Книги

На маргините на животот, на маргините на смртта

Осврт кон романот „10 минути и 38 секунди во овој чуден свет“ од Елиф Шафак, кој беше меѓу финалистите за Букеровата награда за литература за 2019 година*, а кој македонските читатели од месецов можат да го читаат на македонски, во издание на „Три“.

Што ако по смртта, откако срцето ќе престане да ни чука, нашиот мозок продолжи да работи уште неколку минути, како што покажуваат дека е можно некои медицински научни студии од Канада? Знаејќи дека делот од мозокот што последен се „гаси“ е оној задолжен за сеќавањата, на кои спомени би се сетиле за последен пат – на добрите, лошите или, едноставно, на оние што оставиле најголема трага врз нас?

Токму оттука турско-британската авторка Елиф Шафак ја црпе инспирацијата за својот најнов роман „10 минути и 38 секунди во овој чуден свет“, кој беше објавен годинава и кој веднаш привлече големо внимание кај читателската јавност во Турција, но и во светот, особено откако се најде меѓу шесте финалисти во трка за наградата „Букер“.

Заинтригирана од овој научен факт, своите идеи и можните одговори на прашањето „каде низ спомените решава да отплови умрената личност во последните минути и секунди додека ѝ е на располагање мозочната активност“, Шафак ги пакува во приказна базирана на вистинска случка од пред неколку години во Истанбул.

Романот почнува од крајот на животот, од смртта на брутално убиената проститутка Леила Текила, која како последна навреда од општеството на чии маргини живее, завршува фрлена во канта за ѓубре.

Низ десетте (научно докажани) минути на активност на мозокот по смртта и 38-те секунди што ги додава самата Шафак, преку најсилните стимуланси за одење во минатото, преку мирисите и вкусовите, мозокот на Леила се навраќа на најважните моменти од нејзиниот живот, со што се одмотува клопчето на нејзината судбина, во која се вткаени и судбините на нејзините најблиски по крв (семејството) и на нејзините најблиски по вода, како што милува да каже една од нејзините пријателки, оние најблиски што во животот сами си ги бираме (петтемина пријатели).

Преку приказната за Леила, патуваме и низ судбините на споредните ликови, пријателите на Леила, кои живеат на различни рабови од општествените маргини на Истанбул, и кои ја насетуваат својата осуденост да завршат како неа, само како бројка: закопани без споменик и без име, на Гробиштата на заборавените.

Овие луѓе ги познаваат и двете лица на Истанбул: она убавото, украсено со неговата раскошна синестезиска насмевка исцртана со боите и звуците на животот по улиците, но и она мрачното, чии контури се засенчени со свирепоста на големиот град, од кое издишува гнилиот здив на нечистотијата и бедата и кое е згрчено од стравот под стравичниот налет на криминалот.

Минута по минута, Леила се сеќава на своето минато и ние патуваме низ нејзината животна сторија, но во исто време, во истите тие минута по минута, патуваме и низ историјата на Турција. Како што Шафак сака да ги истражи скриените сокачиња во кои залутува мозокот на поединецот по смртта, така сака и да ги изнесе на виделина оние случувања од историјата на земјата кои најчесто се заташкуваат, се бришат од официјалната историја и кои живеат единствено во усните приказни и преданија, кои најчесто ги пренесуваат жените.

Шафак, позната како авторка која се занимава со темите на правата на жените и на маргиналците по сите основи во општеството, преку приказната на една жена (Леила Текила, проститутка) и нејзините петмина пријатели (Синан Саботажа, пријателот од детството со двоен живот; Налан Носталгија, транссексуално лице; Џамила, емигрантка од Сомалија; Зејнеб 122, жена-џуџе доселена од Либан и Хумеира, пејачка во ноќни клубови по потекло од град на турско-сириската граница) ги отвора прашањата за патот по кој оди една земја кога во неа расте популистичкиот национализам и паралелно со тоа се зацврстуваат сексизмот, мизогинијата, хомофобијата и омразата кон каква било различност и штрчење од калапите што ги зацртува системот што тежнее кон уназадување и кон сè позакоравена патријархалност. Како што покажува низ приказната, први на удар во ваква ситуација се правата на жените и на малцинските групи, што се гледа преку примерот на таткото на Леила додека е таа уште тинејџерка – како тој станува сè поконзервативен и религиозно радикален, така тоа директно влијае врз жените во семејството: ја крати нивната слобода и ги уништува нивните животи.

Сепак, иако ова е книга што ги третира овие „големи“ теми, ова е и книга што го слави животот, различноста и пријателството. Колку и да се на маргините на општеството, Леила и нејзините пријатели и под најголемите удари на средината не потклекнуваат и продолжуваат да живеат живот полн со смеа и емпатија, во кој пријателството е тоа што дава волја да се истрае и што со право ја зазема централната улога.

Овој најнов роман на Елиф Шафак веќе пожнеа многу пофалби и критики и влезе во најтесниот круг на книги во трка по престижната награда „Букер 2019“. Натопен со сеопшта емпатија, нежност и разбирање, ова е роман за оние што се отфрлени, ранети и истиснати од општеството. Како што истакнува и самата Шафак зборувајќи за своето пишување: „Цел живот ги бранам правата на жените, правата на малцинствата, демократијата и слободата на говор. Во моите книги настојувам да им дадам глас на оние што немаат.“

Иако оние со висок уметнички сензибилитет веројатно нема да ѝ дадат премногу значење на Шафак, сепак таа е писателка што со своите зборови и приказни умее да допре до огромен круг на читатели. Шафак е израсната во Турција и, и покрај тоа што телото повеќе не ѝ е таму (моментално живее во Лондон, а во текот на животот живеела во повеќе земји низ светот), умот и душата очигледно не знаат за друга дома.

Пишувајќи за ликови од нејзината, како што обожава да ја нарекува, мајковина (а желбата да се потпре на мајкиното, а не на татковото наследство по урнек на патријархалните модели, се огледува и во тоа што името на мајка ѝ, Шафак, го има земено за свое презиме) таа успева толку моќно да ги чепне горливите општествени проблеми што турските власти се навистина загрижени за нејзината популарност и моќта да влијае на јавното мислење.

Во врска со романот на македонски, сакам да истакнам дека навистина е за пофалба брзината со која издавачкиот центар „Три“ успеа да го подготви изданието на македонски јазик по неговото излегување на англиски кое беше во мај 2019 г. Пофалбата се однесува и на лекторирањето и уредувањето на текстот од книгата, во кој грешките се сведуваат само на печатните грешки што се бројат на прсти, како и на квалитетот на преводот на Паулина Јамакова-Пејкова, во кој разиграно се вклопени толку многу наши, одомаќинети турцизми и кој изобилува со богата македонска лексика што е особена реткост во преводите од англиски, кои често знаат да бидат загушени со мрзеливо преземени англицизми. За илустрација, а и за поттик да го прочитате, еве една можност да ѕирнете во првите страници на романот:

 

* Текстот беше објавен на magazin.antoris.mk во ноември 2019 година.

 

Наташа Атанасова

...

Што мислиш ти?