Макендо

„Ќеиф“ – филмска апотеоза на чалгијата

Слушате музика и нешто почнува да ви го загрева срцето, крвта почнува вжештено да ви јури низ вените, а таму некаде отаде свеста ви навируваат спомени и отисоци од живеењето низ времињата на вашиот народец, кој живеел, пател и страдал, но и љубел и се веселел на истиот овој простор, на истото ова тло што го газите и вие денес. Ова е моќта на чалгијата, нашата староградска музика во која е испишан генетскиот код на Македонецот и која истовремено се впишала во неговата ДНК.

Чалгијата како македонски музички феномен, кој се појавил на нашите простори некаде во 18-от век и својот зенит го имал во периодот меѓу двете светски војни, е темата на документарниот филм „Ќеиф (македонска чалгиска традиција)“, кој премиерно беше прикажан во рамки на фестивалот „Синедејс“ на 11 ноември.

Филмот е во режија на Блаже Дулев, по сценарио на Ристо Солунчев, а продукцијата на „Авард филм и видео“. Во филмот, кој бил сниман во период од 15 години, приказната за чалгијата се гради преку изјавите, мислењата и сеќавањата на многу музиколози, историчари, ориенталисти, но и музичари и чалгаџии од Македонија, Турција и Иран.

Како настанала чалгијата

Историски гледано, македонската чалгија настанала во последните векови од владеењето на Отоманската империја на нашите простори, а чалгиската традиција кај нас е единствена музичка традиција.

Самиот збор „чалгија“ е од турско потекло и значи свирка или музички инструмент, а чалгијата се дефинира како инструментална музика со музички инструменти од персиско-арапско-турската традиција (канон, ут, деф, дајре), како и инструменти од западната музика (кларинет, виолина).

Корените на македонската чалгија можат да се најдат во иранската духовна музика, од чие наследство црпела византиската црковна музика, а потоа и музиката што се создавала на дворовите на турските султани во Отоманската империја, која директно влијаела на нашите први чалгиски состави.

Македонските чалгии направиле спој од она што доаѓало од центарот на Отоманската империја, од Цариград и од локалното фолклорно музичко богатство на Македонците, но и на сите останати народи што живееле на овие простори, што ја карактеризира чалгијата со еден исклучителен космополитски дух.

Македонски чалгаџиски градови

Главни чалгиски центри во Македонија биле градовите Велес, Битола, Охрид и Скопје, при што чалгиите што постоеле во секој од овие градови си негувале свој стил на музицирање и творење и се развивале во рамки на специфичната култура на живеење на својот град.

Велешки чалгаџии.

Велес. Најпознатата и, според музиколозите, најблиската македонска чалгија до турското музичко наследство е велешката. Според хроничарот Љупчо Данов, велешанецот Ордан Канонџијата при крајот на 19. век бил првиот музичар што составил своја чалгиска група во Велес, т.н. тајфа, во која бил и чалгаџијата Јован Тончов. Нивната популарност од ден на ден растела и се прочула дури и меѓу турските власти, преку кои биле поканети да свират на роденденот на тогашниот турски султан Абдул Хамид Втори. Требало да останат неколку дена, меѓутоа толку многу се покажале, што султанот ги задржал цел месец и своите дворски музичари ги терал да учат да свират од нив. Во тоа време, велешката чалгиска музика до Турција била позната како ќупурли музика, по тогашното име на градот (Ќупурли или „град на мостови“).

Охрид. Охридските чалгаџии или трубадури, како што популарно биле нарекувани во Охрид, имале една куриозитетна специфика: сите виолинисти, во сите чалгиски состави свиреле со лева рака, па затоа ги нарекувале и „лејчари“, односно левичари на охридски. Најпознат чалгаџија од најстарата генерација бил Анѓеле Караѓуле, а по него и Круме Садило, кој свирел со својата тајфа „Садиловци“. Имотните охриѓани знаеле и да ги одложат своите свадби и веселби за да можат да го најмат Садило да им свири. Славата на „Садиловци“ ги минела границите на Македонија и чести биле нивните свирки во Албанија.

Битола. Чалгијата во Битола била присутна уште од 18. век. Својот цут го имала по завршувањето на Првата светска војна, каде што во секое друштво имало по некој музичар и кога најмногу дошла до израз во големиот број анови и меани што живееле низ Битола. Особено интересен факт за чалгијата на овој град е што таа била и тесно поврзана со берберскиот еснаф. Практично секој бербер во Битола знаел да свири барем по еден инструмент и тука се одвивал музичкиот живот во градот. Во тоа време немало радија и ако некој сакал да слушне некоја песна, да запее или воопшто да учествува во музика, морал да посети меана или – берберски дуќан.

Скопје. За скопската чалгиска музика во филмот зборува хроничарот Данило Коцевски, кој го истакна периодот на почетокот на 20. век како период која во Скопје свират најголем број на чалгаџиски состави, од кои најпознат бил оној на Реџеп Саид. Интересно за скопските чалгаџии било тоа што во нив имало и танчарки. Младите разиграни девојки, кои можат да се видат на старите фотографии со чалгаџиите, се нарекувале чочеци, и тие ги забавувале присутните во тогашните кафеани, кои биле центар на музичкиот живот во Скопје, а од кои најпозната била „Јанчев ан“, меана опишана и овековечена во романот „Знамиња“ на Мирослав Крлежа.

По Втората светска војна, чалгаџиската музика спласнала, но никогаш не исчезнала од Македонија. Се свирела во културно уметничките друштва, а бил формиран и Чалгаџиски состав на Радио Скопје. Всушност, првата музика што одекнала во етерот на брановите на Радио Скопје во 1948 година, биле звуците на најголемите чалгаџиски мајстори.

Преку шетањето низ историјата и традицијата на македонските чалгаџиски центри, како и преку мислењата на музичките експерти од Македонија и од Турција и Иран, во филмот се потврдува тезата поставена на неговиот почеток, а тоа е дека македонската чалгија не е наметнат или присвоен турски или ориентален феномен, туку „една спонтана музика, со оригинален израз, настаната во македонските градови како дел од отоманската империја, од градски музичари, творци, и како таква ја отсликува долгата музичка историја на Цариград и тековите на таа музика во 19-ти и почетокот на 20 век“.

Музиката што била неодвоив дел од свадбите и од веселбите по македонските градови, но и од погребите, како што во филмот беа извоени примери од велешки чалгаџии и други видни луѓе кои на смртната постела си избрале чалгаџиска песна што посакале да им се свири при испраќањето кон вечниот дом, сè уште тече и гори низ нашите вени, иако чалгиските состави што ја свират низ земјава можат да се избројат на прсти.

Дел од тие чалгиски состави беа присутни на проекцијата на филмот и по неговото завршување велешката чалгија засвире на сцената, а целиот настан беше заокружен со ќеифски настап во фоајето на киното на новиот и свеж чалгаџиски состав „Чалгии мерак“.

 

* Текстот беше објавен на magazin.antoris.mk во ноември 2019 година.

Наташа Атанасова

...

Што мислиш ти?