која се одликува со пораст на неврозите, како би изгледала таа историја?

Слегнува со рамената, воздивнува и, конечно пресудува: „Без коментар!“

Мишел Фуко, сте студирале на Сорбона, сте дипломирале философија во 1948 г., психологија во 1950, психопатологија во 1952. Ве интересирала историјата на лудилото, настанувањето на душевните болници, историјата на сексуалноста, затворот, „археологијата на знаењето“. По сите тие историски прегледи, дали Фуко би подготвил структуралистички пристап и кон некој проблем на нашата доба?

– Јас не сум структуралист, никогаш не сум ни бил! Да, секако, ме вбројуваат во структуралистите, но тоа нема никакво значење, тоа е сосем погрешно. Впрочем, од мене веќе ништо и не треба да се очекува. Го кажав своето. Овие млади луѓе — покажува на своите пријатели — ним им е ред да проговорат.

Реакции поместени во времето

А историјата на признанието, историјата на вистината?

Да, тоа ќе го напишам, но тоа ќе бидат, на некој начин реакции поместени во времето. Моите реагирања на појавите, до некаде се реагирања поместени во времето. Некои појави, во современ контекст, почнуваат да светкаат, да свртуваат внимание на себе — и јас возвраќам на предизвикот, но го поместувам проблемот во времето, во контекстот. А мојата операција е успешна кога тој тип анализа, по малку поместен во однос на актуелниот проблем, ќе се врати со актуелниот проблем и ќе придонесе за негово поинакво формулирање. Околу 1955 година работев во една психијатриска болница. Тука се поставуваа различни проблеми… Не е можно да се премине прагот на азил и да се престојува во нив, а да не се почувствуваат одредени нешта. Книгата Историја на лудилото во добата на класицизмот ја напишав кога ја напуштив психијатриската болница, како одек на одредена неудобност која ја чувствував, како начин со тоа да се позанимавам на поинаков начин. Ако книгата усеа во онаа смисла во која единствено ме интересира, тоа е затоа што се враќа во актуелниот проблем, во француските психијатриски болници, во крајна линија. Француските психијатри ја доживеаја како отфрлање, прекор, забелешка. Книгата свечено е осудена од страна на едно психијатриско здружение; психијатрите се служеа со мојата книга за да им додеваат на своите шефови, болните, пак, за да им додеваат на психијатрите, што е во ред, зар не? Но, тоа е сè, јас не мислам дека направив некое дело. Реагирав и тоа е сè. А сега… кога во пределот околу мене нема ништо, тогаш немам ни што да кажам.

Нејасноста — облека на власта

Пасквале Паскино, преведувачот на Фуко на италијански, се согласува дека ткивото на Фукоовиот говор е многу густо, дека е тешко веднаш да се проникне. Фуко нè прекинува:

– Постои нешто што ми задава многу маки и до што многу држам, а тоа е: она што го пишувам да биде јасно. Би сакал, дури и кога се во прашање најсериозните теми, она што го пишувам да биде сосема јасно, бидејќи верувам дека нејасноста е облека на власта. Во секоја нејасност постои одредена уцена, како да сака да се каже: „Бидејќи не разбираш, признај си самиот себеси дека си глупак“. Не говорам за поезијата, говорам за романописците, за оние кои пишуваат за нештата. Тука нејасноста ми се чини како нешто апсолутно недозволиво, а јасноста, од друга страна, е непогодна на двоен начин: прво на писателите им задава многу, многу маки, а второ — писателот е потполно изложен. Потполно е изложен, а сепак не е заштитен од погрешно разбирање. Колку што некој текст е понејасен, толку повеќе критичарите се трудат: прво, да остават впечаток дека разбрале, второ, да му укажат најголемо признание на текстот и, на некој начин, да го препуштат на судбината. Од друга страна, кога пишувате јасно, тогаш, во однос на читателот, сте во положба за која би можел да кажам дека е чиста, јасна и благородна. Но, во однос на критичарот, Вие сте во една положба која тој не је трпи. Бидејќи, што му оставате како можност? Ништо! Дури ни тој да може себеси да си каже „колку сум паметен што разбрав!“ Тоа не му ласка на неговиот нарцизам. Знам човек кој пишува во најсериозните списанија и кој, откога ја исчитал мојата книга за историјата на секусалноста, рече дека од сексуалноста правам инфраструктура во марксистичка смисла на зборот. Како воопшто може да се изрече таква глупост? И тоа во „Меѓународни тетратки за социологија“! Тука не вреди да се расправаш, освен што мојата книга, бидејќи во неа го кажав она што имав да го кажам, повеќе не им остава како можност на критичарите ништо друго освен да измислат нешто ново и да се борат против тоа што го измислиле.

Тогаш одеднаш се сепна: А, зарем нема да ги прашате овие млади научници, истражувачи? Нивното време почнува, јас своето го завршив…“

Нè уверува и уверува, ама ние не му веруваме.

(интервјуто на Јелена Стакиќ со Мишел Фуко за прв пат е објавено во списанието „Нин“, бр. 1467, Белград, 18.02,1979 г.)


Извор: Polja.rs

 

Наташа Атанасова

...

Што мислиш ти?