Книги

Кога наопаку е право и обратно

Осврт кон книгата „Ѕвезда Мрак и суштествата од Страшкоград“ од Билјана С. Црвенковска и Нита Муча во издание на „Чудна шума“, 2019 г.

Уште кога разговаравме со Билјана Црвенковска пред околу два месеци, кога спомна дека спрема книга што ќе се чита од назад нанапред, бев доволно заинтригирана и со нетрпение чекав да излезе од печат за да можам да ја ѕирнам. И, и тоа бидна неделава.*

Романот за деца „Ѕвезда Мрак и чудните суштества од Страшкоград“ е примарно наменет за деца од над 8 годишна возраст и е дел од едицијата „Различни и прекрасни“ на пресната издавачка куќа „Чудна шума“. Авторка на текстот е Билјана Црвенковска, а коавторка на книгата со своите илустрации е Нита Муча.

 Си беше еднаш, си е или ќе си биде…

„Еднаш, неодамна, токму сега, а можеби и утре, во поблиска или подалечна иднина, си постоеше, си постои или ќе постои – еден град. Се викаше, се вика или ќе се вика – Страшкоград“ – вака почнува приказната на романот, која е сместена во едно време што може да биде и минато и сегашно и идно и во еден простор, земјата Непознанија, која никој не знае каде е.

Земјата Непознанија ја сочинуваат два града и едно село. На едната страна се наоѓа Страшкоград, град опкружен со огромни планини, мрачни студени шуми, остри влажни карпи, пештери со тунели испреплетени како лавиринт, реки што течат нагоре и езера што немаат дно. Градот со мрачни тесни улички со калдрма го заобиколуваат силни камени бедеми, а во неговото средиште се издига голем мрачен замок, со висока кула, наречен Црнокуле.

Во замокот живее ѕвездата на романот – Ѕвезда Мрак. Таа е 13 годишно девојче, сираче, кое како бебе останало само на светот и ја израснало мекото влакнесто чудовиште Чупи. Ѕвезда е мошне повлечена и тешко стекнува другарчиња, но затоа има огромно срце. Освен со Чупи, кој не знае баш добро да зборува и да пишува, таа деновите ги поминува и со мрачниот гавран Мортимер, кој е нејзин учител, близнаците Тристан и Изолда, нејзините стаорци-миленици и Глоб – духот-чувар на замокот Црнокуле.

На другата страна е распослан градот Сретково, каде сончевите зраци се одбиваат од огромната, сјајна палата Златозрак. Со него владее принцезата Роза, чии поданици се слатки бели мачиња, розови зајачиња, тиркизни морски прасиња, виолетови пудлици, рајски птици со шарени пердуви и раскошни пауни.

Во средина на земјата се наоѓа селото Скржово, кое има скржави жители, кои маѓепсани од убавините на Сретково и од принцезата Роза, често се искористувани од нејзина страна за да дејствуваат во нејзина полза. Така почнува и заплетот во книгата, кога Скржовци ќе го опколат замокот на Ѕвезда Мрак со намера да го уништат бидејќи Роза ги нас’скала на тоа. Имено, Ѕвезда е единствената што успева да го проѕре лажниот сјај на Сретково – острите заби, злобните очи и подлите гласчиња на неговите жители со привидна љубезност и врз која не делувала магијата на Роза и тоа е доволна причина Роза да посака целосно да ја уништи.

За мрачниот сјај и сјајниот мрак

Како што пишува на самата корица, ова е книга што се чита наопаку – од назад нанапред, наопачка книга или „книга-нопак“, како што ја нарекува авторката на текстот, која во духот на маркетиншките етикети, досетливо истакнува дека е „одобрена од Светската асоцијација на нопаци“.

И дејството на книгата, сосем наопачки од тоа како сме навикнати да ги сместуваме настаните – во некое време и некој простор, во некое сега и тука, тогаш и таму – во „Ѕвезда Мрак“ е безвременско и беспросторно, што во исто време го прави и севременско и сепросторно.

Тоа наопачкото во книгата, како што се покажува додека навлегуваме во приказната, не е само една обична финта, туку е практично претставување на поентата, на пораката што сака да ја испрати оваа книга на младите читатели. Ако во Непознанија навидум страшните и гадни жители од Страшкоград се во суштина добри и со широко срце, а оние со беспрекорен изглед, привлечните и скоцкани жители на Сретково во суштина се подли и лоши, тогаш можеби е така и во животот. Пораката што преку сите случки и доживувања на ликовите во книгата им се испраќа на децата, претежно на индиректен начин, но на места и сосема директно, без да се остави простор да не ја „уловат“ е дека за другите не треба да се суди по нивниот надворешен изглед и дека на оние што се поразлични и навидум понепривлечни од другите треба да им дадеме можност да ни ја покажат и нивната внатрешност, во која кога ќе ѕирнеме, може да се изненадиме и да откриеме луѓе со душа-вселена и срце-универзум, создадени да ни бидат пријатели.

А за да го направиме тоа, за да ги отфрлиме нашите предрасуди за поинаквите како гадни, страшни и помалку вредни, и за да ги спроведеме на дело старите мудрости преточени во поговорките „не суди за книгата по кориците“ и „не е злато сè што сјае“, треба да го направиме истото што нè тера да го направивме и оваа книга. А тоа е: да се осмелиме да го прифатиме предизвикот да гледаме/читаме „наопаку“ и да видиме дека колку и да ни се чини чудно и збунувачки на почеток, колку и да грешиме махинално вртејќи ги страниците во спротивна насока од онаа во која тече приказната, полека-полека без да сетиме, „наопачкото“ веќе ни станува нормално и ние сме горди на себе што сме успеале да му дадеме шанса.

Мрак дизајн за деца

„Страшната“ приказна, која изобилува со описи на страшните ликови од Страшкоград, кои имаат зелени, црвени и црни очи, јадат превриена жабја плунка и бонбони од пајажина како оние од приказната за Хари Потер, совршено е надополнета од „страшните“ илустрации, за кои не може да се каже дека ја исполнуваат секоја страница, туку тие се секоја страница. Едноставно, во оваа книга текстот и илустрациите се толку испреплетени што секој обид да се раздвојат би резултирал со целосно губење на крајниот ефект – кој, во случајов на здружени сили е особено моќен.

Илустраторката Нита Муча успеала да провлече еден конзистентен стил низ целата книга, во која доминира готското, но сепак ликовите изгледаат ем страшни, ем топли, ем грди, ем убави и како тече приказната на разоткривањето на страшното/грдото како убаво и добро и обратно, на сјајното и прекрасното како злобно и лошо, така и илустрациите само го засилуваат чувството на наклонетост, односно одбивност кон ликовите.

Низ десетте поглавја, мракасто исечени со дневнички записи од мрак-дневникот на Ѕвезда Мрак, испишан мракастично и полн со мрценца и мрацки, има скриено и рецепт за мрак-торта! Книгата, пак, има две „предни“ корици, изобилува со откачени илустрации и со боја, што се чини како полн погодок, како вистински начин да се привлечат денешните дигитализирани деца со очи навикнати да добиваат шаренило од екраните, да земат в раце книга која ќе ги влече напред. Односно назад :).

 

* Текстот беше објавен на magazin.antoris.mk во ноември 2019 година.

Наташа Атанасова

...

Што мислиш ти?