Домашни

Билјана Црвенковска: Литературата за деца ти вели „не си сам“

Кога една врата ќе се затвори, се отвораат многу нови. Кога по неколку години работа во маркетинг-агенција Билјана Црвенковска решила да ја затвори зад себе вратата на маркетингот, по само неколку дена добила повик да влезе низ вратата на издавачката куќа „Арс ламина“, каде што ѝ се видело интересно да влезе. Како во сказните, вратата излегло дека води во светот на литературата за деца, каде што по неколку години макотрпна работа, Црвенковска станува вистинска ѕвезда.

Како уредничка на изданијата за деца и млади преведува, адаптира, уредува и многу, многу, многу пишува. Сликовници за најмалите, романи за малку поголемите, графички романи за тие што не сакаат книги… листата на библиографските единици во кои се појавува станува толку голема што може да добие восхит и од најплодните автори.

Нејзиното име од лани почнавме да го гледаме на секое од видеата од „Светот на Биби“, по што веќе не беше изненадување да ја среќаваме и во други проекти за деца. Таа е дел од тимот сценаристи на емисијата за деца со најголем стаж на телевизија, „Пет плус“, како и на новата серија за деца „Зоки Поки“, што кај и да е очекуваме да почне да се емитува на националната телевизија.

Еден куп причини за муабет со неа.

Неколку години работеше како уредничка за изданија за деца и млади во „Арс ламина“, каде што „сработи“ многу книги за деца. Како влезе во таа приказна и како дојде до тоа приказната да заврши?

Во „Арс ламина“ влегов на покана на Бранка Бугариска. Ми се виде интересно тоа што го правеа и ми одговараше што успеав да договорам флексибилно работно време. Кога дојде конкурсот на Министерството за култура, ме прашаа дали имам нешто авторско. Имав една драма за деца која беше и поставувана, па ја отворив и почнав да ја преработувам, да ја допишувам, да ја ширам… И, така, не успеавме да аплицираме со неа, но јас тогаш сфатив дека во мене отсекогаш било присутно детето и дека тоа ми дава простор таму да истражувам – во литературата за деца. Од драмата излезе романот „Што сонуваше Дедо Мраз“, за кој добив одлични реакции од родителите и од децата, што ми даде дополнителен кураж да продолжам во таа насока.

Така тргна приказната и така почнав да ги пишувам сите тие книги за деца. Дефинитивно се пронаоѓам во тоа, навистина сакам да пишувам за деца, меѓутоа морав да ги ширам хоризонтите и поради тоа релацијата меѓу мене и „Арс ламина“ мораше да заврши. Сакав да истражувам понатаму, сакав да пишувам повеќе сценарија, а помалку книги, бидејќи на децата телевизијата, видеата и интернетот им се поблиски од книгите. Книгата ќе ја прочитаат петстотини или илјада деца. Еден цртан филм од „Светот на Биби“ на „Јутуб“ го гледаат 500.000 деца.

Како влезе во „Светот на Биби“?

Влегувањето во „Светот на Биби“ беше исто така многу интересна приказна. Преку заеднички пријатели ме исконтактираа младите момци од „Факултети.мк“. Се сретнавме и ми ја покажаа веќе нацртана Биби. Имаше цртеж од Мичо, имаше име и идејата беше тоа да е лик што ќе го промовира порталот „Деца.мк“ кој уште не беше на пазарот. И тие ме прашаа дали би сакала да му дадам карактер на ликот и да ги пишувам приказните за него. Прво, отсекогаш имав огромна желба да работам со Мичо, а второ, веднаш ме бендиса Биби. Сакам да пишувам за индивидуални женски ликови и Биби беше баш податна од неа да направиш едно мало, храбро, паметно и независно девојче. И рековме: „Ајде!“

Современи цртани филмови на македонски на интернет беше нешто што очајно ни недостасуваше дотогаш. Какви беа реакциите и коментарите за „Биби“ кога се појави?

И за двата мои романи за деца, и за „Супервештерката“, и за „Дедо Мраз“ стигнуваа реакции. Но, тоа што се случи со Биби, бидејќи е толку достапна на „Јутуб“… просто не можев да верувам… толку многу непознати луѓе да ми пишуваат пораки и да ми се заблагодаруваат за Биби. А реакциите од децата се посебна приказна: доаѓаа, ме гушкаа, родителите им кажуваа дека јас сум Биби, па им објаснуваа како тоа може јас да сум Биби кога Биби е Биби… Не знам што да кажам, навистина, прекрасни, прекрасни реакции. Тоа ми ја дава целата енергија да ги правам сите работи што ги правам.

Како деца, нè учеа да не судиме за книгата по кориците. А денес, кориците со своите бои зборуваат: јас сум розова и сум за девојчиња или јас сум сина и сум за момчиња. Може ли литературата за деца да се дели на овој начин – на машка и женска?

Не, во принцип не мислам дека треба да се прави така, но секако оставам простор секој да си избере која му е омилена боја. Но, поделба на литературата на машка и женска – тоа никако. Мојата книга „Супервештерката“ е конципирана како за девојчиња, со главен женски лик, но и со силен машки лик, така што тоа „за девојчиња“ не значи дека машките не треба да ја читаат. Баш напротив!

Инаку, имам проблем со розово-синото стереотипизирање, но и со обратниот момент. Обично кај нас сите работи се земаат здраво за готово без да се преиспитаат. На пример, ако на учителките во градинка им се каже да не се стереотипизира со боите, одеднаш во ниедна приказна не треба да има ништо розово за девојчиња и ништо сино за момчиња. Тоа е апсурдно! Значи, не треба да ги сфаќаме работите така. Да, треба да има женски ликови кои не сакаат розово, не носат фустанчиња, се облекуваат во фармерки, играат фудбал или носат жолти фустанчиња и играат фудбал или тренираат карате како што има секакви деца, но треба да има и деца кои ќе бидат облечени во розово, затоа што сакаат розово. И зошто да не сакаат?! Па розовата е прекрасна боја!

Во едно интервју велиш: „Не сакам да пораснам затоа што тоа е ужасно ограничувачки, особено за луѓе кои треба да фантазираат и да сонуваат“. Кога и зошто луѓето почнуваат да се ограничуваат и престануваат да фантазираат и да сонуваат?

Не знам, искрено… Веројатно реалноста не ти дава простор да седнеш и да се свртиш кон самиот себеси… верувам дека тоа се случува… И мене не ми било секогаш вака. Сега одам напред, успешна сум, но ми се случувале работи во животот кои ме изместувале од зоната на комфорот… Сите ние се соочуваме со некои неубави работи во животот, но мислам дека сепак треба и покрај тоа да умееме да се свртиме кон самите себеси и да си го најдеме во себе тоа убаво чувство што го има детето.

Многу разговарам со деца, со тинејџери. Сакам да ги прашувам што е тоа што ги прави тажни. Кога машките ќе ми одговорат дека се тажни кога не им подаваат на фудбал, може на возрасен тој одговор да му се види навистина смешен, но тоа е најдобрата причина да се биде тажен, оти тоа дете се чувствува отфрлено. Проблем е и што кај нас во училиштата сè уште не се решени проблемите на насилството – секогаш има некое дете кое е понасилно, кое се изживува над другите деца. А што се пак проблемите на тоа дете?

Ова се работи со кои кај нас ретко кој се занимава. Реакциите од училиштата најчесто обесхрабруваат, родителите не се занимаваат толку со тоа да најдат начин да му помогнат на детето со неговите проблеми, туку се позаинтересирани за некои видливи работи како оценките и слично.

Може ли тука да помогне литературата за деца?

Мислам дека литературата за деца е многу важна во ваквите случаи. Таа на детето од која било возраст може да му помогне да се идентификува со еден лик и да сфати дека не е само. Мислам дека тоа е нејзината најважна улога. Реално, литературата не може да ти помогне со тоа што ќе ти го реши проблемот, затоа што веројатно не е така решлив како што е решлив проблемот на ликот од приказната, на пример. Но, може да ти помогне да сфатиш дека не си сам.

А може ли литературата за деца да допре до родителите, за тие да можат да им помогнат на децата?

Да, под услов тие да го прочитаат тоа што е кажано меѓу редови. Не знам дали се сите родители спремни за тоа. Јас на многу родители на тинејџери на Фејсбук им пишувам задолжително да ги гледаат тинејџерските серии, затоа што тогаш некои работи ќе им станат појасни. Кога е мало детето, родителот ќе седне и ќе му чита книга, но кога детето е на возраст од 9 до 19 години, во тие десет најтешки години во неговиот живот, родителите речиси не комуницираат со него – на негово ниво, што е најважно! Секогаш се поставуваат само како родители! Затоа, им препорачувам да читаат книги и да гледаат серии за деца на таа возраст оти тогаш ќе сфатат кои се навистина нивните проблеми. Сценаристите не ги пишувале туку-така тие серии. Сето тоа е пишувано врз основа на многу истражувања.

Кои се најголемите митови поврзани со литературата за деца?

На една работилница зборував за тоа дека има два типа литература за деца. Првиот тип е онаа покомерцијална, поедукативна литература, која содржи пораки во себе, ги обработува темите што се актуелни и модерни, меѓутоа на еден малку полесен и поподатлив начин. Другиот тип е поуметничка литература, каде што илустрацијата е примарна и сериозна, а текстот е подлабок и поемотивен и целта повеќе му е да создаде емпатичност на темата што ја обработува, а која најчесто е некоја потешка тема, како неприфаќање, инклузија, осаменост, губиток на драга личност, дисфункционални семејства… нешто што е потешко, а што е реално проблем на денешницата.

И за двата типа важи дека тие не се само за деца и дека сфаќањето дека литературата за деца не е за возрасни е само мит. Сликовниците на Оливер Џеферс, на пример, се повеќе за возрасни отколку за деца, толку се слоевити што можеш на која било возраст да ги читаш и препрочитуваш и пак да откриваш нешто ново. Исто како и „Малиот принц“.

Твоите книги отсега ќе ги читаме во издание на твојата издавачка куќа „Чудна шума“. Какви  други книги можеме да очекуваме да излезат од неа?

„Чудна шума“ е прилично ентузијастички проект. Тоа е мала независна издавачка куќа, во која сме јас, мојот партнер Кире Галевски и синот Димитриj Галевски и неколку надворешни соработници. Искрено, немаме ниту толку време, ниту толку капацитет од неа да правиме нешто големо, туку сакаме да остане таква: мала, но квалитетна. А мотивот да настане „Чудна шума“ беше најмногу поради тоа што решив повеќе да се посветам на светот на сценаријата, а некако ми недостигаше овој дел со книгите и бидејќи не сакав веќе да ја преживувам таа приказна „автор – издавач“, решив сама да си ги издавам моите книги.

Така, лани одлучив да аплицирам во Министерството за култура преку „Чудна шума“. Се случи тоа да го кажам на два-тројца пријатели кои немаа издавач и се собравме пет автори со пет книги. Аплициравме и сите пет книги ни поминаа. Верувам дека така излезе заради тоа што книгите не беа ставени туку-така, како што понекогаш знаат да прават големите издавачи само за да пополнат бројка. Јас воопшто не размислувам така и бидејќи го имам искуството како уредник, препознавам кога нешто е добро. Тие пет книги ќе излезат сега и, нормално, ќе аплицираме пак, но не со зголемен обем.

Сакав фокусот на изданијата да биде на литературата за деца, меѓутоа и на домашните автори кои имаат сериозна книжевна позадина и чии дела имаат сериозна книжевна вредност. Значи, тоа се четири книги од домашни автори, од кои две се за деца, две се збирки поезија и една детска која е преводна литература. И така и ќе остане. Ако се работи преводна литература, тоа ќе биде само литература за деца, а прозата или поезијата на домашни автори може и да не биде за деца.

Имаше некаде спомнато дека подготвуваш и роман за возрасни. До каде е романот?

Па, се надевам дека и тој ќе излезе до крајот на годинава, заедно со книгата за деца. Сакам да експериментирам со формите и тоа ќе го видите кај двете книги. Книгата за деца ќе биде нешто што досега не е направено кај нас, целата структура е нестандардна и најинтересно е дека ќе се чита одназад.

А сличен ќе биде и романот за возрасни, со повеќе нивоа на нарација и, да речеме, постмодернистичка структура. Жанрот е магичен реализам. Всушност, станува збор за женски приказни: 9 жени, 9 градови, 9 мачки, 9 приказни. Навидум неповрзани, но во еден момент ќе видиме на кој начин сите тие се поврзуваат. Романот третира некои актуелни теми со кои се соочуваат овие женски ликови, меѓу кои е и миграцијата. На пример, и збирката раскази на Румена Бужаровска „Не одам никаде“ меѓу другото ја третира и оваа тема на миграција, но на сосема различен начин, па иако има некаква допирна точка,  сепак мислам дека речиси во сè друго ќе бидат сосема различни.

Доаѓа зима, што во Скопје значи дека нема да се дише и ќе се испозатвориме дома. Како гледаш на тоа: супер, повеќе време за читање, гледање серии, поминување време со семејството или…?

Јас сериозно имам проблем со загадувањето и гледам да избегам од Скопје тој период. Секој викенд сум во планина, бегам во Охрид… Престанав да верувам дека со протести по улици може нешто да се направи во врска со загадениот воздух. Никој не може да ме убеди дека тоа е решение. Решение е градските власти сериозно да почнат да прават нешто, а верувам дека нешто може да се направи. Тешко ми паѓа прашањево, ама тежок е и проблемот. Една од омилените приказни ми е еден цртан филм, базиран на стрипот на Хајао Мијазаки „Навсикаја во долината на ветрот“. Навсикаја живее на една планета што е целосно загадена и планетата сама успева да си го реши проблемот – ослободувајќи се самата од сите штетници. Не знам, можеби тоа е единственото решение, планетата да се побуни против нас. Да, ситуацијата е навистина алармантна.

 

(Текстот беше објавен на magazin.antoris.mk во октомври 2019 година)

 

Фото: Наташа А.

Наташа Атанасова

...

Што мислиш ти?